!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ одржале работни состаноци во Брисел


Брисел, 18 октомври, 2017 - 17:56 (META) 

Претставниците на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ, Александар Михајлоски, Петар Богојески, Костадин Богданов и Драган Лазаров, одржале работни состаноци во Европскиот парламент и во Европската комисија во Брисел.

Оттаму информираат дека посетата на членовите на иницијативата овие два дена е продолжување на редовната комуникација со Брисел и континуитет на средбите кои биле остварени во септември.

Реформаторите се сретнале со европратеничката тројка за Македонија, Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан.

„На средбите беа истакнати заложбите за реформи и за демократизација на ВМРО-ДПМНЕ, како неопходен и незапирлив процес, особено по резултатите што ги оствари партијата на првиот круг од локалните избори. Истакната е обострана загриженост за падот на рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ и за стабилноста на опозицијата во Македонија. Заеднички заклучок е дека ВМРО-ДПМНЕ мора што поскоро да се реформира за да биде силна и конструктивна опозиција, која ќе биде коректор на власта, а воедно и ќе придонесува за политички консензус за напредок на Македонија по евроатлантскиот пат“, се вели во соопштението на внатрепартиската иницијатива за реформи во ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека било нагласено дека реформите во ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат суштински за да се воспостави вистинска внатрепартиска демократија и во таа насока, не треба да се импровизира со организирање на т.н. „приватен партиски конгрес“ по завршување на изборите, кој може да се одрази штетно, не само на партијата, туку и на демократијата во Македонија.


Џафери со европратеничката тројка: Политичкиот дијалог во Собранието мора да се унапредува


Скопје, 31 август, 2017 - 17:53 (META) 

Претседателот на Собранието на Република Македонијa, Талат Џафери, денеска во Скопје имал средба со европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едвард Кукан, на која ги информирал за актуелната политичка состојба во земјава, активностите на Собранието и за реформските активности што ќе се преземат на планот на европската и на евроатлантската интеграција на Македонија.

Џафери, како што соопштија од Собранието, укажал на зголемената активност на Собранието на меѓународен план и ја нагласил важноста од негување и градење добрососедски односи, за што го посочил потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и за соработка со Бугарија и средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, кој денеска е во посета на земјава.

Европратеникот Иво Вајгл и неговите колеги ја понудиле својата помош и поддршка за „креирање атмосфера за компромис меѓу различните парламентарни политички партии за полесно надминување на проблемите во транзициониот период“.

Џафери и тројцата европратеници се согласиле дека политичкиот дијалог мора постојано да се унапредува за непречено функционирање на Собранието.


Кукан, Вајгл и Флекенштајн очекуваат Европскиот парламент да го изгласа извештајот за Македонија


Брисел, 2 јуни, 2017 - 12:25 (META) 

Тројцата европратеници Иво Вајгл, Едуард Кукан и Кнут Флекенштајн го поздравија формирањето на новата влада и порачаа сите партии да дејствуваат во конструктивен дух на помирување. Тие порачуваат дека по три одложувања поради политичката несигурност, очекуваат Европскиот парламент да гласа за извештајот за државата за 2016 година на закажана седница во јуни.

„Исто така, се радуваме на соработка на Европскиот парламент со Собранието за исполнување на аспирациите на граѓаните и за неопходните реформи, кои ќе ѝ овозможат на државата да преземе конкретни чекори кон членство во ЕУ“, стои во изјавата од тројцата европратеници.

Тие му честитаа на Заев за формирањето на новата влада.

„Му честитаме на премиерот Заев за формирањето на новата влада и за нејзината програма. Охрабрени сме од конструктивната парламентарна дебата за програмата и од заложбата на владата да ја обедини земјата околу една програма што треба да им служи на сите граѓани, да испорача резултати за реформските приоритети и да работи на евроатлантска интеграција. Се надеваме дека сите политички партии сега ќе дејствуваат во конструктивен дух на помирување, за заеднички интерес на сите граѓани и ќе работат со новата влада на враќање на довербата во државата и во нејзините институции, вклучувајќи целосно спроведување на Договорот од Пржино и реформски приоритети. Македонскиот народ веќе долго чекаше и заслужува да види дека новата влада енергично напредува во својата инклузивна и реформска агенда“, се вели во заедничкото соопштение на Вајгл, Кукан и Флекенштајн.


