По светските фестивали, „Исцелител“ повторно во кината низ Македонија


Скопје, 8 мај, 2018 - 12:13 (META) 

По шестмесечната успешна фестивалска турнеја на филмот „Исцелител“ на младиот Ѓорче Ставрески на светските филмски фестивали, филмот повторно ќе се прикажува во киното „Синеплекс“ во Скопје, а ќе биде и на репертоарот на МКЦ „Козјак“ во Куманово и во Домот на млади во Штип.

„Исцелител“ од својата премиера на 9 ноември досега, за само шест месеци, се прикажуваше на 23 светски филмски фестивали, од кои два беа од А категорија. Филмот освои 9 меѓународни награди, меѓу кои 5 беа за најдобар филм. Истовремено, некои од најугледните светски списанија за филм објавија одлични рецензии за него.

„Исцелител“ е прв македонски филм добитник на награда на филмскиот фестивал во Солун во 58 годишното постоење на фестивалот. Тој е добитник и на наградите за најдобар филм во Санта Барбара, САД; Бергамо Филм Митинг, Италија; Филмскиот фестивал во Обањ, Франција и на фестивалот Let’s CEE во Виена.

„Исцелител“ беше прикажан на три филмски фестивали во САД, исто толку во Индија, на најголемиот фестивал во Иран, на еден од најголемите фестивали во Кина, на фестивал во Колумбија, на престижниот „Црни ноќи“ во Естонија и на многу други европски филмски фестивали.

Скопската премиера на „Исцелител“ беше на 19 ноември 2017 на затворањето на „Синедејс“ а од 20 ноември до 12 февруари се прикажуваше во кината Милениум и Синеплекс, филмот беше прикажан и во склоп на „Контра кадар“ и „Академска сцена“ во кино „Култура“ и на ФДУ.

Освен во Скопје филмот се прикажуваше во Битола, Штип, Кочани и Кичево. Во кината низ Македонија, „Исцелител“ во првиот турнус прикажување го гледаа повеќе од 12.000 гледачи.

Во Синеплекс во Скопје „Исцелител“ започнува да се прикажува в четврток, во МКЦ „Козјак“, Куманово на 17 мај, а во летното кино на Домот на млади во Штип, филмот ќе биде прикажана во последниот викенд од мај.


Минатата година речиси 10 отсто повеќе кино-проекции отколку во 2015


Скопје, 17 мај, 2017 - 10:46 (META) 

Во 2016 година во вкупно 14 кина во земјава се прикажани 985 филмови, со вкупно 16.295 кино-проекции, што е за 9,7 отсто повеќе од 2015 година, говорат податоците од Државниот завод за статистика.

Во изминатата година, бројот на посетители во македонските кина изнесувал 441.017 лица.


Убиен напаѓачот што пукаше во кино во Германија


Франкфурт, 23 јуни, 2016 - 18:42 (META) 

Маскираниот напаѓач кој попладнево пукаше во кино-комплексот во Виернхајм, близу Франкфурт, е убиен откако бил застрелан од специјалните единици на германската полиција, соопшти министерството за внатрешни работи на сојузната држава Хесен.

„Проценките на полицијата беа дека вооружениот маж држи заложници поради што беше застрелан и убиен“, изјавил министерот за внатрешни работи на Хесен, Петер Бут, додавајќи дека нема други повредени во инцидентот.

Нападот во кино-комплексот „Кинополис“ се случил околу 15 часот по локално време, кога вооружениот маж влегол и се забарикадирал во објектот. Првичните информациите беа дека во инцидентот се повредени меѓу 20 и 50 лица.

Весникот „Франкфуртер алгемајне“ пишува дека засега е нејасно дали мотивите за нападот се од политичка или од идеолошка природа или, пак, станува збор за обид за грабеж.

Лицето што го пријавило случајот, на полицијата и кажало дека слушнало четири истрели и дека маскираниот напаѓач му изгледал ментално нестабилен. Засега е нејасно и дали во нападот било користено вистинско оружје.


