Новиот „компјутер за секое дете“ да оди во фази и со добра инфраструктура, велат експертите


Скопје, 6 декември, 2018 - 9:55 (META) 

Проектот за набавка на нови компјутери во училиштата и дигитализацијата на наставата, мора убаво да се осмисли пред да се изведе, советува проф. д-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари и Раководител на Институтот за интелигентни системи при Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство (ФИНКИ). Ова следи по објавата на „Мета“ за најавата на заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов, дека државата планира да реализира нов проект „Компјутер за секое дете“ во македонските училишта.

– Прв приоритет е да се набават компјутери во основните и во средните училишта за опремување на кабинетите за наставата по информатика. Тие кабинети се разликуваат од сите останати кабинети. Ако другите користат технологија во наставата, во кабинетите по информатика имаме настава за технологијата и тука мора да има разлика во тоа како треба да изгледа таа училница во однос на стандардната – вели Јованов.

Според него, купување компјутери е проект кој бара многу сериозна инфраструктура.

Jovanov

– Минатата влада купи компјутери кои во некои училишта не можеа веднаш да ги вклучат оти беше слаба струјата, доводот до училиштата не беше доволен, па се копаше дополнително. Проблемот со пристап до Интернет во училиштата до ден денес не е добро решен. И не е едноставно да се реши затоа што имаме разлики во регионалниот развој. Во некое село има оптика, во некое едвај може да има некаков сателитски достап. Некаде може да го обезбеди телекомуникациски провајдер, некаде кабелски провајдер. Треба да се реши тоа, мора да има добар Интернет ако сакаме да имаме квалитетна настава со компјутери. Треба да има компјутери во училиштата, или подобро – во секоја училница, кои ќе служат како локални сервери за да се складираат содржини кои потоа учениците локално ќе може да ги повлекуваат за време на час. Пред да се купи компјутер, треба да се купи проектор за секоја училница. Регуларен проектор или комбинација (интерактивна табла) или пак, поголеми смарт телевизори, кои не се многу скапи. Треба да се размисли како ќе се комбинира училишната табла и проекторот односно телевизорот, значи мора просторот да се реши. Ако наставникот може да проектира и презентира работи, тоа значително ќе го подигне образовниот процес – додава Јованов.

komputer-za-sekoe-dete

Најважен дел, според професорот е одржливоста на проектот.

– Кој ќе набавува делови, кој ќе врши поправки кој ќе менува делови тековно, ова се прашања кои се клучни. Компјутерската опрема се расипува и тоа е нормално, но како ќе се организира грижата за опремата е важно. Би требало да се упростат тендерските процедури за набавка на делови на пример, бидејќи додека заврши една таква процедура, може да помине цело полугодие – вели професорот.

Според него, после набавката на опрема за кабинетите по информатика, треба да набави опрема за проектирање и преносни или фиксирани компјутери во секоја училница за наставниците кои ќе бидат поврзани на интернет, а потоа би можело да се оди со набавка на опрема за по неколку специјализирани училници за компјутеризирана настава (кои на пример, професорите по различни предмети би ги користеле наизменично, на пример би влегувале еднаш неделно или еднаш во две недели).

Сите претходно наведени опции или фази во компјутеризацијата, вели тој, ќе бидат поевтини, полесно одржливи и со огромен импакт во образованието, наспроти директно генерално купување на компјутери за секој ученик.


Државата подготвува нов проект „Компјутер за секое дете“ и дигитализирање на наставата


Скопје, 21 ноември, 2018 - 16:15 (META) 

Министерството за образование подготвува наследник на проектот „Компјутер за секое дете“. Ова за „Мета“ го најавува заменик-министерот за образование и наука, Петар Атанасов кој вели дека наставната програма неопходно е да се дигитализира, со што ќе им се овозможи на учениците да се образоваат од современи помагала.