Манчевски во Брисел: Ќе продолжат демократските процеси во Македонија


Брисел, 5 мај, 2017 - 15:21 (META) 

Потпретседателот на СДСМ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Дамјан Манчевски, при вчерашната посета на Европскиот парламент, присуствувал на заедничкиот состанок на пратеници од Европскиот парламент, на кој биле и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и амбасадорот на Македонија во ЕУ, Андреј Лепавцов.

„На состанокот, еврокомесарот Хан ги оцени случувањата во Собранието на Република Македонија минатиот четврток, како незамислив акт на насилство и побара да се најдат извршителите и да изведат пред лицето на правдата. Еврокомесарот Хан го поздрави изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието и истакна дека следен чекор е избор на реформска влада, која ќе биде ориентирана кон исполнување на реформските приоритети, што ќе создаде услови за отворање на пристапните преговори на Македонија за членство во ЕУ“, соопштува СДСМ.

Манчевски имал и одвоени средби со европратениците Кнут Флекенштајн, Едвард Кукан, Иво Вајгл, Виктор Боштинару, Јенс Нилсон, Тонино Пицула, како и со европратеникот и претседател на Партијата на европски социјалисти, Сергеј Станишев.

„Сите го осудија насилството врз новинарите и врз пратениците во Собранието, го поздравија изборот на новиот претседател на Собранието на Македонија и изразија поддршка на продолжувањето на демократските процеси и формирање на новата реформска влада, како и силните заложби на мнозинството кон евроатлантските интеграции“, соопштува СДСМ.


Вајгл, Кукан и Флекенштајн: Очекуваме влада за две недели, одложувањето ќе има последици


Брисел, 2 мај, 2017 - 17:33 (META) 

Европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, кои беа посредници во постигнувањето на Договорот од Пржино во јули 2015 година, денеска во заедничка изјава повторно го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да ја почитува волјата на парламентарното мнозинство и побараа тие што имаат политичка и криминална одговорност за насилствата да сносат соодветни последици.

„Официјалната истрага треба ефикасно да ги идентификува и да ги гони извршителите на овие неприфатливи криминални напади. Политичката одговорност исто така треба да се утврди и да има соодветни последици за да се спречат вакви недемократски активности“, се вели во изјавата.

Тројцата европратеници го поздравуваат изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, изразувајќи поддршка и очекување дека новиот спикер целосно и веднаш ќе ги преземе своите одговорности во интерес на земјата и на сите граѓани.

„Како што разбравме, новиот спикер ќе го информира претседателот Иванов дека парламентот бара од него да ја преиспита својата позиција и да прифати дека на лидерот на мнозинството треба да му биде овозможено да формира влада без понатамошно одложување. Очекуваме ова да доведе до назначување нов премиер во наредните две недели. Го повикуваме претседателот Иванов да ја почитува волјата на парламентот и да престане со опструкциите на демократските процеси и желбата на граѓаните на земјата за крај на кризата“, стои во изјавата на европратеничката тројка.

Тие во заедничката изјава нагласуваат дека „понатамошните одложувања на формирањето на новата влада ќе има неизбежни последици“.

„Ги споделуваме желбите на граѓаните на Македонија да го видиме крајот на актуелната криза. Неможноста за формирање влада во следните две недели ќе претставува неуспех за политичките лидери на земјата да ги исполнат желбите на своите граѓани. Уште еднаш му препорачуваме на Европскиот парламент гласањето за извештајот за земјата за 2016 година да се одложи во исчекување на развојот на настаните во наредните две недели“, велат европратениците во својата изјава.


