Закерберг се извини во Европскиот парламент за злоупотребата на податоците од „Фејсбук“


Брисел, 23 мај, 2018 - 11:36 (META) 

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг се извини пред пратениците во Европскиот парламент, порачувајќи дека компанијата не направила доволно за да ги спречи злоупотребите од оваа социјална мрежа и дека регулацијата е важна и неминовна.

„Не ја разгледавме во потполност нашата одговорност. Тоа беше грешка и жалам поради тоа“, изјави Закерберг.

Тој одбил да одговори на прашањето дали имало размена на податоци помеѓу „Фејсбук“ и неговите подружници како „Уац ап“ и дали ќе преземе чекори за да им овозможи на корисниците да ги блокираат таргетираните рекллами.

Сведочењето на Закерберг следува откако е откриено дела личните податоци на повеќе од 87 милиони корисници се злоупотребени од страна на консултантската куќа „Кембриџ аналитика“ за политички цели.

Закерберг за овие злоупотреби сведочеше и во американскиот Конгрес, но одби да сведочи во британскиот парламент каде што ја испрати неговата соработничка.


Традиционалниот Меѓународен металуршки конгрес ќе се одржи во Охрид, од 30 мај


Скопје, 14 мај, 2018 - 12:55 (META) 

Традиционалниот Меѓународен металуршки конгрес „Металургијата, материјалите и заштитата на животната средина“ ќе се одржи од 30 мај до 3 јуни во Охрид.

Претседателот на Здружението на металурзите при Стопанската комора на Македонија, Свето Цветковски истакна дека целта на овој конгрес е најновите научни достигнувања да се доближат до индустријата.

– Добро е да се види кои се новите научни достигнувања, а ќе биде организирана и тркалезна маса за продлабочување на соработка помеѓу начуните институции и компаниите. Соработката треба да се негува и да биде на повисоко ниво. Технолошко-металуршкиот факултет треба да биде сервис на индустриите кои ќе ги користат придобивките од научните истражувања. Индустријата без наука на оди – рече Цветковски.

На конгресот ќе бидат презентирани 30 научни труда, но ќе има и презентација на фирми. Ќе учествуваат гости од Турција, Србија, Бугарија, Романија, Шведска, Австрија и Украина.


Касами објави дека со судска одлука останува претседател на Беса, Гаши вели дека лаже


Скопје, 3 април, 2018 - 16:14 (META) 

Препукување меѓу двете крила на Движењето Беса се случи денеска, откако Биљал Касами објави дека со судска одлука, тој е претседател на Беса. Набргу одговори водачот на спротивставеното крило, Африм Гаши, кој тие наводи ги нарече измама. Тој рече дека работите ќе ги утврди вистински Управниот суд. Гаши отиде и чекор понатаму и го нарече противничкиот табор „фалсификатори“ и најави дека ќе поднесе тужба за фалсификат пред Управниот суд, како и кривична пријава во Јавното обвинителство.

Билал Касами, претседателот на Беса сè до поделбите во јануари годинава, откако стои на чело на едното од двете крила, денеска на прес конференција објави дека Основниот суд Скопје 2 донел одлука која како што рече потврдила дека Движењето Беса е единствена партија, односно дека неговото крило е легитимниот претставник на партијата.

Според решението од Основен суд Скопје 2 што го презентираше Касами, барањето за упис на промени во Судскиот регистар на политички партии поднесено од крилото на Африм Гаши, со кое се доставени записници од првиот конгрес на движењето на 18 феруари години и изборот на претседател на партијата, е одбиено. Со тоа, според Касами, тој е единствениот претседател на партијата.

– Движењето Беса е едно, а тоа сме ние. Со оваа одлука на судот се отфрла неоснованото барање на неформалната група, што укажува на тоа дека партиските тела ги избираат нејзините членови, а не од сомнителни кругови кои не го сакаат доброто на Албанците и кои не се во служба на Албанците – рече Касами.