– Тоа е една голема промена која ќе мора да се случи. Конкретни податоци немам во овој момент кога би се набавувале нови компјутери за учениците, но ќе работиме на тоа да ја дигитализираме наставата. Тоа подразбира обезбедување повеќе ресурси, опремување на училиштата за дигитализација и овозможување на алатки за да можат да учат од модерни помагала. Исто како минатата влада, имаме желба да го реализираме овој процес, кој не може да се заврши за кусо време – вели Атанасов.

Во моментов, учениците во државата или воопшто не користат компјутери додека се на училиште, или пак, го користат она што остана функционално од опремата набавена со проектот „Компјутер за секое дете“.

Во недостиг на опрема за реализација на часовите на компјутер и реализација на часовите по информатика, во многу училишта се води политика на „бринг јор оун дивајс“ (bring your own device), па децата си носат од дома лаптоп, смартфон или таблет.

Како што ни изјави Томе Спировски, директор на Државниот просветен инспекторат, само една третина од компјутерите се исправни и се користат во наставата, затоа што другите или се значително оштетени или се сосема надвор од функција.

Компјутерите од проектот „Компјутер за секое дете“ беа набавени во 2007 година. Овој проект беше жестоко критикуван од тогашната опозиција дека е неуспешен и дека е проект за перење пари.

Никогаш не беше обелоденето колку  точно пари ја чинеше државата овој проект.


Ако родителите сами ги купуваа учебниците, ќе пазеа што пишуваат децата врз нив


Скопје, 7 септември, 2018 - 16:39 (META) 

Нови учебници кои во настава се користат само една година, на крајот се веќе цели парталави. Библиотекарите со кои разговаравме, сметаат дека свеста кај родителите и децата за грижата за бесплатните книги е многу ниска, иако за лошата состојба удел има и фактот дека добар дел од нив, не се изработени квалитетно.

Тие се одговорни за прием, чување и распределба на учебниците во училиштата, заедно со други членови на училиштни комисии, формирани за оваа цел.

– Кога родителите сами би ги купувале учебниците и кога тие би се продавале како некогаш кога ние ги продававме, тогаш гарантирано грижата кон нив ќе беше поголема. Кај нас генерално, луѓето немаат однос кон сето она што државата го дава бесплатно на користење – вели библиотекарка во основно училиште во Аеродром.

Таа додава дека на крајот на учебната година, добива учебници на кои се исцртани безобразни цртежи и зборови, учебници чии страници се искинати или пак, учебници кои немаат корици.

Во Министерството за образование и наука (МОН) за „Мета“ информираат дека дистрибуцијата на учебници е започната и издавачките куќи, согласно законската обврска, веќе ги доставуваат низ училиштата.

– Во однос на печатењето, за учениците од прво до трето одделение се печати целосен тираж, а за учениците од другите одделенија и години, согласно електронската нарачка за бројот на учебници што секое училиште имаше обврска да ги пријави како оштетени или неупотребливи – информираат во МОН.


Ласовска: Ако се грижи за студентите, СДСМ да гласа за ваучери за компјутери


Скопје, 3 август, 2017 - 12:10 (META) 

Пратеничката Благица Ласовска денеска на прес-конференција ја повика власта да го прифати вчера презентираниот предлог-закон за ваучери за компјутери за студенти, ако навистина ги става во преден план потребите на студентите.

Таа образложи дека ваучерите би се издавале на редовните студенти од семејства во кои месечните приходите не го надминуваат износот од две просечни месечни нето-плати, односно 45.344 денари нето-приход и кои првпат се запишани во трета и четврта година на студии на високо-образовните установи во Република Македонија.

– Доколку СДСМ се однесува како одговорна власт и ги стави во преден план потребите на студентите, а не партиските потреби, тогаш ќе го усвојат овој предлог-закон. Овој наш предлог е реален, издржан, конструктивен и аргументиран и кога ние бевме на власт, ние го реализиравме, што значи дека кога СДС би имал искрен однос кон студентите и би имал волја за помош, би требало да го поддржи овој закон – рече пратеничката.


