Навредливите книги за Албанците не можат да се коригираат, ќе потикнеле „етнички тензии“


Скопје, 11 февруари, 2019 - 15:36 (META) 

Сé уште не е познато кога ќе се коригира делот со навреди кон Албанците во книгите по историја и географија, за втора година средно образование. Со користењето на овие книги, „Порталб.мк“ напиша, дека се прекршува Законот за основно и средно образование.

Но, според министерот за образование и наука, Арбер Адеми сега не е време да се направи корекција.

„Јас велам дека сега не е време, ниту постои атмосфера за да поттикнеме етнички тензии. Тоа се стари теми, и тоа стари рани од порано, од пред неколку години“, рече министерот Адеми за „Порталб.мк“.

Тој не дава гаранции дека ова ќе биде направено за време на ревидирањето на книгите во Мешовитата комисија Македонија – Грција – Бугарија, процес кој што веќе е во тек.

„Треба да се завршат некои процеси со нашите соседи, кога ќе имаме конечни резултати таму, и овде ќе го разгледаме ова прашање, а потоа ќе се донесе најсоодветното решение. Не можеме да го предвидиме исходот. Кога ќе имаме конечни резултати со нашите соседи, тогаш ќе видиме како ќе дејствуваме“, рече Адеми.

Инаку, спорната содржина на овие книги беше истакната во рамките на Форумот на балканските граѓански организации „Градење мостови помеѓу земјите од Западен Балкан“ што се одржа во октомври 2018 година.

По форумот „Порталб.мк“ го праша премиерот Зоран Заев, дали ќе побара од министерот за образование и наука да ги повлече книгите.

„Не ги знам деталите. Ќе разговарам со Адеми. Подетално ќе ви одговорам, дали е така како што велите, и доколку е така, ќе ви кажам кога ќе бидат повлечени, како ќе се повлечат и слично“, рече Заев во октомври 2018 година.

Тој посочи дека во буџетот за 2019 година се предвидени средства за коригирање на некои од школските учебници. Меѓутоа, меѓу нив не се навредливите учебници, туку учебници по предметот музика.

Учебниците по предметите географија и историја, препечатени во 2009 година, имаат политичка позадина, навредлива содржина и ја искривуваат историјата на државата и на етничките групи кои живеат во Македонија. Беше побарано да се изработи нова наставна програма, но дотогаш книгите треба да се отстранат од употреба. Книгата „Географија на Република Македонија“, за втора година средно образование, има седум контроверзни моменти од историјата на Македонија.

На страна број 99 се вели дека „Албанците биле Македонци, но во времето на османлиското владеење станале Албанци. Албанците од Македонија се потомци на Черкези, Роми и Турци“. Во многу делови од книгата, вклучувајќи ја и страна број 104, се вели дека „Албанците во Македонија се дојдени во различни временски периоди, почнувајќи од 1780 година“.

На страна 104 има заеднички точки со „Сердарот“ на Глигор Прличев, каде се вели дека „Албанците се доселиле во Македонија, малтретирајќи ги физички, крадејќи, киднапирајќи и убивајќи локални Македонци“. Пишува дека за ова на Албанците им помагала турската влада. На страна 103 „Албанија се претставува како окупатор на Западна Македонија“.

Грешки има и за потеклото на малцинствата, бидејќи таму се ставаат сите како дојденци, создавајќи впечаток дека во Македонија нема автохтони народи. Според Законот за учебници за основно и средно образование, член 14 наведува дека ако грешките се над 30 проценти, се подготвува нова наставна програма.Повлекување на учебникот побара и групата ученици на средното училиште „Зеф Љуш Марку“ во рамки на Унијата на ученици Албанци, но и покрај ветувањето на членовите Албанци во Министерството за образование и наука, книгата сè уште е во рацете на учениците.


Коригирани сите математики од прво до деветто одделение


Скопје, 20 септември, 2018 - 11:11 (META) 

Сите учебници по математика од прво до деветто одделение имале грешки и биле коригирани. Новите изданија се распределуваат периодов по училиштата, заедно со другите учебници кои доцнеа и не беа пред учениците на почетокот на учебната година.

„Нови учебници се доставуваат по математика, по природни науки од прво до шесто одделение, по биологија од седмо до деветто одделение, по хемија од осмо до деветто одделение, а нови учебници по физика ќе имаат осмоодделенците и деветтоодделенците“, информираат за „Мета“ од Министерството за образование и наука.

Огромен проблем секоја година е тоа што во средното стручно образование нема учебни помагала. Затоа беше најавено дека се подготвуваат нови 31 учебник за во средно образование.

„Потребата за учебници се менува во зависност од реформите кои се спроведуваат во Центарот за средно стручно образование и обука и Бирото за развој на образованието, по изготвување на наставните програми. Во тек е процесот за изготвување на нови 31 учебник за стручно образование и статусот е секаде различен, односно некаде се` уште не е формиран авторски тим, некаде е формиран и се работи на подготовка на содржината, некаде содржината веќе се разгледува од рецензентска комисија. Исто така, ќе се коригираат и содржините на два учебника – Биологија за прва и Етика за трета година“, информираат оттаму.

Откако учебниците ќе ги одобри рецензентска комисија, Бирото за развој на образованието и Национална комисија за учебници за основно и средно образование, тие ќе бидат доставени до училиштата.

Во Педагошката служба при МОН, која е надлежна за учебниците, не откриваат детали за тоа, какви се` грешки се најдени во учебниците. Оттаму само кусо информираат дека грешките биле од различна природа.

„Има грешки од стручен, методолошки и технички аспект, но и од аспект на превод и адаптирање“, рекоа оттаму.


Под истрага не биле двајца „членови на Владата“ туку „претставници на власта“


Скопје, 1 ноември, 2017 - 16:50 (META) 

Владата денеска попладне испрати соопштение со појаснување и со делумна корекција на изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена во рамките на неговото обраќање на панел-дискусијата на тема „Што научивме и како да ги применуваме најдобрите практики во Македонија и во регионот“ на Самитот „Македонија 2025“ што се одржува во Скопје.

Медиумите и агенциите пренесоа дека Заев рекол дека „двајца членови на Владата се под истрага поради корупција“.

Во соопштението на Владата, пак, се наведува дека премиерот во изјавата рекол дека „се води истрага против двајца високи претставници на власта“.

Инаку, Заев изјавата ја дал на англиски јазик, одговарајќи на прашања на учесниците на панел-дискусијата.

– Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам првпат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција и како резултат на тоа, во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта, кои се на должност неколку месеци. Се разбира, ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи еднакво за сите – изјавил Заев, пишува во соопштението на Владата.


Јуанот ослабе за уште 1,12 отсто


Пекинг, 13 август, 2015 - 10:47 (META) 

Операцијата за коригирање на јуанот е завршена, изјави портпаролот на Народната банка на Кина, откако кинеската валута денеска ослабе за уште 1,12 отсто, на 6,40 јуана за еден долар, што е најниска вредност на оваа валута од август 2011 година.

Кинеската централна банка во вторникот го симна курсот на јуанот за 1,9 отсто на 6,2298 јуана за долар, а во средата кинеската валута ослабе за уште 1,62 оттсто на 6,3306 отсто за долар.