Десетици повредени во напад на кино во Германија


Берлин, 23 јуни, 2016 - 16:59 (META) 

Десетици лица се повредени откако вооружено лице отвори оган во кино-комплекс во Западна Германија, јавува германскиот весник „Билд“.

Мажот, кој носел маска и на рамо носел појас со муниција, влегол во „Кинополис“ во Виернхајм околу три часот по локално време. Напаѓачот се забарикадирал во кино-комплексот.

Како што јавива „Дармшадтер ехо“, меѓу 20 и 50 лица се повредени.

Очевидци за весникот „Хесеншау“ соопштија дека полицијата е околу кино-комплексот.


„Аватар 2“ во кино-салите на Божиќ во 2017 година


Скопје, 25 декември, 2015 - 16:23 (META) 

Сценаристот и режисер Џејмс Камерон потврди дека продолжението на „Аватар“ ќе се појави во кино-салите во 2017 година.

– Планот е – Божиќ, 2017 година. Барем така можеме да најавиме сега. Но, јас не сметам дека тоа е толку важно како фактот дека сите три филмови, кога ќе ги завршиме, ќе ги објавуваме секоја следна година. Секој од тие филмови е самостоен, но истовремено раскажува многу поголема приказна – изјави Камерон.


САД: Тројца убиени во напад во кино


Луизијана, 24 јули, 2015 - 10:30 (META) 

Вооружено лице синоќа отвори оган во кино во американската држава Луизијана и уби две лица, а рани најмалку седум, пред да се застрела и да се убие себеси, соопштија денеска американските власти.

Полицијата го знае идентитетот на напаѓачот, но засега не го открива. Телото на напаѓачот долго време било во просториите на киното, поради потребите на истрагата.

Полициски извори наведуваат дека меѓу повредените има и лица кои се во критична состојба.

Во киното имало околу 100 лица за време на нападот, соопшти полицискиот полковник Мајк Едмонсон, додавајќи дека напаѓачот пукал само во таа кино-сала и оти никаде претходно не извршил напад.


Реконструирано киното во Делчево


Делчево, 5 февруари, 2015 - 9:51 (META) 

Во Делчево повторно ќе биде ставено во функција киното кое со финансиска поддршка на Министерството за култура, од околу два милиони денари, лани беше реконструирано и доби нова фасада, нова покривна конструкција и уредени санитарни јазли.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска вчера ја посети Општина Делчево и кино-салата, која е во надлежност на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“. Рече дека од 1933 година, кога бил направен, ова е прва крупна интервенција на објектот, кој од руина и од грда слика на градот, сега ќе биде место за филмски проекции, но и за други културни настани.

– Изминатата година, со поддршка од Министерството за култура, кино-салата е целосно реконструирана. Претходно, за потребите на кино-салата во Делчево, беше обезбедена и нова дигитална филмска опрема, како и нов дигитален проектор. Делчево со овој проект доби нов современ простор, кој освен за презентација на филмовите од богатата македонска и светска кинематографска продукција, ќе се користи и за други културни настани – изјави Канческа-Милевска, која објектот го посети заедно со делчевскиот градоначалник, Дарко Шехтански.

Таа посочи дека во разговор со градоначалникот договориле оваа година Министерството да помогне и со мали интервенции во ентериерот во салата, за кој Центарот за култура има проект.

– Делчево повторно ќе го добие киното во сјајот кој некогаш го имало, а со тоа и центарот на градот го добива ликот кој треба да го има – рече Шехтански.

Министерката соопшти дека оваа година ќе се реконструира и уреди поставката во Музејот во село Разловци посветена на Разловечкото востание, за што минатата година е изработен проект. Додаде и дека Министерството, преку годишната програма, поддржува манифестации и дејности во Делчево кои се во функција на локалниот развој и на богата културна понуда. Ги издвои копаничарството и резбата кои во овој крај се автентични и добиваат финансиска поддршка преку проектот за креативни индустрии.

