Хант: Заев и Владата да работат со Парламентот за создавање на консензус за иднината


Лондон, 2 октомври, 2018 - 11:00 (META) 

На референдумот во Македонија гласачите ја искажаа својата желба за разрешување на долгогодишниот спор со нивниот сосед Грција за името на земјата и преземање позитивен чекор кон евроатлантска интеграција. Доколку се спроведе, Преспанскиот договор ќе ја подобри стабилноста во Македонија и поширокиот регион.

Ова го истакна секретарот за надворешни работи на Обединетото Кралство, Џереми Хант.

„И покрај тоа што излезноста беше под очекувањата, овој референдум беше позитивен чекор за Македонија. Гласачите во Македонија јасно ја искажаа нивната желба да бидат дел од евро-атлантската заедница и го повикувам премиерот Заев и Владата да работат со Парламентот за создавање на консензус за иднината на земјата. Верувам дека спроведувањето на Преспанскиот договор ќе биде добро за Македонија и добро за регионот. Со тоа се нуди можност за поголема безбедност и просперитет, како и подобри можности за младите од Македонија. Исто така и овозможува на Македонија да послужи како пример за регионот за тоа што може да се постигне со храброст, одлучност и визија за иднината. Горди сме што Обединетото Кралство е долгодишен пријател и партнер на Македонија. Ќе работиме на продолжување и зајакнување на нашето партнерство и во иднина. Особено го очекуваме денот кога ќе бидеме сојзуници во НАТО – вратата е се уште отворена“, изјави Хант.


Шекеринска: На сите земји им кажуваме – стратешките одлуки се наши


Скопје, 30 март, 2018 - 12:29 (META) 

Изјавите што ги добивме од Русија во последно време не се позитивни, меѓутоа не се ни изненадување, особено по минатогодишниот став дека Русија има одредено мислење за нашите стратешки цели, изјави вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска по посетата на Воено-медицинскиот центар во Скопје.

– Ние сакаме да имаме добри односи со Русија и инвестираме во добри односи, но на сите, и на соседите, и на другите држави, им ја повторуваме истата реченица – стратешките одлуки се наши – вели Шекеринска

Таа посочи дека од 1992 година Македонија го изразила својот национален консензус за членство во ЕУ и во НАТО.

– Не се мешаме во туѓите работи, но сакаме нашите одлуки да бидат наши. На тој начин се брани сувереноста, на тој начин се брани независноста, на тој начин се брани сопствената земја – рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање.

За преговорите кои моментално се водат помеѓу Македонија и Грција во Виена, Шекеринска рече дека ќе направат се Македонија да биде конструктивна и да даде придонес кон успешен процес.

– Инвестираме во добри односи со сите соседи, вклучително и со Грција. Македонија досега плати превисока цена на грчкото вето во 2008 година. Меѓутоа, сега сметаме дека она што го научивме овие 10 години треба да ни помогне да го најдеме решението и сметаме дека и Грција ќе профитира од нашето членство во НАТО и во ЕУ и како добри соседи треба да си даваме поддршка во вакви моменти – додаде Шекеринска.


Мицкоски му се пожали на Хан дека нема напредок во реформите и повика на консензус за името


Брисел, 29 јануари, 2018 - 13:08 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Брисел имал средба со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан, на која било разговарано за реформските процеси во земјава, во кои и „покрај ветувањата на Владата, сè уште нема суштински напредок“, особено во клучните области – економијата, судството и владеењето на правото.

– Говоревме за реформите и реформските процеси кои што би требале да се случат во Република Македонија, но за жал нивното случување заостанува. Со еден збор кажано, апсолутно го понудивме сиот наш човечки и административен потенцијал како ВМРО-ДПМНЕ, за да можеме да допринесеме и да дадеме вредност на она што се вели, што е можна побрза интеграција на Република Македонија во рамките на Европската Унија – изјави Мицкоски по средбата.

Мицкоски го запознал еврокомесарот Хан за содржината на средбата на државно-политичкиот врв во Клубот на пратениците. Тој рекол дека го виделе предлогот на медијаторот Метју Нимиц „кој што повеќе или помалку и е познат на јавноста“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласил дека остануваат на патеката за што е можно побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската Унија и во НАТО, а истовремено потенцирал дека „ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на заштита на државните и национални интереси“.

– Со жалење може, исто така, да констатираме, од она што можеме да го прочитаме деновиве по медиумите, дека за решавање на овој долгогодишен спор помеѓу нашата земја Република Македонија и соседна Република Грција се уште во општеството и помеѓу политичките конкуренти во соседна Република Грција не постои консензус. Апелирам што е можно побрзо да се најде консензус и да дојде крајот на решавање на овој долгогодишен спор кој што Република Македонија го има со соседна Грција – изјави Мицкоски.