Досегашниот претседател ги повика сите сопартијци да се вратат во Беса каде им се отворени вратите.

По повеќе од час и половина прес-конференција одржа и Африм Гаши, кој рече дека одлуката на Основен суд Скопје 2 е само првостепена одлука. Тој крилото на Касами го нарече фалсификатори и порача дека вистинската ситуација ќе ја одреди Управниот суд, кој ќе треба да решава за фалсификат, а најави и кривична пријава до Јавното обвинителство.

-Всушност се работи само за првостепена одлука, која е донесена врз фалсификуваните документи од претходниот правен застапник на Беса. Но, судскиот спор продолжува. Тука сме да објасниме и дека Основниот суд повторно и многу брзо ќе се произнесе пак, по одлуката на Управниот суд за фалсификување на документи и нивно поништување, а се очекува и разрешница од кривичната пријава доставена до Јавното обвинителство кон Фалсификаторот, со што несомнено би следело и промена на првостепената одлука – рече Африм Гаши.

Тој го повика  членството и подржувачите на Движењето Беса „да не подлегнуваат на измамите на тие кои знаат да фалсификуваат сешто и на крај стануваат заложници на нивното фалсификување“.


Тетовското крило на Беса в сабота ќе бира лидер, скопското вчера го избра Гаши


Скопје, 19 февруари, 2018 - 14:04 (META) 

Крилото на досегашниот претседател на Движењето Беса, Билал Касами, објави дека партијата ќе го одржи својот прв партиски конгрес на 24 февруари. Вчера, пак, скопското крило одржа конгрес на кој за претседател беше избран Африм Гаши.

Абдуш Демири, најавувајќи го конгресот на денешната прес-конференција на партијата во седиштето во Скопје, рече дека нема да коментираат собири на „други партии и групи“.

-Ние не коментираме собири на други партии и групи. Овде сме да коментираме само ставови на движењето Беса. Политичките партии се регистрирани во централниот регистар и можат да имаат само еден конгрес. После завршувањето на конгресот, ние целокупната документација од конгресот, ќе ја доставиме до судот. Движењето Беса има само еден конгрес и тој ќе се одржи на 24 февруари во Скопје – потенцираше Демири.

Тој рече дека секој кој што сака да се кандидира за претседател на Беса, треба да собере најмалку една десетина од вкупниот број на пријавени делегати за конгресот на 24 февруари.

– За првиот конгрес евидентирани се вкупно 505 делегати со територијална распределба врз основа на пропорцијата предвидена во Деловникот за организирање на конгрес. Бидејќи се знае листата на делегатите, ние ги охрабруваме сите кандидати во согласност со статутарните норми, да собираат потписи и да се натпреваруваат за функцијата – додаде Демири.

Скопското крило на Движењето Беса вчера го избра Африм Гаши за нов претседател. Од вкупно 575 делегати, за него на конгресот во Тетово гласале 522. Гаши вети дека отсега БЕСА ќе биде партија на сите народи што живеат во Македонија и што ги бараат своите права. Тој потенцираше дека приоритет ќе бидат евроатлантската интеграција на земјата, подобар живот за граѓаните и еднаква правда за сите.

И од скопскиот и тетовскиот огранок на Беса велат дека чекаат судска одлука, за тоа кое крило ќе ги задржи името, логото и печатот на партијата.


Касами: Не постојат две движења Беса, на Конгресот секој може да се кандидира за лидер


Скопје, 9 јануари, 2018 - 15:53 (META) 

Не постојат две движења Беса, има само едно кое работи согласно одлуките донесени на состанокот на Централниот совет во Тетово на 6 јануари годинава, изјави Билал Касами на прес-конференција.

