!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Џамијата „Али-паша“ во Охрид се реконструира и се конзервира


Охрид, 19 мај, 2017 - 16:13 (META) 

Директорката на Завод и музеј од Охрид, Тања Паскали-Бунташеска, денеска на прес-конференција изјави дека џамијата „Али-паша“ ќе остане во постојниот габарит, не се гради нова џамија, туку се врши само конзервација и реконструкција.

Со оглед на тоа што деновиве во јавноста се дискутираше и се бараа одговори околу конзервацијата и реконструкцијата на џамијата, Паскали-Бунташеска рече дека од Управата за заштита пристигнало одобрение за вршење на конзерваторските истражувања.

– На таа џамија се извршени многу градежни работи кои не соодветствуваа на архитектурата, всушност беа изведени како дивоградби од тогашното муфтиство. Истражувањата ги направивме за да видиме како изгледала џамијата во периодот кога била прогласена за споменик на културата и според нашиот закон да ја вратиме во автентична состојба. Точно е дека минарето е високо 32 метри, но тоа е дел од еден споменик на културата. На овој простор имаше остаток од постоечкото минаре во висина од шест и пол метри – истакна Паскали-Бунташеска.

Конзервацијата ќе трае до септември, па дури потоа ќе се премине на реконструкција на овој споменик на културата.


Изложба за Борис Чипан, основоположник на заштитата на македонското градителско наследство


Скопје, 30 март, 2017 - 11:05 (META) 

„По трагите на еден модернист“ е насловот на изложбата за познатиот македонски архитект Борис Чипан, по потекло од Охрид. Вечерва во 20 часот, во  Музеј на град Скопје, изложбата ќе ја отвори проф. д-р Минас Бакалчев, декан на Архитектонски факултет при УКИМ.

Изложбата се содржи од материјали од професионалната оставина донирана од семејството Чипан на Музејот на град Скопје. „Збирката на архитект Борис Чипан“ содржи повеќе од 500 предмети, меѓу кои оригинални проекти, цртежи, скици, студии, ракописи, белешки, фотографии, исечоци од весници, дигитални записи, награди, плакети, книги и други предмети.

На Борис Чипан, автор, меѓу другото, и на проектот за објектот на МАНУ во Скопје, му припаѓа едно од најзначајните места во историјата на македонската современа архитектура. Како творец, еднакво суверено се реализираше во областа на архитектонското проектирање, заштитата на градителското наследство, архитектонското образование и архитектонската публицистика.

Борис Чипан (27 март 1918 – 31 март 2012) е роден и израснат во Охрид, градот кон кој чувствуваше огромна љубов, од кој ја црпеше инспирацијата и на кој му се навраќаше целиот свој живот.

По дипломирањето архитектура на Техничкиот факултет во Белград, се враќа во Охрид, а работи и во Битола и во Охрид и се смета за основополжник на заштитата на македонското градителско наследство.
Од 1949 година е првиот директор на нововостановениот Републички завод за заштита на културно-историски споменици.

Чипан е еден од првите ентузијасти кој работеше на конзервацијата на „Света Софија“, катедралниот храм на Охридската архиепископија, како и на „Света Богородица Перивлепта“ и на многу објекти од градската архитектура во Охрид.

Надвор од Охрид, работеше на конзервацијата на црквата „Свети Пантелејмон“ во Нерези, Даут-пашиниот амам и Куршумли ан во Скопје, како и на многу други објекти.


Канческа-Милевска и Бејли ја претставија реставрираната „Св. Богородица Перивлепта“


Охрид, 26 октомври, 2016 - 13:33 (META) 

Со свеченост на која присуствуваа министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорот на САД во земјава, Џес Бејли, како и митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, денеска во Охрид беше претставен на јавноста комплетно конзервираниот и реставриран фрескоживопис во црквата „Св. Богородица Перивлепта“.

Конзервацијата траеше точно три години, додека истражувачките работи на архитектурата и на фрескоживописот се почнати уште во 2010 година.

Во овој период, поставен е натпокрив на објектот, комплетно е конзервирана и истражена архитектурата на црквата, конакот и на манастирската камбанарија, а допоплнително треба да биде конзервирана и реставрирана и камбанаријата на црквата.

За време на конзерваториските и на истражувачките работи на црквата, откриени се значајни археолошки наоди, кои ќе бидат изложени на увид на јавноста.

На самата конзервација и реставрација на фрескоживописот работеа 14 конзерватори од Заводот и музеј во Охрид, од Националниот конзерваторски центар од Скопје, како и експерти од странство, дојдени по препорака на УНЕСКО.

Вкупно на проектот беа ангажирани околу 70 лица.

Целиот проект за заштита на вредната црква „Св. Богородица Перивлепта“, со грант од 650.000 евра, беше поддржан од Амбасадата на САД во Скопје.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, говорејќи за значењето на зафатот, рече дека сега се вратени сјајот и колоритноста на фрескоживописот.

– На увид на јавноста сега го имаме првото автентично дело на зографите Михајло и Евтохија, уметничка творба препознатлива во меѓународнми рамки и која е предмет на меѓународни проучувања – рече Канческа-Милевска.

Владиката Тимотеј потсети дека црквата првпат е фрескоживописана во 1265 година и дека пред околу шест децении првпат се вршени заштитни конзерваторски зафати.

Црквата „Св. Богородица Перивлепта“ се смета за врвно дело на византиската архитектура. Ја изградил војсководецот Прогон Згур во 1295 година.

