Бејли, Герет, Пломп, Османи и граѓани собираа ѓубре на кејот на Вардар


Скопје, 26 април, 2018 - 16:17 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп, амбасадорот на Велика Британија Чарлс Герет и американскиот амбасадор Џес Бејли, заедно со вицепремиерот Бујар Османи денеска на кејот на Вардар зад Луна паркот го чистеа расфрланиот смет во еко акцијата, која трета година по ред ја организира амбасадата на Кралството Холандија заедно со „Пивара“ и „Пакомак“.

Ова е трета по ред волонтерска еко-акција што ја организираат „Пивара“, „Пакомак“ и Амбасадата на Холандија. Во претходните две акции беа исчистени брегот и водите на езерото Матка, како и кејот на реката Вардар, на кој и годинава се собираше целокупниот сув отпад. Годинешната акција е воедно и дел од активностите за одбележување на Денот на Кралот – националниот празник на Холандија.

– Се радувам што оваа година имавме можност да го одбележиме нашиот голем национален празник и со ваква акција. Го споивме убавото со корисното и уште еднаш се обидовме да го дадеме својот придонес за намалување на загадувањето кое е голем проблем за луѓето и за природата. Единствен ефикасен начин за трајно надминување на овој проблем е повеќе работа, посветеност и соработка меѓу јавниот сектор, компаниите и граѓаните. Со нашиот денешен ангажман сакаме да покажеме дека секој од нас може да даде личен пример за другите и да го поттикне решавањето на кој било проблем – истакна холандскиот амбасадор.

Целокупната логистичка поддршка за соодветен транспорт, селектирање и рециклирање на собраниот отпад ја обезбеди „Пакомак“.


Ветерот го исфрли сметот од Охридско Езеро на кејот


Охрид, 7 март, 2018 - 9:59 (META) 

Силниот јужен ветер го исфрли сметот од Охридско Езеро на кејот и на пристаништето.

Екипи на „Охридски комуналец“ од рано утрово работат на расчистување на отпадот и трската што ги фрлаат езерските бранови.

Од Општина Охрид информираат дека ваквата активност најверојатно ќе се реализира и наредниве денови по најавите на метеролозите дека ќе дува јужен ветер со посилен интензитет.

 


Велосипедската патека на кеј во Горно Лисиче се продолжува за два километри


Скопје, 15 мај, 2017 - 14:52 (META) 

Екипите на Град Скопје и на ЈП „Улици и патишта“ ја асфалтираат патеката за возење велосипеди и ролерки на реката Вардар во Горно Лисиче, на потегот од големиот парк на булеварот Февруарски поход до железниот мост во Горно Лисиче, од десната страна.

Оваа патека е во должина од 2.000 метри, со ширина од четири метри.

Патека на Кејот на реката Вардар што се протега од големиот парк на булеварот Февруарски поход до железниот мост во Горно Лисиче, односно до крај на регулацијата на реката Вардар, претставува продолжување на патеката што се протегаше од мостот Тодор Александров до паркот на булеварот Февруарски поход.


Нов обид за изградба на улица на Кејот 13 Ноември


Скопје, 30 април, 2017 - 11:02 (META) 

На кејот на Вардар од утрово има нов обид да се продолжи со изградба на бесмислената улица, а овластениот градежен инспектор на Општина Центар веќе се упати на местото, соопшти утринава преку својот фејсбук-профил, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

„По веќе добро познатото сценарио, избран е ден – недела, пред празник, продолжен викенд, рано наутро, кога сите спијат. Убеден сум дека сето ова е осмислено и организирано за да се дефокусира јавноста од немилите настани и од дивеењето на насилниците во Собранието на Република Македонија. Истите луѓе и понатаму посакуваат инциденти и судири. Во контакт сум со сопствениците на угостителските локали на кејот, се очекува и нивната реакција“, напиша Жерновски.

Пред месец и половина, исто така имаше обид да се изгради спорната сообраќајница која ќе го пресече шеталиштето на Кеј 13 Ноември, во центарот на Скопје. По бурните реакции на сопствениците на угостителските објекти, градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, нареди стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

Еден ден потоа Советот на Општина Центар на вонредна седница со 12 гласа „за“ ја стопираше одлуката за изградба на улица на кејот на Вардар. Наместо улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука со која на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци.


Привршува изградбата на горниот тек од кејот на реката Пена


Тетово, 9 февруари, 2017 - 14:10 (META) 

Привршуваат градежните активности околу изградбата на третата фаза од горниот тек на кејот на реката Пена, кон пределот Бањиче. Од секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово, велат дека останува оваа делница само да се асфалтира, а напоредно се работи на изградбата на втората фаза од кејот, каде се работи на потпорните ѕидови.

