!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

В сабота на 31-от Охридски пливачки маратон 22 пливачи ќе се борат за титулите


Охрид, 14 август, 2017 - 14:58 (META) 

На Охридското Езеро в сабота ќе се одржи 31-то издание на Охридски пливачки маратон, на кој за титулите во машка и во женска конкуренција ќе се борат 15 пливачи и седум пливачки.

Патеката „Климе Савин“ на охридскиот маратон, долга 30 километри, започнува од манастирот „Свети Наум“ и завршува на градското пристаниште во Охрид. Маратонот во сегашниот формат се одржува од 1962 година, а првата маратонска трка се одржала во 1954 година во должина од 2,5 километри.

Поради долгата традиција овој маратон од 1998 година стана дел и од Гран при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) која заедно со пливачката федерација на Република Македонија со години го организира овој прекрасен спортски настан.

Неприкосновен шампион во машка конкуренција со години беше легендарниот Петар Стојчев од Бугарија со  дури 11 победи. Минатата година златото го освои македонскиот пливач Томи Стефановски.

Женските трки во овој маратон се одржуваат уште од самите зачетоци кога Атина Бојаџи беше првата жена да победи на трката во 1962 година. Мината година златото го зеде Олга Кузудуб од Русија.

Главен покровител на охридскиот пливачки маратон е претседателот на Република Македонија, а организатори се Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) и Пливачката федерација на Република Македонија. Годинава како координатор се вклучува и Општина Охрид.


Денеска се плива Охридскиот маратон


Охрид, 20 август, 2016 - 10:43 (META) 

Традиционалниот Охридски пливачки маратон кој се плива на триесет километарската патека „Климе Савин“, ќе се одржи денеска.

Стартот е закажан за 12 часот од Св. Наум, а пристигнувањето на првите маратонци се очекува да биде околу 17 часот на градското пристаниште.

Пријавени се 18 натпреварувачи од повеќе држави во светот, меѓу нив е и минатогодишниот победник Евгениј Поп Ацев кој се смета за фаворит и оваа година.

Во машка конкуренција ќе учествуваат и Македонците, Томи Стефаноски и Александар Илиевски.

Во женска конкуренција ќе се натпреваруваат Чехињата, Силвие Рибарова, Русинките, Килик Дариа и Олга Козудуб, Аргентинките, Гарсија Рита Ванеса, Пилар Геијо и Викторија Мори, Хрватката, Дина Левачич, Италијанката, Елена Лионело и Венецуелката, Вичениа Наваро.

Маратонот кој годинава е јубилеен и се одржува по 30. пат е под покровителство на претседателот Ѓорге Иванов, додека негови организатори се Пливачката федерација на Македонија (ПФМ), градот Охрид, охридскиот Сојуз на спортови и Агенцијата за спорт и млади, која го финасира со 400.000 денари.

Охридскиот пливачки маратон е еден трите годинава кои се одржуваат во „Гран-при“ серијата на Светската пливачка федерација (ФИНА).