Обезбедени 40 инкубатори за интензивна нега за 12 здравствени установи


Скопје, 31 октомври, 2017 - 21:02 (META) 

Владата на Република Македонија денеска на својата 34. седница одлучи да додели 40 инкубатори на 12 здравствени институции во земјата, соопшти владината прес-служба.

„Владата ја усвоила одлуката за давање на трајно користење на осум инкубатори за интензивна нега на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, како и одлуката за давање на трајно користење на уште шест инкубатори на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за детски болести од Скопје“, стои во соопштението.

На предлог на Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија, исто така е одлучено на трајно користење да се доделат уште 16 инкубатори на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, како и 10 инкубатори на клиничките и општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и во Струмица, и на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, во Скопје.


Серија нови именувања на директори на клиники и на здравствени домови


Скопје, 4 август, 2017 - 13:55 (META) 

Министерството за здравство денеска ги соопшти имињата на новоназначените директори на клиники и на здравствени домови. Промените на директорските места почнаа кон крајот на јуни, речиси еден месец по стапувањето на должност на новиот министер за здравство, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, еден од трите клучни партнери во владината коалиција.

Нов директор на Институтот за трансфузиона медицина е Кочо Димитровски, а на чело на Клиничка болница Битола ќе застане Зоран Лазаров. Нови директори на општите болници во Кавадарци и во Велес се Диме Коцев и Димитар Стровјански.  Прв човек на Општа болница Гостивар стана Гојарт Сулејмани.

Во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје се именувани девет нови директори на клиники. На Дигестивна хирургија прв човек ќе биде Зоран Караџов, а во фотелјата на Детска клиника долгогодишната директорка Аспазија Софијанова ќе биде наследена од Катерина Ставриќ. Прв човек на Клиниката за психијатрија ќе биде Стојан Бајрактаров, на таа за неврохирургија – Владимир Рендевски, а на Максилофацијална хирургија – Славе Наумовски. На чело на Клиниката за пулмологија и алергологија застанува Дејан Докиќ, кој беше обвинет за примање мито, а на местото на Смиља Туџарова, долгогодишната директорка на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија доаѓа Софија Пејкова. Прв човек на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија ќе биде Неџати Јакупи, хирург и поранешен министер за животна средина. На челото на Клиниката за  уво, нос и грло доаѓа Јане Нетковски

Маја Манолева е новата директорка на Заводот за физикална медицина и за рехабилитација – Скопје.

Од денеска директор на  Здравствен дом Битола е Весна Спировска, на Здравствен дом Штип  Снежана Трајковска, на Здравствен дом Крива Паланка директор ќе биде Бранко Стаменковски, во Кратово – Љупчо Бојаџиев, во Виница – Венцо Вијунов, во Пробиштип – Гоце Неделковски, а во Струмица – Љубица Митева.

За прв човек на Заводот за слух, говор и глас во Битола е назначена Дивна Најдовска.

Министерот за здравство, исто така, го разрешил економскиот директор на Клиниката за гастроентерохепатологија.


Таравари: Пациентите се во добра здравствена состојба, ситуацијата со вирусот е под контрола


Скопје, 27 јули, 2017 - 18:07 (META) 

Министерот за здравство, Арбен Таравари, потврди дека двајцата пациенти што починаа на Клиниката за инфективни болести, биле жртви на вирусот хантаан, односно корејска хеморагиска треска, како што претходно објави „Мета“.

Тој додаде дека се шпекулација информациите за уште еден починат и дека ситуацијата е под контрола. Таравари информираше дека седумте пациенти од Гостивар кои биле во контакт со веќе починатите лица се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести во Скопје и се во добра здравствена состојба, без никаков ризик по нивните животи.

– Стигнати се резултатите од лабораториските испитувања и се работи за подобрата варијанта на хантаан-вирусот, кој, за среќа, не се пренесува од човек на човек, туку од глодари. Веројатно, од нивната храна е пренесен овој вирус, кој спаѓа во групата на хеморагични трески, но во најлесната варијанта, бидејќи не може да се пренесе од човек на човек – изјави Таравари во своето видеообраќање од Соединетите Американски Држави, каде што престојува службено.

Тој додаде дека екипите од епидемиолошката служба од Институтот за јавно здравје биле на терен во Симница, Гостиварско, и дека е направена комплетна дезинсекција, дератизација и дезинфекција на теренот каде што се движеле двајцата починати пациенти.

Министерот информираше дека од почетокот на годината досега, на Клиниката за инфективни болести имало и други четири пациенти инфицирани од овој вирус, но немале никакви последици.


Милан Ристески, кој влезе во Собранието на 27 април, не е повеќе директор на Онкологија


Скопје, 21 јуни, 2017 - 10:46 (META) 

Милан Ристески е симнат од функцијата директор на Клиниката за онкологија.

Ристески, првиот директор на клиника разрешен од новиот министер, Арбен Таравари, беше дел од протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“, а беше и едно од лицата што влегоа во Собранието на 27 април, кога се случија дивеењата и бруталните претепувања на пратеници и на новинари.

Не неговото место доаѓа Нино Васев, лекар на клиниката.


Тодоров: Државната кардиохирургија на одличен глас кај пациентите


Скопје, 6 ноември, 2016 - 15:59 (META) 

Бројот на хоспитализирани и на третирани пациенти на Државната клиника за кардиохирургија досега е двојно поголем од вкупниот број паценти минатата година, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

– Тоа докажува дека Државната кардиохирургија е на одличен глас кај пациентите и тие сè повеќе ѝ веруваат и одбираат да бидат третирани на Државната кардиохирургија на Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје – рече Тодоров.

