!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Во Македонија гостува „Гласот на Јунан“, светската атракција од Кина


Охрид, 26 јануари, 2017 - 12:55 (META) 

Со два концерти, вечерва во Скопје и еден в сабота во Охрид, во Македонија гостува светската атракција од Кина „Гласот на Јунан“.

Овој музички спектакл на ансамблот од Пекиншката академија на традиционалната музика, го организира Фестивалот „Охридско лето“.

Класичната кинеска музика пренесувана од генерации на генерации е дел од овој перформанс, исто како што е и восхитувачки богатата фолклорна култура од различните региони на Кина.

– Кинеската музика може да се пофали со историја која се протега и до неколку илјади години во минатото, а токму провинцијата Јунан е позната по исклучително високиот степен на етничка разноликост. Тука припаѓаат најголемиот број етнички групи помеѓу провинциите на Кина. Од 56 официјално признати етнички групи на Кина, дури 25 се наоѓаат во Јунан – велат од „Охридско лето“.

Билетите за двата концерти се веќе во продажба преку продажната мрежа на „МК тикетс“, по цена од 300 денари за концертот во Скопје и 200 денари за концертот во Охрид.


Вечерва ќе се одржи традиционалниот концерт „Божиќна слава“


Скопје, 7 јануари, 2017 - 13:01 (META) 

Во организација на хорот „Св. Злата Мегленска“, вечерва, од 19,30 часот, во градската православна црква „Пресвета Богородица“, во Скопје, ќе се одржи традиционалниот концерт „Божиќна слава“. Влезот е слободен, а концертот е од хуманитарен карактер.

Присутните ќе можат доброволно и според своите можности да донираат, додека собраните средствата се наменети за деца со посебни потреби и за ранливи категории граѓани.

Програмата ќе ја исполнат Младинскиот црковен хор на Повардарската епархија „Св.Кирил и Методиј“, детскиот хор „Фалсето“при МОБ и камерниот хор „Херувими“ од Скопје.

Солисти се Биљана Стефансон од Шведска, Лилјана Јовановиќ од Србија и Дарко Нешовски од Скопје.
Покровител на концертот е сопругата на претседателот Иванов, Маја Иванова.


Жан Мишел Жар го отвори „Таксират“


Скопје, 14 ноември, 2016 - 12:01 (META) 

Пионерот на електронската музика, Жан Мишел Жар, синоќа го одбележа отворањето на 18. издание на фестивлот „Таксират“. Станува збор за прв настап на францускиот музичар во Македонија кој на аудиовизуелниот перформанс во „ВИП арена“ во Скопје настапи со добро познати композиции од неговата 40-годишна кариера. Жар се смета за основоположник на мултимедијални перформанси и има заслуги за етаблирање на електронската и „њу ејџ“ музика.


Протестни концерти во Албанија целосно цензурирани од медиумите


Тирана, 2 ноември, 2016 - 11:31 (META) 

Протестни концерти на албански пејачи и на артисти, кои се противат на изградба на електрани и на увоз на отпад, се одржаа во Националниот парк Валбона и во Тирана, но тие беа целосно игнорирани од главните албански медиуми.

На протестот кој се одржа во Тирана минатата недела присуствуваа неколку илјади граѓани.

Артистите извикуваа „Не допирајте ја Валбона“ и „Да не се увезува отпад во Албанија“.


Албански уметници со протестен концерт против изградба на хидроцентрали


Тирана, 10 октомври, 2016 - 10:34 (META) 

Протестен концерт на 29 октомври во Валбона, а на 30 октомври во Тирана, против изградба на 14 хидроелектрични централи, ќе одржат познатите албански пејачки Еда Зари и Елина Дуни. Ова е првпат во Албанија уметници да протестираат против економските политики на власта. Преку пораката „Заштита на нашата земја, вода, воздух и живот“, пејачките ги повикаа и другите колеги да им се предружат.

Регионот Валбона е дел од национален парк на Албанија и има високо ниво на заштита од Обединетите нации.

Локалната заедница од регионот се противи на плановите за изградба на хидроцентрали во таа област од еколошки, економски и од правни причини.

Досега беа одржани неколку протести откако владата потврди дека концесиите се веќе потпишани од претходната власт и дека повлекувањето ќе биде премногу скапо.

Против изградбата на хидроцентралите поведена е и интернет-петиција, која досега има 3.000 потписи.


Концерт на „Чалгија саунд систем“ на Халкидики за прослава на 8 Септември


Солун, 9 септември, 2016 - 10:36 (META) 

Пријатно изненадување за македонските туристи на Халкидики беше концертот на македонската група „Чалгија саунд систем“, кој го приреди конзулатот на Република Македонија во Солун за одбележување на 25-годишнината од независноста. Во релаксирана атмосфера, туристи од Македонија, Грција, Бугарија, Русија и од Романија во хотелски комплекс на Уранополи уживаа во звуците на традиционалната македонска чалгиска музика.

Добрила Грашеска од „Чалгија сауд систем“ во разговор за „Мета“ вели дека биле пријатно изненадени и почестени од поканата на македонската конзулка Маја Апостолова да настапат на денот на независноста на Македонија во Грција со сопствен концерт.

– Целата организација и моментот на нашиот настап беше волшебен. Местото е прекрасно, имавме многу публика и од Македонија, но и од Романија, Грција, Бугарија, Русија и сите внимателно го слушаа она што им го презентиравме – вели Грашеска.

Настапот траеше неколку часа, со изведба на околу 20 традиционални чалгиски песни и ора. Ова е прв концерт во Грција на „Чалгија саунд систем“ и од групата се надеваат дека ќе им отвори простор за повеќе контакти и настапи за поголема презентација на македонската традиционална музика пред грчката и пошироката публика. Грашеска вели дека настапувањето на денот на независноста во Грција било пријатен предизвик.

