ВМРО-ДПМНЕ 11 пати му се извини на Рашковски за искажани клевети


Скопје, 9 јули, 2018 - 14:03 (META) 

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски на својот „Фејсбук“ профил објави дека опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ 11 пати му се извинила за 11 обвинувања кои ги искажале за него откако тој поднел тужби за клевета.

Во напишаното тој вели дека добил извинувања за обвинувањата за непотизам, кумски врски, присвојување на материјална корист, незаконско работење и се што требало да доведе до негово деградирање на професионален и личен план.

„Првин ќе ве напаѓаат, после ќе ви се извинат, а би сакал да дојде момент кога меѓусебно ќе се пофалиме за сработеното. Наместо да се впуштам во „ѓаволско докажување” на обвинувањата одговорив со тужби за клевета кои завршија со спогодби преку кои се извинија за се што беше изнесено во јавноста. Нека е ова правна пракса за тоа како треба да изгледа политички дијалог и решавање на меѓусебни обвинувања“, напиша Рашковски.

Во документите кои тој ги објави, како договорна страна стои ВМРО-ДПМНЕ, а на секој од документите посебно е потпишан и тој кој што ги изговорил клеветите, односно Александар Тргачевски, Дарко Костовски, Павлинче Честојнова, Бојан Стојановски, Никола Србов, Невенка Стаменковска и Светлана Јакимовска.


Елена Трифуновска: Не треба да се меша говорот на омраза со клеветата и навредата


Скопје, 27 април, 2018 - 11:00 (META) 

Станува тренд да се пријавуваат дискриминацијата и говорот на омраза во онлајн сферата за да се спречи да се развиваат, но важна е и техничката неутралност. Поточно, колку брзо се развива информатичката технологија, исто толку брзо треба да се развиваат и да се приспособуваат и тие механизми, но едукацијата на корисниците не ја следи секогаш брзината на технологијата, рече, меѓу другото,  Елена Трифуновска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, во вчерашното гостување во  „Студио 1“ на ТВ1.

Како што вели Трифуновска, клучна е едукацијата на корисниците на социјалните мрежи. Децата се повеќе и порано почнуваат да ги користат, но и постарите корисници не се научени и потешко ја учат примената на механизмите.

– Состојбата е проблематична со оглед на тоа колкав број од нас секојдневно користиме социјални медиуми и колку време поминуваме на нив и каков тип на информации не интересираат или со какви информации не таргетира оној што ги пласира – смета Трифуновска.

Случаите на говор на омраза на интернет и во медиумите се пријавуваат во Основното јавно обвинителство и во Единицата за борба со компјутерски криминал во МВР. Нивните и извештаите на „Фридом Хаус“ и на „Репортери без граници“ покажуваат дека случаите не се процесуираат на начинот на којшто предвидува законот – појасни гостинката – експерт.

– Ако ја погледнеме статистиката на Советот за етика, на трето место се пријавите од граѓаните за прекршувања на говор на омраза од вкупниот број на пријави што ги имаат добиено и во 30% од решените случаи токму говорот на омраза е причина за пријавата – вели Трифуновска и според неа, не треба да се мешаат говорот на омраза со клевета и навреда.


Богоевски ги наклеветил Ахмети и Џафери за митото во „Маѓар телеком“, одлучил судот


Скопје, 9 јануари, 2018 - 16:24 (META) 

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот вицепремиер за рамковни прашања и висок функционер во партијата, Муса Џафери, ја добија тужбата против поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Слободан Богоевски, кого го тужеа за клевета, објавија дел од медиумите.

Според одлуката на Основниот суд Скопје 2, Богоевски ги клеветел Ахмети и Џафери дека примиле мито во случајот „Маѓар телеком“.

Судијата во предметот прифатил дека изјавите на Богоевски во кои ги инкриминира двајцата функционери на ДУИ се дадени во рамките на официјална истрага пред правосудсните органи на САД, но оценил дека таквите јавно пренесени изјави се клевета за Ахмети и Џафери.

