!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Едно лице повредено во тепачка за огревно дрво


Кичево, 13 март, 2017 - 14:14 (META) 

Во кавга, а потоа тепачка што се случила вчера попладне во Кичево, расеченица на лицето добил 44-годишник, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил околу 13.30 часот на улицата Осојски пат во Кичево, при што по кавга околку огревно дрво, дошло до тепачка помеѓу А.Х. (44) и Т.М. (21), обајцата кичевци. Притоа помладиот со остар предмет му нанел повреда на лицето на постариот, по што тој е однесен во кичевската болница, а откако таму му е укажана лекарска помош, е препратен во Медицинскиот центар во Битола.

Полицијата извршила увид, при што на местото на настанот е пронајден нож. Се работи на расчистување на случајот, известува полицијата.


Беса од Кичево порача: Албанците ќе ја казнат ДУИ со нивниот глас


Кичево, 5 декември, 2016 - 22:05 (META) 

Движењето Беса вечерва ја промовираше предизборната програма и кандидатите за пратеници на предизборен собир во Кичево.

Пред насобраните симпатизери и членови, се обрати кандидатот за пратеник од Кичево во петтата изборна единица, Арбен Лабеништи, кој порача дека е време е за промени.

– Ќе дојдат нови сили кои ќе знаат да ги бранат интересите на Албанците. Албанците ќе ја казнат ДУИ со нивниот глас. Ние се наоѓаме на еден крстопат каде што вистинскиот правец е платформата што ја нуди оваа коалиција – рече Лабеништи и порача дека ќе победат не само на овие, туку и на локалните избори кои треба да се одржат следната година напролет.


Тројца загинати во тешка сообраќајна несреќа кај Зајас


Кичево, 2 ноември, 2016 - 23:05 (META) 

Три лица загинаа во тешка сообраќајка кај селото Зајас вечерва околу 19 часот. СВР Охрид потврди дека се работи за три помлади лица од околните села, пишува „Прес 24“.

Според неофицијални информации, автомобил „форд“ удрил во трактор, кој возел неосветлен.

АМСМ информираше дека сообраќајот на магистралниот пат Кичево – Скопје е во прекин, но потоа возилата се пропуштаа наизменично.


Поплавен патот кај Кичево кон Охрид поради невреме со пороен дожд


Кичево, 19 август, 2016 - 22:59 (META) 

Невреме со пороен дожд го зафати вечерва Кичево, по кое остана поплавена главната улица по која се вози кон Охрид, пишува sdk.mk. Полицијата била на терен и ги пренасочувала возилата по споредни улици во градот.

„Во Кичево имаше десетминутен пороен дожд, кој престана да врне пред еден час. Поплавена е Дива населба, која нема атмосферска канализација. Според правилата, прва реагира локалната власт, која ако не може да се справи сама, бара помош од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од ЦУК не беше побарана помош“, потврдила портпаролката на ЦУК, Надица Вучкова за овој медиум.


РСБСП: Летово најризичен е автопатот Кичево – Охрид


Скопје, 17 јули, 2016 - 11:13 (META) 

За време на летните одмори, најризичен е автопатот Кичево – Охрид, предупредуваат од Републичкиот совет за безбедност на патиштата.

На овој автопат фреквенцијата на возила е драстично зголемена поради големиот број странски и домашни туристи што одмораат на Охридско Езеро.

Истовремено, се гради новиот автопат Кичево – Охрид, чија траса на многу делници минува паралелно со сегашниот пат, а не е секаде соодветно обезбедена.

Овој месец, во една недела, на овој автопат се случиле две тешки сообраќајки, во кои повреди добија осум лица, меѓу кои и странски државјани.

„Доколку решите на летување да заминете со сопствен автомобил, за да ги намалите ризикот и опасноста од сообраќајки, прв чекор е да се придржувате кон советите од надлежните. Најважно од сè е да останете будни и одморени и да ја проверите техничката исправност на возилото пред да тргнете на пат“, потсетуваат од РСБСП.

Со апел излегоа и од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, од каде повикаа сите да придонесаат за унапредување на сообраќајната превенција, за да се намалат ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да се подигне сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи.


Кичевската полиција запленила повеќе од 50 лажни банкноти, три лица се приведени


Кичево, 5 април, 2016 - 14:12 (META) 

Екипа на кичевската полиција вчера попладне извршила претрес на возило, сопственост на фирма од Скопје, и привела три лица кај кои биле пронајдени повеќе од 50 фалсификувани банкноти во апоени од 500 денари, информира МВР.

Претресот на возилото и на трите лица во него бил извршен по наредба на Основниот суд Кичево поради постоење основан сомнеж дека се превезуваат фалсификувани пари.

Како што информираат од МВР, вчера околу 16.15 часот на магистралниот пат Охрид – Кичево, полициски службеници извршиле претрес во автомобил марка „фолксваген голф“ сопственост на скопската фирма „Адријус“, кое го управувал 44-годишниот Т.А. од Скопје, а сопатници му биле Б.И. (45) од село Сарај и И.К. (47) од Скопје.

„При претресот на лицата и на возилото биле пронајдени 51 фалсификувана банкнота од 500 денари во чанта на И.К., нотес со евиденција каде ги пуштал во оптек, а уште три банкноти од 500 денари биле пронајдени во возилото. Лицата се приведени за понатамошна постапка“, стои во информацијата на МВР за случајот.


