Просечната месечна нето-плата во февруари изнесувала 23.158 денари


Скопје, 23 април, 2018 - 13:19 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во февруари изнесувала 23.158 денари, а бруто-платата 33.994 денари, објави Државниот завод за статистика.

Зголемувањето на платата изнесува 3,6 проценти во однос на истиот месец лани. Ваквото зголемување се должи, пред се, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите рударство и вадење на камен (14,5 отсто), преработувачка индустрија (10,7 отсто) и информации и комуникации (10,5 отсто).

Намалување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите уметност, забава и рекреација (26,4 отсто), транспорт и складирање (11,7 отсто).


Просечната нето-плата во декември изнесувала 23.850 денари


Скопје, 22 февруари, 2018 - 14:31 (META) 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2017 година изнесувала 23.850 денари и е повисока за 1,7 отсто од декември 2016 година, соопшти Државниот завод за статистика.

Зголемување се должи, пред сè, на повисоката исплатена нето-плата во секторите други услужни дејности (9,8 отсто), преработувачка индустрија (9,3 отсто) и објекти за сместување и сервисни дејности со храна (8,9 отсто).

Просечната бруто-плата пак изнесувала 35.017 денари. Во декември 2017 година, 1,2 отсто од вработените во Република Македонија не зеле плата.


Владата денеска ќе ги разгледува законите за ОТА и за следење на комуникации


Скопје, 26 декември, 2017 - 12:38 (META) 

Владата на денешната седница, закажана во 14 часот ќе ги разгледува предлог-законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Со новите закони, следењето на комуникациите ќе се врши преку новата независна институција ОТА, а не како што беше досега преку Управата за безбедност и контраразузнавање. ОТА ќе го активира сигналот и „ќе им овозможува на органите овластени за следење на комуникациите (УБК, Министерството за одбрана, МВР, Јавното обвинителство, Царинската управа, Финансиската полиција) пристап до податоците од комуникациско-информациските системи на операторите“.

Новиот Закон за следење на комуникациите, покрај функционирањето на ОТА, треба да обезбеди поголема контрола и надзор над работата на безбедносните службите и системот за следење на комуникациите.

На денешната седница се очекува Владата да ги усвои предложените закони и да ги достави во Собранието на гласање.

На оваа 45.седница на владата ќе бидат разгледани и измените на законите за електронски комуникации и за класифицирани информации, кои се прават заради нивно усогласување со новите закони за ОТА и за следење на комуникациите.

Министрите денеска ќе ги разгледуваат и законските решенија за Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител. Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно гонење и санкционирање на случаи на полициска бруталност.

Имено, предложените измени на Законот за јавно обвинителство предвидуваат во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција да се формира посебно одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.

На денешната седница, владата ќе ја разгледа и предлог-одлукатa за усвојување на годишната програма за работа на „Македонска радио-телевизија“ за 2018 година и предлог-одлука за одобрување на Финансиски план за 2018 година на МРТВ.


Голема сончева бура може да ја погоди Земјата утре и задутре


Вашингтон, 7 септември, 2017 - 16:06 (META) 

Од утре попладне до сабота околу пладне, голем дел од светот би можел да ги почувствува последици од големата соларна ерупција што се случила вчера, алармираше Центарот за вселенска метеоролошка прогноза при американската Национална администрација за океаните и атмосферата.

Русија, балтичките републики, Јужна Шведска, Данска, Обединотото Кралство и голем дел од северните држави на САД ќе бидат земјите кои веројатно ќе ги почувствуваат најсилно последиците од сончевата бура, предизвикана од ерупцијата на Сонцето со сила Х 9,3, која е најсилниот „факел“ исфрлен од Сонцето во последните 10 години.

Три часа претходно имало ерупција, односно „факел“, со сила Х 2,2, која избила од голема дамка на површината на Сонцето, а потоа уследила и гигантската ерупција од Х 9,3б, за која се очекува да предизвика магнетни бури и други последици на Земјата од утре попладне до задутре до пладне.

