Раскинат договорот со „Бетон“ – Штип, Грците сами ќе ја градат штипската болница


Штип, 5 февруари, 2019 - 10:39 (META) 

Грчки „Интеркат“ кој го доби тендерот за изградба на новата Клиничка болница во Штип, еднострано го ракинал договорот со „Бетон“ – Штип, откако со месеци стагнираше градбата. Се пробија сите договорени рокови, по што, грчката компанија одлучила да работи без ангажираниот подизведувач.

Работниците на „Бетон“ си ги собираат машините и алатот од недовршената болница, а „Интеркат“ се соочи со тужба од штипската компанија за едностраното раскинување на договорот и предизвикана штета од 2,5 милиони евра.

Договорот бил раскинат во ноември минатата година, откако целосно застанаа градежните работи на болницата. Работниците веќе четири месеци немаат земено плата, а како што неодамна информиравме, во фирмата се влезени и извршители за долг од еден милион евра.

Од друга страна, завршувањето на Клиничката болница доцни со месеци. Од април минатата година, градежните работи се одвиваа со прекини, целосно забавени. Со цел надминување на застојот,  минатата недела Министерството за здравство со изведувачот, „Интеркат“  направило нов план.

– По интервенција на Министерството за здравство, со „Интеркат“ минатата недела е направен нов динамичен план за изведба на работите – потврди државниот секретар во ова министерство, Владимир Милошев.

Со новиот план, определен е нов рок за завршување на болницата, до средината на 2020-тата година. „Интеркат“ нема да ангажира подизведувач, туку самата компанија ќе ги води работите, преку директно ангажирање на работници. Во изминатиот период немаше ни плаќања од министерството, бидејќи исплатите се според реализираните позиции.

Грчката компанија најавила дека ќе ги преземе градежните работници на „Бетон“, барем тие што ќе сакаат да работат за новиот работодавач, а ќе вработи дополнително уште, со цел да се оствари договореното, а тоа е од почетокот на месецот да ги инетензивира работите.

Некогашниот градежен гигант, доминантен изведувач на проектот „Скопје 2014“ ги живее своите најтешки денови. Од друга страна, состојбите во „Бетон“, го доведоа во прашање проектот со штипската  Клиничката болница, која се гради со средства од Светската банка.


Машина притисна рудар во рудникот „Саса“


Штип, 29 јануари, 2019 - 12:03 (META) 

Со повреди завршил 55-годишен рудар во рудникот за олово и цинк  „Саса” од Македонска Каменица, откако го притиснала машина со која работел во рударската јама.

Несреќата се случила во 6:30 часот, во рударска јама, потврди портапролката на СВР Штип, Гордана Панајотова. Машината му го повредила градниот кош на рударот.

Со возило на Итната медицинска помош од Македонска Каменица, рударот е хоспитализиран прво во Кочанската болница, а потоа во штипската Клиничка болница. Од таму не можат да соопштат информации за тежината на повредите, бидејќи прегледите сè уште траат.

За настанот известен е јавен обвинител од Делчево и државен трудов инспектор, кои треба да извршат увид на местото на настанот во рудникот „Саса” во Македонска Каменица. Повеќе детали се најавуваат во текот на денот.


Штипската Клиничка болница плати над 346.000 евра долг кон вработените


Штип, 18 октомври, 2018 - 14:04 (META) 

Со аванс од Фондот за здравствено осигурување, Клиничката болница од Штип им го плати долгот на болничарите, медицинските сестри и докторите, кои во периодот 2015-2017 година не добивале надоместок за дежурство. Над 80% од персоналот ангажиран во дежурствата имаше извршни решенија за наплата, со што на болницата и се закануваше блокада на сметката. Покрај основниот долг од 364.000 евра, болницата платила уште дополнителни околу 80.000 евра за извршување.

Директорот Ален Ѓеоргијев вели дека парите што ги позајмиле, сега Фондот за здравствено осигурување ги сопира на неколку рати. Веќе се минусирани 8 милиони денари од парите што ФЗОМ ги префрла на болницата за редовно работење.

-Ќе го стегнеме ременот, ќе се трудиме и натаму да останаме ликвидни како што сме до сега, бидејќи сè уште не сме навлегле во должничка криза. Можеби овие месец- два ќе имаме некои доцнења во исплатата, меѓутоа, јас сум оптимист дека ќе успееме да го пребродиме овој економски удар – изјави Ѓеоргијев.

Проблемот со неплатените дежурства се провлекуваше со години, за да кулминира кога вработените тужеа на суд, по што се наталожија над 450 извршни решенија.

Директорот Ѓеоргијев вели дека ако имало волја, претходното раководство на болницата лесно можело да го реши проблемот.