Амбасадорот Џес Бејли, Канческа-Милевска и владиката Тимотеј, не сакаа да одговараат на новинарски прашања.

Како што официјално беше соопштено, амбасадорот Бејли денеска ќе престојува и во посета на локалното седиште на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Охрид.


Конзервација на Саат-кулата во Неготино


Неготино, 13 јули, 2015 - 13:25 (META) 

Во Неготино во тек е реализацијата на проектот за конзервација на Саат-кулата.

Во согласност со предвидениот план и динамика, стручните служби на Националниот конзерваторски центар и Музејот од Неготино ги спроведуваат геомеханичките испитувања на теренот, на кој се наоѓа овој значаен споменик на културата од османлискиот период.

По извршените испитувања, во рамките на активностите за конзервација и за реконструкција на кулата, ќе спроведат и археолошки истражувања во нејзината внатрешност.

Со конзервацијата на овој значаен споменик на културата, градот Неготино ќе добие уште едно туристичко обележје, со зачувана карактеристична архитектура.

Саат-култата во Неготино, која е висока 15 метри, е подигната на почетокот од 19 век од Хаџи Таир-ага Синан, близу неговиот чифлик.

Проектот е со финансиска поддршка на Министерството за култура.


Конзервација и реставрација на Магаза во Охрид


Охрид, 30 јуни, 2015 - 12:39 (META) 

Со финансиска поддршка на Министерството за култура, стручните екипи на Заводот за заштита на културното наследство и музеј Охрид, ќе работат на санацијата и на реставрацијата на фасадата на објектот наречен Магаза, лоциран на улицата Климент Охридски во Охрид, на источната страна од старата Охридска чаршија, во непосредна близина на Чинарот, односно на плоштадот Крушевска Република.

Санацијата и реставрацијата на објектот изграден од камен во втората половина на 19 век од непознати мајсторски тајфи е во рамките на повеќегодишниот проект за обнова и за конзервација на повеќе фасади од старата градска архитектура во значајните градски јадра во нашата држава. Освен конзервација и реставрација на објектот, предвидена е и промена на столаријата и санација на покривната конструкција.

На некои од магазите во охридската чаршија, на потегот од Чинарот до езерото, стојат мермерни плочи на кои се напишани имињата на охридските трговци во периодот од 1871 до 1884 година.

Всушност, тоа се девет сочувани плочи од кои осум се напишани со кирилица, а една со арапско писмо. Покрај имињата на трговците на мермерните плочи се напишани и месецот и годината кога е изградена или отворена магазата. Токму единствената сочувана плоча напишана со арапско писмо се наоѓа на западната фасада на Магазата лоцирана на источната страна на чаршијата.


Конзервација на фрескоживописот во храмот „Св. Ѓорѓија“ во Струга


Струга, 15 јуни, 2015 - 10:57 (META) 

Како дел од програмата на Министерството за култура за заштита на културното наследство, во тек е конзервацијата и ревитализацијата на фрескоживописот на црквата „Св. Ѓорѓија“ во Струга, значаен споменик на културата од 19 век.

Конзервацијата се одвива во неколку фази и е од исклучителна важност, особено од иконографски аспект.

Претходно, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците од Охрид, извршија истражувачки работи на фрескоживописот, беа отстранети наталожените нечистотии, а беше извршена и консолидација на испуканиот обоен слој.

Со реализацијата на проектот за конзервацијата на фрескоживописот, во целост ќе биде вратен првобитниот колорит и сјај на фрескоансамблот во црквата „Св. Ѓоргија“.

Храмот посветен на великомаченикот свети Ѓорѓија во Струга, кој импонира со својата големина, е изграден врз темелите на постара црква која датира од периодот на владеењето на цар Самоил.

Во црквата се наоѓа и најстарото познато сликарско дело, исцелителната икона со претстава на свети Ѓорѓија во цел раст, насликан фронтално, со меч и со копје во рацете, која датира од 1267 година.


Санација на бедемот на летната сцена Долни сарај во Охрид


Охрид, 11 јуни, 2015 - 13:51 (META) 

Со средства од Министерството за култура, во Охрид во тек е завршната втора фаза од реализацијата на проектот за конзервација и за санација на оштетениот јужен бедем на летната сцена Долни сарај.

Поради староста на малтерот на ѕидините кои се надвиснати над Охридско Езеро, во изминатиот период честопати доаѓаше до одрони, што претставуваше голема опасност за минувачите што се движат по фреквентната патека што го спојува градот со населбата Канео.

За заштита на овој простор од натамошно пропаѓање, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид во изминатиот период интензивно работеа на конзервацијата и на санацијата, која се одвива во две фази.

Во рамките на втората фаза се работи на целосна санација на скалите и на фугирање на внатрешниот скалишен простор кој ја поврзува сцената Долни сарај со езерскиот брег, а скалите ќе бидат и целосно осветлени.

Претходно, во текот на првата фаза, извршена е реконструкција на оштетените делови од јужниот бедеми, обновени се дотраените дрвени појаси, а беше направен и мост кој го поврзува брегот со привремената пешачка патека кон населбата Канео.

Овој историски локалитет, за време на Отоманската Империја претставувал летен сарај на султанот, додека бедемите околу него датираат од постар период. Денес тој е летна сцена на која се одржуваат фестивали, концерти и други настаниод културата.