Последната толку силна ерупција, која имала сила Х 9, се случила во 2006 година, кога на осончаната површина на Земјата предизвикала прекин на радиосигналите во период од еден час и ги нарушила фрекфенциите. Научниците сметаат дека новата ерупција може да предизвика штети на сателити, комуникациски апарати и системи, па дури и на електропреносната мрежа.

Новата силна ерупција се случила во сончевата дамка во активниот регион 2673, помалата од двете масивни дамки на Сонцето. Оваа дамка е седумпати поширока од Земјината топка а висока колку девет Земји, објаснува астрофизичарот Карл Батамс.


Просечната нето-плата во април изнесувала 22.672 денари


Скопје, 23 јуни, 2017 - 11:25 (META) 

Просечната месечна нето-плата по вработен во април изнесува 22.672 денари и во однос на истиот месец лани бечежи зголемување од 1,4 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Ваквото зголемување е резултат, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна нето-плата исплатена во секторите информации и комуникации (22,4 проценти), рударство и вадење камен (14,7 проценти) и трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (6,1 отсто).

Просечната месечна бруто-плата по вработен во април 2017 година изнесува 33.296 денари. Во април, 0,9 проценти од вработените не зеле плата.


Просечната нето-плата во јануари изнесувала 22.750 денари


Скопје, 24 март, 2017 - 13:27 (META) 

Просечната месечна нето-плата во јануари годинава изнесувала 22.750 денари, а бруто-платата 33.441 денари, објави Државниот завод за статистика.

Нето-платата во јануари е зголемена за 2,2 проценти во однос на истиот месец лани.

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите информации и комуникации (9,4 проценти), јавна управа и одбрана, задолжително социјално осигурување (4,6 проценти) и рударство и вадење камен (4,2 проценти).

Во јануари, еден процент од вработените во Македонија не примиле плата.


Просечната нето-плата во септември изнесувала 22.191 денар


Скопје, 23 ноември, 2016 - 16:39 (META) 

Просечната месечна нето-плата во септември годинава изнесувала 22.191 денар, а бруто-платата – 32.640 денари, објави Државниот завод за статистика.

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во септември во однос на истиот месец лани е зголемена за 0,8 отсто.

Ваквото зголемување, според ДЗС, се должи, пред сè, на зголемувањето на просечната месечна нето-плата во секторите градежништво (8,7 проценти), земјоделство, шумарство и рибарство (7,2 проценти) и информации и комуникации (6 проценти).

Во септември, 1,2 отсто од вработените во Македонија не примиле плата.

 


Ќе има второ намалување на цените на роамингот во регионот


Охрид, 29 јуни, 2016 - 14:58 (META) 

Од 1 јули стапува на сила второто по ред намалување на цените на роамингот со операторите во регионот, договорено е на 4. Меѓународна регулаторна конференција во Охрид.

Домаќин на конференцијата во Охрид е македонската Агенција за електронски комуникации, а учествуваат претставници од регулаторните тела за електронски комуникации и надлежните ресорни министерства од Босна и Херцеговина, Турција, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија, Полска, Украина и од Литванија.

Македонија веќе има склучено договор за намалување на роаминг-услугите со Србија, Црна Гора и со Босна и Херцеговина.

Намалувањето на цените за роамингот со Албанија и со Косово, зависи од тамошните регулаторни тела.

На 1 јули почнува со работа и третиот виртуелен мобилен оператор, британскиот „Лајка мобајл“.

Од албанскиот регулатор информираа дека разговараат за проблематиката заедно со операторите и ја разгледуваат можноста и Македонија да стане дел големата роаминг-фамилија на пазарот.

Успешната соработка на агенциите за електронски комуникации од регионот, особено со регулаторите од соседна Србија, веќе имаат позитивни ефекти и покрај отпорот на тамошните оператори заради намалениот приход.