Борат го прелажа „путиновиот конгресмен“ Рорабакер, кој ја делеше и ништеше Македонија


Вашингтон, 17 јули, 2018 - 14:02 (META) 

Во својата нова провокативна комична серија „Who is America? (Која е Америка?)“, британскиот комичар Саша Барон Коен ги прелажа контроверзниот американски конгресмен Дејна Рорабакер, неговиот колега Џо Вилсон, како и поранешните сенатор и конгресмен Трент Лот и Џо Волш, да дадат јавна поддршка за измислената програма „Киндергардианс“, со која наводно на децата во градинките во Израел од тригодишна до 16 годишна возраст им се дава оружје скриено во играчки или накитено со нив и се обучуваат да пукаат „како мерка за справување со растечкото оружено насилство“ и истата да се копира и во САД.

Во видеото што им го презентирал на прелажаните се претставува и пешадиско оружје и ракетни фрлачи „за млади“, кое наводно се користи во Израел.

Коен им пристапил на соговорниците претставувајќи се како „израелски антитерористички експерт“, полковник Еран Морад. Во новата серија, која почна да се емитува вo неделата на каналот „Шоутајм“, Коен глуми четири лика и прави сатира на политичкиот и културниот живот во САД во ерата на Доналд Трамп.

Во првата епизода негови жртви се конгресмените Рорабакер, познат по своите изјави за Голема Албанија и за поделба на Македонија, по коишто се извинуваше, и Џо Вилсон, поранешните сенатор и конгресмен Трент Лот и Џо Волш, од кои првиот сега е лобист, а вториот радио-водител, како и низа поборници на слободното носење оружје.

Претставувајќи се како „терминатор за терористи“ тој ги интервјуира соговорниците, и за разлика од младиот републикански конгресмен од Флорида, Мет Гец, кој вели дека работите не функционираат така што конгресмените веднаш даваат поддршка пред камера за нешто што првпат го слушнале, Рорабакер и Вилсон „како од пушка“ велат дека идејата е одлична.

Рорабакер, републиканскиот конгресмен од 17-от округ во Калифорнија познат и како „омилениот конгресмен на Путин“, во февруари минатата година ја разлути владата и македонската јавност со изјавата дека „Македонија не е држава“.

– Со ова ќе ги разлутам сите, но што ми е гајле. Македонија не е држава. Жал ми е, ама не е држава – рече Рорабакер во интервју за албанската телевизија „Визион Плус“.

Претседателот на подкомисијата за Европа, Евроазија и растечките закани на Долниот дом на Конгресот на САД, потоа рече дека Косоварите и Албанците во Македонија „треба да бидат дел од Косово“, а остатокот од Македонија „треба да биде дел од Бугарија или која било друга држава со која се поврзани“.

Откако јавноста реагираше бурно, Рорабакер „дообјаснуваше“ што сакал да каже, обидувајќи се да се извлече од ситуацијата.  Тој потоа во официјална изјава рече дека Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите.

„Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства. Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврди суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам“, рече Рорабакер неколку дена подоцна.

Саша Барон Коен се враќа со нов проект речиси една деценија по „Али Џи“, а најпознат е по неговиот филм за Борат од Казахстан во посета на САД.


„Путиновиот конгресмен“, Рорабакер, божемно го поддржува договорот за името и провоцира


Вашингтон, 27 јуни, 2018 - 11:37 (META) 

Дејна Рорабакер, републиканскиот конгресмен од Калифорнија, што го нарекуваа „омилениот конгресмен на Путин“ и многу пати се огласуваше во полза на идејата за Голема Албанија, а исто така и предизвика сериозна вознемиреност со неговата изјава дека Македонија „не е држава“ и треба да се подели, го поздрави Договорот меѓу Македонија и Грција.

Во обраќањето преку неговата официјална страница, по потпишувањето на Договорот во Нивици (Псарадес) на брегот на Преспанското Езеро во Грција, тој вели дека посебно го радува благонаклоноста со која „новоименуваниот народ го прифаќа својот идентитет“ како Северномакедонци.

