!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Компаниите бараат функционалност на Коридорот 10 зашто нема алтернатива


Скопје, 16 март, 2017 - 14:59 (META) 

Воспоставувањето целосна инфраструктурна функционалност на Коридорот 10 и обезбедувањето непречен пристап на стоките од и до пристаништето во Солун треба да биде приоритет, бидејќи во моментов нема алтернатива.

Ова е еден од заклучоците на тркалезната маса на тема „Сигурност во снабдувањето со стоки и со нафтени деривати – Можности и алтернативи“, која се одржа во Стопанска комора на Македонија.

– Инфраструктурата, царинските премини и терминали на коридорот Исток – Запад не се доволни и не се соодветни за редовно снабдување со стоки, а особено за нафтени деривати во подолг период. Инцидентно, може да помогне во одредени ситуации, кога има нарушување на снабдувањето преку Коридорот 10. Краткорочно гледано, во случај на нарушување на снабдувањето со деривати и со други стоки, неопходна е диверзификација на превозните средства (користење на железница и автоцистерни или камиони) и користење на повеќе влезни и излезни царински премини во државата – се предлог-заклучоците на тркалезната маса, информираат од Стопанска комора.

Еден од предлозите бил и промена на легислативата за зголемување на капацитетот на резервоарскиот простор кај трговските компании, како услов за добивање лиценци за трговија.

– Со заокружување на процесот на приватизација на пристаништето во Солун, односно негово давање под концесија, како и со либерализација на пристапот кон грчката железничка инфраструктура и влез на приватни оператори, ќе се овозможи либерализирање на односите по повеќе основи (избегнување на можни штрајкови, подобрување на брзината на испораките, намалени трошоци) – велат од Стопанска комора.

Преку пристаништето во Солун поминале 3.322.000 тони стока во 2016 година и 4.056.840 тони во 2015 година, од кои, во увоз и во извоз, количеството на стока за Македонија за 2016 година е 885.000 тони.


За бизнис-заедницата важно е да нема кратење средства од капиталните проекти


Скопје, 27 јуни, 2016 - 15:04 (META) 

За бизнис-заедницата е важно да не се намалат средствата за развој на патната и на железничката инфраструктура со предлог-ребалансот на буџетот.

Според директорката на Дирекцијата на здруженија според дејности при Стопанската комора, Билјана Пеева-Ѓуриќ, од реализирањето на капиталните проекти зависи работењето и економското дејствување на компаниите во следниот период.

– Ребаланост на буџетот е нормална појава во услови на изостанување на резулти кои стопанството се очекувало да го испорача. Но, според она што беше кажано, нема да има намалување на средствата за капиталните ставки, односно за реализација на клучните проекти, како коридорот 10, коридорот 8 и енергетската инфраструктура. Предвидени се и дополнителни средства за изградба на коридор 10 – изјави директорката Пеева-Ѓуриќ.

Со предлог-ребаланост на буџетот, сумата предвидена за капитални инвестиции се намалува од предвидените 412 милиони евра на 366,9 милиони евра.


Пристигна третиот кинески воз


Скопје, 29 февруари, 2016 - 21:03 (META) 

Третиот кинески воз пристигна денеска во Македонија. Директорот на МЖ „Транспорт“, Никола Костов, рече дека тој ќе биде пуштен во употреба откако ќе му бидат направени сите техничко-безбедносни контроли.

До крајот на првата половина од оваа година во Македонија треба да пристигнат и другите три патнички возови. Четири ќе бидат на дизел-гориво, а два со електромотор.

Првиот патнички воз кој пристигна во Македонија веќе е пуштен на Коридорот 10, од Табановце до Гевгелија, а наскоро ќе биде пуштен за сообраќај кон Битола.

Костов вели дека возовите се безбедни за сообраќај по македонските пруги, а цената на билетите ќе остане непроменета.


Вучиќ: До крајот на годината ќе се пуштат 23 километри од Коридорот 10


Белград, 15 декември, 2015 - 16:26 (META) 

Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска рече дека до крајот на 2015 година ќе отвори 23 километри од источниот крај од Коридорот 10.

– Пред неколку минути добив информација дека пред крајот на годинава, како што тоа кај нас се вели предвреме, ќе бидеме во состојба да отвориме 23 километри од источниот крај од Коридорот 10 – рече Вучиќ на приемот по повод отворањето на првите две поглавја во преговорите со ЕУ.

Планот е Коридорот 10 да биде завршен до крајот на 2016 година или најдоцна до почетокот на 2017 година.