Канческа-Милевска беше и во селото Драмче, од каде потекнува соборното оро „Копачка“, кое УНЕСКО лани го впиша на репрезентативната листа на нематеријално културно наследство. Таму ја отвори Спомен-собата на дедо Митко (Димитар Станоевски), кој 60 години бил ороводец на „Копачка“, а починал во 2009 година, на 93 години.

Министерството за култура го финансираше уредувањето на чардакот, ходникот и на собата на дедо Митко во неговиот дом во Белчанска маала во Драмче. Во рамките на постановката, изложени се стари фотографии, текстови објавени во домашни и во странски весници, предмети и инструменти што ги употребувал, народните носии во кои ја играл и ја предводел „Копачка“, а на дрвени табли се ставени познати изреки на дедо Митко за орото. Играорците денеска ја изведоа „Копачка“ – игра која ја симболизира обработката на земјата.

– Орото „Копачка“ е нашата гордост. Благодарение на нивната љубов и посветеност, Македонија стана дел од листата на светското културно наследство. Благодарение на нивните огромни желби, куќата на дедо Митко ќе прерасне во една Спомен-соба. Таа е автентично сочувана и има многу вредни прдмети – изјави Канческа-Милевска.

Традиционалното оро „Копачка“ стана второ македонско нематеријално културно наследство под заштита на УНЕСКО. Во 2013 година, Македонија на листата на УНЕСКО го впиша и уникатниот верски обичај „Четрсе“ од Штипско.

За време на работната посета на Делчево, министерката Канческа-Милевска положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во центарот на градот, по повод 143 години од неговото раѓање.


Куршумли ан меѓу најдобрите кина во светот


Скопје, 29 јануари, 2015 - 10:54 (META) 

Куршумли ан е на четвртото месо од 15 предлози, како една од најубавите кино-сали.

Во оваа класификација не се вклопени ултрамодерните кина што се одликуваат со пространи сали и неверојатно добро озвучување.

 


„Хобит: Битка на петте армии” од денеска во „Синеплекс“ и во „Милениум“


Скопје, 11 декември, 2014 - 14:17 (META) 

Филмот „Хобит: Битка на петте армии“ (The Hobbit: The Battle of the Five Armies), од денеска се прикажува во кината „Синеплекс“ и „Милениум“.

Од „Синеплекс“ информираат дека ќе имаат и полноќна проекција, која ќе почне пет минути по полноќ.

Филмот покрај во дводимензионален формат, ќе биде прикажан и во тридимензионален формат.


Прогласени најдобрите филмови на фестивалот за планински филм – „Ехо“


Скопје, 10 ноември, 2014 - 11:08 (META) 

Од 3 до 6 ноември во кината „Милениум“ и „Фросина“ во Скопје се одржа петтото по ред издание на Фестивалот за планински филм – „Ехо“, на кој беа прикажани голем број странски, но и македонски филмови, кои ја опфаќаат тематиката на планинските спортови.

Стручното жири, во состав Влатко Галевски, Борјан Зафировски и Игор Анѓелков, наградија четири филма. Во категоријата долгометражен филм, награден е „Северно од сонцето“ (Nordfor Sola) во режија на Жорн Ранум и Инге Веге од Норвешка, за најдобар среднометражен филм е прогласен македонскиот филм „Кон врвот“, додека титулата најдобар краткометражен филм ја понесе филмот „Студено“(Cold) на Ансон Фогел. Покрај овие три филма, жирито одлучи да му додели специјална награда на режисерот Растислав Хатијар за филмот „Слепа доверба“ (Blind Trust).

Својот глас го даде и жирито составено од студенти на Факултетот за драмски уметности – Скопје во состав: Михаил Димитров, Марко Џамбазоски и Горјан Атанасов, за кои апсолутен победник беше филмот „Студено“.