Груевски во Кичево на средба со граѓани


Кичево, 12 март, 2016 - 15:19 (META) 

Нов пат и канализација за Другово, санација на водоводот во Вранешница, проект за ангажирање дефектолози, изградба на нов автопат Гостивар – Кичево беа дел од проектите што им ги вети претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на жителите на Кичево.

При посетата на Вранешница, Груевски на граѓаните им ги објасни можностите што ги нуди новата штотуку отворена фабрика на „Ки сејфти систем“, која треба да стигне до 1.000 вработувања.

Жителите на Другово побараа санација на патот и фекална канализациска мрежа. Министерот за транспорт и врски, Владо Мисајловски, им рече дека Владата и Министерството ќе стават на располагање 740.000 евра за Кичево и за Другово, а дека потребно е само да се аплицира од страна на Општината.

Груевски посочи дека покрај тоа што активно веќе се гради автопатот Кичево – Охрид, за што се инвестираат 375 милиони евра, се работи и на реализација на проект за изградба на автопатот Гостивар – Кичево.

– Тоа е крупен, деликатен проект бидејќи е тежок и скап пат, затоа што е планински. Работиме во моментот на две основи: една е ако се оди во ЕБРД, втора ако се оди со јавно-приватно партнерство затоа што сега се јавија нови компании кои покажаа интерес. Во разговорите со нив, со претставниците на Владата, понудија многу подобри услови отколку тоа што беше во минатото. Така што се трга во двете насоки, која ќе биде поповолна со таа ќе се оди. Во секој случај, тој проект ќе се направи, ќе се гради – рече Груевски.


Нервна раздразнетост, причина за вчерашното братоубиство во Кичево


Охрид, 11 јуни, 2015 - 13:57 (META) 

Полициската станица од Кичево поднесе кривична пријава против А.С. (42) од кичевското село Другово, кого го товари за убиство за обид за убиство.

Пријавениот, вчера, со нож му нанел тешки телесни повреди на својот брат Арун С. (46), кој подоцна им подлегнал на повредите. Тој се обидел од живот да ја лиши и својата снаа Б.С. (39), која добила убодни повреди во левото рамо.

Според првичните сознанија, можната причина за сторените дела е од психичка природа, односно нарушено психичко здравје и нервна раздразнетост на приведениот А.С.

Него, во 2007 година, Основниот суд од Кичево му изрекол мерка упатување во установа за лекување.

– Настанот се случил околу 16 часот на плоштадот во Кичево, каде сега пријавениот ги забележал својот брат и неговата сопруга. Откако им се приближил од зад грб, А.С. го извадил ножот што го имал со себе и на својот брат му задал повеќе удари во пределот на вратот и на лицето. Потоа, со ножот ја нападнал и снаата Б.С., нанесувајќи ѝ неколку убоди во левото рамо. Откако го направил тоа, А.С. веднаш избегал од местото на настанот – информираше денеска на прес-конференција портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.

По преземени оперативни мерки и по консултација со јавното обвинителство, полициски службеници го пронајдоа А.С. сокриен во куќа во Кичево и го лишија од слобода. Воедно, во куќата пронајден е и одземен ножот со кој е извршено кривичното дело.

По наредба на Основното јавно обвинителство во Гостивар, врз ножот и врз други предмети ќе биде извршена криминалистичка обработка, а во текот на денот и обдукција врз телото на починатиот Арун С.


Млад кичевец избодел свој сограѓанин


Охрид, 20 ноември, 2014 - 11:27 (META) 

Полициската станица од Кичево поднесе пријава против С.А. (22) од овој град, поради постоење основи за сомневање за обид за убиство. На пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што е испратен во казнено-поправната установа во Тетово, соопшти портпаролот на СВР во Охрид, Стефан Димоски.

Кривичното дело е извршено на 18 овој месец, околу 17 часот, на улицата Маршал Тито во Кичево, во близина на џамијата во кичевската населба Бела Кула, каде пријавениот се обидел од живот да го лиши С.Ф. (19), нанесувајќи му со остар предмет две убодни рани во пределот на грбот, по што избегал од местото на настанот и го оставил повредениот.

На настанот му претходела средба на притворениот С.А. со повредениот С.Ф., по која настанала жестока караница, во која во еден момент се случил нападот и нанесувањето на убодните рани. Набргу на повредениот С.Ф. му е укажана медицинска помош во општата болница во Кичево, а С.А. со брза интервенција на полициските службеници е пронајден.

Полициската станица од Кичево презема дополнителни мерки за расчистување на овој случај.


Владата во вторник ќе расправа за проблемот со греењето во училиштата


Кичево, 8 ноември, 2014 - 16:18 (META) 

Македонската влада дури во вторник ќе расправа за проблемот со греењето во кичевските училишта.

Министерот за образование, Абдилаќим Адеми, изјави дека Бирото за стокови резерви дало позитивно мислење за интервентно позајмување нафта за кичевските училишта.
– Бирото за стокови и нафтени резерви позитивно се изјасни за доделување 200.000 литри и врз основа на тоа ќе одлучиме – изјави министерот за образование.

Адеми нагласи дека Општина Кичево ќе добие нафта од стоковите резерви, затоа што Општината е нова и има наследено долгови. Но, тоа не треба да го злоупотребат другите општини.
– Ако имаме позитивна одлука, тоа не значи дека на овој начин можат да се надминат проблемите, ова е само интервентно решение. Мора да гледаме добри планови од општините за рационализација и за надминување на проблемите – посочи Абдилаќим Адеми.

Повеќе од 1.200 учениците од кичевските училишта  веќе две седмици не одат на училиште затоа што нема нафта за загревање на објектите.