Два македонски филма во конкуренција на филмскиот фестивал „Санденс“


Скопје, 30 ноември, 2018 - 11:40 (META) 

Два македонски филма, едниот документарен, а другиот детски и авантуристички, ќе се натпреваруваат во соодветните категории на следното издание на филмскиот фестивал „Санденс“, кој е дефинитивно најголемиот и најпрочуениот светски настан на независната филмска продукција.

Во категоријата „Долготраен документарен филм“ на фестивалот, кој ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари 2019 година во државата Јута во САД, во конкуренција со 11 други долгометражни документарци ќе се натпреварува македонскиот „Медена земја“.

Филмот е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент и монтажер на филмот е Атанас Георгиев.

„Медена земја“ на минатогодишниот Сараевскиот филмски фестивал ја освои највредната парична награда на фестивалот, 30.000 евра од Турската национална телевизија (ТРТ).

Филмот ја раскажува приказната за Атиџе, која живее со мајка и во централна Македонија, во сосема примитивни услови и произведува мед од диви пчели, притоа почитувајќи го природниот баланс – земајќи само половина од медот за себе, а оставајќи им го другото на пчелите што го собрале.

Покрај „Медена земја“ и филмот „Ловци на вештерки“, која е македонска ко-продукција, ќе се натпреварува за награда на „Санденс 2019“, но во категоријата „Деца“.

Овој филм малцинска ко-продукција меѓу Србија и Македонија и е семејна приказна, која жанровски се движи помеѓу авантура, научна фантастика и семеен филм.

Режисер на филмот е Рашко Миљковиќ, а продуцент на филмот е „Акција Продукција“ од Србија во копродукција со „Дрим Фектори“ Македонија. Во него игра македонската актерка Јелена Јованова-Периќ, костимографи се Ирена Анастасовска и Милена Миленковиќ. Звукот го снимаше Игор Поповски, директор на фотографија е Микша Анѓелиќ а монтажер е Ѓорге Марковиќ.


Историско-барокните документарци „изеле“ 1,8 милиони евра од буџетот на МРТ


Скопје, 14 декември, 2017 - 15:01 (META) 

Документарните емисии и серијали со историска содржина изработени во копродукција со независни куќи, во периодот 2013 – 2015 „изеле“ вкупно 1,8 милиони евра, покажува истражувањето на БИРН за копродукциските договори склучени во 2013, 2014 и 2015 година.

Снимените содржини се аудиовизуелен одраз на архитектонското „Скопје 2014“, односно обид преку малите екрани да се пренесе пораката за „библискиот“ народ со континуитет од Александар Велики преку Светите Кирил и Методиј до АСНОМ и независноста на Македонија, велат авторите на истражувањето објавено на „Призмa“.

Серијалот за „Скопје 2014“ со работен наслов „Скопје продолжува“ чинел само 7.000 евра за 14 епизоди. Овој серијал, покрај разговорот од „бомбите“ меѓу тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, во кој тогашниот премиер бара во буџетот на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да биде предвиден трошок од половина милион евра, колку што „должат за документарците“, зборува дека овој телевизиски мега проект е во „режија“ на власта. Така, во „Скопје продолжува“ соговорници се Никола Груевски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа – Милевска, поранешниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и историчари, стои во истражувањето.

Важноста на овој проект за телевизиско претставување на историјата за тогашната власт се гледа и многукратното репризирање на снимените содржини на јавниот радиодифузен сервис а потоа и на другите телевизии кои се сметаа за „пријателски“ кон поранешната влада на Груевски.

Во 2013 МРТ за овие документарци потрошила половина од фондот за сопствена продукција или копродукција, односно 2,5 милиони евра за сопствена програма и соработка со надворешни продукции и од оваа сума повеќе од 1,2 милиони отишле за документарците.

Наредната 2014 МРТ дала значително помалку пари од фондот за оваа намена, само околу шест проценти и потпишала само четири договори за изработка на документарци за сума од 120.000 евра.

Во 2015 година, МРТ потрошила речиси два милиони евра за копродукција и од тие околу 20 проценти или 430.000 евра отишле на историските документарци.

Во триве години МРТВ финансирала околу 70 документарни филмови и серии за историски личности или за теми од минатото, се вели во истражувањето.

Портрет-документарците обично чинеле по 11.800 евра и се снимале за еден месец. Документарните серии, пак, ја чинеле МРТ од 20.000 па сè до 100.000 евра, а нивната цена зависела најмногу од тоа колку епизоди имаат.
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Режисерот Илија Пиперкоски во Охрид го почна снимањето на својот прв игран филм


Охрид, 22 април, 2017 - 10:51 (META) 

Македонскиот режисер, по потекло од Охрид, Илија Пиперкоски, кој живее и создава во Романија, во Охрид го почна снимањето на неговиот прв игран филм, „Дедо и внук“.

Пиперкоски, истовремено, е и сценарист на филмот. Тој, досега има режирано голем број кратки и документарни филмови. Продуцент на филмот е Огнен Антов, директор на фотографија е Романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафироски, додека костимограф е Жаклина Крстевска.

Главните улоги ги толкуваат Дејан Лилиќ и Салаетин Билал, а во актерската екипа се уште и Даниела Ивановска, Горан Стојаноски и други.

Планирано е филмот премиерно да биде прикажан во февруари наредната година, во Охрид.

Според најавите од продуцентот Огнен Антов, филмот ќе се снима до 15 мај.

– Куриозитет е што првпат имаме охридски автор, тоа никогаш не се случило во поновата македонска историја. Првпат имаме филм којшто комплетно се работи во Охрид, од почеток до крај – вели Антов.

Филмот „Дедо и внук“ се снима во истата куќа во стариот дел на Охрид, каде во далечната 1961 година се снимаше филмот „Мирно лето“.

Режисерот Пиперкоски го нагласува своето задоволство што ќе снима во својот роден град.

– Уште откако се запишав на филмска академија, го чекав да дојде овој ден, не дека претходно не сум правел кратки филмови, но, знаете, кога снимате игран филм, чувството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја пренесете приказната – вели Пиперкоски.

Филмот „Дедо и внук“ е копродукција помеѓу Македонија и Романија. Агенцијата за филм на Република Македонија со 16 милиони денари, финансиски го поддржа филмот. Вкупниот буџет е во висина од околу 400.000 евра, со поддршка на „Илијан филм“ од Романија.