Ебола се шири во милионски град во Конго


Киншаса, 17 мај, 2018 - 11:23 (META) 

Десетина дена откако во рурална област во Демократска Република Конго беа пријавени првите случаи на ебола, сега опасната и многу заразна болест ебола е регистрирана во градот Мбандака, кој има над милион жители и се наоѓа на 130 километри од местото на првиот регистриран случај.

Мбандака е транспортен јазол преку кој се оди до главниот град Киншаса.

Според министерот за здравство Оли Илунга Каленга, појавата на болеста во милионскиот град раѓа сериозен страв дека ширењето на еболата тешко ќе може да се контролира.

Досега се евидентирани 42 заразени лица, од кои 23 починале.

Еболата е многу заразна болест што предизвикува внатрешни крварења и честопати завршува со смрт на пациентот.


Се урна воен авион во Конго, загинаа 12 луѓе


Киншаса, 30 септември, 2017 - 19:55 (META) 

Воен товарен авион се урна во главниот град на Демократска Република Конго, Киншаса, при што животот го загубија сите 12 лица во авионот.

Претставник од Авијациската агенција на Конго нагласи дека станува збор за авион „антонов ан-12“, кој патувал кон градот Букаву, во источниот дел на земјата. Авионот се урнал откако претходно се обидел да се врати назад кон аеродромот кратко време по полетувањето поради техничка грешка.

Според медиуми од Конго, со авионот управувал руски екипаж, а тој превезувал две возила и муниција.

Поради премногу либералните закони за безбедност, авионските несреќи во Конго се многу чести.


Двајца претставници на ОН киднапирани во Конго


Бразавил, 13 март, 2017 - 19:48 (META) 

Непознати напаѓачи во Конго киднапирале двајца претставници на Обединети нации – државјани на САД и на Шведска, соопшти владата на Конго.

Како што се наведува во соопштението, Американецот Мајкл Шарп и Швеѓанката Заида Каталан „паднале во рацете на сили кои уште не се идентификувани“, заедно со уште четворица граѓани на Конго со кои биле во селото Нгомбе, во провинцијата Касаи.

Во соопштението не се наведува кога се случил инцидентот.

Министерот за информирање на Конго, Ламберт Менде, наведе дека надлежните служби, заедно со мисијата на ОН, работат на ослободување на киднапираните.


Масакрирани 22 цивили во Конго


Киншаса, 26 декември, 2016 - 11:07 (META) 

Најмалку 22 цивили се убиени за време на викендов во масакр во провинцијата Северен Киву во Конго, соопштија локалните власти.

Претставникот на провинцијата Северен Киву, Амиси Калонда, изјави дека „крвопролевањето“, за кое ги обвини бунтовниците од Уганда, се случило во градот Ерингети, кој е погоден со бран напади во кои настрадаа повеќе од 700 цивили.

Калонда наведе дека за вчерашниот напад се одговорни Обединетите демократски сили (АДФ), групи бунтовници во кои доминираат пуритански муслимани од Уганда.

– АДФ уште еднаш ги турна луѓето од Ерингери и од околните области во жалост – рече Калонда.

Тој рече дека АДФ вчера убиле 10 цивили, а уште 12 тела денеска се пронајдени во околните села.

„Нивниот начин на убивање е секогаш ист – вели Калонда и додава дека тие секогаш убиваат со ножеви и со мачети.


Во судир на два брода на езеро во Конго загинаа 27 лица


Бразавил, 12 јуни, 2016 - 17:26 (META) 

Најмалку 27 лица загинаа кога брод се преврти по судир со друг брод на езерото Маиндомбе во Конго.

Двата брода пловеле во спротивна насока, но биле пренасочени од вообичаената рута за да ја избегнат маглата, што довело до судирот, соопшти заменикот гувернер на Маиндомбе, Масамба Малика.

Тој изјави дека телата на починатите сè уште се наоѓаат во езерото и дека е можно да има уште настрадани. Спасувачките тимови трагаат по настраданите.

Малика додаде дека сè уште не е познато колку вкупно луѓе имало на бродот, но дека бродот не можел да прими повеќе од 10 лица.

Во декември минатата година во бродолом на истото езеро, 18 лица настрадаа, а 70 исчезнаа.


Десетина исчезнати во бродолом во Конго


Бразавил, 24 декември, 2014 - 10:30 (META) 

Десетина лица се водат за исчезнати откако брод потона во реката Конго, соопштија властите на Конго.

Како што јавуваат локалните медиуми, најмалку 100 патници ја преживеале несреќата, а за четворица е потврдено дека се починати.

Конгоанските власти соопштија дена немало список на патници на бродот, поради што не се знае точниот број на преживеани и на исчезнати. Според очевидци, на бродот имало повеќе од 200 патници.

Бродоломот доаѓа две недели по бродската несреќа на конгоанското езерото Тангањика, во која загинаа 130 лица.