Тој посочи дека проектот одлично функционира и дека клиниката се развива подобро од очекуваното, како и дека постојано има нови достигнувања и освен кардиохируршки интервенции, се прават васкуларни процедури.

– Честитки на докторите за одличната работа и за посветеноста, за многуте спасени човечки животи и за ентузијазмот што го покажуваат, но и за посветеноста за понатамошен развој на клиниката – рече Тодоров.

Нагласи дека на клиниката се помага на различни категории пациенти, додека најмладиот опериран пациент е на 20 години, кој е третиран и веќе отпуштен од клиниката во добра состојба.


Во сообраќајна несреќа на патот Штип – Радовиш едно лице потешко повредено


Штип, 8 октомври, 2016 - 11:53 (META) 

Вчера, во 16.10 часот, на магистралниот пат Штип – Радовиш, се случила сообраќајна несреќа при разминување на влекач „даф“ со кумановски регистарски ознаки и приклучна полуприколка „шмитз“ управувана од Н.А.(1977) од Куманово и автомобил „мерцедес Е-220“ со струмички регистарски ознаки сопственост и управуван од З. М. (1968) од Струмица.

Во несреќата со тешки телесни повреди, кома со крварење во черепна регија и повеќе рани во главата, се здобил З.М., кој со возило на Брза помош бил пренесен во Медицинскиот центар во Струмица од каде како итен случај бил препратен во Клиничкиот центар во Скопје на Клиниката за неврохирургија.

Увид на местото на несреќата извршиле јавен обвинител и увидна екипа од СВР-Штип. Сообраќајот бил во прекин до 20.50 часот, а потоа бил целосно нормализиран.

Дел од медиумите јавија дека лицето што е потешко повредено е музичарот Зоран Маџиров.


Избоденото момче од Виница префрлено во Ургентниот центар во Скопје


Скопје, 26 март, 2016 - 15:01 (META) 

Медицински центар во Виница утрово околу 4.20 часот пријавило во полиција дека кај нив за укажување на лекарска помош бил донесен М.А. (24) од Виница, кој со остар предмет бил прободен во пределот на стомакот.

Со возило на итна медицинска помош повредениот бил пренесен во Медицинскиот центар -Кочани, од каде по укажаната лекарска помош е префрлен во Клиничкиот Центар -Штип, но поради сериозноста на повредите бил пренесен во Ургентниот Центар во Скопје.

Засега не се открива како М.А. се зодбил со прободната рана.

 


Документ потврдува дека малата Тамара ја чувале за промоција на спиналниот центар


Скопје, 7 март, 2016 - 15:51 (META) 

Документ до кој дојде порталот „Либертас“ открива дека Фондот за здравствено осигурување на Македонија на 8 октомври 2014 година испратил допис со кој препорачува пациентите што боледуваат од сколиоза, кифоза или кифосколиоза да не бидат упатувани на лекување во странство бидејќи „се работи за заболувања при кои не постои итност за оперативно лекување“.

„Во крајна фаза на подготовка пред почнување со работа, а во рамките на јавните здравствени установи, се наоѓа Спиналниот центар со чиј делокруг на работење ќе бидат опфатени оперативните интервенции кај осигурениците што имаат потреба од нив“, стои во дописот.

Дописот е испратен до директорот на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар, како и до раководителите на Клиниката за трауматологија, Клиниката за ортопедски болести, Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување и на Ургентниот центар.

Ова известување било упатено и до првостепената и до второстепената лекарска комисија кои одлучувале за случаите.

Еден од најекспонираните случаи од тој период беше малата Тамара Димовска, која чекаше лекување во странство. Таа, сепак, не ја дочека одлуката и почина на 9 февруари 2015 година.

Новинарката на „Телма“, Билјана Николовска, која го откри случајот со малата Тамара и која неодамна за прилогот ја доби наградата за истражувачка сторија, во телефонски разговор потврди дека овој документ постои, но дека не успеала да добие потврда од Фондот за здравство дали е валиден.

„Во врска со Вашите прашања што се однесуваат за случај кој е во отворена постапка од Основното јавно обвинителство, Фондот не смее да ги коментира. Благодариме на разбирањето“, се вели во одговорот од Фондот.


Нападнат доктор во тетовската клиника


Тетово, 3 јануари, 2016 - 14:18 (META) 

Дежурен доктор во детското одделение во Клиничката болница – Тетово вчера, околу 15 часот, бил физички нападнат од 25-годишниот Н.С. од село Шемшово, кој заедно со две непознати женски лица и со едно малолетно дете влегле во ординацијата за укажување лекарска помош за детето.

Како што соопштува МВР, откако лекарот го видел медицинскиот извештај од хируршко одделение, побарал да му донесат упат, по што Н.С. му се нафрлил и физички го нападнал, а потоа почнал со рацете да удира по работното биро, компјутерот и по другите предмети, кои ги расфрлал на подот. Лекарот преку дежурната сестра Ќ.Ј.(46) побарал да биде повикано обезбедувањето, а откако таа се обидела да го повика обезбедувањето, лицето и неа физички ја нападнало, по што го напуштило местото на настанот.

СВР-Тетово работи на целосно расчистување на случајот.


На Клиниката за токсикологија биле примени 30 лица


Скопје, 1 јануари, 2016 - 12:28 (META) 

На Клиниката за токсикологија биле примени 30 лица во алкохолизирана состојба, од кои 60 проценти мажи и 40 проценти жени, а имало и шест малолетници, од кои најмалата имала 14 години.

– Главно, се работеше за интоксикации со алкохол, додека во три случаи биле со марихуана и со психоактивни супстанци, како што се екстази и други разни таблети – информираше в.д. директорот на клиниката, Нестор Поповски.