Политичката криза влијае врз стопанството, компаниите бараат брзо решение


Скопје, 11 април, 2017 - 15:52 (META) 

Компаниите членки на Македонско-германското стопанско здружение се жалат на дефицитот на правната сигурност, политичката и социјалната стабилност, борбата против корупцијата и криминалот, дисциплината при наплата на побарувањата, по пред се непредвидливата политичка криза која има силно влијание на стопанскиот развој.

Ова го покажува анкетата на здружението во која учествувале 71 компании и дури 51 процент од нив, актуелната состојбата ја оцениле како лоша, а само 10 проценти како добра.

„Годинава, како и во изминатите години, повторно истите фактори се оценети со оценка недоволен правната сигурност, дисциплината при наплата на побарувања, политичка и социјална стабилност, транспарентноста при јавни набавки и борбата со корупција. Сево ова го спречува  долгорочното планирање и доведува до неизвесност кај деловните луѓе, воедно како за домашните така и за странските инвестиции. И покрај наведените проблеми, сепак е охрабрувачки фактот дека 82 проценти од компаниите кои работат во Македонија повторно би инвестирале во Македонија, што е 10 проценти повеќе од минатата година што  е важна порака до потенцијалните инвеститори, изјави директорот на Делегацијата на германското стопанство во Македонија Патрик Мартенс.

Според него, брзо е потребно решение за актуелната политичка криза, која силно се пресликува на стопанството.

Во однос на очекуваната перспектива за тековната година, 63 проценти од испитаниците сметаат дека состојбата нема да се промени, 26 проценти очекуваат да има влошување, само 11 проценти се оптимисти и очекуваат подобрување.

Во земјата работат повеќе од 200 компании со германски капитал кои вработуваат 15.000 лица, што игра важна улога на  пазарот на трудот.


Наумов – Хоџа: Компаниите со намалена ликвидност и тешко доаѓаат до поврат на ДДВ


Скопје, 26 октомври, 2016 - 14:05 (META) 

„Извештајот „Дуинг бизнис“ на Светска банка најмногу се однесува на законите во одредена држава и на тоа колкав напредок направиле при нивно донесување, а за реалната состојба во економијата најдобро можат да кажат бизнисмените. Светска банка, исто така, имаше извештај во кој беа нотирана намалувањето на приватните инвестиции и лошите перспективи за пораст и за развој. Двете работи се различни“, истакна дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов, на денешната средба со претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија, Неби Џоха, а прашан за најновиот извештај „Дуинг бизнис“ на Светска банка.

Наумов денеска ја посети комората за одблиску да се запознае со проблемите на македонските компании во овој предизборен период.

Компаниите во овој период се соочуваат со потешко враќање на поголема сума на данок на додадена вредност, но и со намалена ликвидност.

– Државата е најголем работодавец и најголем должник кон приватниот сектор. Бараме навремено исполнување на обврските, бидејќи повратокот на ДДВ не оди баш најдобро кај компаниите кои имаат поголеми суми. Не се враќа бргу или, пак, се исплаќа на помали суми. Компаниите потоа имаат проблеми со плаќањето на доставувачите и со враќање на кредитите на банките – изјави Хоџа.

Тој, исто така, кажа дека бизнисмените бараат инспекциските посети да бидат во насока на едукација, а не веднаш да казнуваат.

Наумов додаде дека е потребна поголема поддршка за малите и средни претпријатија за разлика од сега и во однос на субвенциите на странските компании.

– Кога немате поволности, не можете да бидете конкурентни. Македонските компании мора да плаќаат придонеси, да плаќаат даноци, од што странците се ослободени. На странските компании повеќе им се исплати да увезуваат производи наместо да ги набавуваат од нашите компании, кои само испорачуваат храна и превоз кон нив – изјави Наумов.

На средбата било заклучено дека треба да постои финансиска дисциплина, државата како најголем работодавец да ги исполни обврските кон бизнис-секторот и да не се вршат притисоци во овој предизборен период.


По самитот во Сочи компаниите ќе можат да ги пласираат производите на големи пазари


Скопје, 23 мај, 2016 - 16:08 (META) 

Mакедонските компании имаат шанса за пласман на производи на големи пазари, по најавената зона на слободна трговија меѓу Русија и Југоисточна Азија, смета Македонско-руската стопанска комора по одржувањето на Самитот Русија – АСЕАН (Сојуз на држави од Југоисточна Азија) во Сочи.

– Ова за македонските компании треба да биде сигнал за значително поагресивно настапување на рускиот и пазарот на Евроазиската економска унија, со оглед на најавите за воспоставување на поцврсти економски сојузи. Тие, всушност отвораат пат за пласман на македонските производи на огромни пазари со неисцрпни можности – соопштија од Комората.

