!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Премиерот на Исланд си поднесе оставка


Рејкјавик, 16 септември, 2017 - 18:21 (META) 

Претседателот на Исланд, Гудни Јохансон, денеска ја прифатил оставката на премиерот Бјарни Бенедиктсон, кој изјавил дека новите парламентани избори во земјата најверојатно ќе се одржат на 4 ноември, јавуваат светските медиуми.

Исландската влада на десниот центар, која беше формирана пред девет месеци, се распадна вчера по повлекувањето на малцинскиот коалиционен партнер – Центристичката партија за светла иднина, откако било откриено дека таткото на премиерот му помогнал на лице осудено за педофилија да го „исчисти“ досието за да може повторно да бара работа.

Претседателот Јохансон, по средбата со Бенедиктсон, се очекува денеска да разговара и со лидерите на другите партии.

Владата на Бенедиктсон имаше тенко мнозинство во исландскиот парламент – 32 од вкупно 63 пратеници, по изборите во октомври минатата година, кои беа распишани откако претходниот премиер Сигмундур Давид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка по обелоденувањето на скандалот „Панама пејперс“. Во документите беше откриено дека Гунлаугсон и неговата сопруга имале офшор-компанија на британските Девствени Острови.


Саша Богдановиќ е кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар


Скопје, 13 септември, 2017 - 21:17 (META) 

Саша Богдановиќ, директорот на Јавното претпријатие „Паркинзи – Општина Центар“, ќе биде кандидат на СДСМ за градоначалник на општина Центар, потврди лидерот на партијата и премиер, Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето на договорот со лидерите на 21 партија за предизборна коалиција.

Заев ја потврди кандидатурата на Богдановиќ откако актуелниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски, се повлече од трката за втор градоначалнички мандат и, како што се договорил со премиерот и лидер на СДСМ, ќе добие функција во централната власт.

Инаку, Заев и лидерите на 21 партија вечерва потпишаа договор за заеднички настап на локалните избори под мотото „Живот во Македонија за сите“.

– Формиравме предизборна коaлиција предводена од СДСМ за следните локални избори. Настапуваме отворено, го слушнавме гласот на граѓаните кои избраа заедништво, наспроти поделби. Граѓаните од целото општество имаат шанса да учествуваат во промените и тоа го прават. Затоа сум убеден дека оваа коалиција по промената на централно ниво ќе донесе и промени на локално ниво на изборите на 15 октовмри – рече Заев.


Димовски: Ќе ги поддржиме законите поднесени од СДСМ по скратена постапка


Скопје, 7 септември, 2017 - 17:15 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија имаат намера да гласаат позитивно за трите закони по скратена постапка што се поднесени од СДСМ, но бараме политички начин да извршиме притисок врз СДСМ тие да гласаат за трите закони што ги поднесоа ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече денеска на прес-конференција координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.

Тој додаде дека законите поднесени од ВМРО-ДПМНЕ се за зголемување на платата во јавниот сектор, за обезбедување ваучери за набавка на компјутери и компјутерска опрема за студентите, како и за намалување на трошоците и на каматите во постапките за извршување преку извршителите и нотарите.

Според Димовски, на денешната Комисија за европски прашања по однос на Законот за употреба на јазиците им било оневозможено гласање, со тоа што претседателот на Комисијата, Артан Груби, не дозволил да се гласа поединечно за законот.

– Нашиот став останува ист – дека законот за употреба на јазиците е надвор од Уставот, не е во рамки на Охридскиот договор и е дискриминирачки спрема македонскиот јазик, но и спрема јазиците на турската, бошњачката, српската, ромската и на влашката заедница во Република Македонија – додаде Димовски.


НСДП ќе коалицира со СДСМ на локалните избори


Скопје, 2 септември, 2017 - 15:07 (META) 

НСДП денеска во Скопје одржа седница на централниот одбор, на која било одлучено партијата да продолжи со учеството во коалицијата предводена од СДСМ и на претстојните локалните избори, кои ќе се одржат на 15 октомври.

„Беше констатирано дека општинските организации на партијата кадровски и оперативно се целосно подготвени да го дадат својот придонес за убедлива победа на кандидатите за градоначалници и листите за советници од коалицијата предводена од СДСМ. Со победата на локалните избори, почнатиот процес на реформи и декриминализација на институциите на системот ќе продолжи и на општинско ниво“, се вели во партиското соопштение.


СДСМ во Кичево нема да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 11 август, 2017 - 16:59 (META) 

СДСМ за локалните избори што ќе се одржат во октомври нема намера да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ во Кичево, оти му се битни концептите што се битни за граѓаните, а не етничкиот концепт, рече пратеникот од СДСМ, Петре Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Собранието на Република Македонија.

