!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Граѓаните на своите мобилни телефони најмногу користат „вибер“ и „месинџер“


Скопје, 31 октомври, 2017 - 12:27 (META) 

Бројот на корисниците на мобилна телефонија во Македонија годинава, за разлика од лани, бележи мал пораст и изнесува 95,2 проценти, се наведува во резултатите од испитувањето на јавното мислење за пазарот на електронски комуникации во Македонија, спроведено од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) на случаен репрезентативен примерок од 1.100 испитаници во периодот од 19 до 29 мај годинава.

Анкетата покажува дека бројот на припејд-корисници е намален на 28,8 проценти, а бројот на корисници на интернет на мобилен телефон преку мобилен оператор е во константен пораст од минатата година и сега изнесува 58,6 проценти.

Најголемиот дел од корисниците на интернет преку мобилен, 96,3 проценти, користат апликации за комуникации. Најкористена е „вибер“ со 92,2 проценти, по која следат „фејсбук месинџер“ со 84,4 отсто, „скајп“ со 43,5 проценти и „ватсап“ со 25,5 проценти.

Во анкетата, мнозинството од испитаниците кои не користат интернет преку мобилен телефон, односно 51,7 проценти, навеле дека немаат потреба од мобилен интернет, 37,4 проценти немаат соодветен телефонски апарат, а 23,8 проценти не знаат како да го користат.

Минатата година 3,5 проценти од корисниците на мобилна телефонија го промениле операторот.


Македонија има 1,44 милиони корисници на интернет, а еден милион се на „Фејсбук“


Брисел, 17 мај, 2017 - 10:49 (META) 

Вкупно 69,1 од проценетата бројка на 2.083.308 жители на Македонија се поврзани на интернет, односно 1.439.089, а еден милион користат „Фејсбук“, покажуваат пресметките за март годинава на специјализираната статистичка веб-страница „Интернет ворлд стат“.

Од земјите во регионот, по користењето интернет во март годинава пред Македонија биле Косово (со 80,4 отсто) Словенија (72,8 проценти), Хрватска (74,4 проценти), БИХ (69,3 отсто). Зад Македонија се Србија (66,2 проценти), Грција (64,9 проценти), Албанија (62,6 отсто), Црна Гора (61 отсто) и Бугарија (59 отсто).

Во Европа од проценети 822,71 милиони жители, интернет користат 637 милиони луѓе, а „Фејсбук“ – 328 милиони.

Според „Интернет ворлд стат“, во светот во март годинава од 7,52 милијарди луѓе, интернет користеле 3,73 милијарди.


ЕВН Македонија на сопствен трошок ја санира мрежата во поплавените подрачја


Скопје, 12 август, 2016 - 17:52 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија со сите расположливи капацитети работат на терен за што побрзо да се санираат штетите и да се обезбеди електрична енергија до сите корисници од поплавените подрачја, информираат од компанијата.

– ЕВН Македонија не само што не ги наплатува новите броила, туку во интерес на безбедно и навремено снабдување со електрична енергија нашите екипи ја санираат и внатрешната инсталација на корисниците, повторно без никаков надомест – велат оттаму.

Тие информираат дека екипите на компанијата од почетокот на кризата се во поплавените подрачја и постојано работат на отстранување на дефектите и пуштање под напон на што поголем број корисници.

– Досега се вклучени над 13.000 корисници, односно над 95 проценти од вкупниот број на корисници во критичниот регион и интензивно се работи да се приклучат сите. Без напојување во моментов се неколку стотици корисници кои се напојуваат од трафостаници кои се под вода и корсниците кои не сакаат да бидат приклучени поради уништената внатрешна инсталација. Екипите остануваат на терен сè додека не се нормализира во целост снабдувањето со електрична енергија – информираат од ЕВН Македонија.


