!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Денеска се одржува 31. Охридски пливачки маратон


Охрид, 19 август, 2017 - 12:57 (META) 

Денеска се одржува 31. Охридски пливачки маратон, на кој, за титулите во машка и во женска конкуренција се борат 15 пливачи и седум пливачки.

Патеката „Климе Савин“ на охридскиот маратон e долга 30 километри, започнува од манастирот „Свети Наум“ и завршува на градското пристаниште во Охрид.

Неприкосновен шампион во машка конкуренција со години беше Петар Стојчев од Бугарија со дури 11 победи. Минатата година златото го освои македонскиот пливач, Томи Стефановски.

Главен покровител на охридскиот пливачки маратон е претседателот на Република Македонија, а организатори се Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) и Пливачката федерација на Република Македонија. Годинава како координатор се вклучува и Општина Охрид.


СКМ: Дивите пазарџии се нелојална конкуренција и нанесуваат штета на буџетот


Скопје, 24 јули, 2017 - 12:48 (META) 

Дивите пазарџии кои во камиони продаваат овошје и зеленчук на улиците и околу пазарите се нелојална конкуренција на тие што имаат тезги на пазарите и плаќаат даноци на државата, сметаат од Групацијата на пазари којa функционира во рамките на Стопанска комора на Македонија.

Претседателот на групацијата, Сашо Стаматов, смета дека овие продавачи нанесуваат повеќекратна штета на локалниот и на централениот буџет.

– Нелегалните трговци не се предмет на оданочување, односно не плаќаат данок на промет и персонален данок. Некои од нив се приматели на социјална помош, а остваруваат и приходи за кои не плаќаат даноци. Закупувачите на тезги се регистрирани за вршење дејност и плаќаат персонален данок и данок на приход  – изјави Стаматов.

Александар Јамалов од истата групација смета дека нелегалната трговија, освен преку продажба од камиони, се прави и со поставување тегзи околу пазарите.

– Тоа влијае на намалување на приходите на пазарџиите кои имаат тезги на пазарите, намалување на средствата за инвестиции, отежнување на работата при справувањето со комуналниот отпад – додаде Јамалов.

Најсериозни проблеми со дивите продавачи има во Скопје, Велес, Куманово, Тетово, Гостивар, Охрид, а најмали проблеми има во Штип, Свети Николе и во Битола.

Пазарџиите бараат Министерството за внатрешни работи во соработка со другите институции да ги дислоцираат овие продавачи и истите продажбата да ја вршат во рамките на организираните пазари.

Пазарџиите кои продаваат во организираните пазари, поради оваа нелојална конкуренција, имаат загуба од 20 проценти.

Цената на закуп на тезги е различна за секоја општина и изнесува од 3.000 до 5.500 денари, а за камионите таа е од 9.000 до 12.500 денари.


Потребни се законски измени за поголема заштита на потрошувачите


Скопје, 17 февруари, 2016 - 16:18 (META) 

Неопходни се измени на законската регулатива за заштита на потрошувачите и на конкуренцијата за да се подобри општата состојба во овие области, оценија претставниците на компаниите членки на Американската стопанска комора во Македонија, Државниот пазарен инспекторат и Организацијата на потрошувачите на Македонија на тркалезната маса во организација на комората.

– Постои голем јаз меѓу практиките на меѓународно конкурентните компании и локалната законска рамка. Поради ова, овие компании треба да бидат вклучени во подигнувањето на стандардите и во дефинирањето на правните обврски при заштитата на потрошувачите и на конкуренцијата – рече Мишел Османли, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија.

Присутните заклучија дека само директното вклучување на деловната заедница при подготвувањето на законските решенија што се однесуваат на заштитата на потрошувачите и на конкуренцијата, ќе доведе до поквалитетни решенија, кои вистински ќе одговорат на предизвиците со кои се соочуваат и потрошувачите и компаниите.


Ниското ниво на конкуренција, обележје на тендерите во првата половина од годинава


Скопје, 10 декември, 2015 - 10:59 (META) 

Ниското ниво на конкуренција, со што се доведува во прашање ефективноста во трошењето на јавните пари, останува обележје на тендерите и во првата половина од 2015 година. Советот за јавни набавки, основан за да ја зголеми конкуренцијата, досега не даде резултати.

Ова е дел од клучните наоди од надзорот на постапките за јавни набавки на Центарот за граѓански комуникации, кој денеска ги објави резултатите за првото полугодие од 2015 година.

Во првото полугодие од годинава фирмите доставиле најмал број жалби во изминатите неколку години. Вкупно до Државна комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН) се доставени 252 жалби, што е за дури 23,6 отсто помалку од истиот период лани. Повеќе од половина од жалбите се доставени од фирми кои ги оспоруваат донесените одлуки за избор на најповолна понуда во тендерите.

До Советот за јавни набавки во првото полугодие од годинава се доставени 10.362 барања за согласност, што ги чинело институциите дури 74,3 милиони денари, односно 1,2 милиони евра.

Воведената контрола ги дисциплинираше институциите и ги принуди да го намалат користењето на нетранспарентната постапка со преговарање без претходно објавување оглас. Во првото полугодие од 2015 година, вредноста на овие договори изнесува околу 11,5 милиони евра и е за 61,4 проценти помала од истиот период лани.

Во првото полугодие од 2015 година поништени се 18,5 проценти од огласените тендери. Со ова е забележан благ пад на бројот на поништувања на тендерите во однос на претходните периоди.

 


Продолжуваат протестите на француските фармери поради цените на храната


Париз, 27 јули, 2015 - 14:31 (META) 

Француските фармери денеска ги блокираа патиштита и ги запираат камионите што превезуваат земјоделски производи од Германија и од Шпанија, протестирајќи поради „нефер“ ценовната конкуренција, јавуваат медиумите.

Фармерите, во неделата доцна вечерта, повторно ги паркирале своите трактори на неколку патишта во близина на границата со Германија и со Шпанија, протестирајќи против цените на храната. Протестите на незадоволните земјоделци траат една недела, поради што е отежнат сообраќајот речиси во цела Франција.

Француските земјоделци се погодени од слабата потрошувачка на месо, намалените испораки во Кина и забраната на Европската унија за извоз на прехранбени производи во Русија.

Според процените на француската влада, околу 10 отсто од фармерите во земјата се соочуваат со банкрот.

Земјоделците реагираат и на поевтината цена на работната сила во соседните земји.

Така, одгледувачите на аспарагус во Германија на работниците од Источна Европа им плаќаат 5 евра од час, споредено со 12 евра од час во Франција.