Секое трето државно претпријатие лани ја завршило со загуба


Скопје, 13 јули, 2018 - 10:44 (META) 

Анализата на финансиските резултати на компаниите во државна сопственост што ја изработи Центарот за граѓански комуникации според податоците за 2017 година, преземени од Централниот регистар, покажува дека профит оствариле 86 државни фирми, додека загуба имало кај 36 државни претпријатија. Тоа значи дека секое трето државно претпријатие лани ја завршило со загуба.

Профитот изнесува 141 милиони евра додека загубите 30 милиони евра. Нето-ефектот е позитивен и изнесува 111 милиони евра.

„Компаниите во државна сопственост во текот на 2017 година инкасирале вкупно 791,4 милиони евра приходи од работењето, што е за 6,2 проценти повеќе во споредба со годината претходно, покажуваат податоците за вкупно 118 фирми од јавниот сектор анализирани во оваа база на податоци. Од нив, 66 работеле подобро од претходната година, односно ги зголемиле приходите, додека пак, 52 државни фирми ги намалиле приходите. Во исто време, овие 118 државни фирми направиле расходи во вредност од 686,6 милиони евра што е намалување за 3,8 отсто на годишно ниво“, се вели во истражувањето.

ЈП за државни патишта своите финансиски приходи за 2017 година ги зголемило за 78 пати поради позитивните курсни разлики од кинескиот кредит за изградба на автопатите. Инаку, приходите од редовното работење му се зголемиле за само 2,3 отсто. Во сите државни фирми на крајот од 2017 година работеле 27.981 луѓе, што е намалување на бројот на вработени за околу два проценти во споредба со 2016 година.

На врвот на ранг-листата на државни претпријатија според големината на приходите што ги оствариле во 2017 година веќе неколку години по ред е АД ЕЛЕМ со приходи од речиси 219 милиони евра, но во споредба со 2016 година тие се намалени за 3,4 проценти.

Второ според висината на приходите е рангирано ЈП за државни патишта со инкасирани 146,3 милиони евра, што е за 41,6 отсто  повеќе отколку во 2016 година.


Европските компании кои инвестирале во руски гасовод ќе се соочат со санкции од САД


Вашингтон, 12 јули, 2018 - 10:32 (META) 

Санкции за европските компании кои инвестирале во рускиот гасовод „Северен поток 2“ кон Германија, најави администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп.

– Бевме јасни дека постои ризик од воведување санкции за компаниите кои работат во секторот на рускиот енергетски извоз –  изјави претставник на американскиот Стејт департмент.

Тој додаде дека Вашингтон смета дека „гасоводот ќе ја поткопа целата енергетска безбедност и стабилност на Европа, давајќи и на Русија уште еден инструмент за вршење политички притисок врз европските земји, особено врз Украина“.

Доколку САД ги спроведе санкциите, засегнати ќе бидат компаниите „Унипер“ (Uniper), „Винтершел“ (Wintershall), „О-ем-ве“ (OMV), „Анжи“ (Engie) и „Шел“ (Shell).


Странските заинтересирани за соработка со домашните компании, но им треба поддршка


Скопје, 9 јули, 2018 - 13:14 (META) 

Стопанската комора на Македонија ги споила домашните и странските компании кои би можеле да соработуваат, а најголем интерес за соработка пројавиле компаниите од автомобилската индустрија, информираше денеска Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија.

Таа додаде дека на домашните компании им треба поддршка и помош за градење капцитети за да може да се реализира соработката.

Од комората очекуваат 10 до 15 компани да поминат конкретна теоретска обука, а во пет да бидат спроведен таканаречени индивидуални „инхаус“ обуки во следниве два месеца.

– Проектот треба да резултира со пет компании кои ќе склучат договори за одредена соработка дали за нов производ или услуга што домашните компании можат да ја испорачаат – рече Аризанковска.

