!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Долгот на „Агрокор“ изнесува 5,4 милијарди евра


Загреб, 11 мај, 2017 - 17:42 (META) 

Хрватската компанија „Агрокор“ денеска испратила соопштение во кое се наведува дека актуелниот долг на фирмата, заклучно со 31 март 2017 година, изнесува околу 5,4 милијарди евра, пренесува балканскиот сервис на „Радио Слободна Европа“.

Наведената сума на долгови, по доспеани камати, други позајмици, одложено плаќање на даночни обврски и друго, како што било посочено, не ги прикажува долговите на целата групација, туку само тие на најголемите 19 друштва во рамките на „Агрокор“.

Во оваа сума не е прикажан ниту заемот од 80 милиони евра што компанијата го подигна на 13 април оваа година.

Од фирмата навеле дека и понатаму ги проверуваат потенцијалните неправилности во финансиските извештаи и според тоа, можна е ревизија и на овие податоци.

Инаку, на почетокот на април хрватското собрание донесе посебен закон за спасување на „Агрокор“.


Министерски состанок за „Агрокор“ утре во Белград


Белград, 18 април, 2017 - 15:14 (META) 

Во Белград за утре е закажан состанок на министрите за трговија и за економија на Србија, Словенија, Босна и Херцеговина и на Црна Гора, на кој ќе се разговара за случајот со хрватскиот концерн „Агрокор“.

На состанокот, на кој не се поканети претставници од Хрватска, се очекува да се стане збор за тоа како да се задржат работните места во фирмите што се во состав на „Агрокор“, да се заштитат интересите на набавувачите и како да се спречи одлив на пари од фирмите на „Агрокор“ во регионот во матичната компанија.

Во состав на „Агрокор“, чие седиште е во Загреб, има повеќе од 60 фирми од земјите од регионот, кои вработуваат околу 60.000 луѓе.

„Агрокор“ во Србија е сопственик на фирмите „Меркатор С“, „Дијамант“, „Фриком“, „МГ Мивела“, „Кикиндски млин“ и „Нова слога“, кои вработуваат околу 11.000 работници.

Хрватскиот гигант „Агрокор“, кон крајот на минатиот месец потпиша предстечаен договор со банките и со другите кредитори, на кои им должи околу 10 милијарди евра, за да се направи напор да се задржи ликвидноста на компанијата. Сметките на „Агрокор“ се блокирани поради долг за даноци од околу 10 милиони евра.


„Ербас“ ќе гради гигантска сателитска мрежа


Париз, 15 јуни, 2015 - 15:41 (META) 

Европскиот гигант „Ербас“ склучил договор за изградба на најголемата констелација на сателити во светот, пренесува „Би-Би-Си“.

Компанијата планира да произведе 900 сателити за концернот „Уан веб“ (OneWeb), кој има намера да го прошири интернет-пристапот низ целиот свет.

Договорот бил објавен на Париското аерошоу и, според плановите, првично ќе бидат лансираат повеќе од 600 сателити, додека другите ќе се чуваат како резерва.

Консталацијата на сатетили на „Уан веб“, која ќе чини неколку милијарди долари, ќе ги минимизира сите претходни комерцијални мрежи за десетпати.

Според очекувањата, секој сателит ќе биде тежок околу 150 килограми, а според информациите „Уан веб“, цената за една единица ќе биде околу половина милион долари.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, од „Ербас“ изјавиле дека првите 10 ќе бидат произведени во фабруката во Тулуз, а потоа работата ќе се пресели во САД.

За транспортот на сателитите во орбитата, ќе бидат потребни голем број ракети, поради што, пренесува „Би-Би-Си“, во проектот најверојатно ќе биде вклучен и „Вирџин груп“ на Ричард Бренсон, кој, во меѓувреме, работи на развој на систем за лансирање сателити базиран на неговиот туристички „вселенски авион“.