Контраспин: Ниту името, ниту „браникот на таковината“ зависат од Агатангел


Скопје, 15 февруари, 2018 - 8:24 (META) 

Две и пол деценискиот спор со Република Грција за името е политички, државен. Владиката Агатангел, се разбира дека може да има став, меѓутоа не може да настапува во име на Македонската православна црква (МПЦ –ОА), а особено не смее да повикува на одбрана на „татковината и на името“ (!), од проста причина што тоа не е црковно прашање. Зачудува и зошто токму сега на владиката му текна дека може да се искине „македонскиот ѓердан бисери“? Не слушнавме таква загриженост кога пред три години опозицијата ги објави прислушуваните разговори, во кои јасно се слуша како претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ водела тајни преговори со Грција и дека за македонската страна било прифатливо сложено име при што се споменуваат референци: независна, суверена, демократска и географски одредници, пишува „Вистиномер.мк

Оливера Војновска

Митрополитот Повардарски Агатангел деновиве  (10.02.2018) најнапред преку напис во дневниот весник „Нова Македонија“, а потоа и во уште попрецизна изјава која ја пренесе прилепската регионална телевизија „Канал визија“, испрати спинерска порака во која го повика „македонскиот народ во одбрана на македонското име и на татковината“.

Спин: …Ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака само да земе жилет и да го сецне и бисерите да излетаат да ги снема, бисер да не остане. Но, нема, имаме ние комити тука наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи. И оние што сакаат туку-така лесно, на многу лесен начин да го дадат името и убедуваат, гледам, некои министри на документарни емисии политички, аналитичари што првпат ги гледаш кога станаа аналитичари не знам, претпоставуваат нешто…. Јас го молам  (народот ) и тоа ми е пораката во излагањето мое во „Нова Македонија“ од саботата и неделата, повик кон целиот македонски народ: Да земеме да си ја сочуваме нашата државата, да застанеме цврсто на браникот на одбраната на татковината, на нашето име, на нашиот македонски јазик, на нашата македонска Црква, на нашата култура, на нашата историја… Можете да замислите сега Бугарите бараат од нас да ја менуваме историјата… Страшно нешто… (од 1,41 до 3,14 минута од видеото)

Затоа, го молам целиот наш македонски народ цврсто да застане на браникот, политичарите да размислат добро што прават, они се пролазни, денеска се утре не се… Но, и вие новинарите, чувајте ја, бранете ја, сакајте ја од длабочината на вашето срце и верувајте ми ќе бидеме најбогат народ (од 5, 30 до 6,03 минута од видеото)

[Извор: „Нова Македонија,  датум: 10.02.2018]

[Извор: „Канал визија“ ФБ страница, датум: 12.02.2018]

 

Контраспин: Ваквиот настап на владиката Агатангел, во кој ја обвинува власта дека има нечесни намери да го смени името на државата и го повикува македонскиот народ да „застане цврсто на браникот на одбрана на татковината“ , воопшто не приличи за едно свештено лице и претставува политички спин.

Kontraspin-foto-Vistinomer-1024x281-e1500652724996

Самиот настап  на митрополитот Повардарски е прилично проблематичен, со оглед на фактот што тој се стави во улога на политичар и се замеша во работи кои се надвор од ингеренциите на Црквата. Според Уставот, Македонија е секуларна држава и верските заедници не треба да се мешаат во нејзината работа. Уставот ја „гарантира слободата на вероисповеста“но истовремено во член 19, став 3 прецизно кажува дека:

Македонската православна црква, другите верски заедници и религиозни групи се одвоени од државата и се еднакви пред законот.

Две и пол деценискиот спор со Република Грција за името е политички, државен. Владиката Агатангел, се разбира, може да има став, меѓутоа не може да настапува во име на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ –ОА), а особено не смее да повикува на некаква одбрана на „татковината и на името“ (!), од проста причина што тоа не е црковно прашање.

Впрочем, тоа денеска го кажа и потпаролот на МПЦ-ОА, Тимотеј, кој во изјава  за „Макфакс“ вели дека секој има право на свое мислење, но потенцира доколку владиката Агатангел навистина изјавил такво нешто, тоа не е став на Синодот, ниту на Црквата.

Не го видов, не знам за што станува збор. На Црквата не ѝ е работа да се занимава со востанија. Таа треба да се грижи за духовниот живот на верниците, а не да се занимава со дневнополитички прашања и партиски престрелкивели Тимотеј за „Макфакс“.

Во однос на името, сигурно дека ниту еден Македонец не сака да му се менува името, но тоа не е наша работа. Ако тоа не задира во идентитетот и јазикот, тоа е оценка за оние што се платени за тоа. Впрочем, сите ќе може да се изјаснат, бидејќи тоа прашање ќе оди на референдум. Наше е да шириме мир, љубов и разбирање меѓу луѓето, а не да работиме на нивно разидување“, додава владиката Тимотеј.

