Истрагата „Империја“ на СЈО ја сопре градбата на Клиничката болница во Штип


Штип, 6 декември, 2018 - 16:32 (META) 

Штипски „Бетон“, кој ја гради Клиничката болница во Штип, е дел од фирмите, каде удел до пред некој месец имаше и бизнисменот Орце Камчев и фирмата „Ексико“. Истрагата на Специјалното јавно обвинителство под името „Империја“,  ја стопираше работaта на болницата. И пред истрагата на СЈО, работите на Клиничката болница се одвива со забавено темпо, по информациите дека „Бетон – Штип“ има ненаплатени обврски за завршени работи за проектот „Скопје 2014“. Неодамна во фирмата влегоа извршители, кои во име на неколку македонски банки треба да наплатат долг од близу еден милион евра.

За да се увери во текот на градежните работи на Клиничката болница, кои ги изведува „Бетон“ денеска во Штип дојде министерот за здравство, Венко Филипче. При тоа, министерот уверуваше дека министерството добило потврда од грчката компанија, носител на тендерот и која го ангажирала „Бетон – Штип“, дека првичните проблеми со градбата се надминати.

– Во секојдневен контакт сме со луѓето со кои имаме потпишано договор, фирмата „Интеркат“ од Грција, кои што имаат одредени проблеми во соработката со подизведувачот „Бетон – Штип“. Меѓутоа, според последните информации, нашле соодветно решение и токму затоа, сега сакаме да се увериме на терен како е, кои работници се тука и во текот на следната недела ги синхронизираме работите согласно новиот динамички план – рече министерот Филипче.

Најавите на министерот се дека болницата комплетно би требало да биде завршена кон средината на 2020-та година. На поставувањето на камен темелникот, тогашниот премиер Никола Груевски, најави дека болницата ќе биде предадена во употреба во 2018 година. Вредноста на овој проект, на почетокот изнесуваше 30 милиони евра. Пред два месеци имаше реструктуирање на буџетот, но, за тоа колкави се пресметките и колку ќе чини изградбата на болницата, засега никој не кажува.

„Бетон – Штип“ работеше на седум објекти од „Скопје 2014“. Според податоците, има ненаплатени обврски од 14 милиони евра. Фирмата беше преземена од четири други компании, кои влегоа со удели и освен „Ексико“ удел има и фирмата „Пелистерка“, чиј сопственик е исто така предмет на истрагата за „Империја“. На оваа листа е и актуелниот директор на „Бетон “ Ванче Мијалчев. Осомничени се за сторени кривични дела „злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело“.


Филипче: Новиот Клинички центар ќе се гради во Бардовци, потребни се околу седум години


Скопје, 9 март, 2018 - 13:58 (META) 

Новиот Клинички центар ќе се гради во Бардовци во близина на Психијатриската болница, информираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Парцелата на која што ќе се гради новиот објект изнесува 84 хектари и е трипати поголема од местото каде што сега се наоѓа Клиничкиот центар. Првичните анализи покажуваат дека инвестицијата ќе чини 420 милиони евра.

– Очекуваме дека за две години, Општина Карпош и Градот Скопје ќе го подготват теренот за да се почне со изградба на габаритен објект кој би се градел околу пет години. Разгледувавме неколку локации кои се доволно големи, каде што освен зградата на Клинички центар ќе се сместат и Медицинскиот факултет, истражувачки центар и кампус за студентите по медицина. Сакаме да добиеме еден систем кој на некој начин ќе биде мал медицински град, ќе биде достапен лесно за граѓаните на Скопје и целата држава, со соодветни пристапни патишта – додаде Филипче.

За новиот Клинички центар, претходната влада имаше потпишано договор за изградба во рамките на сегашниот Клинички центар.

– Се надевам ќе имаме простор да преговараме со банката со која тој договор е потпишан, ќе успееме да направиме реаранжман на тој договор и ќе успееме да не ги платиме пеналите. Убеден сум дека дури и да ги платиме пеналите, ова ќе биде најдоброто, па дури и најевтиното решение. Ништо не сме направиле ако добиеме нова зграда која ќе се спои со стари згради. Кога ќе завршеше изградбата на новата зграда и се споеше со постоечките објекти, требаше да влеземе во фаза на реновирање на останатите седум до осум стари згради – додаде Филипче.

Тој објасни дека, новата локација е избрана во договор со Асоцијацијата на архитекти кои дале издржано професионално мислење зошто сметаат дека тој Клинички центар треба да биде лоциран таму.

За потребите на новиот Клинички центар, булеварот Словенечка треба да биде продолжен, да се прошири улица Железничка, но и да се пробие нов пат од „Сити мол“ до таму.

Според Филипче, местото каде што е сега Клинички центар е сообраќајно загушено.

– Со градот Скопје имаме изготвено едно решение за влез, но и за проток на возилата. Ќе обезбедиме посебна лента за влез на возилата на Брза помош. Истовремено, на плацот кој беше предвиден за градба на новиот објект, за кратко време ќе направиме катна гаража со која ќе се олесни протокот на возила. Градежни активности за старите згради ќе бидат преземни само таму каде што навистина треба, каде што се објектите се во лоша ситуација  – додаде тој.