Ахмети предлага името да се реши по моделот на Договорот со Бугарија – без референдум


Скопје, 28 јануари, 2018 - 11:47 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ предлага прашањето за името да се реши според моделот на Договорот за добрососедство со Бугарија, со консензус меѓу двете влади и со ратификација во двата парламенти, пренесува македонската државна новинска агенција МИА.

– Најдобар начин за затворање на ова прашање е моделот на Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија, преку консензус меѓу двете влади, а потоа ратификација во двете собранија – вели Ахмети во интервјуто со наслов „Решение сега, без референдум“, објаснувајќи дека владата и опозицијата имаат историска одговорност да постигнат решение и да ги одведат граѓаните и земјата во НАТО и во Европската Унија.

Ахмети наведува дека владата ќе преговара за да се постигне договор, а не само за да преговара, нагласувајќи дека „подобро време од сега не постои“ за решавање на спорот.

Околу предлозите на медијаторот Метју Нимиц, лидерот на ДУИ вели дека владата заедно со опозицијата ги разгледува и се обидува да има позитивен и конструктивен пристап. Тој објаснува дека терминот „Македонија“ бил дел од предлозите и во 2008 во Букурешт, но и во 2011 година, во рамките на предлогот „Република Северна Македонија“.

– Терминот „Македонија“ во името на нашата земја не претставува закана за територијалниот интегритет и суверенитет на Грција – вели Ахмети за „Катимерини“.

Тој предупредува дека не решавањето на проблемот може да ги отвори старите ставови за нови граници на Балканот.

Во врска со прашањето колку е можен политички консензус во Македонија за прашањето за името, Ахмети го критикува претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, а за опозицијата вели дека поддржува решение на проблемот.

– Господинот Иванов испушти одлична можност за да ја подобри неговата слика кај албанската заедница, оставајќи и негов белег во завршувањето на регулативниот дел на Охридскиот договор. Тој одбра да остане на патот на законитоста заглавена на линиите од партијата. Јас очекувам да нема ист пристап и за толку сериозното и долгогодишно прашање за името – вели лидерот на ДУИ во интервјуто за Катимерини.


Фрчкоски: Нема да има консензус за името, власта треба да ја понесе одговорноста


Скопје, 28 јануари, 2018 - 11:11 (META) 

Нема да се создаде национален консензус за спорот за името, за решението ќе биде одговорна политичката елита која го носи процесот и тоа секогаш и во секое општество било така, вели универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“.

– Нема да се создаде таков консензус. Политичката желба околу консензусот е разбирлива, таа секој политичар ја посакува за вакви прашања и се обидува да ја промовира. Решението ќе биде одржливо, такво да не задира во националното достоинство и идентитет и за тоа ќе биде одговорна политичката елита која го носи, тоа така секогаш било, во секое општество донесено за вака клучни прашања. И во таа смисла ќе биде апсорбирано, јас мислам дека по месец-два тоа прашање ќе престане да биде тема воопшто. Ако е вака како што знаеме отприлика, очекуваме дека решението ќе биде околу идентитетот, јазикот и името – вели Фрчкоски.

Тој додава дека во таа смисла смета дека ќе биде прескокната, „не знам како, не ми е јасно во овој момент, не можам да го досогледам тоа“, и фазата со референдумот околу ова прашање.

– Мислам дека ќе бидат донесени решенија, тие потпишани во Собрание, ние примени во НАТО во една брза постапка и тоа ќе создаде една сосема нова клима која потоа дури и да се оди на референдум ќе ја обуслови одлуката на референдум со позитивните импакти и со одржливоста на решението – вели универзитетскиот професор.


Владата за спорот со името ќе гради став со „сите релевантни политички фактори“


Скопје, 22 јануари, 2018 - 13:50 (META) 

Владата на Република Македонија работи на анализа и консултации за предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решение на прашањето за името, потврдија од Владата за државната новинска агенција МИА.

„Владата на Република Македонија веќе работи на анализата и консултациите во однос на рамката доставена од медијаторот Метју Нимиц. Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно по инклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија“, се наведува во изјавата од Владата за МИА.


Патријархoт Неофит: Имаме консензус со МПЦ-ОА за главните прашања


Софија, 21 јануари, 2018 - 10:53 (META) 

Имаме консензус за главните прашања на претстоечкото единство. Ова за БГНЕС го изјави патријархот Неофит одговарајќи на прашањето што може да се очекува во блиска иднина во однос на приближувањето меѓу Бугарската православна црква и Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

-Претстојат интензивни средби и разговори. Се обидуваме да се ислушаме со внимание, да го одржиме добриот тон, да се сретнеме со архиереите и со луѓето од кои зависи придвижувањето на ова прашање. Фала му на Бога дека имаме консензус за главните прашања на претстоечкото единство – истакна бугарскиот патријарх.

Патријархот Неофит на 7 јануари се сретна со вселенскиот патријарх Вартоломеј, со кој отслужија литургија во обновениот храм „Свети Стефан” во Истанбул.