Од друга страна, зачудува зошто токму сега на владиката Агатангел му текна дека „ние сме еден ѓердан македонски и сега некој сака само да земе  жилет и да го сецне и бисерите да излетаат да ги снема, бисер да не остане“, па го повикува народот да застане на браникот на татковината“ :

…Имаме ние  комити тука наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи.

Не слушнавме од Агатангел вакви патриотски повици кога пред три години (мај 2015) опозицијата ги објави прислушуваните разговори, во кои јасно се слуша како претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ водела тајни преговори со Грција за спорот името, дека за македонската страна било прифатливо сложено име при што се споменуваат референци: независна, суверена демократска…, како и географски одредници.

Исто така, несфатливо е како може еден великодостојник, од кој се очекува да проповеда милост, почит и љубов меѓу верниците, да си дозволи да говори со гнев , па дури и со омраза, како што тоа го прави Агатангел (во текстот објавен во „Нова Македонија“) кон актуелните политички личности кои ги водат преговорите. Иако тој не споменува конкретни имиња, сепак, може да се препознае на кого милси Агатангел кога вели „нечестивиот“ и кои лица имаат „нечесни намери“, па поради тоа ќе „завршат на ѓубриштето на историјата“:

Пред нас е исправен нечестивиот со неговите поделби и немири. Без наше учество во неговото недело, неговите намери се безвредни, а неговата сила е бессилна и хаотична. Неговата намера е јасна, а неговите постапки се очигледни. Ни се предлага безумство и нечуена лудост. Не само што сме присилени да се самоукинеме како македонски народ, туку треба и да им бидеме благодарни за тоа на новите кумови… 

Имаме шанса, драги мои, да ги посрамиме сите оние што имаат задни и нечесни намери. Нашето одлучно „не!“ на нивните предлози се нивниот најголем пораз. Нашата решителност и одважност за националните прашања силно ќе одекнат во светот. Преку нив ќе си го зачуваме образот и ќе го надградиме нашиот углед. Не постои власт во светот што може да оди против својот народ. Оној што се обидел да оди спротивно од народните потреби и интереси неславно и во срам завршува на ѓубриштето на историјата

И, за жал, токму пелинот што извира од тонот, со кој на ваков начин Агатангел се обраќа до неговите „драги Македонци“, се заканува да ги искине бисерите од македонскиот ѓердан, за кој, наводно, толку многу е загрижен.


Попоски за „Катимерини“: Македонија и Грција треба да си дадат шанса


Атина, 21 февруари, 2016 - 12:35 (META) 

Ниту затворањето на границите, ниту навивањето Грција да излезе од шенген-зоната, но ни користењето на ситуацијата со бегалците за Македонија да поентира за влез во Европската унија (ЕУ) и во НАТО не ѝ оди во прилог на нашата земја.

Ова го посочува министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во колумна во весникот „Катимерини“ околу бегалската криза и проблематичната ситуација со македонско-грчката граница.

Попоски истакнува дека актуелната криза треба да се види не како можност за поентирање на туѓа штета, туку како можност двете страни конечно да ја подобрат соработката.

„Затворањето на границите се коси со основните христијански вредности, идејата да се искористи ситуацијата со бегалците за да напреднеме во ЕУ и во НАТО не ни носи корист, додека, пак, излезот на Грција од шенген-зоната е против европските закони. Она што го гледаме сега е голема можност да соработуваме, да ја зацврстиме довербата и да се надеваме дека инвестирањето во пријателството ќе ги приближи двете држави“, пишува Попоски во колумната.

Тој посочува дека тешките времиња се добра можност да се работи и да се тестираат меѓусебните врски.

„Да си дадеме една шанса“, вели Попоски.

Министерот во колумната се задржува и на досегашните односи меѓу двете страни и како ситуацијата со меѓусебната граница влијаела на двете страни во еден или друг момент. Како што посочува, во Грција северната граница била поврзувана со погрешниот страв дека Македонија сака да ја измени границата и да се прошири кон југ, односно кон грчките територии, додека во Македонија границата се поврзува со непотребното ембарго и стравот од идејата дека Грција би сакала да ги измени македонските граници и да ја подели Македонија за да не постои повеќе.

Независно од политичките проблеми, Попоски коментира дека луѓето и од двете страни преку туризмот и трговската размена секојдневно ги надминувале границите и проблемите. Вели, границите се една од оние работи кои едноставно не може да се гледаат како нешто позитивно.

