!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Координацијата прекината, партиите на дополнителни консултации


Скопје, 23 март, 2017 - 12:30 (META) 

Парламентарните политички партии поради дополнителни консултации, ја прекинаа координативната средба за собраниската Комисија за прашања на изборите и на именувањата и со преговори ќе продолжат во 13 часот.

На координативната средба, парламентарните политички партии треба да се договорат кој ќе биде претседателот на Комисијата за избори и за именувања.

ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на комисијата да биде член од нејзините редови бидејќи има најголем број пратеници, додека СДСМ вели дека првиот човек на Комисијата треба да биде од редовите на парламентарното мнозинство.

Според досега договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата е услов за продолжување на конститутивната собраниска седница, која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.


Во 11 часот продолжува координацијата за Комисијата за избори и за именувања


Скопје, 23 март, 2017 - 10:34 (META) 

Денеска, во 11 часот, во Собранието продолжува координацијата на парламентарните политички партии кои треба да се договорат кој ќе биде претседателот на Комисијата за избори и за именувања.

Два дена партиите не можат да ги усогласат ставовите и цврсто остануваат на своите претходни изјави.

ВМРО-ДПМНЕ бара претседателот на комисијата да биде член од нејзините редови бидејќи има најголем број пратеници, додека СДСМ вели дека првиот човек на Комисијата треба да биде од редовите на парламентарното мнозинство.

Според досега договореното, ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест члена во Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, СДСМ – пет, а ДУИ и Беса по еден член.

Утврдување на предлогот за составот на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата е услов за продолжување на конститутивната собраниска седница која почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.

Преку партиско соопштение, од СДСМ денеска порачаа дека мора да се деблокираат парламентарните процедури и во согласност со деловникот што побргу да се избере претседател на Собранието.


Партиите на пауза, нема договор за претседател на Комисијата за избори и за именувања


Скопје, 22 март, 2017 - 14:56 (META) 

По неполни два часа, претставниците на парламентарните политички партии заминаа на пауза без да успеат да ги усогласат ставовите за тоа кој треба да биде претседател на Комисијата за избори и за именувања.

Координативната средба ќе продолжи во 15.30 часот.

Вчера партиите се договорија само околу бројот на членови на Комисијата, па ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови, СДСМ – пет, а по еден член ќе имаат ДУИ и Беса.

Комисијата треба да го даде името на новиот претседател на Собранието и е клучна за продолжувањето на конститутивната седница на Собранието, која беше одржана и прекината на 30 декември лани.

Според ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Комисијата за избори и за именување треба секогаш да се избере од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок, со што не се согласува СДСМ, затоа што тие имаат доставено доказ до Собранието за мнозинство од 67 пратеници.


Напладне продолжува координацијата за Комисијата за изборите и за именувањата


Скопје, 22 март, 2017 - 10:00 (META) 

Денеска напладне продолжува координацијата на партиите во Собранието за избор на претседател на Комисијата за избори и за именување.

Партиите вчера се обидоа да постигнат договор за избор на претседател на комисијата, но не успеаја да се договорат дали претседателот ќе биде од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ.

На вчерашната координација парламентарните партии успеаја да постигнат согласност само околу бројот на членови на Комисијата, па ВМРО-ДПМНЕ ќе има шест членови, СДСМ – пет, а по еден член ќе имаат ДУИ и Беса.

Членовите на оваа комисија треба да предложат претседател на Собранието, кој потоа треба да го извести претседателот Иванов дека е обезбедено парламентарно мнозинство.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, вчера рече дека откако на ВМРО-ДПМНЕ ѝ било прифатено да има шест члена во комисијата, тие побарале уште еден услов, односно претседателот на Комисијата за избори и за именувања да биде од нивните редови.

– Ако тоа не се случи, нема да има продолжување на конститутивната седница и избор на претседател на Собранието. Тоа уште еднаш покажува и докажува дека ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на сите демократски принципи, ја узурпира Македонија, ги узурпира институциите и заради лични и партиски интереси, не сака тие да функционираат – рече Спасовски.

Според Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, претседател на Комисијата за избори и именување треба секогаш да се избере од најголемата пратеничка група во собранието без исклучок.

– Бројот на пратеници членови на комисиите не е милост или добро дело на една партија спрема друга, туку е одлука на граѓаните врз база на егзактна математика на прецизни бројки. Значи соодносот 6 – 5 – 1 – 1 не е заради задоволството на СДСМ да покаже гест, туку е последица на изборните резултати од 11 декември минатата година – вели Димовски.