„Оне-Вип“: Нема зголемување на цените на тарифите за мобилни разговори


Скопје, 10 јуни, 2016 - 18:18 (META) 

Со оглед на фактот што не ни е позната методологијата според која е пресметано наводното зголемување на цените, во овој момент можеме само најодговорно да изјавиме дека нема зголемување на малопродажните цени на тарифите во брендот „Вип“ – се вели во реакцијата на компанијата „Оне-Вип“ откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) информираше дека просечната цена за една минута разговор на мобилен телефон е зголемена за повеќе од 15 проценти, а мобилниот интернет поскапува приближно за 20 отсто.

Како причина за ваквото поскапување од АЕК меѓудругото го наведуваат и спојувањето на „Оне“ и на „Вип“, кои по преземањето и на кабелскиот оепратор „Близу“ настапуваат како една компанија.

– Со комерцијалната интеграција на брендовите нема промени во договорите склучени досега. Корисничките договори остануваат целосно важечки со истите бенефиции, права и обврски се до нивната промена или раскинување од страна на самите корисници. Корисниците продолжуваат да ги користат услугите под истите услови под кои ги имаат склучено своите договори, со истите цени согласно избраниот тарифен модел – се вели во реакцијата на „Оне-Вип“.

Оттаму информираат дека „согласно преземените обврски на „Оне-Вип“, најдоцна до 30 јуни ќе започне со работа Лајка мобајл во улога на целосен мобилен виртуелен мрежен оператор.“


Многуте корисници ја уриваат апликацијата на ДИК за проверка на избирачкиот список


Скопје, 10 март, 2016 - 11:10 (META) 

Веб-апликацијата за проверка на избирачкиот список вчера неколку часа беше блокирана од премногу корисници, потврдија денеска од Државната изборна комисија.

Честите кликнувања на граѓаните за да го проверат избирачкиот список ја блокирале работата на веб-апликацијата.

Од утрово таа функционира нормално.

Од пред неколку дена на страницата на избирачкиот список до името на секој граѓанин постои опција за пријавување, ако некој смета дека таа личност не ги исполнува условите за да биде на списокот.

Денеска во 16 часот ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе се расправа за пријавите од граѓани за сомнителни случаи и записи во електронскиот избирачки список што стигнале и биле примени од ДИК.

Апликацијата што ја лансираше ДИК за граѓаните да можат да го проверуваат списокот предизвика огромен интерес, но укажа и на бројни недостатоци, нелогичности и на контроверзии – десетици граѓани на иста адреса, непостоечки адреси, починати гласачи, двојни адреси и слично.

Апликацијата од денот на лансирањето стана редовна алатка, а за некои и забава, со која се проверуваа личните, но и податоците на блиските, познатите, пријателите или јавните личности и нивните адреси, па граѓаните често поминуваат и по неколку часа во пребарување.


„Македонски телеком“ ја задржува водечката позиција на пазарот


Скопје, 5 ноември, 2015 - 12:51 (META) 

„Македонски телеком“ АД-Скопје ја задржа водечката позиција во фиксниот и во мобилниот сегмент во првите девет месеци од 2015 година, покажуваат неревидираните финансиски резултати на компанијата.

Приходите од продажба во првите девет месеци изнесуваат 7.853 милиони денари, што претставува намалување за 4, 3 проценти, во споредба со истиот период од 2014 година.

Добивката од редовното работење пред оданочување, на крајот од првите девет месеци изнесува 1.106 милиони денари и е намалена за 20,6 проценти, споредено со истиот период од минатата година.

Вкупната нето-добивка на крајот од првите девет месеци изнесува 965 милиони денари и е зголемена за 99 проценти во споредба со истиот период од претходната година. Капиталните инвестиции се во висина од 974 милиони денари.

„Македонски телеком“ ја одржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со удел од 61,9 проценти. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 15 проценти, споредено со истиот период лани, со бројката од 227.000 корисници, „Македонски телеком“ е на лидерската позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Во мобилниот сегмент, „Македонски телеком“ има водечка позиција на пазарот со удел од 47,2 проценти во согласност со интерната проценка. Базата на претплатници изнесува 1.235.000 и е зголемена за 2 проценти во однос на истиот период од минатата година, кога изнесуваше 1.210.000 претплатници.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите девет месеци од 2015 година се намалени за 11,8 проценти во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите.


