!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Избеган затвореник и баран криминалец од Србија, биле убиените од менувачницата


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:08 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во соработка со МВР е идентификуван и вториот разбојник што беше убиен во средата минатата недела, при обид да ограби менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Тој е  граѓанин на Србија, по кого поради претходно сторени кривични дела била распишана потерница.

Според првичните сознанија на јавното обвинителство, македонскиот државјанин, кој вршејќи разбојништво настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење слободен викенд во март годинава не се вратил в затвор. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва во банки, менувачници и во обложувалници. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија.

Во однос на постапката против сопственикот на менувачницата, кој по физичката пресметка со разбојниците пукал во нив и ги убил, обвинителството уште нема донесено дефинитивна одлука.


OJO идентификувало еден од убиените напаѓачи во менувачницата во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 22:47 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје извршило увид во менувачницата во Кисела Вода каде попладнево при обид за разбојништво две лица беа убиени. Од ОЈО информираат дека познат е идентитетот на едно од починатите лица.

Надлежен јавен обвинител издал наредба за обдукција на починатите и за вештачење на прибраниот доказен материјал.

„Обезбедени се траги од местото на настанот, како и видеонадзорот од менувачницата. Идентитетот на едно од починатите лица е утврден. Во моментов се преземат дејства за идентификација на второто починато лице“, велат од ОЈО.

Двојното убиство се случи попладнево кога две вооружени лица се обиделе да ограбат менувачница на улицата Борис Трајковски во скопската населба Кисела Вода. Сопственикот на менувачницата по физичка пресметка со напаѓачите, пукал во нив и ги убил. Од ОЈО информираат дека му е укажана медицинска помош, поради добиени телесни повреди.


МВР: Сопственикот на менувачницата ги убил двајцата напаѓачи


Скопје, 27 ноември, 2017 - 19:08 (META) 

Две засега непознати лица се убиени при обид да ограбат менувачница на улицата Борис Трајковски во Кисела Вода, соопшти МВР.

Од МВР велат дека во 16.35 часот во Единицата за известување и команда добиена е пријава дека на улицата Борис Трајковски во Скопје, во менувачница, имало пукање од огнено оружје.

Според првичните сознанија, двете лица, на чија идентификација се работи, влегле во менувачницата во која се наоѓал сопственикот Г.А. (58) од Скопје.

Во обид да извршат разбојништво и вооружени со огнено оружје, настанала, прво, физичка пресметка со сопственикот на менувачницата, по што Г.А. посегнал по пиштол и ги застрелал напаѓачите кои починале на самото место.

На местото на настанот увид врши дежурен јавен обвинител.


Двајца застрелани при обид да ограбат менувачница во Кисела Вода


Скопје, 27 ноември, 2017 - 17:52 (META) 

Две лица се убиени при вооружена пресметка во менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Неофицијално, двете лица се убиени при обид да ограбат менувачница, која е лоцирана на булеварот Борис Трајковски, кај Чешма во Кисела Вода.

Според првичните информации, лицето во менувачницата најверојатно извадило оружје и ги убило разбојниците.

Пред менувачницата во моментов има големо полициско обезбедување и три амбулантни возила.


ПОПГМ: Лажни анкетари бараат податоци од пензионери во Кисела Вода


Скопје, 26 ноември, 2016 - 14:52 (META) 

Лажни анкетари ги посетуваат домовите на пензионерите во скопската општина Кисела Вода на кои им доставуваат „прашалници“, во кои им ги внесуваат личните податоци, најверојатно со намера да им ги „украдат“ заради вршење изборни манипулации или за други криминални цели, велат од Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ).

Анкетарите се претставувале дека се ангажирани од Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија. Тие пополнувале прашалник во кој, покрај другото, внесувале одговор за користење бањско лекување, барале матични броеви, број на личната карта и број на полнолетни членови во семејството.

„Информирајќи ја јавноста за ваквата појава, ги потсетуваме пензионерите дека ваквите „анкети“ не се законски дозволени и дека обично се наменети за остварување криминални цели, а во период на изборна кампања за вршење притисоци врз изборната волја на избирачите. Ги охрабруваме пензионерите секој ваков случај да го пријават во најблиската полициска станица за да се спречат обидите за злоупотреба на личните податоци за незаконски влијанија и за притисоци врз пензионерите поврзани со изборниот процес или за остварување на нивни други криминални цели“, се вели во партиското соопштение.


Тешка сообраќајна несреќа во Кисела Вода


Скопје, 5 декември, 2015 - 1:01 (META) 

Тешка сообраќајна несреќа се случи вечерва во населбата Кисела Вода, при што дошло до директен судир меѓу возило „лада“ и патничко комби.

Неофицијално, едно лице е починато, а други четворица се повредени.

Според изјавите на очевидци, на местото на настанот пристигнале две возила на брза помош, а едно од возилата било сечено од противпожарната служба за да бидат извлечени патниците.