Прашан дали е можна соработка во општина Кичево со ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека неговата партија на минатите парламентарни избори ги надминала етничките разлики.

– Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги надмина етничките разлики на минатите парламентарни избори. За нас, во Македонија постои трка на концепти што се нудат на граѓани, не постои етнички концепт – рече Шилегов.

Тој најави дека СДСМ до крајот на месецот ќе ги претстави сите кандидати за градоначалници. Имињата што сега се вртат во јавноста се сè уште во сферата на шпекулациите, вели Шилегов.

– Имињата што во моментот се вртат во јавноста, како можни кандидати за градоначалници на Социјалдемократскиот сојуз или коалицијата за претстојните локални избори се сè уште во сферата на шпекулација. Постапката е во тек и очекуваме дека кон крајот на месецов ќе заврши и официјално ќе бидат претставени сите кандидати – појасни Шилегов.


Законот за употреба на јазиците, Османи го очекува на владина седница следната недела


Скопје, 24 јули, 2017 - 14:56 (META) 

Законот за употреба на јазиците би требало набргу, во наредните денови, да биде подготвен од Владата, а по новите изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го ревидира својот став кон Албанците, изразуваме очекување таа партија да го ревидира својот став и со консензус да го донесеме законот за јазиците, рече вицепремиерот Бујар Османи.

Одговарајќи на новинарско прашање пред денешната заедничката работна средба на Секретаријатот за европски прашања и на Министерство за правда, која се одржува во Клубот на пратениците во Скопје, тој појасни дека работната верзија на предлог-законот за употреба на јазиците ќе се најде на владина седница многу набргу, во наредните денови.

– Во наредните денови Владата ќе го разгледа и се надеваме дека ќе го усвои Законот за употреба на јазиците. Ние сме задоволни дека има консензус меѓу политичките партии да се адресира овој закон и многу бргу, велам, можеби во наредните денови, можеби наредната седмица, на седница на Влада ќе биде ставен овој закон – рече Османи.

Прашан дали очекува опструкции од ВМРО-ДПМНЕ за изгласувањето на овој предлог-закон во Собранието, вицепремиерот се осврна на пораката од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе се ревидира ставот кон албанската заедница.

– Тие имаа јавен став дека ќе го сменат односот кон албанската заедница, затоа што констатирале во партијата дека имале погрешен пристап. Ние сметаме дека ова е идеална можност ВМРО-ДПМНЕ да го коригира ставот и заеднички со консензус да го донесеме законот за јазици. Мислам дека такво чувство имаме добиено од јавните ставови на ВМРО-ДПМНЕ – рече Османи.


ВМРО-ДПМНЕ ќе побара информации за новите вработувања во институциите


Скопје, 22 јули, 2017 - 13:11 (META) 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за подобра Македонија ќе поднесат барање да им се достават информации за тоа колку нови луѓе се ангажирани или вработени во државните институции на определен, неопределен период, засновале работен однос врз основа на договор за дело, авторски или друг договор, информираше на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Тој додаде дека во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, ќе бараат да им биде доставена оваа информација бидејќи „јавноста секојдневно е бомбардирана со вработувања на партиски војници, членови на таканаречената „Шарена револуција“ и лица кои се во директни роднински релации со функционери од власта.“

– СДСМ дури и во ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура има предвидено повеќе средства за партиски вработувања во рамките на министерствата. Во буџетот има допoлнителни 12 милиони денари за привремени вработувања во Владата, односно буџетот е направен за да одговори на основната желба на СДСМ за партизација на институциите – изјави Данев.


Села: Ако во првите 100 дена не биде усвоен законот за јазиците, ќе ја напуштиме Владата


Тетово, 9 јули, 2017 - 19:17 (META) 

Лидерот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, денеска на редовното партиско собрание во Тетово рече дека доколку во првите 100 дена од новата влада не биде усвоен законот за проширена употреба на албанскиот јазик, неговата партија ќе ја напушти коалицијата.

Села смета дека тоа би била последна мерка за која се надева дека ќе нема потреба да се преземе. Лидерот на ДР-ДПА не мисли дека е неопходно нацртот прво да оди на мислење во Венецијанската комисија.

Села не ја исклучи можноста за обединување на партиите учеснички во Алијансата за Албанците, во една единствена партија.

На редовното партиско собрание на ДР-ДПА во Тетово беше одлучено нови потпретседатели на партијата да бидат Елми Азири и Ремзи Мемеди. Едниот доаѓа од разгранокот во Куманово, а другиот од Кичево.


