Обвинителството истражува 42 случаи на изборни нерегуларности


Скопје, 2 декември, 2016 - 13:35 (META) 

Комисијата за следење на изборни нерегуларности на Јавното обвинителство досега отворила 42 истраги за кривични дела извршени за време на изборниот процес. Како што информираа денеска од Јавното обвинителство, 20 предмети биле оформени по службена должност, односно по допрен глас по информациите објавени во медиумите, порталите и на социјалните мрежи, три кривични пријави се поднесени од физички лица, а 19 случаи биле отворени по пријави од здруженија на граѓани, политички партии и од институции.

„Голем дел од пријавите поднесени од здруженија на граѓани или политички партии, пристигнаа по оформување на предмети по допрен глас за истите настани. Стигнатите кривични пријави беа придружени кон основниот предмет оформен по допрен глас и препратени кај надлежните обвинителства на понатамошно постапување“, велат од Јавното обвинителство.

Сите 42 отворени случаи веднаш биле препратени на „итно постапување“ до надлежните основни јавни обвинителства, кои, како што се наведува во соопштението, преземаат итни мерки за расветлување на настаните и за утврдување на фактите за откривање на евентуална кривична одговорност.

„Се испитуваат подносители на пријавите, сведоци, лица кои можат да помогнат во откривање на настаните, издадени се бројни наредби до Министерството за внатрешни работи за прибирање на потребни факти и податоци во предметите, како и до други институции за прибирање на потребни информации. Постапувањето на основните јавни обвинителства ќе продолжи сè до утврдување на фактичката состојба и до донесување на јавно-обвинителска одлука. Јавното обвинителство на Република Македонија дополнително ќе ја извести јавноста за нив“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство во март годинава формираше комисија за следење на изборни нерегуларности, чија цел е да го заштити изборниот процес од криминални и од други противзаконити активности.

„Јавното обвинителство на Република Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок, односно пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса izbori@jorm.gov.mk и до сите надлежни основни јавни обвинителства“, апелираат од обвинителството.