Сепак Богоевски нема да им плати материјална отштета од 90.000 евра, колку што бараат двајцата политичари, бидејќи тужителите го повлекле таквото барање.

Адвокатот на Богоевски, Валентин Зафиров за медиумите најавил дека ќе поднесат жалбата на одлуката до Апелацискиот суд.

Инаку, во април, минатата година Американската комисија за хартии од вредност соопшти дека поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, се спогодиле да платат парични казни, а добиле и петгодишна забрана за вршење дејност како директори или вработени во сите акционерски друштва. Штрауб требаше да плати 250.000 долари, а Балог 150.000 долари.

Тие, како што изјави тогаш извршната директорка на одделот за истраги на Комисијата за хартии од вредност на САД, Стефани Авакиан, беа обвинети дека воделе тајни договори со премиер и со други лица од Македонија за да ја спречат конкуренцијата на пазарот.

Претходно и третиот од обвинетите директор направил спогодба со судот и платил казна од 60.000 долари, со што го признал делото, односно признал дека фалсификувал книги на компанијата во врска со шемата за плаќање мито на македонски политичари.

Во првиот процес што се водеше во Окружниот суд во Њујорк во декември 2011, компанијата „Маѓар телеком“ плати казна од 95 милиони долари.

Богоевски во сведочењето пред Окружниот суд во Њујорк тврдеше дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.


Судењето за Слободан Богоевски одложено за 5 септември


Скопје, 4 јули, 2017 - 12:07 (META) 

Основниот суд Скопје 1 за 5 септември го одложи судењето по тужбата за клевета и за навреда на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и на Муса Џафери, против поранешниот разузнавач Слободан Богоевски за негово сведочење пред Окружниот суд во Њујорк.

На рочиштето бил сослушан нотарот пред кого Слободан Богоевски го дал сведочењето. Нотарот се повикал на доверливост и тајност на податоците кои биле изнесени во сведочењето, во согласност со етичкиот кодекс на нотарите.

– На ова рочиште се одлучуваше за месна и стварна надлежност на македонските судови и иако веќе половина година за тоа се одлучува, и денеска не се одлучи. Следното рочиште на 5 септември ќе биде подготвително рочиште и ќе се постапува по доказите – изјави адвокатот на Богоевски, Валентин Зафиров.

До следното рочиште судот треба да ги разгледа тезите на тужителите и на одбраната.

Во овој случај Али Ахмети и Муса Џафери го тужат за клевета и за навреда Богоевски и бараат отштета од 3 милиони денари, односно 2,5 милиони денари.

Слободан Богоевски пред окружниот суд во Њујорк изјави дека Али Ахмети, Муса Џафери и Владо Бучковски, кој во тоа време беше премиер, од тогашните директори во „Маѓар телеком“ примиле поткуп од 2,5 милиони евра за да обезбедат гаранција дека на македонскиот пазар нема да влезе друг телекомуникациски оператор.


Пратениците се надмудруваат кој колку тужби за клевета и навреда поднел


Скопје, 4 април, 2017 - 14:26 (META) 

На седмото продолжение на Конститутивната седница, пред паузата за ручек, пратениците наместо за точката на дневен ред односно за изборот на претседател и членови на Комисијата за избори и именувања расправаа кој колку тужби за клевети и навреди поднел.

Откако независниот пратеник од коалицијата на СДСМ, Павле Богоевски рече дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски за месец март потрошил 184.000 денари за роаминг од неговиот службен мобилен телефон, пратеникот Илија Димовски ја демантираше информацијата и притоа додаде дека тој никогаш не поднесувал тужби за клевета и навреда.

– Информацијата дека Груевски потрошил 3.000 евра за роаминг е целосна невистина. Јас се сомневам дека тоа е направено свесно за да имаат медиумите на Сорос од каде да влечат неточни информации и да го претставуваат како невистина. Да се надеваме дека е почетничка грешка. Јас подолго време сум во политиката и кон мене се кажувале илјадници невистини и клевети, но јас имам принцип никогаш да не поднесувам тубжи – рече Димовски.