Пазарниот удел на „Вип“ е 28,5 проценти, бројот на корисници намален на 624.000


Скопје, 20 октомври, 2015 - 12:34 (META) 

Како резултат на силната конкуренција во мобилниот сегмент и трендот на намалување на вкупната пенетрација на пазарот, бројот на мобилни корисници на „Вип“ се намали до 624.000 корисници, при што пазарниот удел на „Вип“ остана на ниво од 28,5 проценти. Со аквизицијата на „Близу“, сегментот Македонија брои околу 86.000 фиксни пристапни линии за првите девет месеци од 2015 година.

Ова го покажуваат финансиските резултати за третиот квартал на групацијата „Телеком Австрија“, како и за првите девет месеци од 2015 година, вклучувајќи ги и резултатите од работењето на сегментот Македонија.

Приходите во Македонија, вклучувајќи го и „Близу“, изнесувааат 50,5 милиони евра за девет месеци од 2015 година, што претставува пораст од 12,7 проценти во споредба од истиот период минатата година.

Во истиот период, заработката пред камати, даноци, амортизација и депрецијација (ЕБИТДА) забележува пораст од 25,4 проценти и достигна 11,6 милиони евра. Оперативните трошоци се зголемија за 11 проценти споредено со истиот период од минатата година и оперативната добивка забележа пад до 466.230 евра.

Резултатите од работењето на новиот ентитет „Оне-Вип“ ќе бидат внесени во извештаите на групацијата „Телеком Австрија“ во четвртиот квартал од 2015 година.


Апликацијата „кој ме избиршал“ повеќе не е достапна на „Фејсбук“


Њујорк, 14 јули, 2015 - 18:21 (META) 

Aпликацијата „Кој ме избришал“ на социјалната мрежа „Фејсбук“ повеќе не е достапна на ниту една платформа, иако за кратко време стана популарна меѓу корисниците.

Ова денеска го објави програмерот на оваа апликација, Антонио Куске.

Тој објасни дека апликацијата требало да биде корисен алат за подобрување на искуствата на корисниците, но од компанијата не го делеле тоа мислење.

Апликацијата беше дизајнирана за да обезбеди информација за корисниците на „Фејсбук“ за сите што ги избришале од листата на пријатели.


Опаѓа бројот на корисници на „Фејсбук“


Вашингтон, 27 јануари, 2015 - 21:00 (META) 

Компанијата „Глобал веб индекс“ направи анкета во која за три месеци учествуваа 40.000 лица од 32 држави, која покажува дека просечниот интернет-корисник има по пет профили на социјалните мрежи, а е активен на три.

Лицата на возраст меѓу 16 и 24 години, во просек имаат по 6,6 профили на социјалните мрежи, додека постарите (25 – 34) имаат 4,2 профили. Истражувањето опфатило околу 50 социјални мрежи.

Најголем пораст бележат мрежите „Пинтерест“ и „Тамблр“, додека пад во бројот на корисниците бележи „Фејсбук“. Сепак, оваа мрежа и понатаму е најпопуларна на светот, со повеќе од 42 отсто корисници од испитаниците.


„Спуфти“ има 60 милиони корисници


Стокхолм, 13 јануари, 2015 - 19:13 (META) 

Шведската веб-страница за емитување музикана интернет, „Спуфти“, која наскоро би можела да се појави на берзата, сега има 60 милиони корисници, од кои 15 милиони со платена претплата.

– Пред два месеци, групата имаше 50 милиони корисници – рече извршниот директор, Даниел Ек.

Четириесет и два отсто од корисниците ја посетуваат „Спуфти“ преку мобилните телефони, а 10 отсто од таблети.
Иако бројот на корисниците се зголеми, пропорцијата меѓу претплатените коросници и оние што бесплатно ја користат услугата останува иста.
„Спуфти“ нуди бесплатна услуга, а се финансира од реклами и од оние кои се претплатуваат, што во САД чини 9,99 долари.