– Третата фаза ќе се заврши, но малку повеќе работа има на втората фаза, во која треба да изградиме два потпорни ѕидови. Со нивната изградба, фактички ќе го завршиме проектот –  рече Хусеин Демири, раководител на секторот за сообраќај и патишта при Општина Тетово.

Изградбата на кејот на реката Пена, кој се состои од нов коловоз, тротоар и улично осветлување, трае две години. Минатата година заврши првата фаза на горниот тек на кејот, кој е долг ококу 2,5 километри.


Амбасадорот Пломп учествуваше во еко–акција за собирање отпад на кејот на Вардар


Скопје, 14 октомври, 2016 - 16:36 (META) 

Холандскиот амбасадор Ваутер Пломп и вработените и раководството на „Пивара Скопје“ и на компанијата „Пакомак“, исчистија повеќе од три километри од кејот на реката Вардар во Скопје.

– Како вљубеник во природата и планинар, забележувам дека загадувањето е голем проблем кој ги загрозува овие природни убавини. Единствен начин да се реши овој проблем е заеднички пристап на државните институции, бизнис-секторот и на граѓаните, а тоа е и причината поради која мојот тим и јас сме тука денеска, за со нашиот мал придонес да поттикнеме големи промени – изјави Пломп.

Во рамки на акцијата собран е целокупниот сув отпад, кој понатаму ќе биде селектиран и рециклиран, со што ќе се обезбеди негов соодветен третман.


Нападнати деца на кејот 13 Ноември


Скопје, 22 февруари, 2016 - 14:16 (META) 

Вчера, скопјанка во полициска станица пријавила дека на кејот 13 Ноември, во центарот на Скопје, нејзиниот малолетен син и неколку негови другари биле нападнати од група од пет до шест машки лица.

Напаѓачите, според кажувањето на претепаните деца, биле на возраст од околу 20 години.

За инцидентот полицијата почнала истрага.


Годинава ќе се преуредува кејот Македонија во Охрид


Охрид, 5 јануари, 2016 - 9:58 (META) 

На градското крајезерско шеталиште, кејот Македонија во Охрид, моментно се изведуваат неопходните геомеханички истражувања, како дел од проектот за негова темелна реконструкција.

Проектот е дел од развојната програма за уредување на градежно земјиште за 2016 година, што на крајот од минатата година ја усвои Советот на општина Охрид.

Од локалната самоуправа велат дека по добивањето на неопходните дозволи од соодветните надлежни институции ќе се пристапи кон одобренија за градба и на тендерска постапка, по што би се избрал изведувач и би се пристапило кон реализација на овој инфраструктурен проект.

Со развојната програма се предвидени и средства за реконструкција на пешачката патека што води од мостот кај каналот Студенчишта до Билјанини извори. За овој потег веќе е избрана фирмата што работи на идејното решение, кое треба да биде финализирано деновиве.

Годинава, со средства од Министерството за транспорт и врски, треба да почне изградбата на пешачката патеката од Градското пристаниште до местата Канео и Лабино.

 


Општина Центар ќе забрани изградба на објекти на и околу плоштадот Македонија


Скопје, 6 октомври, 2015 - 12:34 (META) 

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, денеска на прес-конференција на кејот 13 Ноември ветија дека Општина Центар ќе донесе одлука со која ќе се забрани изградба на какви било објекти на и околу плоштадот Македонија.

И Заев и Жерновски рекоа дека оваа одлука не е никаков ревашнизам или политичка одлука, туку одлука која е во интерес на граѓаните.

– Центарот се претвори во место во кое повеќе не може да се чекори. Од „бомбите“ можевме да слушнеме дека главен креатор на ова е Никола Груевски. Немаше ниту јавни анкети, ниту, пак, мислењето на граѓаните беше земено предвид. Се уништуваат паркови и сето она што им е потребно на граѓаните. Но, доаѓа време кога власта ќе се врати кај граѓаните – рече Заев.

Градоначалникот Жерновски истакна дека небулозните склуптури и објекти не се од никаков интерес за граѓаните и поради тоа Општината ќе донесе одлука со која ќе се забрани каква било градежна активност на плоштадот и околу него.

 


По дождот синоќа, се спасуваше кејот на Вардар


Скопје, 7 февруари, 2015 - 11:33 (META) 

Обилните врнежи од дожд кои вчера ја зафатија Република Македонија, предизвикаа зголемување на водостојот на реката Лепенец, а со тоа се зголеми и нивото на реката Вардар.

Поради ова, вчеравечер екипи на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје интервенираа на најниските точки на реката Вардар во Општина Аеродром (до објектот на ПИОМ), за при поголем водостој да се спречи евентуално уништување на велосипедската патека на тој дел од кејот на реката Вардар.

На терен интервенираа екипи на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје, кои долж кејот на реката Вардар поставија вреќи со песок.