Радмила Шекеринска од СДСМ рече дека функционерите од ВМРО-ДПМНЕ до сега наплатиле 36.000 евра од тужби за клевети и навреди.

– Трите барања за тужби што ги поднесев јас се заглавени во судските лавиринти затоа што тужените не доаѓаа на судење. Доколку е неточна информацијата за сметката за телефон, очекувам пратеникот Никола Груевски да ја демантира информацијата и да покаже дека сметките ги платил од сопствен џеб – рече Шекеринска.

Димовски рече дека нема проблем ако тужбите се на релација политичари спрема политичари, на што реплицираше Петре Шилегов од СДСМ кој истакна дека тој никогаш немал проблем да го тужат политичари, но додаде дека него „го тужат криминалци“.

Седницата ќе продолжи во 15 часот.


СОС сака да го оцрни граѓанското општество со невистини и со манипулации


Скопје, 7 февруари, 2017 - 13:06 (META) 

Јавно извинување и повлекување на сите лаги, клевети и дезинформации изнесени од „Стоп операција Сорос“ (СОС), побара 21 граѓанска организација денеска на прес-конференција.

Доколку не добијат јавно извинување, тие велат дека ќе бидат принудени правдата да ја бараат на суд, односно ќе поднесат тужби за клевета и за навреда.

– На СОС и на неговите налогодавци очигледно им пречат слободното и независно граѓанско општество, слободата на изразување и, воопшто, сите демократски вредности и принципи. Затоа тие во јавноста пласираат невистини, манипулативни податоци и лажни информации, со намера да го замолчат граѓанското општество – вели програмскиот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Филип Стојановски.

Од граѓанските организации истакнаа дека е клевата и лага дека тие работеле да ја дестабилизираат државата, дека предизвикувале криза, дека работеле за партиски цели, дека биле плаќани за да одат на протести и дека добивале милиони на нивните сметки за партиски цели.

– Упатуваме порака до сите државни институции што поседуваат информации за работењето на граѓанските организации да не ги надминуваат своите законски надлежности и да не се ставаат во служба на недемократската хајка против слободоумното граѓанско општество – рече Сања Богатиновска од Здружението на млади европски федералисти.

Граѓанските организации порачаа дека и понатаму ќе останат доследни на своите заложби за слобода, демократија, еднаквост, правда и почитување на човековите права.


Серија деманти и најави за тужби од НВО и од граѓански организации за клеветите на СОС


Скопје, 6 февруари, 2017 - 11:38 (META) 

Реакциите, демантите и најавите за тужби од голем број граѓански здруженија и асоцијации против тврдењата и клеветите на „Стоп операција Сорос“ (СОС) изнесени во саботата, продолжуваат. По реакциите од вчера, денеска со барања за извинување и со деманти се јавија и здружението „Регионален центар за одржлив развој“ од Кратово, Организација на жени од Струмица, Здружението „Факултет за работи што не се учат“ и Центар за современи уметности – Скопје. Обвинуваат дека без основа и спротивно на вистината се оцрнува нивната работа, која е транспарентна и може да се провери.

Од Регионален центар за одржлив развој – Кратово велат дека од формирањето во 2003 година со средства од програмата на Европската агенција за реконструкција, досега реализирале поголем број проекти самостојно и во партнерство со други организации од Македонија и od Европа. За сите активности подетални информации можат да се најдат на www.regionalencentar.org.mk, велат од организацијата и бараат извинување од СОС, најавувајќи дека ако тоа не се случи, ќе поднесат тужби за навреда и за клевета.

Слична реакција стаса и од Здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Тие велат дека тврдењата на Цветин Чилиманов на прес-конференцијата во саботата, се „злонамерни клевети, неточни, непрофесионални, нечесни и малициозни лаги, наменети за наштетување на угледот на ФРУ и на соработниците“.

Здружението побара јавно извинување во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Од Здружението на жени од Струмица исто така порачуваат дека груби клевети и навреди се тврдењата дека на нивната сметка легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ.

