Рибарев: Нема да има промена на судиите за предметите што се во тек


Скопје, 4 мај, 2017 - 20:11 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска се одржал колегиум на судиите на кој в.д. претседателот на судот, Стојанче Рибарев, ги известил колегите дека со новиот годишен распоред за работа, помеѓу судиите ќе бидат прераспределени само прекршочните предмети за кои сè уште не е закажно судење, соопштија од судот.

Сите други предмети, соопштил Рибарев на колегиумот, за кои процедурата веќе тече, „ќе ги завршат судиите кај кои тие се распоредени и по кои постапуваат, со што нема да има никакво непотребно одолжување на предметите и штетни последици за странките“.

„Истовремено претседателот на судот ги извести судиите дека поради промена на околности, односно промена на бројот на предмети и заминувањето на одредени судии во пензија, ќе почне измена и дополнување на постојниот распоред за работа на судот, во кој ќе бидат земени предвид и забелешките на судиите во однос на распоредот“, се додава во соопштението.


Американците утре ќе гласаат за нов претседател


Вашингтон, 7 ноември, 2016 - 10:17 (META) 

Утре 225 милиони Американци ќе гласаат за нов претседател, а ќе победи кандидатот кој ќе освои 270 електорски гласа, апсолутно мнозинство од 538. Во трка се демократската кандидатка Хилари Клинтон и републиканецот Доналд Трамп.

Изборите се одржуваат во вторникот по првиот понеделник во ноември, на секои четири години, а гласањето е во еден круг во секоја од 50 американски сојузни држави.

Победата во некоја држава одредува како ќе гласаат членовите на изборниот колегиум, орган кој потоа ќе го избере идниот претседателот на САД.

Најновата голема анкета на „Еј-би-си“ и на „Вашингтон пост“, објавена вчера, ѝ дава на Клинтон предност од пет процентни поени во однос на Трамп.


Денеска се избира претседател на Уставниот суд, фаворит на Гошева – судијата Ивановски


Скопје, 17 октомври, 2016 - 11:15 (META) 

Уставните судии денеска, на колегиум закажан за 11 часот, ќе избираат нов претседател на судот, дознава „Мета“ од извори во Уставниот суд.

На актуелната претседателка, Елена Гошева, мандатот ѝ истекува на 1 ноември, односно за две недели.

Нашите извори велат дека колегиумот за избор на претседател бил закажан за денеска бидејќи, во спротивно, без нов претседател би се блокирала работата на Уставниот суд.

Според информациите, најсериозен кандидат за претседателската фотелја е судијата Никола Ивановски, кој, наводно, ја има поддршката на Гошева.

Новиот претседател, од својата претходничка ќе го наследи жешкиот костен со иницијативата за оценување на уставноста и на законитоста на Законот за Специјално јавно обвинителство (СЈО), која веќе една година е во фиоките на судот и досега сè уште не се нашла на дневен ред, и покрај бројните повици од опозицијата и од невладиниот сектор.

Актуелната претседателката, чиј мандат истекува на 1 ноември, за член на Уставниот суд беше избрана во мај 2012 година. Еден месец подоцна за судија во Уставниот суд беше избран и Никола Ивановски.

Инаку, за неколку месеци на уставните судии Наташа Габер-Дамјановска, Гзиме Старова и Исмаил Дарлишта им истекува деветгодишниот мандат. Тие беа избрани во Уставниот суд во 2008 година.

Според Уставот, Собранието ги избира судиите на Уставниот суд со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Мандатот на судиите трае девет години без право на повторен избор. Уставниот суд избира претседател од своите редови за време од три години и без право на повторен избор. Судиите на Уставниот суд се избираат од редот на истакнати правници.