„За мнозина од нас, оваа работа изгледа тривијално, во најдобра рака како мал проблем. Но за луѓето во регионот, тоа беше сериозно вознемирувачки проблем во меѓудржавните односи. Ги комплицираше трговијата и дипломатијата и требаше да се разреши мирно“, објаснува Рорабакер.

Тој во соопштението посебно се задржува на „благонаклоноста“ со која народот го прифаќа новиот идентитет како Северномакедонци“.

„Од срце го поздравувам овој договор и се надевам на брза ратификација од законодавните домови во двете земји. Ова е уште еден доказ дека растечките сентименти посветени на националните интереси по целиот свет може спокојно да се третираат и дека несогласувањата може да се разрешат во духот на мирот и соработката без интервенции на глобалистичките суперсили. Посебно ја поздравувам благонаклоноста со која новоименуваниот народ го прифаќа својот идентитет како Северномакедонци“, вели Рорабакер.

Во февруари минатата година овој конгресмен ја разлути тогашната влада и македонската јавност со изјавата дека Македонија не е држава.

– Со ова ќе ги разлутам сите, но што ми е гајле. Македонија не е држава. Жал ми е, ама не е држава – рече Рорабакер во интервју за албанската телевизија Визион Плус.

Претседателот на Подкомисијата за Европа, Евроазија и растечките закани на Долниот дом на Конгресот на САД потоа рече дека Косоварите и Албанците во Македонија „треба да бидат дел од Косово“, а остатокот од Македонија „треба да биде дел од Бугарија или која било друга држава со која се поврзани“.

Откако јавноста реагираше бурно, Рорабакер „дообјаснуваше“ што сакал да каже, обидувајќи се да се извлече од ситуацијата.  Тој во официјална изјава рече дека Македонија е легитимна држава со право на самоопределување и почитување на границите.

„Мојот коментар алудираше, можеби погрешно, на мојата загриженост кон предизвиците во внатрешното владеење со кои Македонија се соочува во врска со етничките малцинства. Јас во никој случај не сакав да кажам дека некој друг, освен Македонците треба да го утврди суверенитетот или границите на Македонија. Ако моите зборови беа сфатени на друг начин, јас длабоко се извинувам“, рече Рорабакер неколку дена подоцна.

Рорабакер, кој е избран во Оринџ Каунти, инаку важи за еден од најголемите руски пријатели во Конгресот. Тој влезе во центарот на вниманието во февруари годинава, кога Ричард Гејтс, поранешен соработник во кампатањата на Трамп се изјасни како виновен за лажењето за средбата во 2013 година помеѓу Рорабакер, поранешниот шеф на кампањата на Трамп, Пол Манафорт и еден лобист.

Дополнително, во 2016, водачот на парламентарната група на мнозинството во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, исто така републикански конгресмен од Калифорнија како и Рорабакер, им рекол на другите републикански претставници оти смета дека и Трамп и Рорабакер се платеници на Русите. Но Мекарти подоцна рече дека тоа е шега.


Аналитичари на Конгресот ќе ја испитуваат помошта на САД во Македонија


Скопје, 7 ноември, 2017 - 17:07 (META) 

Аналитичари од Канцеларијата за отчетност на владата на САД (Government Accountability Office – GAO) престојуваат во Македонија за да извршат теренски активности, што произлегуваат од оценувањето на помошта што САД ја даваат за развој на демократијата во Македонија, соопшти Амбасадата на САД во Македонија.

„ГАО ги спроведува овие активности по барање на претседавачот со поткомитетот за Африка, глобално здравје, глобални човекови права и меѓународни организации и на Комисијата за надворешни работи, конгресменот Крис Смит и на уште шест негови колеги од претставничкиот дом на САД“, се наведува во соопштенито.

Канцеларијата за отчетност на владата на САД, се додава во него, планира да го објави извештајот на крајот на летото или почетокот на есента 2018 година, а тогаш се очекува тој да биде достапен и за јавноста.

