!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Нов метод за лекување рак со вируси „ловци“


Вашингтон, 5 ноември, 2015 - 18:04 (META) 

Здравствените власти на Соединетите Американски Држави (САД) го одобриле новиот, како што велат, револуционерен метод за лекување рак, преку вбризгување на вирус на херпес со двојно дејство, кој ги напаѓа клетките зафатени од тумор, а ги поштедува здравите, поттикнувајќи го имунолошкиот систем да се бори против туморот, пренесува хрватскиот јавен сервис ХРТ.

Новата терапија, како што се наведува, треба да ги поштеди болните од нус-појавите што ги предизвикуваат постојните методи, како хемотерапијата и зрачењето.

Како што пренесува ХРТ, терапијата Т-ВЕК (T-VEC) ќе се продава под комерцијалното име „Имлигик“ (Imlygic), a e развиена од фирмата за биотехнологија „Бивекс“ од Масачусетс.

Инаку, посебно модифицираниот вирус на херпес се вбризгува директно во туморот, а веќе е одобрен за лекување рак на кожата.

За разлика од хемотерапијата и од радиотерапијата, кои ги убиваат клетките на ракот, но истовремено ги оштетуваат и другите делови од телото, модифицираните вируси ги напаѓаат само клетките зафатени до тумор, а како нус-појава пациентот може да има треска еден или два дена.


Научници од Синсинати откриле можност за лекување со помош на струја


Синсинати, 10 јуни, 2015 - 17:37 (META) 

Тим научници од Универзитетот во Синсинати можеби пронашле начин на брзо лекување на нашите тела од повреди и од рани, користејќи струја, пишува „Хафингтон пост“.

Нивниот експеримент функционира врз основа на тоа што нашите тела реагираат на електрични полиња, благодарение на присуството на наелектризирани честички, јони, во нашите клетки.

Андреи Коган, професор по физика на колеџот за уметност и наука„ Мекмикен“, и неговиот тим објавиле студија во „Ројал сосаети“, во која предлагаат дека она што го нарекуваат „примена на безжична електрична симулација“ може да помогне во за лекување на „повредени и абнормални клетки“.

Тимот од Синсинати успеал со помош на електрицитет да ги „наведе клетките“ кон оштетениот дел од телото.

Талу Тагиан, кој е дел од тимот научници, вели дека овој процес настанува бидејќи концентрацијата на јони во повреденото подрачје се разликува од деловите на телото кои се здрави и поради тоа електричното поле е во можност да креира „проток на јони“, кои му помагаат на телото да се лекува самото.

Тие, исто така, откриле дела клетката реагира различно на електрициетот, во зависност од средината што ја опкружува, што, всушност, значи дека научниците би биле во можност да одредат колку електрицитет да применат на различни клеточни опкружувања и на тој начин да избегнат прегревање или оштетување на клетките.

Тимот тврди дека нивните наоди можат да бидат револуција во поглед на начинот на кој лекарите ќе ги лекуваат хроничните повреди во иднина.