На самитот во Сочи учествуваа 350 претставници на бизнис-заедницата, економисти и стручни лица од Русија и од АСЕАН, како и претседатели и премиери на државите членки на АСЕАН.


Охридскиот советник Дејан Блажески го повика Бранко Азески да се огради од одлуката на Иванов


Охрид, 15 април, 2016 - 10:27 (META) 

Дејан Блажески, член на Советот на Општина Охрид, јавно побара од претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, кој воедно е член и на Економскиот совет на Општина Охрид, да тргне по примерот на Стопанската комора на Северозападна Македонија и во името на целата комора да побара од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, да ја ја повлече одлуката за аболиција.

– Одважи се и кажи какви се консеквенците што ги предизвика врз бизнисот  одлуката на Ѓорѓе Иванов! Во овие клучни моменти, веќе не може да се вози паралелен слалом и затоа сметам дека не ви преостанува многу: или  да се одважите и да застанете во одбрана на бизнис-секторот и на интересот на граѓаните или да одмолчите како честопати досега и да ги потврдите сомнежите дека целата ваша досегашна работа е во служба на оваа Влада и на нејзините лоши економски политики. Ве потсетувам дека основното начело поради кое постои Стопанската комора е интересот на бизнис-заедницата – вели охридскиот советник Дејан Блажески.


Прехранбениот сектор, клучен за соработката со унгарските компании


Скопје, 3 јуни, 2015 - 16:09 (META) 

Можности за подобрување на трговската размена меѓу Македонија и Унгарија постои во делот на конфекционирање животински отпад, осигурување на земјоделството од природни непогоди, системи за наводнување, во семенарството, рибарството, како и во делот на примарното сточарство (живинарство, говедарство и свињарство), бидејќи во сите овие области Унгарија е меѓу  водечките земји во ЕУ.

Ова беше истакнато на Македонско-унгарскиот деловен форум што се одржа во Стопанската комора на Македонија.

– Само со добра инфраструктура и со изградба на брза пруга која би одела од Грција преку Македонија до Србија и до Унгарија, ќе се намалат трошоците на транспортните услуги и ќе се интензивира извозот во повеќе сектори, особено во прехранбениот сектор, кој претставува клучен фактор за зголемување на соработката меѓу македонските и унгарските компании – истакна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.

Амбасадорот на Унгарија во Македонија, Јожеф Бенце, најави дека на претстојниот „Агрофуд“ на Скопски саем, ќе учествуваат повеќе унгарски компании, а ги повика македонските деловни луѓе од овој сектор масовно да го посетат и Саемот за земјоделство и храна што во септември се одржува во Будимпешта.

На оваа средба во Комората беше претставена и  Унгарската национална трговска куќа во Скопје, чија улога е поврзување на малите и на средните претпријатија од Македонија и од Унгарија и која во моментов има околу 3000 фирми-членки.

Исто така, беа претставени и можностите за набавка на опрема и на нови технологии и трансфер на знаења од земјоделско-прехранбената дејност од Унгарија, настап на саемски манифестации во Унгарија, како и заедничко аплицирање на компании од двете земји на проекти од програмата на ЕУ, „Хоризонт 2020“.


Владата да не дава нереални ветувања и да се следи одливот на пари, бараат од СКСЗМ


Скопје, 3 јуни, 2015 - 14:10 (META) 

Да се следат финансиските трансакции за да нема неконтролиран прилив и одлив на пари, Владата да се воздржи од нереални ветувања кои не може да ги исполни, како што се зголемување плати, пензии, разни премии, субвенции и нереални вработувања и да не се преоптоварува и задолжува на домашниот и на надворешниот пазар, се само дел од предлог-мерките за излез од кризата на Стопанската комора на Северозападна Македонија.

Од комората бараат да се посвети внимание на реализацијата на патната инфраструктура, особено на изградбата на автопатот кон Косово преку граничниот премин Блаце.

– Во оваа ситуација треба да се прекине исплатата на К-15 на вработените бидејќи во услови на празен буџет, мора да се размисли паметно и да не се бара нешто што не е возможно. Барањата се само на Стопанската комора на Северозападна Македонија и до Владата ќе бидат испратени во најкус рок, бидејќи ситуацијата е сензибилна и треба да се реагира што е можно побргу – изјави новиот претседател на комората, Неби Хоџа.

Од Стопанската комора на Северозападна Македонија упатија апел за итно стабилизирање на политичката состојба бидејќи, според нив, намалени нарачки има кај извозните претпријатија, од кои најпогодени се извозниците на мебел и тие што се занимаваат со градежен материјал.