Инаку, конгресменот Крис Смит на почетокот на годинава обвини дека УСАИД и Фондацијата на милијардерот и филантроп Џорџ Сорос трошат пари од донаците што ги плаќаат американските граѓани за финансирање на поранешни комунистички, левичарски и либерални организации и партии во Европа и во Македонија.

Канцеларијата за отчетност нa владaта на САД е орган на Конгресот за вршење ревизија, евалуација и истраги.

Таа испитува како се користат јавните фондови, ги оценува федералните програми и политики и обезбедува анализи и препораки за да помогне Конгресот да носи информиран одлуки поврзани со надзор, политики и со финансирање.


Џафери: Македонија заедно со САД, ЕУ и со НАТО подготвува стратегија за кибер-одбрана


Рига, 19 јуни, 2017 - 13:49 (META) 

Македонија во соработка со САД, Европската Унија и со НАТО подготвува стратегија за кибер-одбрана, со која треба да се зајакнат капацитетите на државната безбедност. Ова го истакнал претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на денешната средба со Роберт Питинџер, американски конгресмен и претседател на конгресната работна група за тероризам и за неконвенционално војување.

Средбата меѓу Џафери и Питинџер се одржала во Рига, Летонија, каде спикерот на македонскиот парламент учествува на меѓународен безбедносен форум, чиј иницијатор е американскиот конгресмен.

На средбата, како што информираат од кабинетот на Џафери, тој и Питинџер разговарале за прашања поврзани со безбедноста на регионот, борбата против тероризмот и кибернетичкиот криминал, како и потребата од стратегија за одбрана од кибернетички напади.

„Претседателот Џафери информираше дека Република Македонија, во тесна соработка со САД, ЕУ и со НАТО, е во процес на подготвување стратегија за кибернетичка одбрана, со која ќе се зајакнат капацитетите на државната безбедност. Претседателот Џафери ја истакна подготвеноста на Собранието на Република Македонија да биде домаќин на Парламентарниот безбедносен форум во наредните години, со што ќе им се овозможи на парламентарците, претставниците на владите и на експертите од областа да разменат поблиски искуства во доменот на овие безбедносни предизвици“, стои во соопштението за средбата.

Џафери и Питинџер истакнале дека билатералната соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Конгресот на САД и понатаму ќе се одвива на пријателски и на конструктивен начин и во тој контекст била реафирмирана и поддршката на САД на Македонија за интеграцијата на земјава во НАТО.


Координаторот на републиканците во Конгресот на САД ранет во вооружен напад


Вашингтон, 14 јуни, 2017 - 15:53 (META) 

Висок претставник на републиканците во Конгресот на САД, денеска бил ранет во вооружен напад за време на бејзбол-тренинг во Вирџинија, јавуваат американските медиуми.

Полицијата од Александрија, предградие на Вашингтон, соопштила дека во тек е истрага поврзана со „повеќекратни пукотници“ и дека осомничениот е уапсен и се наоѓа во притвор.

Конгресменот од Алабама, Мо Брукс, за „Си-ен-ен“ изјавил дека во нападот бил ранет координаторот на републиканците во Конгресот, Стив Селис.

Нападот се случил додека конгресмените се подготвувале за годишниот бејзбол-натпревар помеѓу демократите и републиканците, кој треба да се одржи утре на стадионот на бејзбол-клубот „Вашингтон нешнлс“.

Засега не е познат идентитетот на напаѓачот, ниту мотивите за пукањето.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, по нападот изјави дека тој и неговата администрација се длабоко погодени од оваа трагедија.

Според конгресменот Мо Брукс, по првите пукотници дошло до престрелка помеѓу напаѓачот и обезбедувањето на конгресменот Селис и дека на местото на настанот биле испукани помеѓу 50 до 100 куршуми.

Републиканскиот сенатор од Јута, Мајк Ли, за „Фокс њуз“ изјавил дека Селис бил ранет во колкот, но дека е надвор од животна опасност.


