ЈКП Тетово ветува дека во 2019 година ќе обезбеди 200 нови контејнери со капаци


Тетово, 31 октомври, 2018 - 16:38 (META) 

Проблемот со контејнерите за отпадоци без капаци, што е една од клучните пречки за одржување на хигиена во Тетово, Јавното комунално претпријатиe од Тетово ветува дека ќе почне да го решава во текот на следната година. Тие планираат половина од нив да  ги заменат со нови контејнери кои ќе имаат капаци, известува „Порталб.мк“.

– Во план-програмата за 2019 година предвидовме да обезбедиме 200 контејнери за ѓубре во градот, кои ќе имаат и капаци и 2.000 канти за отпадоци кои ќе ги дистрибуираме низ домовите. Целта е граѓаните да бидат снабдени со соодветни канти за ѓубре. Вредноста на овие канти е 1 милион денари, а парите ќе се обезбедат од буџетот на претпријатието – вели директорот на ЈКП е Џелал Цека.

Во Тетово има вкупно 522 контејнери за отпадоци, додека во моментов само 120 од нив имаат капаци.

Доколку ЈКП го исполни ветувањето во 2019 година, тогаш во 2020 година останува да се заменат уште 222 контејнери.

Контејнерите кои ќе се повлечат од користење или кои ќе бидат заменети со нови, првично ќе пратат во работилницата на компанијата за да се поправат за повторна употреба, но доколку се оштетени многу комисија на претпријатието ќе одлучи дали ќе се продадат како старо железо.

Инаку, претходно информиравме дека 80 отсто од тетовските контејнери за отпадоци немаат капаци. Поради овој проблем реагираа и жителите, кои се пожалија дека поради недостиг на капаци контејнерите шират лоша миризба.

Освен за проблемот со капаците „Порталб.мк“ информираше дека контејнерите не се чистат и одржуваат навремено, а отпадоците што се фрлаат таму не се селектираат.

Секој граѓанин кој има поплаки во врска со нечистотијата во Тетово, може да се јави на фиксниот телефонски број 044 331 167.

Исто така, дека согласно Законот за јавна чистота, секое физичко лице доколку се фати да фрла  крпа, догорче од цигара или слично ќе се казни со глоба од 50 евра, додека ако се фати да фрла градежен материјал, се предвидува парична глоба од 150 до 200 евра.


Пренатрупаните контејнери во Тетово се нефункционални и треба да се заменат


Тетово, 18 октомври, 2018 - 16:36 (META) 

Околу 80 отсто од контејнерите во Тетово немаат капаци и од нив се шири лоша миризба, а бидејќи не се чистат и не се одржуваат навремено се преполнуваат. Ситуацијата уште повеќе ја влошува фактот што отпадот што е фрлен во нив не е селектиран и затоа се преполнуваат со најразлични материјали, пишува „Порталб.мк“.

Во Тетово има 522 контејнери, додека само 120 од нив имаат капаци. Жителите се жалат дека поради недостигот на капаци се шири лоша миризба, додека одговорните тврдат дека капаците се изгорени во текот на зимскиот период.

– Поголемиот дел од контејнерите за отпадоци немаат капак и кога минувате покрај нив, се шири многу лоша миризба. Мислам дека ни треба повеќе работа за да имаме почист град – вели Венхар Исени, жител на Тетово.

Недостигот на капаци на контејнерите, исто така, предизвикува проблеми и при поставувањето на контејнерите. Властите велат дека граѓаните не дозволуваат поставување на контејнери за отпадоци во близина на нивните домовите, а пак граѓаните велат тоа се должи на не одржувањето и недостаток на капаци.

– Капаци недостигаат затоа што се изгорени, а дел од нив се украдени. Капаците на контејнерите ни прават проблеми при чистењето на отпадоци, бидејќи во четири случаи беа повредени работници при чистење со камиони – вели Џелал Цека од Општинското јавно претпријатие „Тетово“.


Албанската полиција уапси активисти за заштита на животната средина


Тирана, 24 септември, 2016 - 12:00 (META) 

Албанската полиција уапси двајца активисти за животна средина поради испишување на името на премиерот Еди Рама на контејнери за ѓубре.

Откако собранието пред два дена го усвои Законот за увоз на отпад, активистите Клоди Лека и Бислим Лакна на социјалните мрежи повикаа на кампања за „украсување на контејнерите“ насловена „Декорирајте го вашиот град, посвојте канта за ѓубре“.

Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавија фотографии од контејнери и од канти за ѓубре од различни албански градови на кои се испишани имињата на 63 пратеници кои го поддржаа Законот за увоз на отпад, вклучувајќи го и името на премиерот Еди Рама.


Финска ќе сместува бегалци во шатори и во бродски контејнери


Хелсинки, 11 ноември, 2015 - 10:44 (META) 

Финска се подготвува да ги смести барателите на азил во шатори и во бродски контејнери како што се засилува бранот бегалци, соопшти денеска финското министерство за внатрешни работи.

Финска во октомври прими околу 7.000 бегалци, но само минатата недела стигнале повеќе од 2.000 баратели на азил.
„Без разлика на новите центри за прифаќање бегалци, тоа нема да биде доволно и властите се подготвуваат да употребат шатори и бродски контејнери“, се наведува во соопштението.

Финска неодамна ја прекина обработката на барањата за азил од Авганистан поради безбедносни причини, но ги заостри критериумите за Ирачаните и за Сомалијците за добивање азил врз основа на процената дека безбедносната ситуација во земјите се подобрила.

Соседна Шведска, која годинава очекува 190.000 баратели на азил, минатата недела предупреди дека веќе не може да гарантира сместување на нови бегалци и побара итна помош од ЕУ.


Се градат подземни контејнери во општина Аеродром


Скопје, 17 ноември, 2014 - 11:33 (META) 

Денеска, на влезот пред ТЦ „Три бисери“, почна изградба на подземни контејнери, во кои ќе се селектира отпадот.

Почетокот на изградбата официјално го означија градоначалниците на Град Скопје и на Општина Аеродром, Коце Трајановски и Ивица Коневски, како и директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Ракип Дочи.

Подземни контејнери ќе се градат на три локации во општина Аеродром и тоа пред ТЦ „Три бисери“, зад ТЦ „Бисер“ и спроти ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, а овие локации се избрани, пред сѐ, поради големата концентрација на население.

Ова е заеднички трипартитен проект на Град Скопје, ЈП „Комунална хигиена“ и на Општина Аеродром, кој чини 6.600.000 денари, така што секоја од овие три институции вложува по една третина од сумата.

Подземните контејнери се иноксни и секој од нив има зафатнина од три кубни метри.