-Јасно е кој не ги исплаќал парите. Во законот јасно си пишува како треба да одат исплатите. Гледате колку сето ова нè чини. Некој друг, не знам од кои причини, не плаќал. На крај, по сумирањето на бројките, може ќе побараме одговорност – рече Ѓеоргијев.

Тој се заблагодари на поголемиот дел од вработените, кои по серија преговори, сепак одлучиле да почекаат и не ги активираат извршните решенија, кои, според директорот Ѓеоргијев, сигурно ќе им ја блокирале сметката.

Дежурствата ја чинат Клиничката болница во Штип значаен дел од месечните издатоци, особено со зголемувањата кои ги добија лекарите и средниот персонал. Сепак, повисоките плати не го решаваат проблемот со недостиг на лекари с- пецијалисти, кои акутно, штипската Клиничка болница го решава со позајмици.

Во моментов во Штип секоја недела дежураат специјалисти од Клиничкиот центар од Скопје и од Општата болница од Кочани. Во Штип доаѓаат 5 неврохирурзи од Клиниката за неврохирургија од Скоје, кои освен дежурство преземаат и редовни операции, а има договор за еден детски хирург. Од Општата болница од Кочани дежураат по еден  невролог и еден анестезиолог.


Беровец тврди дека бил нападнат од физиотерапевт од болницата во Штип


Штип, 25 мај, 2017 - 16:04 (META) 

Беровецот Адем Чандаров, тврди дека бил нападнат од физиотерапевт, вработен во Клиничката болница во Штип, затоа што додека бил на посета, побарал помош за неподвижна болна пациентка. Раководството на болницата, пак, го тврди спротивното и од таму велат дека нивниот вработен се здобил со повреди на раката, крв увото, носот, за што има и лекарско уверение.

Настанот се случил пред два дена, во момент кога Чандаров побарал физиотерапевтот, кој бил на смена, да и помогне на пациентката, која била во истата соба како и неговата роднина и барала помош од персоналот. Според невладината организација КХАМ од Делчево, кој му пружа правна помош на Чандаров, дошло до расправија, по што физиотерапевтот од Одделението за ортопедија го удирал со тупаници, откако прво го фатил за коса и го турнал на земја.

-Во моментот ги немаме сите детали за настанот, не можеме да кажеме точна правна квалификација, меѓутоа, во најмала рака сметаме дека е кривично правен настан со телесна повреда. Но, имајќи предвид дека се работи за јавна здравствена установа и лице кое извршува јавна дејност можеби се работи за потешко кривично дело, по кое ќе треба да постапува Јавното обвинителство – изјави адвокатот, Аксел Ахмедовски, кој најави тужба.

Од Клиничката болница го потврдуваат инцидентот, но велат дека Чандаров и покрај забраната за посети, насилно влегол во болницата, по што вербално и физички го нападнал нивниот вработен.

– Нашиот вработен има повреди и веднаш му е пружена помош на одделението за уво, нос и грло и на психијатриското одделение. Има повреди на раката, крв увото, носот и тупаници по телото за што има и лекарско уверение – изјави економската директорка на болницата, Елизабета Папарова.

Случајот, два дена подоцна, физиотерапевтот го пријавил во полиција. Од СВР Штип потврдуваат дека излегле на терен и дека истрагата ќе покаже кој кого нападнал.

Ова не е прв случај на повреда на права на пациенти, кои завршиле на суд. Против вработени во Клиничката болница во Штип актуелни се два случаи во Основниот суд во Штип. Рочиштата се закажани за претстојните месеци.


Казнети лекари и сестри од Штип кои славеле Нова година и Василица на работа


Штип, 26 јануари, 2017 - 18:43 (META) 

Со еднократно намалување на платата за 30 отсто, казнети се лекарите и персоналот на гинеколошко-акушерското одделение на Клиничката болница во Штип, бидејќи го прославувале дочекот на Нова година, а потоа и на Стара нова година со алкохол и со колачиња во облик на женски полов орган.

Ваква одлука донела дисциплинската комисија, која повела постапка откако фотографии од прославите се појавиле на социјалните мрежи.

Вниманието го привлекоа невообичаените колачи од славеничката маса, а потоа беше забележано дека на фотографиите има и алкохол и пепелник со цигари.

Фотографиите на „Фејсбук“ ги поставила медицинска сестра од гинеколошко-акушерското одделение на болницата, со објаснување дека „и покрај напорниот работен ден, вработените успеале и да прослават“.

Според раководството на Клиничката болница, дисциплинската комисија донела одлука и препорака еднократно да се казнат лекарите и персоналот, кои се фотографирале и овие фотографии ги поставиле на социјалните мрежи.