Столтенберг денеска доаѓа во дводневна посета на Македонија


Скопје, 5 септември, 2018 - 10:22 (META) 

Денеска, во дводневна официјална посета на Македонија, доаѓа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг кој треба да има средби со премиерот Зоран Заев, со министерката за одбрана Радмила Шекеринска, претседателот Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието, Талат Џафери и други високи официјални претставници.

Столтенберг ќе слета вечерва, а ќе го пречека министерката Шекеринска. Средбата со Заев ќе се одржи утре во Клубот на пратениците, по што е предвидена и заедничка прес-конференција.

Утре, покрај средбите, Столтенберг ќе го посети и Стајковци каде што во 2016 година војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата. Тој ќе ја посети и касарната Илинден каде што ќе присуствува на показна вежба на припадниците на специјалните сили, по што следуваат изјави за медиумите заедно со Шекеринска.

Во пресрет на референдумот, во Скопје неделава доаѓаат и канцеларите на Германија и на Австрија, Ангела Меркел и Себастијан Курц.


Мицкоски: Да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните


Скопје, 19 јули, 2018 - 16:58 (META) 

По четиричасовната лидерска средба во Клубот на пратеници, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека лидерите на четирите најголеми политички партии за некои од прашањата имаат приближување на ставовите, а за некои немаат.

Тој апелираше вистинските европски вредности да бидат реални, а не декларативни и дека сите партии треба да се однесуваат според тие вредности.

– Тоа значи почитување на законите и Уставот. Да превенираме каков било обид да се изигра волјата на граѓаните, односно на референдумот да се поставуваат повеќесмислени прашања – рече Мицкоски.

На прашање дали амнестијата е на преговарачката маса, тој рече дека тоа е уште еден груб обид да се манипулира јавноста.

Мицкоски за денеска најави средба на Централниот и Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и средба со пратеничката група на кои ќе се договараат идните чекори на партијата и ставови за следната лидерска средба.


Заев: Компромиси за стратешките цели нема, разговорите продолжуваат в недела


Скопје, 19 јули, 2018 - 16:43 (META) 

За некои прашања полесно се договараме за некои потешко, разговорите ќе продолжат или в недела вечер или в понеделник сабајле, кога очекувам да се најде конкретно решение за формирање на ДИК и за референдумот, изјави премиерот Зоран Заев по лидерската средба во Клубот на пратеници.

– Долги се разговорите за референдумот и за ДИК, но продолжуваме со преговорите. Сакам да потенцирам дека стратешки цели на Македонија и сите партии се ЕУ и НАТО. Компромиси нема за стратешките цели, директна или индиректна амнестија нема да има. Даваме шанса на дијалогот се додека тоа е можно – рече Заев.

На новинарско прашање, дали амнестија е условот која го бара опозицијата, Заев рече дека кога ќе завршат лидерските средби ќе ги даде сите одговори.


Владата жали што поради безбедносни постапки имало непријатности за фоторепортерите


Скопје, 19 јули, 2018 - 13:32 (META) 

Владата соопшти дека со внимание ги прифатила и анализирала реакциите по инцидентот со фоторепортерите вчера при лидерската средба во Клубот на пратениците и нагласува дека се спроведувале безбедносните насоки, изразувајќи жалење што поради тоа фоторепортери биле оневозможени да работат.

„Водена од врвниот принцип да го почитува и да го овозможува правото на медиумите за непречено, одговорно и професионално известување од настаните од посебен интерес за јавноста и граѓаните, претставниците на Владата на вчерашниот настан обезбедија услови за работа на новинарите и новинарските екипи, соодветно на стандардите за вакви настани и насоките кои ги има добиено од безбедносните институции“, стои во соопштението испратено до медиумите по брифингот што се одржа пред почетокот на денешната лидерска средба.

Во него се изразува жалење што не можеле да се направат исклучоци.

„Поведени од начелото дека треба да бидат обезбедени еднакви услови за сите претставници на медиумите без исклучок, како и заради безбедносни проценки направени од професионалните безбедносни служби, жалиме што не постоеше можност да се направат исклучоци од однапред утврдените и обезбедени услови за работа на сите медиумски екипи. Исто така, Владата изразува жалење за непријатната ситуација до која е дојдено при спроведување на безбедносните насоки и се заложува решенијата да се бараат низ дијалог и соработка“, порачуваат од Владата, нагласувајќи дека остануваат посветени на принципот за еднаков третман на сите.


Почна лидерската средба во Клубот на пратеници


Скопје, 19 јули, 2018 - 12:50 (META) 

Со половина час задоцнување, започна лидерската средба помеѓу лидерите на владејачкото мнозинство и лидерите на опозицијата од македонскиот и албанскиот политички блок.

На средбата присуствуваат премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, лидерот на ДУИ, Али Ахмети со вицепремиерот за економски прашања Бујар Османи, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски придружуван од професорката Татјана Каракамишева, a претставник на албанската опозиција е лидерот на едниот блок на БЕСА, Билал Касами.