„Најголемиот успех на Европа е тоа што направи да исчезнат границите. Тоа е и суштината на Европа, целосна, слободна и во благосостојба. Ова ги инспирира и другите земји кои не се во шенген-зоната да ѝ се приклучат“, додава Попоски.

Министерот забележува дека тоа што го посакува Македонија е силно стратешко партнерство со Грција, иако останува вознемиреноста од ставот на Грција за нашиот прием во ЕУ и во НАТО.


Се врати „Сакам да кажам“ на Горан Михајловски


Скопје, 29 јануари, 2016 - 20:12 (META) 

Популарната колумна „Сакам да кажам“ на Горан Михајловски од вечерва се враќа со своја веб-страница, www.sakamdakazam.mk.

Новата неделна колумна ќе излегува секој петок навечер, а првпат во земјава освен пишана форма ќе има и аудиоподкаст, а наскоро и видеоверзија.

На веб-страницата ја има и целата архива од 25-годишното постоење на „Сакам да кажам“, како и можност за бесплатно симнување на четирите збирки на колумните на Михајловски.

– Ми требаше четвртина век да сфатам дека е најважно да имаш што да кажеш и тоа да направи разлика, а не во кој медиум го кажуваш. Тешко ми е што се одвојувам од печатениот медиум, ама време беше да влезам во 21 век – вели Михајловски.

Со новата веб-страница на Михајловски, „Сакам да кажам“ ја одбележува 25-годишнината од постоењето и е најдолготрајна и најпопуларна колумна во историјата на македонското новинарство.

Првата колумна излезе на 12 јануари 1991 година во „Вечер“, а од јули 2000 година излегуваше 15 години секоја сабота во „Вест“, весникот што Михајловски го основа и чијшто главен уредник беше до 31 декември 2015 година.


МПЦ – Табу-тема


Во добар дел на забранети теми, и покрај сите обиди на власта да ја замолчи критичката мисла во медиумите, сепак тука-таму ќе најдете и некој сериозен критички текст против власта и нејзините потези, па и написи за најделикатните теми, како што се корупцијата, непотизмот, тендерските махинации… Најчесто во скромен обим и со „лајт“ критика.

Само за Македонската православна црква речиси да нема ништо негативно. Овој молк не може да се мери со ниту една друга табу-тема. Повеќе индискретности излегуваат од Ватикан, отколку од МПЦ. А тие постојат.

Велат дека Македонците, според некои мерења, биле најрелигиозниот народ во Европа. А и црквата добро поминува и во нашите домашни мерења. (Злобниците би рекле: кога не оди ништо, тогаш се бара утеха во религијата.)

Сепак, има нешто што не е јасно во изјаснувањата за религиските определби. Религиозноста кај Македонците е нешто што се прифаќа по автоматизам. По неколкудецениско потиснување на религијата на општествените маргини, реално постоеше еден бран на искрено задоволство од ослободувањето на стегите. Тоа се одрази во некритичкото прифаќање и однесување кон сè што е религија, обичаи, традиција. Тогаш почнаа напливи на теми и на текстови за религијата, црквата, нејзината улога за здравјето на нацијата(!?) и така натаму. Но, сето тоа беше или површно или лошо пласирано, со отсуство на каква било сериозна критика за очигледните претерувања и невкусoт во практикувањето и во манифестирањето на религиските чувства и обичаи. Почнаа да никнуваат цркви и црквички (најчесто грди градби), се собираа значајни средства од верниците. Безмалку да нема настан на кој не му кумуваат, односно попуваат свештени лица. Камен-темелник не се става ако не присуствува поп или владика. На МПЦ ѝ беа вратени вредни имоти со кои очигледно не многу домаќински знае да раководи и тие стануваат предмет на сомнителни финансиски конструкции. Во тандем со државата, се прават транге-франге бизниси околу атрактивни градежни парцели. Приходите на црквата се работа на длабока тајност. Нема отчет, нема фискални каси, цените за религиски услуги се мошне произволни.

КОНСПИРАТИВНОСТ

Врвот на црквата е како некоја конспиративна организација која со јавноста комуницира со сила (само кога мора), бледо, неволно, преку соопштенија, фингирани интервјуа или преку владиката-портпарол, кој би бил прoтотип за личност што не знае да комуницира со луѓе. Не дај Боже некој да чепне во статусните привилегии на владиците, иако се гледа дека растрошноста и луксузирањето не им се туѓи. Ако некој му се спротивстави на Светиот синод или на некој владика посебно, тој е веднаш прогласен за неверник, значи непријател на црквата и на народот. И заканите со фрлање анатема лесно се потегнуваат.