Руско МНР: Провокација се тврдењата дека Лавров заговарал поделба на Македонија


Москва, 14 февруари, 2017 - 11:21 (META) 

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров никогаш не дал изјава во која наводно заговара поделба на Македонија, стои во реакцијата на Министерството за надворешни работи на Русија на текст на македонската редакција на „Дојче веле“ со наслов „Предлогот на Рорабакер- верзија на стар руски предлог?“

– Забележавме дека во написот на македонското издание на „Дојче веле“, идејата за поделба на Македонија на невиден начин се обидува да му се припише на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Лавров никогаш не дал таква изјава. Напротив тој остро ги осудува ваквите шпекулации – стои во соопштението на руското МНР.

Оттаму велат дека „очигледно е дека оваа фикција е чиста провокација, чија цел е да ја расипе сликата за Русија на Балканот и уште повеќе да ја „подгрее“ ситуацијата во Македонија“.

– Бесрамните мешања на поранешната администрација на САД и на Европската Унија во внатрешните работи на Македонија, употребата на деструктивни методи како што е „обоена револуција“ во обидот да се наметне план за формирање на влада, спротивно на ставот што граѓаните на земјата го искажаа на предвремените парламентарни избори на 11 декември 2016 година, не беа отфрлени од споменатиот издавач. Убедени сме дека таквите акти на крајот ќе доведат до поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија – се вели во реакцијата на руското Министерство за надворешни работи.

Инаку, во текстот на кој реагира руското МНР, објавен на 9 февруари, „Дојче веле“ го цитира виенски „Стандард“, кој вели дека: „Сличен предлог за поделба на Македонија, која во времето на бегалската криза и за Австрија играше решавачка улога, во игра внесе рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, уште во 2015 година. И тогаш Бугарија, Албанија и Косово го отфрлија предлогот, исто како и македонската влада.“

Конгресменот Рорабакер, кој воедно е и претседател на Подкомитетот за европски работи на американскиот претставнички дом, минатата недела во интервју за албанската телевизија „Визион плус“, изјави дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.

Американскиот интернет-магазин „Политико“ во текст објавен во ноември минатата година, го нарекува Рорабакер „омилениот конгресмен на Путин“.


„Политико“: Рорабакер е омилениот конгресмен на Путин


Вашингтон, 8 февруари, 2017 - 18:24 (META) 

„Ова лето (2016 година, н.з.) републиканцот Дана Рорабакер искористил информација што ја дoбил директно од руската влада за да промовира еден од главните приоритети на претседателот Владимир Путин: отстранувањето на името на рускиот адвокат Сергеј Магнитски од глобалниот антикорупциски закон“.

Вака почнува текстот со наслов „Омилениот конгресмен на Путин“ на американскиот интернет-магазин „Политико“, објавен на 23 ноември 2016 година, две недели по изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.

Имено, повеќе независни истраги ги обвинуваат руските власти за смртаа на Магнитски, кој почина в затвор, откако објавил докази за кражба на околу 230 милиони долари од страна на функционери блиски на режимот на Путин. Во 2012 година, Конгресот им го забрани влезот во САД и користењето на банкарскиот систем на земјата на функционери, наводно, поврзани со убиството на Магнитски. Минатата година, американските законодавци, како што пишува „Политико“, сакале да го прошират антикорупцискиот акт така што ќе опфатат и функционери од други држави одговорни за кршење на човековите права.

Во текстот „Политико“ тврди дека руските власти преку Рорабакер се обиделе да излобираат Конгресот на САД да се откаже од проширениот закон со името на Магнитски на него. Во дел од написот се наведуваат и некои сличности во ставовите на Трамп и на Рорабакер, особено околу тоа дека е потребно затоплување на односите со Русија.

Конгресменот Рорабакер, кој воедно е и претседател на Подкомитетот за европски работи на американскиот претставнички дом, во моментов е актуелен во Македонија по своите изјави во интервјуто за албанската телевизија „Визион плус“, дека „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.

Неговите изјави предизвикаа жестоки реакции во земјава, а македонското Министерство за надворешни работи по тој повод побара став од Стејт департментот на САД за изјвата на конгресменот.