ВМРО-ДПМНЕ ќе има 6, СДСМ – 5, а ДУИ и Беса по 1 член во Комисијата за избори и за именувања


Скопје, 21 март, 2017 - 14:23 (META) 

Претставници на парламентарните политичките партии на денешната координативна средба во Собранието постигнале договор за составот на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата како услов за закажување на продолжение на конститутивната собраниска седница.

Партиите се согласиле шест членови во комисијата да бидат од ВМРО-ДПМНЕ, петмина да бидат од СДСМ, а по еден член да имаат ДУИ и Беса.

Претставниците на парламентарните групи моментално се на пауза и се консултираат за имињата на членовите на Комисијата, како и за тоа од која партија ќе биде претседателот на Комисијата.

Средбата ќе продолжи во 15.30 часот.

Конститутивната седница на Собранието се одржа на 30 декември минатата година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на законодавниот дом.


Партиите напладне ќе одржат координативна средба во Собранието


Скопје, 21 март, 2017 - 10:39 (META) 

Политичките партии што имаат свои претставници во парламентот, денеска напладне ќе одржат координативна средба за закажување на продолжението на конститутивната седница на Собранието, која почна на 30 декември минатата година.

Иницијативата за продолжување на конститутивната седница, во име на 67 пратеници, во петокот ја поднесе генералниот секретар на СДСМ и пратеник, Оливер Спасовски.

– Со оваа иницијатива повеќе нема дилеми околу обезбедувањето парламентарно мнозинство. Иницијативата е потпишана од 67 пратеници и очекуваме Трајко Вељаноски веднаш да закаже продолжување на конститутивната седница за Собранието да може повторно да функционира во интерес на граѓаните – рече Спасовски.

Тој соопшти дека прв чекор ќе биде избор на претседател на Собранието и дека потоа очекуваат претседателот Ѓорге Иванов да му го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Вељаноски ја закажа координативната средба за денеска, во 12 часот, а од неговиот кабинет соопштија дека на координативната средба треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и на именувањата, кој ќе послужи како основа за закажување на продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија.

До денеска постои несогласување околу тоа која партија колку членови треба да има во комисијата, па тоа може да биде пречка за нејзино формирање и воопшто за продолжување на седницата на Собранието.

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, на прашање дали полицијата гарантира дека пратениците нема да бидат оневозможени да влезат или да излезат од Собранието, со оглед на разни најави дека учесници во протестите „За заедничка Македонија“ ќе ги блокираат приодите во законодавниот дом, изјави: „Сигурно е дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот!“


Чавков: Пратениците утре ќе имаат непречен пристап во Собранието


Скопје, 20 март, 2017 - 17:01 (META) 

Утре пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот, вели за „Дојче веле“ директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Митко Чавков.

Утре, во 12 часот, во Собранието треба да се одржи координација на парламентарните политички партии за формирање на Комисијата за избори и за именување, како основа за продолжување на конститутивната седница за избор на претседател на Собранието.

Утре напладне во земјава доаѓаат и еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика, Јоханес Хан, и тројцата европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн. По тој повод, членовите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ најавија масовен протест.

– Во МВР функционира штаб кој непрекинато заседава и ги следи сите информации. Полицијата презема оперативни планови во согласност со тие информации и безбедносни проценки. Врз таа основа ги димензионираме персоналните капацитети и материјално-техничките средства – изјавил Чавков.

На прашањето дали полицијата гарантира дека пратениците нема да бидат оневозможени да влезат или да излезат од Собранието, со оглед на разни најави дека учесници во протестот ќе ги блокираат приодите во законодавниот дом, Чавков бил дециден: „Сигурно е дека пратениците ќе имаат безбеден и непречен пристап во парламентот!“

Според „Дојче веле“, средбите на еврокомесарот со лидерите на партиите ќе почнат во 12.40 часот.

Првата средба ќе биде со лидерот на ДПА, потоа со Беса во 13 часот и со Алијанса за Албанците од 13.50 часот. Средбата на Хан со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е планирана за 14.55, со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во 16.10 часот, а со претседателот, Ѓорге Иванов, во 17.45 часот. Потоа е предвидена средба на Хан со претседателот на Собранието, доколку биде избран дотогаш. Последната средба во 20.15 часот ќе биде со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по што во 21.45 часот еврокомесарот ќе даде изјава за медиумите.