Закерберг се извини во Европскиот парламент за злоупотребата на податоците од „Фејсбук“


Брисел, 23 мај, 2018 - 11:36 (META) 

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг се извини пред пратениците во Европскиот парламент, порачувајќи дека компанијата не направила доволно за да ги спречи злоупотребите од оваа социјална мрежа и дека регулацијата е важна и неминовна.

„Не ја разгледавме во потполност нашата одговорност. Тоа беше грешка и жалам поради тоа“, изјави Закерберг.

Тој одбил да одговори на прашањето дали имало размена на податоци помеѓу „Фејсбук“ и неговите подружници како „Уац ап“ и дали ќе преземе чекори за да им овозможи на корисниците да ги блокираат таргетираните рекллами.

Сведочењето на Закерберг следува откако е откриено дела личните податоци на повеќе од 87 милиони корисници се злоупотребени од страна на консултантската куќа „Кембриџ аналитика“ за политички цели.

Закерберг за овие злоупотреби сведочеше и во американскиот Конгрес, но одби да сведочи во британскиот парламент каде што ја испрати неговата соработничка.


Скандалозната „Кембриџ аналитика“ прогласи банкрот


Лондон, 3 мај, 2018 - 10:36 (META) 

Британската интернет-аналитичка компанија „Кембриџ аналитика“, којашто се најде во центарот на скандалот поради злоупотребата на личните податоци на над 80 милиони корисници на „Фејсбук“ во политички кампањи, соопшти дека прогласува банкрот.

„Кембриџ аналитика“ има седиште во Велика Британија, а синоќа челниците на компанијата им соопштиле на вработените да ги вратат своите картички и компјутерите, затоа што компанијата престанува со работа.

Првите луѓе на компанијата за британските медиуми изјавиле дека после скандалот кој што изби околу „Фејсбук“, „Кембриџ аналитика“ ги загубила сите големи клиенти, по што компанијата морала да прогласи банкрот.

Портпаролката на компанијата, Кларенс Мичел за „Би-би-си“ изјавила дека таа компанија во последните месеци била на мета на бројни неосновани обвинувања и покрај сите обиди да ги исправи работите. Според Мичел, активностите на „Кембриџ аналитика“ не само што не биле илегални, туку тие биле широко распространети во онлајн огласувањето како и во политичките активности.


Закерберг: Откривме профили од Македонија кои ширеа лажни вести


Скопје, 22 март, 2018 - 15:56 (META) 

Сопственикот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, во интервју за „Си-ен-ен“ вели дека минатата година пуштиле нови алатки за вештачка интелигенција, за да откријат лажни профили што се обидуваат да шират лажни вести, и дека пронашле голем број такви профили од Македонија.

Ова е прво појавување на Закерберг во медиумите откако беше откриен скандалот со „Кембриџ Аналитика“, фирма за податоци која имала врски со кампањата на претседателот на САД, Доналд Трамп во 2016 година.  Фирмата наводна имала пристап до информации на повеќе од 50 милиони „Фејсбук“ корисници без нивно знаење.

Закерберг се извини за скандалот и потенцираше дека „Фејсбук“ вложува напори за да спречи мешање во изборите во 2018 година.

– Во 2017 година, за време на изборите за Сенатот во Алабама, пуштивме нови алатки што ги направивме за да откриеме лажни профили кои се обидуваа да шират лажни вести и пронајдовме многу различни профили од Македонија. Треба напорно да работиме за да им отежнеме на земји како Русија да се мешаат во избори и да направиме тролови и други луѓе да не можат да шират лажни вести – вели Закерберг во интервјуто.