– Апелирам до сите, ако навистина се дел од движењето Беса, да дојдат и да ги претстават кандидатурите за лидер на партијата согласно определените рокови, да направиме една здрава и демократска трка. Секој што мисли дека има мнозинство во партиските структури може слободно да се кандидира на Конгресот за да стане претседател на Беса – рече Касами.

Тој соопшти дека на Конгресот ќе се кандидира за претседател на партијата и потенцираше дека нема скопски и тетовски огранок.

– Беса има 30 ограноци низ целата држава и сите се во линија на Движењето согласно статусот. Нема раскол, има луѓе кои не се задоволни. Затоа ги охрабрувам во процесот да се придржат до статутарните норми. Вчера влегов во седиштето, но тоа не го направив насилно. Како можам насилно да влегувам во своја куќа? – праша Касами.

Тој информираше дека денеска во 18 часот во Владата ќе има средба со премиерот Зоран Заев, но дека средбата нема врска со последните случувања затоа што таа била договорена претходната недела. Тема на средбата ќе биде поддршката на реформскиот тек на Владата во Собранието каде што Беса има пет пратеници.

Прашан дали е можна коалиција со Владата, рече дека тоа е динамички процес и дека секогаш има можност за влез и излез, но во моментот тоа не е тема.

Во однос на наводите на пратеникот Каремани за закани по живот, Касами рече дека не одобрува никакво насилство и дека Каремани ја има неговата поддршка дека таквите наводи треба да ги решат органите на правдата.


Тетовскиот огранок на Беса бара да се почитуваат легитимните органи на партијата


Тетово, 7 јануари, 2018 - 15:53 (META) 

Портпаролот на Движењето Беса, Абдуш Демири денеска информираше дека, членовите на Централниот одбор што вчера одржале неформален состанок во Скопје биле поканети да присуствуваат на состанокот на Централниот совет на Движењето Беса во Тетово.

– Последните информации ни беа дека тие ќе дојдат, но во последен час слушнавме дека тие одржуваат некој неформален состанок во Скопје, на кој што донеле нелегитимни одлуки. Централниот совет и Движењето Беса се овде во Тетово – изјави Демири.

Во однос на посебните одлуки во Скопје и во Тетово за одржување на прв Конгрес на Беса, Демири рече дека не може да коментира неформални состаноци и одлуки.

– Можам да коментирам само околу легалниот состанок на Централниот совет на Беса што се одржа во Тетово, на кој се одлучи дека, на 24 февруари ќе биде организиран првиот Конгрес на Движењето Беса и каде беше избрана комисија од седум членови која ќе го координира целиот процес за Конгресот. До Конгресот, Движењето Беса ќе го води досегашниот претседател Билал Касами – рече Демири.

Денеска и претседателката на Форумот на жени на Беса од Тетово, Хатије Етеми побара од пратеникот од тетовскиот регион Неџбедин Каремани, кој вчера на Централниот совет одржан во Скопје беше назначен привремено да ја води партијата, да ги почитува законските и легитимните органи на Беса и кажа оти претседател на партијата е Билал Касами.

– Бараме пратеникот Каремани, кој мандатот го доби од активистите од овие локални ограноци, да ги почитува законските и легитимните органи на Движењето Беса, да го почитува легитимниот претседател на Беса, Билал Касами, кој и му го отстапи пратеничкиот мандат на Каремани – изјави Етеми.

Вчера, опозициската партија Беса одржа два паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово – на кои беа донесени дијаметрално спротивни одлуки.

На собирот во Скопје од лидерската позиција е сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување Конгрес, три дена подоцна, до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.

Лидерот на Движењето Беса, Билал Касами пак, синоќа пријавил во полиција дека не може да влезе во седиштето на партијата во Скопје. Тој известил дека три часа бил спречен да влезе во просториите на партијата од страна на членови на обезбедување, кои не ги познавал.


