!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Богдановиќ бара од Жерновски запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември


Скопје, 4 мај, 2017 - 18:22 (META) 

Претседателот на општинската организација на СДСМ Центар, Саша Богдановиќ, денеска поднел барање до градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, за запирање на градежните работи на Кејот 13 Ноември.

„Причината за поднесување на барањето е избегнување на сите евентуални штетни последици кои може да настанат, како за животната средина, така и за формално-правниот аспект од веќе почнатото спроведување на одлуките на подрачјето на Општина Центар, а донесени од надлежните органи на Град Скопје, со дискутабилна законска основа“, се наведува во дописот на Богдановиќ до Жерновски.

Во него се потсетува дека на 20 март оваа година, Советот на Општина Центар усвоил програма за утврдување на изгледот на градбите на територијата на Општина Центар од значење за општината, врз основа на која на шеталиштето Кеј 13 Ноември е планирано поставување на нова урбанистичка опрема за заштита на постоечкото зеленило во Центар, но и за подобрување на квалитетот на животната средина.

„За спроведување на оваа програма, покрај нејзината исклучителна важност, досега не е преземена ниту една мерка за почнување на нејзина реализација. Дополнително, настанати се нови околности со поништување на ДУП – Мал Ринг донесен на 24 декември 2012 година од претходниот состав на Советот на Општина Центар, за што неопходно е да биде известен и органот што го издал одобрението на приватниот инвеститор што почна со градба на улица на местото од шеталиштето“, стои во барањето на Богдановиќ.


Улицата на Кејот 13 Ноември ја гради приватен инвеститор, реагира Град Скопје


Скопје, 30 април, 2017 - 15:37 (META) 

Градот Скопје не ја гради пристапната улица со посебен сообраќаен режим на Кеј 13 Ноември и не е надлежен да интервенира, се вели во реакцијата на градската администрација.

„На посочениот простор треба да се изгради пристапна улица од страна на приватен инвеститор кој склучил договор со Градот Скопје, уште во времето кога градоначалник бил Трифун Костовски. Локацијата и формата на овој пристапен пат се предвидени со детален урбанистички план донесен од Општина Центар во 2012 година и со одобрен инфраструктурен проект. Доколку се излегува надвор од прописите, Градот Скопје не е надлежен да интервенира бидејќи градежната инспекција е во надлежност на Општина Центар“, велат од Град Скопје.


Инспектор на Општина Центар побарал да запре иградбата на улица на кејот, изведувачот одбил


Скопје, 30 април, 2017 - 11:30 (META) 

Овластен инспектор за градежни работи на Општина Центар побарал да запрат градежните работи за изградба на улица на Кејот 13 Ноември, кои почнале рано утринава, но изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење, информираат од Општината.

„Овластениот инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, утринава пристигна на градилиштето на кејот, на кое повторно, во раните утрински часови, пред празник, почна да се работи. Инспекторот констатираше низа неправилности и недостатоци: неоградено градилиште, отсуство на информативна табла и други нерегуларности. И покрај инсистирањето на инспекторот градежните работи веднаш да запрат, изведувачот одбил да запре со работа и продолжил со градење. Изведувачот на работите повторно приложил одобрение за градба издадено од Град Скопје и не сакал да прекине со работа додека не добие решение за запирање на градбата. Инспекцијата на Општината во моментов изработува записник од контролата и во најбрз рок ќе се издаде решение за запирање на работите, по што изведувачот ќе мора да ја врати улицата во првобитната состојба“, се вели во соопштението од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека ова е грубо кршење на одлуките на Општина Центар и јасна политичка провокација за дефокусирање на јавноста. Општината бара од Град Скопје да ја поништи дозволата за градба и да се прекинат сите активности кои се спротивни на законот и на волјата на граѓаните.


Нов обид за изградба на улица на Кејот 13 Ноември


Скопје, 30 април, 2017 - 11:02 (META) 

На кејот на Вардар од утрово има нов обид да се продолжи со изградба на бесмислената улица, а овластениот градежен инспектор на Општина Центар веќе се упати на местото, соопшти утринава преку својот фејсбук-профил, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

„По веќе добро познатото сценарио, избран е ден – недела, пред празник, продолжен викенд, рано наутро, кога сите спијат. Убеден сум дека сето ова е осмислено и организирано за да се дефокусира јавноста од немилите настани и од дивеењето на насилниците во Собранието на Република Македонија. Истите луѓе и понатаму посакуваат инциденти и судири. Во контакт сум со сопствениците на угостителските локали на кејот, се очекува и нивната реакција“, напиша Жерновски.

Пред месец и половина, исто така имаше обид да се изгради спорната сообраќајница која ќе го пресече шеталиштето на Кеј 13 Ноември, во центарот на Скопје. По бурните реакции на сопствениците на угостителските објекти, градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, нареди стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

Еден ден потоа Советот на Општина Центар на вонредна седница со 12 гласа „за“ ја стопираше одлуката за изградба на улица на кејот на Вардар. Наместо улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука со која на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци.


ВМРО-ДПМНЕ: Не гласавме за улица на кеј, СДСМ да отстапи од тиранската платформа


Скопје, 21 март, 2017 - 16:19 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ има целосно разбирање за волјата на граѓаните и затоа не гласаше против одлуката за запирање на изградба на улицата на Кејот 13 Ноември, се вели во партиското соопштение.

