Николовски: Климатските промени ќе ги намалат приносите во земјоделските култури


Скопје, 18 декември, 2017 - 13:46 (META) 

Зелениот климатски фонд (ЗКФ) ќе биде главна меѓународна финансиска институција за обезбедување на финансиски средства за поддршка на активности, за ублажување и адаптација од климатските промени во земјите во развој, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на работилницата за искористување на средствата од овој фонд, која овие два дена се одржува во хотелот „Александар Палас“.

Тој порача, дека Македонија треба да ги искористи можностите кои се нудат преку ЗКФ.

– Ќе работиме на изградба на нови одржливи енергетски капацитети, соодветна употреба на водата за пиење и унапредување на менаџментот на водните ресурси во државата, заштита на шумските богатства и националните паркови, како и на природните богатства. Во фокусот ќе биде и унапредување на третманот на отпад и отпадни води, како и подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух – рече Анѓушев.

Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Љупчо Николовски, рече дека се очекува климатските промени да ги намалат приносите на повеќето култури.

– Зелениот климатски фонд со 6,9 милијарди американски долари, кои се достапни за ублажување и адаптација кон климатските промени, нуди огромни можности за справување со овој сериозен предизвик, а една од главните можности е инвестирање во отпорно на климатските промени земјоделство – рече Николовски.

Постојаниот претставник на Обединетите нации и претставник на УНДП за Македонија, Луиза Винтон посочи дека температурите во последните пет години, на глобално ниво, се просечно највисоки во историјата.

– ЗКФ ќе биде инструмент за потписниците на Парискиот договор, за исполнување на ветувањето, за обезбедување на 100 милијарди долари за финансирање на проекти во врска со климатските промени годишно до 2020 година – потенцираше Винтон.

ЗКФ е формиран во 2010 година, од 194 влади на 16. Конференција на членките на Рамковната конвенција за климатски промени на Обединетите Нации.


Македонија ќе ја предводи регионалната активност за заштита на животната средина


Бон, 17 ноември, 2017 - 16:09 (META) 

Република Македонија од денеска па до крајот на наредната година ќе ја предводи Регионалната група за заштита на животната средина на Западен Балкан, која работи под капата на Регионалниот совет за соработка РСС, а со која досега претседаваше Србија.

Примопредавањето се случи денеска во Бон, каде се одржа панел-дискусија на високо ниво на претставници на земјите од Западен Балкан задолжени за заштита на околината и за климатските промени, организиран од РСС и од ресорното министерство од Србија.

На панел-дискусијата е потврдена Декларација за човековата средина и за климатските акции на Западен Балкан, а учесниците се согласија дека во регионот е сè поголема потребата да се унапреди координацијата на постојните регионални иницијативи и проекти, како и да се зацврсти меѓуресорската соработка на највисоко политичко ниво кога станува збор за енергетиката и за политиката за заштита на животната средина и за климатските промени.

Генералниот секретар на РСС, Горан Свилановиќ, ги потсети учесниците дека 73 отсто од граѓаните на регионот ги гледаат климатските промени како проблем, а 77 отсто од стопанствениците во ЈИЕ веќе презеле мерки за да се намалат штетните последици на околината од страна на нивниот бизнис. Податоците се од годишното истражување „Балкански барометар 2017“.

На состанокот, како што соопшти РСС, се разговарало и за спроведување на Парискиот договор за климатските промени, кој неодамна беше ратификуван од Македонија, за придонесот на земјите од Западен Балкан во агендата за заштита на околината, како и за прелиминарните резултатите од „Студијата за климатските промени во регионот на Западен Балкан и нивното влијание врз различни стопански сектори“.

Овие резултати покажуваат дека регионот на Балканот во бројни сектори е многу поподложен на климатските промени отколку остатокот од Европа.

Македонија на овој состанок ја претставуваше заменик-министерот за заштита на животната средина, Јани Макрадули.


Г20 без договор за климатските промени


Хамбург, 8 јули, 2017 - 13:18 (META) 

Претставниците на државите на Групата 20 индустриски развиени земји (Г20) не постигнаа договор за климатските промени на самитот во Хамбург.

Климатските промени беа една од најспорните теми на преговори затоа што САД соопштија дека се повлекуваат од Парискиот договор за климата.

Функционерите на ЕУ изјавија дека во нацртот на официјалното соопштение е укажано на генералната посветеност на борбата против климатските промени, а дека во посебен пасус е спомната одлуката на САД за повлекување од договорот што беше постигнат во Париз.

Во еден параграф на официјалното соопштение наведена е посветеноста на другите 19 членки на Г20 на Парискиот договор за климата.