Пропаднаа преговорите меѓу власта и опозицијата во Албанија, посредувани од ЕП


Тирана, 26 април, 2017 - 12:42 (META) 

Преговорите меѓу власта и опозацијата во Албанија, посредувани од европарламентарците Кнут Флекенштајн и Дејвид Мекалистер, не успеаја да донесат никакви резултати, јавува дописникот на „Мета“ од Тирана.

Опозицијата, предводена од Љуљзим Баша, смета дека критериумите за техничка влада не треба да бидат предмет на преговори. Разговорите на двајцата европратеници со претставниците на власта и на опозацијата траеја нeколку часа. Извори блиски до албанската влада потврдија дека премиерот Еди Рама изразил согласност неколку министерски места во владата да бидат заменети и на нивно место да бидат поставени технички министри, но, од друга страна лидерот на опозицијата, Баша, истакнал дека техничка влада значи дека во неа не траба да биде актуелинот премиер Рама.

По неуспехот на преговорите, канцеларијата на Европската Унија во Албанија издаде заедничко соопштение на претседавачот на комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, и на известувачот во ЕП за Албанија, Кнут Флекенштајн.

Во изјавата се наведува дека двајцата европратеници имале добри дискусии со владејчкото мнозинство и со опозицијата и дека дале конкретни предлози за надминување на кризата.

„Двајцата европарламентарци дадоа предлози за во иднина, кои се однесуваат на декриминализацијата, борбата против трговија со дрога, технички мерки за подобрување на изборниот процес, како и мерки за зајакнување на политичката доверба“, се наведува во изјавата на европарламентарците.

Тие, исто така, предложиле неколку идеи околу датумот за парламентарните избори и можни предизборни промени во структурата на владата за долгорочно зајакнување на довербата во системот.


Кнут Флекенштајн и Дејвид Мекалистер слетаа во Тирана на нова посредничка мисија


Тирана, 25 април, 2017 - 14:49 (META) 

Европратениците Дејвид Мекалистер и Кнут Флекенштајн, кој е специјален известувач на Европскиот парламент за Албанија, денеска слетаа во Тирана за нови средби со власта и со опозицијата, во обид да посредуваат во пронаоѓање излез од политичката криза.

Според планот, првин се предвидени средби со претставниците на власта, а потоа со претставници на опозицијата. Лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша, рече дека ќе се сретне со европратениците за да разговара, но нема да отстапи од барањата.

Средбите ќе се одвиваат само еден ден откако опозицијата ги блокираше патиштата за влез во Тирана.


СДСМ во меѓународна „офанзива“


Стокхолм, 9 април, 2017 - 18:45 (META) 

Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и пратеникот Љупчо Николовски остварија повеќе средби со битни фигури во политичкиот живот на Шведска и Хрватска, меѓу кои и со премиерот на Шведска, Стефан Лефвен, министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Волстром, како и со европратеникот Кнут Флекенштајн, потпретседател на Групата на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент  и со  европратеничката Тања Фајон, соопшти СДСМ.

Пратеникот Љупчо Николовски, и претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска учествуваат на меѓународната парламентарна конференција којашто е посветена на перспективите на Југоисточна Европа и интеграциските процеси во Унијата, што се одржува во Цавтат, Хрватскa.

Притоа се сретнале со европратеникот Кнут Флекенштајн, потпретседател на Групата на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент  и со  европратеничката Тања Фајон.

„Европратениците посочија дека очекуваат брз и мирен трансфер на власта во Македонија, деблокирање на Собранието, како и формирање на новата реформска Влада, којаштo ќе започне со спроведување на итните реформи во интерес на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.

На конференцијата присуствуваат претставници на 13 национални парламенти, како и претставници на Европскиот парламент.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, пак, е во работна посета на Кралството Шведска. Тој денеска се сретнал со премиерот на Шведска, Стефан Лефвен, со  високи претставници на Социјалдемократската партија на Шведска, којашто е и владеачка партија во земјата, на коишто е изразена јасна поддршка на демократските процеси во Македонија, а на конгресот на Социјалдемократската партија на Шведска, Манчевски имал средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Волстром.