Потоа, двајцата духовни водачи имале разговори, на кои се отворила и темата за автокефалноста на МПЦ-ОА.


Столтенберг: Прво името, па потоа покана за НАТО


Скопје, 18 јануари, 2018 - 10:07 (META) 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во интерјуто за МИА вели дека има две главни пораки за време на посетата на Скопје – НАТО останува посветен на поддршката на Македонија на патот кон членството во алијансата и не охрабрува да продолжиме со спроведувањето на реформите, кои ќе го зајакнат владеењето на правото и демократските институции.

За Столтенберг решавањето на прашањето за името е задача на Македонија и Грција со посредство на Обединетите Нации.

– Не е до мене да предложам решение. Но, го поздравувам моментумот од неодамнешните состаноци и ја охрабрувам вашата Влада да истрае во овие напори. Сојузниците се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи на Алијансата откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН. Позицијата на НАТО за името останува непроменета. Сите одлуки во НАТО се донесуваат врз основа на консензус помеѓу сите НАТО сојузници – вели тој.

Столтенберг смета дека во последните неколку месеци имало напредок во многу области, но и дека треба да се направи повеќе. Тој ги охрабри сите политички партии во земјата да се вклучат во отворен и конструктивен дијалог и да се фокусираат на политичките и економските реформи.

– Видовме обновени напори во однос на реформите со формирањето на новата Влада минатата година. Она што е важно сега е стабилно и ефективно спроведување на реформите. На пример мошне е важно да се овозможи ефикасна работа на Специјалното јавно обвинителство и на новиот јавен обвинител назначен од Собранието. Потребно е и да продолжат напорите за борба против корупцијата во сите политички партии. Владата изнесе конкретни реформи и мерки во својот реформски план во тесна соработка со Европската унија, а ние ја поттикнуваме нивната целосна имплементација – вели Столтенберг.

Првиот човек на Алијансата денеска има прилично исполнет распоред на средби во Скопје. Во 9  часот тој се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров, по што веднаш замина на прием кај претседателот Ѓорге Иванов, во резиденцијата на Водно.

Во 10.30 часот ќе отпочне средбата во Министерството за одбрана со министерката Радмила Шекеринска, што ќе биде и најдолгата средба на Столтенберг денеска во Скопје.

Потоа тој има средба со претседателот на Собранието, Талат Џафери, по што околу 12 часот ќе се обрати пред пратениците на свечена собраниска седница. По говорот, во зградата на Собранието ќе има средби со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

Потоа Столтенберг ќе биде свечено пречекан во Владата и ќе има средба со премиерот Зоран Заев и заедничка прес-конференција, по што ќе замине од земјава.


Османи побарал поддршка од Иванов за да се обезбеди консензус со опозицијата за името


Скопје, 17 ноември, 2017 - 15:17 (META) 

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, денеска имал средба со претседателот, Ѓорге Иванов, кого го информирал за посетата во Брисел со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и за пораките што ги добиле од министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата.

Од Секретаријатот за европски прашања информираат дека Османи му реферирал на Иванов и за реформските пакети на Владата од делот „6-9“ и нагласил дека по имплементирањето на реформите и отстранување на отворените политички прашања, Владата очекува одлука за почеток на преговорите со ЕУ до средината на 2018 година.

– Имаме неповторлива шанса во 2018 година да направиме историски исчекор и да го затвориме прашањето за ЕУ и за НАТО. Потребно е да ги тргнеме настрана нашите лични, партиски, па дури и етнички приоритети, да оствариме консензус за реформите и да испорачаме резултат – истакна Османи.

Османи побарал од Иванов поддршка за реформскиот процес, но и поддршка за обезбедувањето консензус и вклученост на опозицијата, за законите за кои е тоа потребно, како и поддршка од двотретинско мнозинство во Собранието.


Медениот месец на Владата заврши, препораките на Прибе останаа, порача Попоски


Скопје, 20 септември, 2017 - 16:07 (META) 

Корисно е практиките од првите 100 дена на Владата да се напуштат во пресрет на реформите за кои е неопходен национален консензус, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, на денешната седница на Националниот совет за европски прашања при Собранието на Република Македонија, на која беше конституиран новиот состав.

– Владиниот меден месец заврши, препораките од извештајот на Прибе останаа. Европската Унија ни наметнува потреба од отворен дијалог дома, длабински реформи со најширока поддршка и реална примена на правилата. Протрчување без издржана дебата не е добро ниту за државата ниту за тој што го промовира таквиот пристап. Владата не може да сонува за мандат без контролни механизми, а опозицијата е тука да поддржи добри решенија за најбрз почеток на преговорите за членство во ЕУ – истакна Попоски, кој е претседател на Советот за европски интеграции.

На денешата седница беа присутни и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, како и амбасадорот на Европската Унија во земјава, Самуел Жбогар, кој ги нагласи очекувањата за постигнување најширок можен консензус во однос на реформите кои се неопходни за членство во ЕУ.