Лидерите на земјите на Групата 20 индустриски развиени земји претходно се согласија нивните пазари и понатаму да бидат отворени за надворешна трговија, но во нацртот на официјалното соопштение се наведува дека е важно трговијата да биде заемно корисна и дека државите можат да преземат чекори да го заштитат својот пазар.


ЕУ и Кина ќе го бранат Парискиот договор за климата


Брисел, 1 јуни, 2017 - 12:16 (META) 

ЕУ и Кина се подготвени на дводневниот самит во Брисел, кој почнува денеска, да го бранат Парискиот светски договор за климата и целосно да го поддржат и покрај најавената одлука на американскиот претседател, Доналд Трамп, да се откаже од спогодбата.

За време на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, Вашингтон и Пекинг имаа исти ставови и беа главни столбови на договорот, кој беше постигнат во декември 2015 година. Со договорот, 196 земји, под покровителство на Обединетите нации, се обврзаа да го ограничат загадувањето на воздухот за да се намали климатското затоплување.

Трамп најави дека денеска, во 21 часот по централноевропско време, ќе ја објави одлуката за спогодбата. Американските медиуми јавуваат дека Трамп, најверојатно, ќе соопшти дека САД се повлекуваат од Парискиот договор. Кина и ЕУ утре, по самитот во Брисел, ќе објават заедничка декларација во која ќе ги „потврдат своите обврски преземени со историскиот договор од Париз и ќе ја забрзаат соработката со што ќе се подобри неговото спроведување“.

Повлекувањето на САД, кои се еден од најголемите светски загадувачи, би бил тежок удар против климатските промени и тоа само година по потпишувањето на спогодбата, која се смета за историска.

Брисел и Пекинг сметаат дека е „неповратен“ патот за намалување на емисијата на штетни гасови кои предизвикуваат климатски промени.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера во Берлин предупреди дека Париската спогодба е меѓународен договор со правни обврски и дека за тоа ќе бидат потребни повеќе години ако САД сакаат да се откажат од него.

Претставниците на ЕУ наведуваат дека Европската Унија и Кина го задржале местото на лидери во светот во борбата за зачувување на климата и дека ќе го поддржат и ќе го одбранат Парискиот договор.

Пекинг и Брисел веќе една година работат на усогласување на заедничка декларација за климатските промени и за чиста енергија.


Лидерите на ЕУ и Трамп не се согласни за многу прашања, рече Туск


Брисел, 25 мај, 2017 - 15:11 (META) 

Претседателот на Европскиот Доналд Туск изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп и високите претставници на ЕУ не успеале да најдат заеднички јазик за многу прашања на денешниот состанокот во Брисел.

Меѓу проблемите ги наведе климатските промени и трговијата, додека за борбата против тероризмот се согласни.
– Сигурен сум дека не мора да објаснувам зошто, но некои прашања остануваат отворени, како што се климатските промени и трговијата – рече Туск.

Трамп во Брисел се сретна со Туск, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, шефицата на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини и претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани.

Средбата во Брисел доаѓа три дена по терористичкиот напад во Манчестер, во кој загинаа 22 лица, меѓу кои и деца, а повредени се околу 60 лица, меѓу нив исто така има и деца.

Досега Трамп и лидерите на НАТО се договорија за ангажирање на Алијансата во борбата против Исламска држава.

Европските лидери сакаат да чујат како Трамп планира да соработува со Европа после претседателската кампања во која беше гласен заговорник за Брексит.

– Моја главна порака за претседателот Трамп е тоа што претставува нашата соработка и пријателство има најдлабоко значење за фундаменталните западни вредности, како што се слободата, човековите права и почитување на човечкиот дигнитет – рече Туск по средбата со Трамп.


Град Скопје ќе се вклучи во акцијата „Часот на планетата Земја“


Скопје, 24 март, 2017 - 18:10 (META) 

Градот Скопје утре во периодот од 20.30 до 21.30 часот ќе се вклучи во глобалната акција „Часот на планетата Земја“ и ќе го исклучи осветлувањето на неколку објекти во центарот на градот.

Осветлувањето ќе биде исклучено на плоштад Македонија и околу спомениците, Камениот мост, Скопската тврдина Кале, Мостот Око и на Мостот на уметноста.

Поддржувачите на акцијата „Часот на планетата Земја“ низ светот ќе ги исклучат светилките и ќе испратат силна порака за спас на планетата и за намалување на климатските промени.

Оваа светска манифестација се спроведува во 170 држави низ светот.


Скопје и Тетово ќе добијат зелени билборди за прочистување на воздухот


Скопје/Тетово, 20 март, 2017 - 15:06 (META) 

Утре пред Центарот за култура во Тетово и в среда во близина на хотелот „Мериот“ во Скопје, невладината организација „Екосвест“ и Амбасадата на Германија во Македонија ќе го промовираат проектот за клима и за заштита од климатски промени „Сити три“ (City tree).

