Владата го отповика Мико, а Лазе Еленовски го прати во Брисел


Скопје, 28 февруари, 2018 - 10:12 (META) 

Владата на вчерашна седница отповикала на неколку конзули меѓу кои најекспониран е Џејсон Мико, долгогодишен колумнист во пропаднатиот весник „Дневник“ и консултант на владата во времето на ВМРО-ДПМНЕ, кој бил плаќан од буџетот.

Претходно тој бил и лобист за ВМРО-ДПМНЕ и консултант. Според документите заведени на Американската агенција за регистрација за странски соработници – ФАРА, ВМРО-ДПМНЕ за 7.500 долари месечно го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите на 5 јули 2006 година, на кои партијата дојде на власт.

Покрај Мико, отповикани се и Ричард Голдман, Томас Танеф, Ендру Димитри Пејкоф, Лоу Влашо и Пуршотам Карамангала Џајарам.

Во рамките на точките за кадровски измени, Владата вчера го именувала Бујар Дарлишта за в.д. директор на Управата за водење на матични книги, а Лазар Еленовски е назначен за  специјален пратеник на Владата на Република Македонија за НАТО интеграции во Брисел.

На предлог на Mинистерството за финансии Владата го усвоила Предлог – законот за пријавување и евиденција на обврски кои ги имаат буџетските институции. Имено, досега не постоел унифициран механизам на евиденција и следење на обврските на субјектите кои располагаат со јавни средства. Новиот предлог – закон предвидува преку електронски систем да се евидентираат преземени, а неисполнети обврски на институциите, како и неплатените обврски.

Законот ги опфаќа органите на државната власт, единиците на локалната самоуправа, установите и институциите кои вршат дејности од областа на културата, образованието, здравството, детската, социјалната заштита, како и во други дејности од јавен интерес.


Се отповикува конзулот и се затвора конзулатот во Барселона


Скопје, 31 октомври, 2017 - 21:58 (META) 

Владата денеска го усвои предлогот на Министерството за надворешни работи да се затвори почесниот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, и да се отповика почесниот конзул Марио Деус бидејќи против него е поведена кривична постапка што преставува пречка за понатамошно извршување на функцијата.

Познатиот барселонски стоматолог Марио Деус, во април годинава се најде во фокусот на странските медиуми откако се појави информација дека тој е уапсен во Јужна Африка и оти е осомничен за убиство на неговите тригодишни близнаци.

На седницата, исто така, било одлучено да се отповикаат и конзулката во Солун, Маја Апостолова-Балабурски и конзулот во Истанбул, Зерин Абаз, на кои веќе им истекле мандатите.


Охрид – конзулски град, а конзулатите под клуч


Охрид, 25 јануари, 2017 - 10:26 (META) 

Вчера Охрид го доби петтиот по ред почесен конзулат. Станува збор за конзулат на Република Унгарија, а инаугурацијата на почесниот конзул, ректорот на Американскиот колеџ, Марјан Бојаџиев, ја изврши државниот министер за културно-научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Унгарија, Иштван Иѓарто.

Досега во Охрид почесни конзулати отворија Република Турција, Република Полска, Република Словенија и од минатото лето – Руската Федерација.

Дописникот на „Мета“ провери кои од конзулатите во Охрид функционираат. Отворен беше само полскиот, кој е сместен кај охридската чаршија и дава услуги секојдневно, особено лете, кога во градот престојуваат многу туристи од Полска.

Другите три претставништва беа под клуч, а за нивното постоење потсетуваат само националните знамиња на двете земји, кои, во случајот со турскиот конзулат, изгледаа понижувачки, како за Република Македонија, така и за Република Турција.

Република Турција го отвори првиот почесен конзулат во Охрид во март 2010 година, со многу помпа и со големо внимание од турска страна. За таа пригода, во Охрид и во официјална посета на земјата, допатува тогашниот шеф на турската дипломатија, Ахмет Давутоглу.

Нешто слична е и состојбата со рускиот почесен конзулат. Беше отворен минатото лето, во Конгресниот центар на УКИМ. На почесниот дипломатски трон застана Велимир Стојковски, кој во тоа време беше ректор на УКИМ.