Почина поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис


Атина, 29 мај, 2017 - 10:36 (META) 

Поранешниот грчки премиер Константинос Мицотакис почина денеска во 99. година од животот, соопшти неговото семејство.

„Почина еден час по полноќ, опкружен со луѓето што го сакаа и што ги сакаше“, стои во краткото соопштение, во кое не се откриваат детали.

Мицотакис, кој е роден во 1918 година, се повлече од политичкиот живот во 2004 година, кога му истече последниот пратенички мандат.

Премиерската функција ја вршеше од 1990 до 1993 година, а член на грчкиот парламент, без прекин, беше од 1946 година, со исклучок на десетгодишниот период, за време и непосредно по периодот кога со Грција владееше воената хунта од 1967 до 1974 година.

За време на „Диктатурата на полковникот“, во 1967 година, успеал да побегне во Париз, каде живеел во егзил до враќањето во демократска Грција во 1974 година.

На чело на конзервативната партија Нова демократија беше од 1984 до 1993 година, а претходно, во неколку конзервативни влади тој ги извршуваше функциите министер за финансии и за надворешни работи.

Неговиот син, Киријакос Мицотакис, е актуелен лидер на Нова демократија, а неговата ќерка, Дора Бакојани, е поранешна шефица на грчката дипломатија, поранешна министерка за култура, како и некогашна градоначалничка на Атина.