Влада: Блокираниот пристап до одредени веб-страници е внатрешна саботажа


Скопје, 7 јули, 2017 - 18:57 (META) 

Владата на Република Македонија издаде соопштение во кое вели дека блокираниот пристап кај некои компјутери во зградата на Владата до некои од опозициските веб-страници е резултат на внатрешна саботажа и не станува збор за политика на Владата. Во соопштението се вели дека пристапот бил блокиран на одреден дел компјутери и дека се врши истрага за да се пронајде виновникот.

„Информацијата дека во зградата на Владата на Република Македонија се блокирани одделни медиуми е објавена без соодветно и неопходно објаснување. Најточната интерпретација на привремениот прекин до пристап до одделни интернет-страници е дека станува збор за интервенција, за која постојат сериозни индиции дека е намерна саботажа за да се создаде слика дека новата Влада не е транспарентна и отворена за критики. Утврдено е дека блокирањето на пристапот е само кај дел од персоналните компјутери во Владата, но не и во целиот систем, што јасно укажува дека е направена блокадата во оној дел каде што некој имал пристап“, се вели во соопштението.
Секретаријатот на Владата набргу по откривањето на случајот презел мерки и  интернет-комуникацијата во зградата на Владата е вратена во редовна состојба.
„Тоа само ги потврди сомневањата дека некој од затекнатите вработени во владините служби преземаат чекори со намера да ја компромитираат работата на новата влада. Сите надлежни служби вршат соодветни проверки за случајот и за утврдената одговорност јавноста ќе биде информирана. Сакаме да ја увериме јавноста дека Владата на Република Македонија никогаш нема да отстапи од декларираниот принцип за целосна транспарентност, одговорност, отчетност и за отвореност“, стои во соопштението од Владата.


САД ја укинаа забраната за внесување електронски уреди на летовите од Турција


Анкара, 5 јули, 2017 - 10:21 (META) 

Тримесечната забрана за внесување електронски уреди на летовите од Турција кон САД е укината денеска, јави приватната турска новинска агенција „Доган“.

Како што јавува агенцијата, турскиот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“ утринава примил патници со електронски уреди на летот од Истанбул за Њујорк.

САД претходно ја укинаа забраната за внесување лаптоп-компјутери и таблет-уреди за патниците на авиокомпанијата „Етихад ервејз“ кој лета од Абу Даби, престолнината на Обединетите Арапски Емирати.

Забраната беше воведена откако американските разузнавачки служби добија информации дека Исламска држава се обидува да изработи бомби кои би можеле да се скријат во електронски уреди.


И Австралија сака да забрани електронски уреди во патничките авиони


Сиднеј, 17 мај, 2017 - 10:23 (META) 

Премиерот на Австралија, Малком Турнбул, денеска соопшти дека неговата земјата размислува за воведување забрана за внесување лаптоп-компјутери и таблет-уреди во кабините за патници во авионите, но не откри кога би стапила на сила.

Турнбул не сакал да објасни дали одлуката за забрана за внесување електронски уреди во патничките кабини на авионите е поврзана со терористичките закани од Исламска држава, за кои американскиот претседател Доналд Трамп разговараше со шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.

Австралискиот премиер рече дека се разгледува можноста да се забрани внесување електронски уреди од некои земји од Блискиот Исток, како што тоа веќе го направија САД и Велика Британија.


Вирусот „вонакрај“ заразил повеќе од 200.000 компјутери во 150 земји


Лондон, 14 мај, 2017 - 17:27 (META) 

Масовниот кибер-напад во петокот со компјутерскиот вирус „wannacry“ (вонакрај) погодил 200.000 жртви во 150 земји, вели шефот на Еуропол, Рон Вејнрајт за „Би-би-си“. Тој вели дека нападот бил многу голем, како и дека утре наутро може да има и нови напади.

Вирусот е од категоријата „рансомвер“, што значи дека ги заклучува сите документи на заразените компјутери и ако корисникот сака да бидат отклучени за да може да ги користи, треба да плати одредена сума пари.

Меѓу најпогодените земји се Русија и Обединетото Кралство.

Според Вејнрајт, иако претходно привремено решение го спречи ширењето на вирусот, авторите на „вонакрај“ направиле понова верзија.