Средбата се одржува по барање на Мицкоски кој вчера ја напушти лидерската средба во проширен формат и бараше средба помеѓу најголемите четири политички партии.

Пред средбата, претставници на прес-службата на Владата, постигнаа согласност со фоторепортерите, тие да можат да сликаат на старата позиција во Клубот на пратеници каде што пристигнуваат лидерите на партиите, откако вчера им беше забрането фотографирањето.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој вчера ја напушти лидерската средба во Клубот на пратениците по еден час, образложи дека тоа е направено поради, како што рече, неделовничкото донесување измени на Изборниот законик за да се избира Државната изборна комисија (ДИК) без опозицијата, како и поради неприсуството на средбата на сите парламентарни партии. Сепак, на средбата остана Социјалистичката партија на Македонија, која повеќе од деценија беше коалициски поврзана со ВМРО-ДПМНЕ.


ААВМУ и СЕММ бараат да престане арогантното и недолично однесување кон медиумските работници


Скопје, 19 јули, 2018 - 11:53 (META) 

По вчерашниот инцидент со тројца фоторепортери на лидерската средба во Клубот на пратениците, со осуда се огласија и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и  Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ).

Двете тела побараа да се стори сè да им се овозможи на медиумските професионалци да ја извршуваат својата работа и да се сопре со арогантното и недолично однесување од претставниците на власта.

„Агенцијата апелира дека треба да се најде соодветен начин, на медиумските работници да им се овозможи слободен пристап до сите настани што се од јавен интерес дури и во услови кога се воспоставени посебни безбедносни мерки. Зачувувањето на достоинството на новинарската професија е особено важно и од тие причини е неприфатливо арогантно и недолично однесување кон претставниците на медиумите“, се вели во реакцијата од ААВМУ.

Од СЕММ бараат Владата да спроведе истрага за вчерашниот инцидент.

„Служењето на претставници на власта со непримерен речник и дрскост во односот со медиумските работници е недозволиво, што е, исто така, во спротивност со одредбите во Етичкиот кодекс за државниците службеници. Работата на новинарите, фоторепортерите и другите медиумски работници мора да биде ослободена од какви било закани и притисоци, а државата во согласност со член 10 од Европската конвенција за човекови права е одговорна за преземање на сите активни мерки со цел да се создаде и одржува поволна клима за слобода на изразување“, реагираат од СЕММ.

Владата, инаку, пред денешната лидерска средба во 12 часот, закажа брифинг со фоторепортери и сниматели.


ССНМ и ВМРО-ДПМНЕ реагираат за инцидентот со фоторепортерите, Забрчанец со друга верзија


Скопје, 19 јули, 2018 - 10:08 (META) 

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на, како што велат, „спречувањето на тројца фоторепортери да си ја извршуваат својата работа“ на лидерската средба во Клубот на пратениците, нарекувајќи го однесувањето на претставниците на власта „непримерно и израз на ароганција“. Од владата пак одговорија дека станува збор за несоработка од страна на тројцата фоторепортери.

Фоторепортерите по инцидентот кратко ги оставија своите фотоапарати и друга опрема пред објектот.

„ССНМ бара итно Владата да ја испита ситуацијата во која тројца фото-репортери биле оневозможени да работат и при тоа биле изложени на ароганција и непримерно однесување од страна на преставници на власта, а под изговор на „безбедносни проценки“ на почетокот на денешната лидерска средба. Во изминативе години многу неправди, притисоци и злосторства врз медиуми и медиумски работници се извршени под максимата „согласно Уставот, законите и процедурите“ поради што најостро отфрламе секаков обид ароганцијата, затвореноста и третирањето на новинарската фела со потценување да бидат објаснети со безбедносни или каков било друг вид “проценки“, порача новинарскиот синдикат.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за немање демократски капацитет во власта и побараа Заев да се извини и да го смени својот советник за медиуми.

„ВМРО ДПМНЕ најостро го осудува односот на власта кон медиумите и попречувањето на фоторепортерите професионално да ги извршуваат службените задачи. Заканите и навредите кон медиумите се закани кон јавноста и го покажуваат немањето демократски капацитет на владејачката гарнитура. Премиерот Зоран Заев мора веднаш да се извини на медиумите за недоличното однесување кон професионалците кои само ја вршеа својата работа информирајќи ја јавноста. Премиерот Зоран Заев мора веднаш да го смени својот советник за медиуми кои со закани и потценувачки однос се обиде да ги замолкне и заплаши новинарите“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Марјан Забрчанец, советникот за односи со јавност во Владата, пак, преку својот Фејсбук-профил порача дека тројца фоторепортери одбиле да се упатат во зградата каде што биле сите останати претставници на медиумите.

„Не е точно дека на фотографите и снимателите им било забрането да ја проследат лидерската средба. На сите претставници на медиумите им е овозможен пристап и за фотографирање и за снимање, сала за работа и сите неопходни услови. Повеќе од 20 сниматели и повеќе од 10 фотографи се внатре и непречено работат.