Според анализите на Комората македонските компании имаат потреба од поддршка во делот на креирање нов производ, воведување нови технолошки процеси или преструктуирање на веќе постојните, воведување стандарди што ги бараат странските компании, но и нови менаџмент решенија и техники.

Стопанска комора вложува големи напори за едуцирање на компаниите за да можат сами да аплицираат за ЕУ-фондови.


Промовирана Индустриска стратегија за раст на производствениот сектор


Скопје, 5 јули, 2018 - 12:11 (META) 

Денеска беше промовирана Индустриска стратегија која произлезе од проектот „Ревизија на индустриската политика 2009-2020“, финансиран од Делегацијата на ЕУ и имплементиран од Министерството за економија.

Стратегијата, според министерот за економија Крешник Бектеши е во согласност со принципите на европските добри практики и е клучна економска основа на земјава во преговорите за пристапување со ЕУ.

– Фокусот во Стратегијата е ставен на производствениот сектор, а во документот се интегрирани мерките од Планот за економски раст и предложени се нови мерки. Целта е да се промовира индустријализацијата преку стимулирање на растот и развојот на производствениот сектор – рече Бектеши.

Тој додаде дека Стратегијата има пет цели, и тоа зајакнување на базата на преработувачката индустрија, подигнување на продуктивноста во производството, иновациите и трансферот на технологии, катализирање на зелената индустрија и зеленото производство, стимулирање на извозот на производството, изградба на сектор за учење за производство.

Со новиот план за економски раст на Владата, следните пет години ќе се доделат државни средства за производствениот сектор во износ од 150 милиони евра.

Според раководителот на секторот за соработка во рамки на Делегацијата на ЕУ, Никола Бертолини, она што државата го правела последните десет години не било добро.

– Нема да има конкурентност со субвенции. Субвенциите ја влечат економијата надолу. Конкурентноста почнува да се развива кога бизнисот лежи на здрави основи – порача тој.

Бертолини укажа дека еден од поголемите проблеми со кои се соочува македонската економија е недостигот на соодветно едуциран, млад кадар и додавајќи дека Индустриската стратегија што произлезе од проектот, претставува добра појдовна основа. Покрај стратегијата, подготвен е и Акционен план за периодот 2018-2020.

Преработувачката индустрија учествува со 12,2 отсто во БДП (2016 година), вработува 19 проценти од вработените и учествува со 10 проценти во бројот на активни компании, а најголем дел од извозот или 87 проценти од извозот се креира кај компаниите од индустријата.

– Речиси 40 проценти од вкупните странски инвестиции во државата се во преработувачката индустрија, од кои 75 проценти се концетрирани во транспорт и опрема, основни и преработени материјали и преработка на храна – информираше Бектеши.


ССК: Неформалната економија најголем проблем во сите сектори


Скопје, 4 јули, 2018 - 15:04 (META) 

Сузбивање на неформалната економија во Македонија која изнесува над 30 проценти е главниот предизвик за обезбедување поволен деловен амбиент за малите и средни претпријатија кои се стожер на македонската економија и сочинуваат 99,7 проценти од сите компании со учество од 70 отсто во домашниот бруто-производ (БДП).

Ова беше една од темите на која претседателката на  на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска и членовите на Управниот одбор, дискутираа со министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија, Зоран Шапуриќ.

Според анализите на Сојузот, неформалната економија најмногу е застапена во транспорт, градежништво, туризам, угостителство, услужни дејности и земјоделство.

„Неформалната економија, претставува директна нелојална конкуренција на регистрираните и го поткопува развојот на стопанството. Потребно е да се овозможи функционален механизам за справување со сивата економија, бидејќи таа не придонесува во буџетот и дополнително ги дестимулира компаниите да инвестираат со тоа што ги руши основите на еднаквост врз кои се темели еден пазарен систем“, изјави Арсовска.

