Филмот „Исцелител“ по наградите во Бергамо и Софија, на фестивал во Обањ


Скопје, 21 март, 2018 - 14:20 (META) 

Филмот „Исцелител“, кој минатата недела освои две значајни награди на два престижни меѓународни филмски фестивали, утре ќе биде дел од  натпреварувачката програма на фестивалот во Обањ, Франција, каде е во конкуренција за награда со девет други филмови.

На филмскиот фестивал во Бергамо, Италија минатата недела „Исцелител“ на младиот режисер Ѓорче Ставрески беше избран за најдобар филм во главната натпреварувачка конкуренција, а на филмскиот фестивал во Софија доби специјална награда од жирито на Балканската програма.

Покрај овие два фестивала, „Исцелител“ истовремено беше прикажан и на „Франкофилм“ во Рим и на „Фебиофест“ во Прага, каде сите проекции беа целосно распродадени.

Филмскиот фестивал во Обањ е основан 2001 година како фестивал кој е посветен на промоција на нови кинематографски остварувања со посебен акцент на музиката во филмовите. „Исцелител“ досега учествуваше на 16 филмски фестивали и освои пет меѓународни награди, а во Македонија го гледаа околу 12.000 гледачи.


Утре премиера на „Љубовен маратон“ во штипскиот театар


Штип, 18 јули, 2016 - 16:27 (META) 

Премиерата на комедијата „Љубовен маратон“, претстава за женет маж кој решава да тргне по нови животни возбудувања, изневерувајќи ја својата сопруга, ќе биде изведена утре во рамките на манифестацијата „Штипско културно лето“.

Оваа претстава е е работена по дело на Нил Сајмон, а во режија на Никола Ристов.

За режисерот, ова е вторпат во тетарот во Штип да работи по дело на Сајмон.

– Претставата побудува многу интересни прашања за тоа што сме направиле во животот и како сме донеле некои одлуки – вели режисерот Ристов.

Главниот лик во претставата на Берни Кешман го игра актерот Виктор Арев, додека во улогата на жените со кои тргнува во авантура се три актерки од помладата генерација на штипскиот театар – Марија Минчева, Ангелка Нашкова и Елена Шорова. По премирата на „Љубовен маратон“, во Народниот театар почнуваат подготовките за новата премиера. Дејан Пројковски ќе работи претстава по делото „На дното“ на Максим Горки.


Со „Стјуардеси“ почна фестивалот на комедијата „Гола месечина“


Скопје, 21 јуни, 2015 - 15:34 (META) 

Пред повеќе од 1.000 гледачи, почна вториот по ред Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“, со претставата „Стјуардеси“ на Театар „Комедија“, на отворената сцена на фудбалското игралиште до детската градинка „Сонце“ во Реонски центар „Аеродром“.

На фестивалот до 30 јуни ќе бидат прикажани уште осум претстави од македонските и од театри од регионот.

Денеска на репертоарот е комедијата „Дамите бираат“ на „Алт театар“ од Сараево.

Претставите почнуваат во 21 часот, а влезот е бесплатен.