Лидерите на Западен Балкан на самит ќе потпишат договор за основање комисија за воени злосторства


Белград, 16 мај, 2017 - 15:15 (META) 

Коалицијата за основање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воените злосторства (РЕКОМ) направени за време на војните во поранешна Југославија од 1991 до 2001 година, ќе ги повика лидерите на Западен Балкан на самит на 12 јули во Трст да потпишат политички договор за основање на таа комисија.

Основачката на Фондот за хуманитарно право, Наташа Кандиќ, вели дека ќе бара основањето на регионалната комисија да се воведе во Берлинскиот процес и во декларација по самитот во Трст, додавајќи дека утврдувањето на имињата на жртвите и пописот на местата на злосторствата се минимална задача што владите во регионот мораат да ја направат.

Таа рече дека Коалицијата РЕКОМ попишала околу 23.000 жртви, Хашкиот трибунал попишал околу 18.000 жртви, но дека тоа се само „дел од 130.000 жртви на војни на просторот на поранешна Југославија“.

Директорката на Иницијативата „Млади за човекови права“, Ана Митиќ, вели дека Берлинскиот процес е одличен инструмент за соработка во регионот и дека основањето на РЕКОМ треба да биде вклучено во тој процес „затоа што тоа е единствен начин регионот природно и нормално да се соочи со тоа што се случило“.

Коалицијата РЕКОМ, која ја сочинуваат повеќе од 1.800 организации на невладиниот сектор и поединци од сите држави од поранешна Југославија, почна со собирање потписи за петиција за основање на независна, меѓудржавна регионална комисија за утврдување на фактите за сите жртви на воени злосторства и за другите тешки кршења на човекови права сторени на територијата на поранешна СФРЈ од 1991 до 2001 година.


Заев: Време е парламентарното мнозинство да си ја преземе одговорноста


Скопје, 27 април, 2017 - 15:05 (META) 

„Како парламентарно мнозинство што ја доби довербата, оставивме овие пет недели целата јавност да се увери на каков лажен патриотизам се подготвени Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ и нема сомнеж дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ не сака да ја предаде власта бидејќи се плаши од одговорност. Бегање од одговорност нема, амнестија нема, ќе се оди на суд толку често колку што има основани соменвањa за кршење на законoт. Ќе важи за мене и за Груевски и за сите. Законот ќе важи за сите“, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата во Собранието, во паузата на продолжението на конститутивната седница.

Тој прво одговори на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата на досегашнтие 20 продолженија на конститутивната седница и одлучно негираше дека ќе има промена на државните симболи, дека ќе има федерализација или прогласување на Македонците за геноциден народ.

– Сакам уште еднаш да повторам пред сите: лага е дека ќе се менува Уставот, дека ќе се носат закони спротивни на Уставот, дека ќе има кантонизација, дека ќе се менува уставното име, знамето, химната. Лага е дека ќе се учи албански во Штип, лага е дека македонскиот народ ќе се прогласи за геноциден – рече Заев.

Тој зборувајќи за намерите на идната влада и за коалициските преговори, рече дека ќе се зајакнува унитарниот карактер на Република Македонија.

– Точно е дека сè ќе биде во функција на зајакнувања на унитарниот карактер Македонија и точно е дека никој не барал ништо надвор од Уставот, ниту уценувал. Точно е дека ќе има закон со кој ќе се унапреди употребата на јазиците на албанската заедница и на другите етнички заедници – рече лидерот на СДСМ, додавајќи дека тенденцијата е Македонија да биде едно општество за сите.

Во поглед на решавањето на спорот со Грција, Заев најави референдум за конечното решение.

– Одлуките за решавање на спорот со Грција за уставното име ќе ги носиме заедно со ВМРО-ДПМНЕ, а граѓаните на референдум ќе се изјаснат за решение – порача пратеникот и лидер на СДСМ.

Во одговорите на новинарските прашања, Заев рече и дека парламентарното мнозинство нема да дозволи Вељаноски и ВМРО-ДПМНЕ да ги кршат деловникот, законите и Уставот.

– Никој нема право да се изживува. На сите им е јасно дека парламентарното мнозинство ќе одлучува. Еден месец оставивме да се изживуваат во Собранието, но процесот ќе го направиме во согласност со Уставот, законите и со деловникот – рече Заев.

На предупредувањата да не се обидува да направи државен удар, тој испрати порака до ВМРО-ДПМНЕ „да не се обидува, да ги плаши граѓаните“.

– Нас нема да е нè исплашат, ние покажавме дека имаме храброст и одлучност – рече Заев.