„Организација на жени на општина Струмица не е ниту „дел од партијата СДСМ“ ниту, пак, „партиски клуб на партијата“, како што наведуваат од движењето СОС. Организација на жени на општина Струмица не е наменски основана за нечии цели. Ние сме граѓанска организација основана во 1991 година, со една и единствена цел –  да ги промовира, застапува и да ги штити правата и интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата.
Организацијата побара извинување од Цветин Чилиманов и од Никола Србов во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Со остра реакција се огласи и Центарот за современи уметности – Скопје, негирајќи дека е „дел од организации на чии сметки легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ“. Велат дека парите што тие ги добиваат од донатори никогаш не биле и нема да бидат користени за целите на која било партија.


Репортери без граници: Македонија на 118. место по слободата на медиумите


Скопје, 11 август, 2016 - 14:51 (META) 

Македонија е на 118. место по слободата на медиумите во годинешниот извештај на организацијата Репортери без граници, зад Замбија, Нигерија, Конго и Катар.

Во образложението на извештајот, за Македонија наведено е дека клеветата била отстранета од Кривичниот законик во 2012 година, но обвиненијата биле заменети со граѓански тужби со можности за високи казни и услови за одење во затвор за новинари и сопственици на медиуми.

„Најмалку 580 тужби за клевета се поднесени од 2014 година, а неколку десетици против новинари. Според анкетата на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, како резултат на големиот број тужби за клевета и навреда, новинарите во Македонија велат дека се самоцензурираат“, пишува во извештајот.

Од земјите во регионот, Македонија е на последно место. Најдобра е Словенија (40), потоа Србија (59), Хрватска (63), Босна и херцеговина (68), Албанија (82), Грција (89), Косово (90), Црна Гора (106) и Бугарија (113) место.

На првите три места во слобода на медиумите се Финска, Холандија и Норвешка, на последно е Ертиреја, а претпоследна е Северна Кореја.

 


Турскиот премиер ги повлече тужбите за навреда и за клевета


Анкара, 3 август, 2016 - 10:12 (META) 

Премиерот на Турција, Бинали Јилдирим, синоќа соопшти дека во понеделникот повлекол вкупно 1.500 тужби за навреди и за клевети насочени кон него или кон неговата функција. Меѓу лицата за кои се поднесени тужби има опозиционери, новинари и писатели.

– Ги повлекувам обвиненијата зошто сум решен соработката со опозицијата да продолжи и да се зајакнува. Проблемите можеме да ги решиме низ дијалог. Оваа земја ни припаѓа на сите – рече Јилдирим.

Претседателот Реџеп Таип Ердоган, исто така, најави дека ќе ги повлече тужбите за навреда и за клевета.


Талевска го загуби спорот за клевета против Шилегов


Скопје, 22 јуни, 2016 - 12:17 (META) 

Ивона Талевска, главната уредничка на дневниот весник „Вечер“, го загуби судскиот спор по тужбата за клевета и за навреда што ја поднесе против Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ.

Од уредничката на „Вечер“ побаравме реакција за пресудата, но не добивме, а Шилегов на својот „Фејсбук“ напиша:

„Да не бидам погрешно и лошо разбран: Првостепената пресуда со ’мечката од пештера’, не ми значи ништо. Повеќе би сакал да го видам македонското судство да одговори на своите законски обврски и предизвици кога се во прашање кривичните предмети против злосторничкото здружение кое го сочинува раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш ќе може да зборуваме за право и правна држава. До тогаш, нема застанување“.

Талевска ја поднесе тужбата за прес-конференциите на кои Шилегов го обелодени договорот на фирмата „Визарис“, сопственост на мајката на Талевска, со Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема во вредност од еден милион евра.

„Во поткрепа на фактот дека не само што не постои клевета ниту навреда како и повреда на личните права на чест и на углед на тужителката, во случајот од изведените докази не произлегува дека на тужителката ѝ е нанесена штета од страна на тужениот, па судот ценеше да го одбие тужбеното барање како неосновано“, пишува во пресудата.

Судијата ја задолжи Талевска да му исплати судски трошоци на Шилегов во износ од  55.838 денари.