„Леар“: Фабриката ќе биде затворена сè додека не се реши случајот со труењето


Тетово, 31 март, 2017 - 15:30 (META) 

Во писменото соопштение на фабриката „Леар“, каде што синоќа беа затруени околу 200 луѓе, се вели дека фабриката ќе биде затворена сè додека не се реши случајот и додека не се осигурат дека нема да се повтори.

„За компанијата „Леар“ ништо не е поважно од здравјето и од благосостојбата на вработените. Ние имаме одлични услови за здравје и за безбедност во нашите фабрики. Внимателно ги следиме инструкциите на локалните здравствени власти за да го истражиме овој изолиран инцидент“, велат оттаму.

Во Клиничката болница во Тетово во моментов на лекување е задржано едно лице од вкупно 183 работници, информираше директорот, Флорим Бесими.

 


Трудницата најверојатно починала од токсичен шок, велат од штипската болница


Штип, 22 ноември, 2016 - 18:42 (META) 

Лекарите од Клиничката болница во Штип на денешната прес-конференција соопштија дека, најверојатно, причина за вчерашната смрт на 26-годишната трудница од Штип е токсичен шок.

Резултатите од обдукцијата треба да ја дадат вистинската причина за смртта на трудницата која вчера почина во деветтиот месец од бременоста.

Жената била примена на инфективното одделение вчера утрото, со тешки симптоми на труење и со висока температура. Претходно побарала помош од итната служба, но откако состојбата не ѝ се подобрила, се јавила кај својот матичен гинеколог. Тој веднаш ја упатил на инфективното одделение.

Состојбата, според лекарите, уште толку ѝ се влошила, па таа била препратена на гинеколошко-акушерското одделение. Во 12.30 часот бебето сè уште било живо и лекарите направиле царски рез. Меѓутоа, кога го извадиле од нејзината утроба, веќе било доцна.

– Екипа составена од повеќе лекари гинеколози и анестезиолози се обиделе да извршат реанимација, но нејзината состојба била тешка и не успеале да ги спасат ниту трудницата ниту бебето – изјави директорката на болницата, Елизабета Папарова.

Групата лекари на прес-конференцијата рекоа дека борбата за животот на младата жена и на нејзиното неродено дете, траела три часа.

Анестезиологот Ванчо Ѓорѓев изјави дека ги презеле сите мерки за да ги спасат двата животи и дека биле применети предвидените протоколи во вакви случаи.

Министерството за здравство најави формирање комисија за утврдување на околностите под кои настанала смртта на 26-годишната штипјанка.


Петгодишно дете, тешко повредено во пожар во Битола


Битола, 26 април, 2016 - 13:41 (META) 

Петгодишно дете било тешко повредено во пожар што вчера, околу 16 часот, од засега непознати причини, избувнал во куќа на улицата Мукос во Битола, соопшти полицијата.

Како што информираат оттаму, кај детето биле констатирани тешки телесни повреди на рацете, нозете и лицето и е во животна опасност. Детето по укажната лекарска помош во Клиничката болница во Битола било префрлено во Ургентниот центар во Скопје.

Според полицијата, во пожарот телесни повреди добиле и двегодишно дете и Б.Ј. (32).

Пожарот бил изгаснат од екипа на битолската територијална противпожарна единица.


СДСМ Тетово: Катастрофални услови во тетовската болница


Тетово, 16 февруари, 2016 - 15:27 (META) 

Од СДСМ Тетово обвинуваат дека во Клиничката болница во Тетово недостигаат санитарни јазли, а постојните се во катастрофална состојба и претставуваат опасност од ширење на заразни болести.

– Условите во оваа болница се катастрофални, хигиената е под секое човечко достоинство, санитарните јазли се запуштени и претставуваат извор на зарази, на седум амбуланти има само по еден тоалет за пациентите. Во зградата на одделот за интерна медицина топла вода нема уште од 2007 година. Постои голем недостиг од лекови и од ампуларна терапија, поради што пациентите се принудени сами да ги купуваат лековите – изјави доктор Анастасија Блажевска, претседателка на комисијата за здравство при општинската организација на СДСМ Тетово.

Од партијата обвинија дека во болницата нема апарат за мамографија, па пациентите биле принудени да се снимаат приватно или во Клиничкиот центар во Скопје.

– Апаратот за магнетна резонанца, по поплавите во Тетово во август минатата година, е надвор од функција. Детската стоматологија која работи во рамките на Здравствениот дом, речиси и да не фунционира поради немање основни услови за работа – додаде Блажевска.

Од СДСМ Тетово велат дека власта се грижи само за своите, како што ги нарекоа, тендер-политики, а здравството во Македонија доживува целосен колапс. Според партијата, биле потрошени 630 милиони евра за споменици, а граѓаните немаат основни здравствени услуги.

Од раководството на Клиничката болница Тетово ни изјавија дека во текот на денот преку писмено соопштение ќе одговарат на обвинувањата од СДСМ.