„Министерката Волстром пренесе очекување за деблокирање на Собранието во Македонија, избор на претседател и брзо формирање нова реформска Влада, во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.

Потпретседателот на СДСМ се сретнал и со Јенс Нилсон, пратеник во Европски парламент и со Бјорн фон Сидоф, пратеник во шведскиот Парламент, поранешен претседател на Парламентот и поранешен министер за одбрана.


ЕП: Ситуацијата во Македонија е многу сериозна, кризата ја оддалечува од ЕУ


Стразбур, 6 април, 2017 - 11:16 (META) 

На пленарната седница на која се разгледуваше извештајот што известувачот Иво Вајгл го подготви за напредокот на Македонија во 2016 година, Европскиот парламент синоќа изрази загриженост поради политичката состојба во Македонија.

Европарламентарците оценија дека ситуацијата во Македонија е многу сериозна и оти со продлабочувањето на политичката криза се загрозува европската перспектива на земјата. Тие побараа да се деблокираат процесите за конституирање на Собранието и за формирање влада.

Претставникот на малтешкото претседателство, Јан Борг, зборувајќи во име на Советот на Европската Унија, рече дека Македонија страда од поларизација и од култура на поделби и дека системски недостатоци се регистрирани во судскиот систем, човековите права и борбата против корупцијата.

Известувачот Вајгл истакна дека Собранието не може да работи и да се формира нова влада поради системски опструкции и однесувањето на шефот на државата. Тој, исто така, ги повика земјите од регионот да не се мешаат во внатрешните работи на Македонија, особено во период кога ситуацијата во земјата е толку проблематична и комплицирана.

– Не треба да ја правите ситуацијата уште потешка со мешање во внатрешните работи. Македонија се соочува со големи предизвици на патот кон ЕУ. Сепак, очекувам дека ќе дојде крајот на кризата, дека владата ќе се формира и дека ќе се обнови нормалното функционирање на Собранието – порача Вајгл.

Известувачот „во сенка“, европратеникот Кнут Фленкештајн, порача дека е лошо да се држи цела земја заложник затоа што не се оствариле очекувањата на една партија за останување на власт.

– Поголемиот дел од земјата мисли дека демократијата функционира само ако победат – рече Флекенштајн.

Европратеникот и известувач во сенка, Едвард Кукан, го повика претседателот Иванов „да ја почитува волјата на мнозинството и да го даде мандатот за формирање влада, а Собранието да почне да работи според нормална процедура“.

Гласањето за резолуцијата е предвидено за првата сесија на Европскиот парламент во мај.


Вајгл, Кукан и Флекенштајн: Нема оправдување за тактиките на одолговлекување


Стразбур, 5 април, 2017 - 15:56 (META) 

Не гледаме никакво оправдување за одолговлекувачките тактики што се користат во Собранието за одложување на изборот на нов спикер и за формирање влада, стои во заедничкото изјава на тројцата европратеници, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн, по средбата со шефот на македонската дипломатија во заминување, Никола Попоски, во Стразбур.

Попладнево Европскиот парламент на пленарна седница треба да расправа за ситуацијата во Македонија.

– Како членови на Европскиот парламент кои ги поддржаа сите напори за надминување на актуелната криза и кои работеа напорно за поддршка на европската перспектива на македонските граѓани, длабоко сме загрижени за неоправданото пролонгирање на кризата и за порастот на последици за земјата, вклучувајќи го и влошувањето на меѓуетничките односи. Гласањето за извештајот за земјата за 2016 година веќе беше двапати одложувано како директна последица на несигурноста во земјата и вечерва на пленарна седница на Европскиот парламент ќе дебатираме за ваквата ситуација. И покрај ова, ние силно веруваме дека ситуацијата во земјата може да се подобри преку спроведување на демократски процеси, кои треба да доведат до надминување на политичката криза – стои во изјавата на тројцата европратеници.