Платформата „Македонија 2025“ ги осудува коментарите на американскиот конгресмен


Скопје, 8 февруари, 2017 - 15:09 (META) 

Платформата „Македонија 2025“ остро ги осудува коментарите на републиканскиот конгресмен Дана Рорабакер и повикува да се повлече неговото претседаваштво на конгресниот Поткомитет за Европа, Евроазија и новите закани, се вели во соопштението на „Македонија 2025“.

– Крајно е неодговорно за високорангиран конгресмен на САД отворено да го пропагира уништување на една независна нација. Во овој случај, повикот за делба на Македонија сериозно ја потценува политиката на САД во Југоисточна Европа, но, исто така, го потценува и претседателот на САД, Доналд Трамп – се додава во соопштението.

Оттаму оценуваат дека демократскиот процес со несигурен резултат не значи дека една независна и суверена нација треба да биде оставена на цедило, туку дека ова прашање бара поддршка и посветување од сите страни.


ОМД бара конгресменот Рорабакер да биде отповикан поради изјавата за Македонија


Вашингтон, 8 февруари, 2017 - 10:03 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ги повика претседателот на Конгресот на САД, Пол Рајан, и лидерот на мнозинството во Конгресот, Кевин Мекарти, итно да го отповикаат конгресменот Дана Рорабакер (републикански претставник од Калифорнија) од функцијата претседател на Подкомитетот за европски работи, поради неговата изјава во интервју за „Визион плус“ од Тирана.

Од ОМД велат дека Рорабакер „уште еднаш се посрамоти сам себе, своите гласачи и својата партија со крајно неодговорен напад против Република Македонија“ и нагласуваат дека членовите на Конгресот не би требало да бидат иницијатори на конфликти на Балканот и не смеат да се поистоветуваат со етно-националните агенди застапувани од страна на одредени балкански политичари.

– Повикот на постојниот претседател на Подкомитетот за Европа и за Евроазија и потенцијалните закани за поделба на верен сојузник на САД се истовремено смешни и крајно опасни. Македонија работи напорно да ги преброди долготрајните дестабилизирачки ефекти од насилната агресија во 2001 година од страна на терористи од албанска национална припадност. Напредокот кон стабилност во регионот е секогаш заснован на меѓународна гаранција за непроменливост на државните граници. Со ваквата директна изјава на високо позициониран претставник од Републиканската партија за уништување на Македонија, истовремено сериозно се поткопува политиката на САД во Југоисточна Европа и позициите на претседателот Доналд Трамп – вели претседателот на ОМД, Методија Колоски.

Инаку, во текот на интервјуто за телевизијата „Визион плус“ од Албанија, Рорабакер изјави „Македонија не е држава“, дека „Косовците и Албанците од Македонија треба да станат дел од Косово“, а „другиот дел од Македонија треба да стане дел од Бугарија или која било друга држава на која сметаат дека ѝ припаѓаат“.


МНР побара став од Стејт департментот за изјавата на конгресменот Рорабакер


Скопје, 7 февруари, 2017 - 9:38 (META) 

Министерството за надворешни работи на Република Македонија преку македонската амбасада во Вашингтон, по дипломатски пат побарало став од американскиот Стејт департмент за изјавите на американскиот конгресмен Дана Рорабакер, изнесени во интервју за „Визион плус“ од Тирана.

„Конгресменот e член на Комитетот за надворешни работи и претседател на Поткомитетот за европски работи. Неговите искажани ставови предизвикуваат голема вознемиреност околу Македонија и во регионот. Тие разгоруваат националистичка реторика во соседството, со што нè враќаат во минатото. Веруваме дека Стејт департментот соодветно ќе отстрани секаква дилема околу изнесените позиции, како и дека ќе ја афирмира својата политика кон Македонија и кон Балканот“, се вели во соопштението на МНР.

Американскиот конгресмен Дана Рорабакер во интервјуто за „Визион плус“ рече дека Македонија не е држава и дека треба да се подели. Рорабакер истакнал дека создавањето на македонската држава е пропаднат проект и сега, според него, сите околности се создадени за нејзините делови да им се дадат на соседните држави, вклучувајќи ги и Косово и Бугарија.