Медиумите, пак, се сериозни соучесници во третирањето на религијата на начин кој не е соодветен за времето. Во нив дури се прифаќа и архаичниот црковен јазик и во сосема дневни извештаи. Новинарите, не знам зошто, се напрегаат да звучат како попови. Задолжително нема да се избегне, на пример, архиепископот да се именува со она „двоен господин“, што звучи мошне исчашено. Како и сите оние црковни термини кои завршуваат на „-ение“.

Најверојатно поради непознавање и страв од бесот на црквата, македонските медиуми негативно за МПЦ пишуваат мошне, мошне ретко или, пак, воопшто не пишуваат. Дури и кога се работи за скандали каков што е оној со отцепување на црквата во Австралија, на пример. Или, пак, со потпишувањето на некои мошне сомнителни спогодби со СПЦ. Кога ќе се појави проблем, владиците добиваат неограничен простор во медиумите за да ги испокараат оние што не мислат како нив, во недостоен манир.

ШТО ЌЕ СЕ ЈАДЕ?

Написите и прилозите во медиумите, кога се работи за МПЦ, се сведуваат на поводни бележења на активностите на црквата, најчесто по повод црквените празници. За суштината на религијата, верувањето, историските религиски релации и предизвици, ниту збор. „Најинвентивното“ третирање на религијата е околу Божик или Велигден кога новинарите анкетираат верници пред црквите. Во најголем број случаи од анкетите, сè се сведува на тоа што ќе има на празничната трпеза, за тоа што ќе се јаде и пие. За чувствата, односот на религиските норми и за секојдневниот живот, благородноста и за разбирањето со другите, едноставно не станува збор! Да не зборуваме за некои повисоки филозофски сфери на религијата. Внимателно сум слушал и гледал да распознаам нешто што ќе говори посуштински за религијата. Тоа, кога се работи за практиката, МПЦ едноставно ја нема. Дури и оние „посланија“ на владиците се, главно, поводни или, пак, во прилог или за рекламирање на власта која им повладува во нивното баханалиско однесување. За возврат, се палат свеќи за успех на Владата.

МПЦ има очигледна амбиција да се занимава и со сфери кои никако не се нејзин домен. Настојувањето за воведување настава по религија, веронаука, во основните училишта (фала Богу не се оствари) е спротивно на цивилизациските норми. Црквата и верските заедници во сите современи земји се нешто што одамна е одвоено од државата. Ако на нешто треба да се научат младите, тоа е да мислат со своја глава. Веронауката на овој начин е поставена чекор кон спротивното. Таа учи на покорување, на утврдени догми со векови непроменети. Наместо наука за религиите, се беше вовела чиста верска настава. Сетете се дека при краткото воведување на овие предмети во школите, на нашите телевизии гледавме како децата го почнуваат часот со крстење! Тука веќе завршува и науката, почнува верска практика.

СУЕВЕРНИЦИ

Немањето став кон религијата, туку автоматското прифаќање може само да упати на тоа дека религијата воопшто не ја познаваме. Од тоа и тврдењето дека нашите верници се повеќе суеверници отколку верници. Популацијата нема основни познавања за суштината на религијата, МПЦ не им пружа можност да ја запознаат зашто е преокупирана со своите лукративни дејности. Масовното крстење по стари години со оправдување дека биле оневозможувани од комунистичките власти воопшто „не држи“ и тоа се прави од чисто суеверие. Прво, затоа што не е точно, зашто и во комунизмот можеше да се кршетва, венчава, да се слават верски празници. На тоа не се гледаше баш добро ако сте сакале да напредувате во кариерата, но постоеше слобода на избор за оние кои се вистински верници. Тој избор подразбираше дека нема да ѝ повладувате на власта заради својот духовен мир и верувања. Сегашната острастеност на заговорниците на религијата се сведува на истото. И сега тие сакаат да се додворат и да се покажат дека се на „исправната“ политичко религиозна линија.

Тоа е истиот ментален склоп од минатото. Само во обратна насока. Веднаш се препознаваат оние истите кои во времето на комунизмот фрлаа со вапцани јајца по поповите, кои се поплукуваа кога ќе поминеше поп (да не ги удрела несреќа). Ги препознавам истите тие или нивните потомци кои влегуваат во Општина Центар да го тепаат градоначалникот заради црквата која, наводно, не давал да се гради. Тоа сигурно не се верници.

Пораката од овој текст до медиумите би била: да размислат за своето сакано (или несакано) соучесништво во идеологизирањето на религијата на примитивен начин. Религијата не е издвоен дел од човековото живеење. Таа не е нешто посебно. Религијата е длабоко интимно доживување на секој поединец на различен начин. Затоа, таа треба да се сведе на тој свој опсег , без притоа да се прават и создаваат недопирливи фетиши.

Пишува: Александар Шољаковски