Таа додаде дека неформалната економија бележи пораст секоја година и доколку не се отпочне со сериозна акција за нејзино сузбивање финално ќе предизвика и дерегистрирање на оние претпријатија кои работат на пазарот и нивно преминување во сивата зона.

Анализите на Светска банка покажуваат дека учеството на компаниите кои се борат против нерегистрираните или неформални компании во Македонија е 55, 5 проценти или најмногу во регионот пред Црна Гора со 52,4 проценти, Хрватска со 48,2 проценти, Албанија со 40,2, Србија со 37, 5 проценти и Словенија со 26,5 проценти.


Арсовска: Стопанството е во стагнација, потребни се активни мерки за раст


Скопје, 7 јуни, 2018 - 15:21 (META) 

Претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска, на денешниот форум насловен „Потенцијал на регулатива за ангел-инвеститори“, рече дека летаргијата кај стопанствениците е резултат на континуираната криза и воздржување од инвестиции.

„Стопанството е во стагнација и потребни се активни мерки за поттикнување на нови инвестиции и раст. Она што ние во стопанството го чувствуваме е една летаргична состојба по основ на инвестициите. Не се работи само за тоа дека компаниите не инвестираат, туку дека и оние малку средства што ги имаат не се подготвени да ги вложат во состојба на ризик, особено кога се работи за добра идеја која бара повеќе средства. И комерцијалните банки во Македонија не нудат финансиски средства за проекти без целосно покритие. Затоа сметаме дека алтернативните начини на финансирање се влез на големи средства по основ на капитал во нашиите национални компании со цел нивно брзо растење и овозможување да го реализираат она што не се во можност да го спроведат со сопствените средства“, додаде Арсовска.

На Форумот, на кој учествуваше и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, беше потенцирана потребата од законско регулирање на ангел-инвестирите, создавање поволен амбиент за нивен влез, а законската регулатива во најголем дел да биде во функција на проверка на капиталот на ангел инвеститорите.

Еден од заклучоците на Форумот беше и тоа дека постојат потенцијални пречки од Законот за трговски друштва за идните инвестиции.

„Македонија има недостиг од комерцијални форми за поддршка на компаниите особено малите и средни претпријатија, како и старт-ап бизнисите, токму затоа по примерот на земјите со конкурентни економии потребен е влез на ангел-инвеститори кои финансиски ќе ги поддржат македонските компании, ќе ги зајакнат, а со тоа и домашното стопанство“, велат од ССК.


Манчевски: Обезбедуваме услови да бидеме место за развој на нови ИК технологии  


Скопје, 6 јуни, 2018 - 12:36 (META) 

Дигиталната трансформација не е лесна, тоа всушност е доста скап потфат. За да се оствари потребни се инвестиции во инфраструктурата, но и во човечките ресурси.

Ова денеска го истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски на настан во организација на „МарНет“.

– Многу ми е мило што гледам дека еден од столбовите на новата стратегија на ЕУ  е дигитализацијата. Агендата на комесарката Габриел е тесно поврзана со политиките на шесте економии Западен Балкан и заеднички се трудиме да ги подобриме животните стандарди на нашите граѓани – истакна Манчевски.

Зборувајќи за проектите на кои во моментов работи МИОА, Манчевски се осврна на Технолошкиот парк, којшто до крајот на оваа година треба да биде пуштен во употреба.

– Технолошкиот парк е мерка за поддршка на микро, мали и средни претпријатија како еден од трите столба на Планот за економски раст на Македонија. Останатите два столба се однесуваат на мерки за финансиска поддршка за нови гринфилд и браунфилд инвестиции, создавање на нови и подобри работни места, технолошки развој и истражување, како и подобрување на деловната соработка и неповратната поддршка за компаниите. Овие два столба ќе се имплементираат преку новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите – информираше Манчевски.


Владата на денешната седница ќе расправа за работата на ТИР-зоните


Скопје, 5 јуни, 2018 - 11:15 (META) 

Владата денеска ќе ја одржи 71. седница и ќе разгледа повеќе информации и одлуки од доменот на работата на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.

