!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Фестивалот АКТО во Скопје ќе понуди перформанси и музика


Скопје, 26 октомври, 2017 - 13:54 (META) 

Во рамките на своето 12. издание во Скопје, фестивалот за современи уметности АКТО утре и задутре во кино „Култура“ и во Железничка зграда ќе понуди повеќе уметнички содржини.

Фестивалот ќе почне утре со отворен штанд за продажба на независни музички изданија од македонски автори, во холот на кино „Култура“. Потоа, од 20 часот, на истата локација, под мотото „АКТО за заедниците“, ќе се одржи своевидно истражувачко студио за храна, наука и за уметност. Тоа ќе биде проследено со настап на диџеите Мирко Попов, Фладер и Илина Ангел.

В сабота, програмата се сели во Железничка зграда, на ул. Борка Талевски бр 26.  Од пладне, па до 15 часот, ќе се одржи перформативно-истражувачки проект на Филип Јовановски, насловен „Кога зградите би зборувале“, а ќе го проследи специјален настап на „Фолтин“, „Дејви Д’ Боуви + Паднатите од Марс“, кој ќе почне во 13.30 часот.  Бидејќи просторните услови се ограничени, заинтересираните треба да испратат порака до фејсбук-страницата на  АКТО-фестивал.


Сo концерт на „Фолтин“ утре ќе се отвори кино „Култура“


Скопје, 21 декември, 2015 - 18:22 (META) 

Кино „Култура“, кое цели 15 години не работеше, од среда повторно ќе биде отворено со нов реконструиран изглед, гледалиште со 180 седишта, сцена и со сали за проби. Основачи на центарот се организациите „Локомотива“ и „Театарот на навигаторот Цветко“ со помош на Општина Центар, а директор ќе биде режисерот Александар Поповски.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, рече дека за него, за советниците и за вработените е огромна чест што поддржуваат ваков проект.

– Ова не е проект само за општина Центар, туку и за Скопје и за цела Македонија. Живееме во време на девалвирање на културата и на културните работници. Затоа со овој проект сакаме да ги гледаме повторно прекрасните претстави. Општина Центар е секогаш тука за Вас. Ниту сме се јавиле, ниту ќе се јавуваме во иднина во кој правец да работите. Наше е само да дадеме поддршка. Секој ќе може да го користи просторот и ќе има комплетна слобода – рече Жерновски.

Слободан Унковски, Уметнички директор на „Театар на навигаторот Цветко“, рече дека кино „Култура“ нема да биде под влијание на Министерство за култура и никој оттаму нема да одлучува што ќе биде на репертоарот.

Учениците од општина Центар ќе можат бесплатно да ги следат претставите, а прва на репертоар е претставата „Ајнштајновите соништа“, по текст на Алан Лајтман, драматизација на Русомир Богдановски, а во режија на Слободан Унковски.

Свеченото отварање ќе се одржи утре, во 21 часот, со концерт на групата „Фолтин“.