Николовски: Се водат разговори за пласман на македонската зелка на рускиот пазар


Скопје, 16 април, 2018 - 14:57 (META) 

Се следи состојбата со откупот и цената на пролетната зелка и се преземаат мерки за понуда на рускиот пазар, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.

Украина и Русија засега не увезуваат македонска зелка затоа што имаат прилив од други земји по многу поконкурентни цени.

– Вложуваме максимални напори да го олесниме извозот, но притисокот од други земји е многу голем и си го прави своето. Цената е многу поконкурентна од нашата, и ние правиме напори за да обезбедиме пласман – изјави Николовски.

Тој додаде дека изминатиов период со Москва се разговарало и за царинските давачки кон Македонија.

Инаку цената на зелката во моментов е 12 денари за килограм.


Владата ќе го укине Советот за јавни набавки за да ги поедностави процедурите


Скопје, 3 ноември, 2017 - 15:54 (META) 

Владата ќе го укине Советот за јавни набавки, бидејќи со неговото воспоставување, јавните набавки станале покомплицирани и се одвивале во подолг рок од предвидениот, рече денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски, на дебатата „Реформа во системот за јавни набавки“.

– Со Советот за јавни набавки, јавните набавки тешко се спроведуваат, имаат бројни неоправдани бирократски бариери, кои не само што не придонесуваат да се спречат можните злоупотреби, туку доведуваат до блокирање на институциите и ги спречуваат во нивното функционирање – рече Тевдовски.

Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации смета дека треба да се води грижа за квалитетот на бараните производи или услуги, да се напуштат принципот на најниска цена и електронските аукции.

Според неа, реформите во овој дел се многу важни бидејќи една третина од буџетот се јавните набавки.


ЕБОР одржа работилница за компаниите за стока за широка потрошувачка


Скопје, 26 мај, 2016 - 11:47 (META) 

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) одржа работилница за начините за зголемување на конкурентноста и градењето на извозните капацитети на македонските компании за стока за широка потрошувачка.

Учесниците разговараа за најдобрите меѓународни пракси во индустријата, пазарните трендови и стратегиите за развој на извозот.

– Свесни сме дека компаниите имаат потреба од финансирање на нивните бизниси, но потребно им е практично знаење за подобрување на работењето и растот. ЕУ и ЕБОР креираа посебна програма за користење на финансиските инструменти, основана под Фондот за развој и иновација на претпријатијата. Нашата цел е да ја подобриме подготвеноста за инвестирање на малите бизниси, кои се носител на економијата на Западен Балкан – изјави раководителот на економскиот оддел во Делегацијата на Европска унија во Македонија, Јаромир Левичек.

Малите и средни претпријатија играат важна улога во економијата на Македонија и учествуваат со 21,5 отсто во производството, а заедно со агро-секторот придонесуваат со околу 10 проценти во БДП.

Преку проектот за советодавни услуги на ЕБОР наменет за компаниите во земјата, во рок од една година се зголеми обртот за скоро 50 отсто, а продуктивноста забележа раст од над 50 отсто во над 70 отсто од компаниите, кои ги прошируваа нивните бизниси. Повеќе од половина од нив, бележат значајно креирање на работните места, а над 20 отсто успеваат да обезбедат надворешни фондови за финансирање на нивниот раст.