На предлог на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони Владата ќе одлучува по предлог-договорот за доделување на државна помош на Друштво за производство, трговија и услуги „Баумер“ и за предлог-одлуката за давање согласност на договорот за доделување на државна помош на оваа компанија.

Ќе бидат разгледани и донесени соодветни одлуки и за нацрт-одлуките за определување на периодот на закуп на градежното земјиште во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 за „Балканлар пластик производство“ и „Саген“.

Владата ќе се произнесе и за предлог-одлуката за прогласување на Споменичката целина „Археолошки локалитет Хераклеа Линкестис”, во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, на предлог на Управа за заштита на културното наследство.


Стабилна политичка клима и правна сигурност се значајни за германските инвеститори


Скопје, 29 мај, 2018 - 10:12 (META) 

Министеркaта без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска остварила работна средба со германскиот амбасадор Томас Герберих, на која што разговарале за економско-трговските релации помеѓу двете земји.

Амбасадорот Герберих потенцирал дека, стабилизацијата на политичката клима, работата на реформскиот процес, особено обезбедувањето на правна сигурност се значајни фактори за германските компании да инвестираат во Македонија.

„Заеднички беше констатирано дека досегашната економска соработка помеѓу двете држави е на високо ниво, за што освен одличната трговска соработка зборува и фактот дека во Македонија работат околу 200 фирми со германски капитал, во кои се вработени над 20 илјади луѓе. Германија и Македонија во 2017 година остварија трговска размена од 3,15 милијарди евра“, информираат од кабинетот на министерката.


Анкета: Економската состојба е лоша, но компаниите очекуваат дека ќе се подобри


Скопје, 10 мај, 2018 - 14:48 (META) 

Сегашната економска ситуација е оценета како полоша во однос на минатата година, покажува Анкетата за деловната клима во Македонија спроведена помеѓу членките на Македонско – германското стопанско здружение.

Само 7 отсто од компаниите, моменталната економска состојба ја оцениле како добра, а 50 отсто ја оценуваат како лоша.

– Кај компаниите има позитивното расположение во однос на очекувањата дека деловната клима значително ќе се подобри оваа година и тие се многу повисоки во однос на минатогодишната анкета. Дури 45 отсто од извршните директори очекуваат подобрување, а само 12 отсто очекуваат полоши макроекономски услови – рече директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија, Патрик Мартенс.

Зголемена продажба очекуваат 68 отсто од испитаните компании, а 5 отсто стравуваат од пад на продажбата. Производителите оваа година очекуваат зголемен извоз во споредба со лани.

– Годинава, некои од факторите кои минатите години беа оценети како негативни се подобрени но, повторно, испитаниците не се задоволни од сузбивањето на корупцијата и криминалот, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација. И покрај наведените проблеми, сепак е охрабрувачки фактот дека 72 отсто од компаниите кои работат во Македонија повторно би инвестирале во Македонија – додаде Мартенс.

Сепак, процентот на компании кои повторно би инвестирале во државата е намален за 12 отсто во однос на 2016 година.

Заменикот-амбасадор на Германија во Македонија, Марко Акватичи рече дека од денешната посета на државниот министер за европски прашања во МНР на Германија, Михаел Рот имаат информации дека ќе се реши спорот со името, а евроатлантската перспектива е позитивен знак за економијата.

„Кога ја спроведовме анкетата тогаш на власт дојде новата Влада. И од тогаш до сега се случија позитивни работи како препораката од Европска комисија за почеток на преговорите и волјата за решавање на спорот со името“, додаде Акватичи.

Во земјата работат повеќе од 200 компании со германски капитал кои вработуваат 20.000 лица. Трговската размена помеѓу Македонија и Германија, лани се зголемила за 10 отсто во однос на 2016 година.