Раскол во Беса: Два централни одбора, две најави за конгрес, нејасно е кој ја води партијата


Скопје, 6 јануари, 2018 - 19:35 (META) 

Опозициската партија Беса е во длабок раскол по двата паралелни собири на највисокиот партиски орган, Централниот совет – еден во Скопје и друг во Тетово – на кои беа донесени дијаметрално спротивни одлуки. На собирот во Скопје од лидерската позиција е сменет Билал Касами, заради „политичкиот пад на партијата“ и е најавен конгрес на 21 февруари, а во Тетово е донесена одлука за свикување конгрес три дена подоцна до кој со партијата и натаму ќе раководи актуелниот лидер.

Паралелните собири следат откако  оставка на потпретседателската функција во партијата поднесе експратеникот Зеќирија Ибрахими.

На седницата на Централниот совет оддржана во Скопје, на која присуствувале 64 од вкупно 106 членови на овој највисок партиски орган, за привремен претседател на партијата е назначен најстариот партиски функционер,пратеникот Неџбедин Каремани. Од собирот во Скопје за 21 февруари е закажан и конгрес на партијата, на кој ќе треба да се избере новото раководство.
Во Тетово, присутните донеле одлука конгресот да се оддржи на 24 февруари, а дотогаш со партијата и натаму да раководи актуелниот претседател Билал Касами.

На парламентарните избори во декември 2016 година Беса освои пет пратенички места. Пред локалните избори, со најавите на своите градоначалнички кандидатури, Касами и Ибрахими поднесоа оставки на своите дотогашни пратенички функции.


СДСМ: Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ да покаже одговорност и конструктивност


Скопје, 24 декември, 2017 - 13:34 (META) 

Од владејачката СДСМ и порачуваат на ВМРО-ДПМНЕ дека по конгресот и изборот на нов претседател на партијата, граѓаните и целата домашна јавност очекуваат новото раководство на опозициската партија да ги напушти досегашните политики на поделби, деструкции, лажни вести, блокади и сеење омраза и да даде конструктивен придонес во спроведувањето на зацртаните реформи.

„ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже одговорност пред граѓаните и интересите на државата и конструктивно да се вклучи во процесите што обезбедуваат економски раст, повисок животен стандард, слобода, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО како врвен државен и национален интерес“, велат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека новото време на соработка, пријателство, напредок и заедништво ги отвора перспективите на Македонија како едно демократско општество во кое сите граѓани ќе бидат еднакви спрема правата, обврските и законите.


Бенон и Левандовски добиле повик за сведочење


Вашингтон, 23 декември, 2017 - 16:07 (META) 

Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон и поранешниот шеф на кампањата Кори Левандовски, повикани се да сведочат пред конгресмените во истрагата за вмешаност на Русија во претседателските избори во 2016 година.

Двајцата добиле писма од одборот за разузнавачи работи на Конгресот, барајќи од нив да сведочат на почетокот на јануари.

Одборот се уште нема добиено одговор ни од Бенон ни од Левандовски.

Во писмото не се наведени конкретни причини поради кои одборот сака да ги интервјуира, ниту се наведени прашањата кои ќе им бидат поставени.


ВМРО-ДПМНЕ го прогласи Никола Груевски за почесен претседател


Валандово, 23 декември, 2017 - 13:52 (META) 

По завршувањето на долгиот говор, досегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски беше прогласен за почесен претседател на партијата на Конгресот кој што се одржува во Валандово.

Откако Груевски зборуваше час и половина за подемите и падовите на партијата, за разочарувањата кои ги доживеал од неговите најблиски соработници и по пораките кои ги упати кон новиот лидер на партијата, Коце Трајановски предложи делегатите да гласаат за предлогот Груевски да биде почесен претседател на партијата.

Предлогот беше усвоен без ниту еден глас „воздржан“ или „против“ по што на Груевски му беше доделена и плакета за благодарност за неговата работа во партијата.

Партиските делгати заминаа на ручек во локален ресторан, а продолжението на Конгресот е најавено за 15 часот.