На градовите Скопје и Тетово и на нивните граѓани, како што соопштија од Амбасадата на Германија, ќе им бидат предадени зелените билборди за прочистување на воздухот.

– „Сити три“ претставува вертикална структура од специфични видови мов, васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина, азотни оксиди и озон и имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно – стои во соопштението од амбасадата.

На свеченото отворање ќе се обратат Ана Чоловиќ-Лешоска од НВО „Екосвест“, амбасадорката на Германија во Македонија, Кристине Алтхаузер, градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, и градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Овој проект е овозможен со помош на средства од Фондот за заштита од климатиски промени на министерството за надворешни работни на Германија, а во набаваката на билбордите учествувале компаниите „Пакомак“, „Енерџи диливери солушнс“, „Еколог“, „Везе Шари“, „Прокредит банка“, ДХЛ, „Кнауф“ и „Де мед“.


УСАИД организира Трета меѓународна конференција за климатски промени во Скопје


Повеќе од 150 учесници – домашни и меѓународни експерти, носители на одлуки, граѓански организации од земјата и од регионот, научници и практичари од областа на адаптацијата и на ублажувањето на климатските промени, експерти за одржлив развој и претставници од приватниот сектор, се состануваат денеска за да се договорат за заедничките следни чекори за справување со климатските промени на Третата меѓународна конференција за климатски промени во Скопје.

Тридневната конференција што се одржува на Универзитетот ФОН е организирана од проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени, спроведуван од „Милиеуконтакт Македонија“.

Учесниците ќе работат и на воспоставување регионални врски за заеднички активности за унапредување на отпорноста кон климатските промени во државата и во регионот.

– Оваа конференција одбележува клучен момент за УСАИД и за нашите партнери и ни дава можност да погледнеме наназад на заеднички постигнатиот напредок во изминатите четири години во справувањето со локалните предизвици на климатски промени со кои е соочена Република Македонија. Главната цел на проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени е да се зголеми отпорноста на локалните заедници и да се зајакне нивниот капацитет да одговорат на предизвиците како поплави, ерозија и управување со водните ресурси. Овој пристап предводен од локалните заедници помогна да се најдат решенија кои најдобро функционираат за локалните заедници, како руралните, така и урбаните – рече директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн.


Најмалку 50 загинати во големи поплави во Конго


Киншаса, 29 декември, 2016 - 12:31 (META) 

Најмалку 50 луѓе загинале, а неколку илјади ги напуштиле своите домови поради големите поплави што го зафатиле југозападниот дел на африканската држава Конго, јавува „Би-би-си“.

Обилните врнежи од дожд предизвикале излевање на реката Каламу, која минува низ градот Бома, а телата на некои од жртвите, како што соопштиле локалните власти, биле најдени во соседна Ангола, каде биле однесени од надојдените води.

Некои од подрачјата зафатени од поплавите, според жителите, се затрупани со кал, кој на некои места бил со висина од еден метар.

Гувернерот на провинцијата Централен Конго, Жак Мбаду, за странските агенции изјавил дека нивото на водата било два метри над вообичаеното.

Како што наведува „Би-би-си“, се очекува во Африка да се зголеми интензитетот на поплави, суши и на бури, како последица на климатските промени.


Иванов: Македонија е посветена на целите на Парискиот договор за климатски промени


Маракеш, 15 ноември, 2016 - 21:01 (META) 

„Вештачките индустриски системи ги развивме и ги проширивме на сметка на природните екосистеми. Со нашата култура на фрлање, го претворивме нашиот заеднички дом во ѓубриште и ја компромитиравме иднината на нашите потомци“, рече претседателот Ѓорге Иванов во своето обраќање на Самитот за климатски промени во Мароко.

Претседателот Иванов истакна дека Македонија, како земја потписник, е посветена на принципите и на целите на Парискиот договор за климатски промени.

– Иако е земја во развој во рамките на Обединетите нации, Република Македонија во исполнување на своите обврски оди чекор понатаму, особено во делот на известувањето, со кое се приближува кон обврските што ги имаат развиените држави, вклучително и Европската Унија. Но, товарот е голем, а нашите ресурси се ограничени. Република Македонија заслужува фер и рамноправен третман. За успешно да го спроведеме Договорот од Париз, потребен ни е пристап кон меѓународни финансиски механизми за климатските промени, како Зелениот климатски фонд и трансфер на технологии – рече Иванов.

Тој додаде дека мора да го редефинираме и концептот на развојот кој треба да биде во согласност со природата, а не на сметка на природата.