– Ова беше еден вид исчекор во непознато, но нè пречека убава енергија, убава атмосфера, убава публика, сите заедно уживавме. Навистина беше предизвик да се настапува на 8 Септември. Музиката е над политиката, музиката е нешто кое не е поврзано со другите чувства, таа е највозвишена од сите уметности и ние го искористивме тој момент и успеавме да направиме убава атмосфера за сите – вели Грашеска.


Пијанистички концерт и проекција на филмот „Исправи се Делфина“ на „Охридско лето“


Охрид, 16 август, 2016 - 13:54 (META) 

Фестивалот „Охридско лето“ влегува во последната седмица од својата 40-дневна програма. Вечерва ќе има два настана – пијанистички концерт и проекција на филмот „Исправи се Делфина“.

Последната приредба е в сабота.

Во 21 часот, во црквата Св. Софија ќе настапи рускиот пијанист Петр Лаул, со дела од Ф. Шуберт и М. Мусоргски.

Во рамките на Дополнителната програма во Центарот за култура „Григор Прличев“, од 19 часот, ќе има проекција на познатиот македонски филм „Исправи се Делфина“, снимен во 1977 година во режија и според сценарио на Александар Ѓурчинов, а инспириран од препливувањето на каналот Ла Манш од страна на македонската маратонска пливачка Атина Бојаџи,чиј лик го игра Неда Арнериќ.


Ал Ди Меола и Продиџи во Охрид


Охрид, 13 август, 2016 - 11:14 (META) 

Викендов Охрид ќе биде центар на музичките збиднувања во земјава. Концертите на еден од најдобрите гитаристи во светот Ал Ди Меола и групата Продиџи, во рамки на фестивалот „Охрид колинг“, се очекува да донесат гости од целиот Балкан, но и од Англија и Холандија.

– По концертот на светски познатите диџеи Ники Ромеро и Лост Фрекуенцис на 1 август, покажавме дека Охрид е подготвен за организација на фестивал кој од година во година ќе прерасне во еден познат бренд на Балканот, но и пошироко. Покажавме дека заедно во Охрид можеме да имаме настани кои ќе го сместат градот на туристичката мапа на концертни градови многу пошироко од балкански рамки и очекувам дека овој викенд ќе биде врвот на првото издание на фестивалот – вели Ѓоко Апостолов од општина Охрид, која заедно со „Авалон продукција“ го организира фестивалот.

Организаторите информираат дека интересот за двата концерта е огромен, а особено радува тоа што освен од балканските земји, голем интерес има и од Англија и Холандија.

– Кон ова голем придонес имаат и директните авиолинии кои на вљубениците во музиката од овие земји им овозможуваат за малку пари да дојдат и слушаат музички ѕвезди од светски калибар – потенцира Апостолов.

Од „Авалон продукција“ најавуваат незаборавни музички доживувања со светските музички ѕвезди кои викендов ќе настапат во Охрид.

– Ал Ди Меола кој е еден од најдобрите гитаристи во светот на сите времиња, екслузивно го имаме на сцената на Антички театар, едно преубаво место, спој на светски уметник и прекрасен простор. Се надевам дека сите кои ќе дојдат ќе уживаат. Финалето е со светската атракција, групата Продиџи. Подготовките течат одлично, имаме беспрекорна соработка со локалната самоуправа. Ова е фестивал со кој може да се гордеат и Охрид и Македонија – вели Денис Илиоски од „Авалон продукција“.

Од таму предупредуваат дека има појава на продавање на фалсификувани билети за концертите, па затоа со совет до заинтересираните да бидат внимателни и да купуваат билети само на назначените официјални места за продажба.


„Продиџи“ ќе донираат за граѓаните од поплавените подрачја


Охрид, 11 август, 2016 - 9:54 (META) 

Светски познатата група „Продиџи“, која на 14 август ќе настапи во Охрид, на својата „Фејсбук“ страница напиша дека ќе донира за настраданите од поплавите кои во саботата го зафатија Скопје и околината.

Членовите на англиската електронска група упатија сочувство до семејствата на жртвите.

„Срдечна почит за Македонците кои ги изгубија животите и беа погодени од поплавите. Ние ќе донираме во знак на солидарност на Црвениот крст на Македонија. Сочувство за сите жртви, нивните семејства и за сите македонски борци“, напиша групата на социјалната мрежа.

Концертот на „Продиџи“ треба да се одржи на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид, во рамките на првото издание на фестивалот на отворено „Охрид колинг“.


„Охридско лето“ го презакажа вечерашниот концерт на Ана и Игор Дурловски


Охрид, 8 август, 2016 - 15:05 (META) 

Фестивалот „Охридско лето“, вечерва нема да организира настани, поради трагичните настани со поплавите и човечките жртви и поради прогласениот Ден на жалост.

Вечерашниот концерт на Ана Дурловски Игор Дурловски заедно со Оркестарот на Македонската Филхармонија под диригенската палка на Борјан Цанев, е презакажан за утре, 9. август во Центарот за култура „Григор Прличев” со почеток од 13 часот.

„Охридско лето“ изрази длабоко жалење и сочувство до семејствата на настраданите.
Одложени се и свеченостите по повод одбележувањето на 1.100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент Охридски.

Денеска на Плаошник, со почеток во 19 часот, ќе биде одржана само предвидената Богослужба.

Советот на општина Охрид, денеска одржа вонредна седница со единствена точка на дневен ред – усвојување на Предлог – одлука за спроведување мерки и активности за помош до загрозените семејства и институции погодени од поплавите.