Град Скопје: Коловозите се целосно чисти, се дорасчистуваат тротоарите


Скопје, 11 јануари, 2019 - 11:32 (META) 

Коловозите на булеварите и магистралните улици кои се во надлежност на Град Скопје се целосно расчистени, а на терен интензивно се работи на чистење на тротоарите и велосипедските патеки од наталожениот снег за да им се овозможи полесно движење на граѓаните, информираат од Град Скопје.

„Во текот на изминатава вечер повторно се поминати сите булевари и улици што се во надлежност на Градот Скопје, а дополнително со сол се поминати и т.н. „критични точки“, пришто беа фрлени 432 тони сол. Снегот го чистеа 60 вработени рачно и со механизација – мултикултиватори, трактори со специјални четки и ножеви за снег, трактори со плуг и патарки за расфрлање на сол. Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ со два камиона, четири машини и останата потребна механизација вршеа расчистување на патеките од снег во зелените површини, тротоарите и  парковите  за олеснето движење на граѓаните“, се вели во соопштението.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите, истите да не паркираат на улиците и булеварите, и да овозможат непрекинато движење на возилата на зимската служба.

„Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.JП „Комунала хигиена“ апелира општините да ја реализираат нивната обврска за чистење на улиците кои се во надлежност на општините и апелира за поголема ажурност во оваа област, со цел непрекинато собирање на комуналниот смет“, се додава во соопштението.


„Комунална хигиена“ ќе го преземе чистењето на Клинички центар


Скопје, 13 јули, 2018 - 12:59 (META) 

Екипи на јавното претпријатие „Комунална хигиена – Скопје“ утрово спроведоа чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а како што велат од Град Скопје, планирано е ова претпријатие да го преземе чистењето на болничкиот комплекс. Но за тоа да се случи ќе треба да „ги решиме правните аспекти на набавката“, велат од Град Скопје, апелирајќи граѓаните повеќе да внимаат на тоа како фрлаат отпадоци.

„Повеќедецениската негрижа за хигиената во Клинички центар досега резултираше со неколку акции за расчистување на отпадот. Град Скопје цени што граѓаните волонтираат во чистењето на Клинички центар во овој преоден период и придонесуваат да се ублажи настанатиот проблем“, порачаа од градската управа, заблагодарувајќи се на волонтерите што утрово се појавија на акцијата за расчистување.


#Одговорност е да нема диви депонии


Скопје, 10 ноември, 2016 - 9:57 (META) 

На дел од незаградената површина која порано беше база на „Комунална хигиена – Скопје“ во населбата Дуќанџик, веднаш до улицата на која има многу куќи, и по акциите од кампањата „Македонија без отпад 2016“ има дива депонија, на која е натрупан шут, разни крупни предмети, но и ситен отпад од домаќинства и од работилници. Така некој „го решил“ својот проблем, не само нарушувајќи го амбиентот, туку и предизвикувајќи директна опасност за жителите од вдишување прашина, која содржи и многу токсични материи од пластиката што се разградува.

Диви депонии честопати никнуваат и на зафрлени места, главно покрај патишта, оти на тие што нелегално исфрлаат шут или отпад од најразличен вид така им е најлесно – брзо да истоварат и да избегаат, намалувајќи ги шансите да бидат фатени на дело.

Проблемот на дивите депонии во Македонија се провлекува со децении, а неговото решавање најчесто е стихијно и се сведува на акции на граѓанските здруженија. Така, на пример, минатиот месец се спроведоа акции иницирани од „Ајде Македонија“. Сличин вакви граѓански иницијативи досега имало повеќепати, но по правило секогаш откако ќе се исчисти некоја дива депонија, никнува нова на друга блиска локација или дури и на истото место.

Проблемот очигледно е во отсустувото на сериозна и вистинска институционална реакција, вклучително и  во недоволниот инспекциски надзор за да се фатат и да се казнат прекршителите, велат упатените. Но, за тоа е потребна свест кај власта на локално и на централно ниво, односно одговорно владеење.


#Одговорност е градот да не изгледа како голема канта за отпадоци


Скопје, 2 ноември, 2016 - 10:01 (META) 

Недостигот од канти за отпадоци е голем проблем со кој се соочува скопската општина Чаир. Во нивно отсуство, ѓубрето смрди низ улиците на главниот град.

Граѓаните што живеат во овој реон ги обвинуваат Општината и претпријатието за комунална хигиена дека го занемаруваат проблемот, но, исто така, и неодговорните граѓани.

На главните улици воопшто нема канти за отпадоци, а и некои што биле поставени се оштетени или веќе и не постојат.

Исто така, нивното отсуство се забележува и на автобуските постојки во оваа општина, каде што тие што чекаат автобус ги фрлаат отпадоците на земја, создавајќи, на тој начин, една грда слика за градот и за општината.

– Ги поставија пред неколку години, но не знам што се случи со нив. Исчезнаа, ги запалија, ги украдоа… Не знаеме… Но, и граѓаните се невнимателни, бидејќи кога гледаат дека нема каде да го фрлат отпадокот, треба да го задржат кај себе додека не најдат каде да го фрлат – велат жителите.

Со овој проблем не се соочуваат само жителите на Скопје, туку и на другите градови во Македонија, особено тие од Тетово и од Куманово.