Украдени 24 монитори од училиште во гостиварски Вруток


Тетово/Гостивар, 19 април, 2017 - 12:38 (META) 

Во основното училиште „Лирија“ во село Вруток, Гостиварско, украдени се 24 компјутерски монитори. Тешката кражба се случила во периодот од 14 до 18 овој месец.

Крадците во училиштето влегле преку необезбедениот сутерен на објектот, а потоа насилно ги отвориле вратите од двете училници на приземјето и одзеле 24 компјутерски монитори, откако ги пресекле сите кабли со кои тие биле поврзани на главниот компјутер.

Според полицијата, со кражбата на мониторите, сторителите стекнале имотна корист која се проценува на околу 40.000 денари, а причинетата материјална штета изнесува 15.000 денари. Полициска екипа извршила увид во училиштето и работи на откривање на сторителите.

Во Тетово, пак, е пријавен случај на оштетување на прозорци во основното училиште „Андреја Савески – Кикиш“. Таму непознати сторители скршиле шест прозорски стакла и предизвикале материјална штета која се проценува на околу 10.000 денари.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за идентификување и за пронаоѓање на сторителите.


Компјутерската безбедност, сериозен предизвик за секоја држава


Охрид, 20 октомври, 2015 - 16:01 (META) 

Секторот за компјутерски криминалитет и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи на Република Македонија е добитник на првата награда за најуспешно реализирана акција за разбивање меѓународна криминална група што вршела нелегална терминација на меѓународен во национален телефонски сообраќај.

Ова беше соопштено денеска во Охрид, на почетокот на дводневната регионална конференција на 12 земји-членки на Центарот на Југоисточна Европа за спроведување на законот (SELEC).

Учесници, покрај претставници на министерствата за внатрешни работи од земјите-членки на Центарот, беа и претставници на банки, мобилни оператори и на други релевантни институции од земјите-членки.

Наградата на секторите за компјутерски криминалитет и дигитална форензика на македонското и на српското МВР им е доделена за откривање и за разбивање криминална група од Македонија која бесплатно користела телефонски уреди и се поврзувала на странски мобилни оператори.

Криминалната група, во која имало десет лица од Република Македонија, во соработка со организираната криминална група од Србија, на почетокот од 2013 година, набавила и бесправно користела телекомуникациски уреди за терминација на телефонски повици.

Уредите преку интернет-мрежата ги поврзале со мрежа на странски мобилни оператори преку СИМ-картички и остварувале интернационален сообраќај по цена од локален телефонски сообраќај. Со тоа, криминалната група извршила директна финансиска загуба на оштетените мобилни оператори, стекнувајќи противправна имотна корист од 506.312 евра само од мобилните оператори во Република Македонија .

Особено значајна за истрагата и за реализацијата на ова дело беше размената на информации преку Центарот и офицерите за врска од Република Македонија и од Република Србија.

Маријан Стоилковски, началник на секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР, денеска во Охрид изјави дека Република Македонија и Министерството за внатрешни работи работат на континуирано зајакнување на капацитетите за справување со компјутерскиот криминал бидејќи компјутерската безбедност претставува сериозен предизвик за секоја држава, па и за Република Македонија.

– Компјутерскиот криминал не го гледаме како одговорност и задолжение само на секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и на МВР. Напротив, тоа претставува одговорност на секој релевантен капацитет во државата, без глед дали се работи за државна институција или претставник на приватниот сектор. Преку соработката со приватниот сектор, придонесуваме за поуспешно справување со компјутерскиот криминал, а со тоа придонесуваме за компјутерската безбедност во сите сфери на општествениот живот – рече Стоилковски.

Тој особено ја истакна соработката со финансискиот сектор во однос на идентификација и на истражување на компјутерскиот криминал што се случил во нивните институции.

– Нивото на заштита на финансискиот сектор е на највисоко можно ниво. Самото плаќање преку интернет е комплетно безбедно. Финансиските институции се грижат за безбедноста на податоците на граѓаните во Република Македонија кои плаќаат преку интернет. Се работи за сигурен начин на плаќање – додаде Стоилковски.