На самиот влез, безбедносните служби проценија дека просторот кај влезот треба да се ослободи, но тројца фотографии одбија да се упатат во зградата каде што се сите останати претставници на медиумите. Реагираа бурно со напад дека “сме се изживувале”, на што јас одговорив дека станува збор за безбедносна проценка, а не за мој личен став и дека ние не се изжувуваме со новинарите како што тоа се случуваше во изминатите 11 години“, напиша Забрчанец.


Денеска нова лидерска средба во Клубот на пратеници во 12 часот, но во потесен состав


Скопје, 19 јули, 2018 - 9:29 (META) 

Премиерот Зоран Заева синоќа најави нова лидерска средба денеска напладне во Клубот на пратеници, но овој пат на четирите најголеми политички партии, така како што бараше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој синоќа ја напушти лидерска средба еден час по почнувањето.

– Сите што останавме на лидерската средба сме за успешен референдум, а однесувањето на Мицкоски демонстрирано во име на ВМРО-ДПМНЕ е несериозно, неодгороно и навредливо кон сите политички субјејктки и граѓаните на Македонија – изјави Заев по лидерската средба во клубот на пратениците.

Тој додаде дека Мицкоски денеска ќе може да се изјасни дали е за НАТО и ЕУ, како и дали е за тоа граѓаните да одлучуваат за иднината на Македонија.

– Ако Мицкоски е за НАТО и ЕУ требаше да седи со сите лидери тука и да носи одлуки за иднината на државата, но одлучи да избега од ова историски најважно прашање за македонската иднина – потенцираше Заев.

Мицкоски бара на денешната средба да бидат СДСМ, ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ и најголемата опозициска партија на Албанците, за кои не се знае кој ќе ги претставува.

На синоќешната лидерска присуствуваа премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со Радмила Шекеринска, Али Ахмети и Бујар Османи од ДУИ, Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи и Имер Алиу од ДПА, Африм Гаши од едното и Билал Касами и Фадил Зендели од другото крило на Беса, Горан Милевски и Дуфе Кукоски од  ЛДП, Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, Љупчо Димовски и Владанка Авировиќ од Социјалистичка партија, како и Тито Петковски и Горан Мисовски од НСДП.


Заев лидерската ја закажа во Клубот на пратеници, денеска во 18 часот


Скопје, 18 јули, 2018 - 9:52 (META) 

Претседателот на Владата и претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, закажа лидерска средба за утре во Клуб на пратеници во 18 часот, информираат од Владата.

„Заради исклучителниот политички момент кој наложува проширување на институционалната рамка на лидерските состаноци, на оваа средба во формат 1+1 (лидерот на партијата плус уште еден претставник на политичката партија), се поканети партиите со повеќе од еден пратеник во Собранието“, се вели во соопштението на Влада.


Заев: Оптимист сум дека е можен национален консензус за прашањето за името


Скопје, 28 јануари, 2018 - 0:43 (META) 

Јас сум оптимист дека е можно да се најде национален консензус по ова важно прашање, изјави премиерот Зоран Заев по петчасовниот координативен состанок на државно-политичкиот врв на кој беа разгледувани предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решавање на спорот за името.

– Вечерва имавме информативна средба на политичките претставници на која беа презентирани и дискутирани предложените идеи од медијаторот Метју Нимиц после што разменивме информации и мислења за разговорите меѓу мене и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Овој процес бара инклузивност, посветеност и политичка одговорност со цел градење на национален консензус во Република Македонија. За тоа е потребна политичка волја и храброст од наша страна, но решение е можно доколку таква политичка волја постои и на грчката страна. Конечна цел, наша, заедничка е да се најде решение за да може Македонија да биде членка на НАТО и да отпочне преговори со Европската Унија – рече Заев по средбата.

Прашан дали ќе има нови средби, премиерот изјави „секако дека ќе има“ и оти се надева дека сите ќе опстојат на ваквите средби со што нашата позиција во процесот, како што рече, би била поунисона и подобра во функција на конечно решение на овој долгогодишен проблем.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека на средбата бил презентиран предлогот на Нимиц, кој, како што додаде, помалку или повеќе и е познат на јавноста во Македонија и дека од овој момент „целокупната одговорност е сега на Владата како ќе го води процесот“.

– ВМРО-ДПМНЕ е силен поддржувач и останува на опцијата дека Македонија мора да биде дел од НАТО и од Европската Унија и ВМРО-ДПМНЕ останува на браникот на државните и национални интереси на Македонија – рече Мицкоски, кој додаде дека ваква средба требала да се случи порано.

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов изјави дека не може да открие повеќе детали за што точно се зборувало, но рече дека е реалист со искуство.

– Очекувам Владата да нè информира за сите активности. Овој процес продолжува да се одвива во рамки на Обединетите нации. За да нема притисоци се договоривме да не коментираме за предлогот“, рече Иванов.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по средбата рече дека ова бил еден од најплодните состаноци за ова прашање.

– Го ценам дијалогот за потрага по решение. Ова е почетокот на крајот на еден процес за Македонија. Важно е да бидеме дел од НАТО во мир и стабилност – рече Ахмети.