„Единствено ВМРО-ДПМНЕ бара Општина Центар своите одлуки да ги носи во согласност со законските прописи во државата. ВМРО-ДПМНЕ бара и СДСМ да има разбирање за волјата на граѓаните и да отстапи од тиранската платформа. Иднината на Република Македонија е сериозно загрозена од елементите содржани во тиранската платформа, кои водат кон редефинирање на Македонија и нејзино претворање од унитарна и мултиетничка држава, во бинационална држава со тенденција за федерализација“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека ако улицата во општина Центар е од големо значење за граѓаните, одбивањето на тиранската платформа е од суштинско значење за целиот народ и за државата.


Богдановиќ: Го спасивме кејот, нема да се гради улица во центарот на Скопје


Скопје, 21 март, 2017 - 14:27 (META) 

„Го спасивме кејот на реката Вардар во центарот на Скопје. Нема да се гради улица за приватни интереси на бизнис-партнери на Никола Груевски“, вели претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

– Кејот останува шеталиште со зеленило, отворен за сите граѓани. Ќе добие и урбанистичка опрема, клупи, фонтани, жардиниери… Успеавме да го заштитиме кејот заедно со граѓаните. Ја спречивме намерата на Груевски и на Коце Трајановски да го уништат кејот за да се реализира планираниот бизнис на партнерот на Груевски, Алек „Теренова“ – вели Богдановиќ.

Претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар вели дека советничката група во Советот на Општина Центар покажала како се соработува со граѓаните и како се штитат интересите на граѓаните.


Советот на Општина Центар ја стопираше изградбата на улица на кејот на Вардар


Скопје, 20 март, 2017 - 17:22 (META) 

Советот на Општина Центар на денешната вонредна седница со 12 гласа „за“ ја стопираше одлуката за изградба на улица на кејот на Вардар. Наместо улица со посебен режим на сообраќај, Советот на Општина Центар донесе одлука со која на шеталиштето се предвидуваат клупи, жардиниери и корпи за отпадоци.

За одлуката не гласаа советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои жестоко се спротивставија на одлуката да не се гради улица. Тие ја побараа скицата за улицата, иако таа им беше претходно приложена.

Градоначалникот на Општина Центар рече дека Владата намерно ги сменила законите за да ѝ ги одземе ингеренциите на Општина Центар.

– Оваа седница е за стопирање на изградбата на улицата. Изминативе години Владата ги смени законите за да ги одземе ингеренциите на Општина Центар. Законот за градба е сменет дури 25 пати и да не се правиме наивни и неинтелигентни, тоа е за да се одземат ингеренциите на Центар за грдите вештачки стиропор-фасади. Во ДУП над земја се гледа пристапна улица, но како таа ќе има посебен режим кога е единствен пристап до катната гаража. Ние четири години не можевме ниту да почнеме да работиме на измените на планот за Мал ринг, бидејќи немаме конзерваторски основи, а не можеме да добиеме ниту податоци од Агенцијата за катастар – рече Жерновски.

Вчера градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, нареди стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

Градежните работи за изградба на спорната улица почнаа во саботата што наиде на силно негодување и кај сопствениците на околните угостителски објекти, кои излегоа на протест.

Од Општината ги обвинија Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски дека донеле незаконска одлука за изградба на сервисна улица, со која се узурпира шеталиштето на кејот. Оттаму велат дека во актуелниот детален урбанистички план (ДУП) никаде не е предвидена изградба на ваква улица, туку подземна сервисна улица.


Општина Центар ја стопираше изградбата на спорната улица на кејот на Вардар


Скопје, 19 март, 2017 - 16:03 (META) 

Градежен инспектор на општина Центар, по налог на градоначалникот на општината, Андреј Жерновски, денеска наредил стопирање на градежните работи за изградба на спорната улица на Кејот 13 Ноември.

„На градилиштето нема информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор, нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи. Целата оваа документација е неопходно да се поседува и да биде јавно истакната на градилиштето. На ова градилиште недостига и елаборат за околчување на теренот од овластена геодетска фирма, лиценци за инженер за изведба, надзорен инженер и елаборат за заштита при работа. Затоа, овластениот градежен инспектор на Општина Центар ја издаде наредбата за стопирање на градежните активности на кејот на Вардар“, стои во соопштението од Општина Центар.

Од Општината денеска ги обвинија Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајановски дека донеле незаконска одлука за изградба на сервисна улица, со која се узурпира шеталиштето на кејот. Оттаму велат дека во актуелниот Детален урбанистички план (ДУП) никаде не е предвидена изградба на ваква улица, туку подземна сервисна улица.

Од Градот Скопје ги отфрлаат ваквите наводи и тврдат дека изградбата на улицата не е во нивна надлежност и дека Градот само издал градежна дозвола, врз основа на деталниот урбанистички план донесен од Општина Центар во 2012 година.


Општина Центар: Во ДУП никаде не постои улица на кејот, Трајановски ги крши законите


Скопје, 19 март, 2017 - 11:40 (META) 

Град Скопје, под чија ингеренција е кејот, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето и да направи сервисна улица, која според актуелниот детален урбанистички план (ДУП) никаде не постои, велат од Општина Центар.

„Вчера, Град Скопје и ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидоа да ги кршат законите и да ги манипулираат граѓаните, кои мора да ја знаат вистината за улицата што Град Скопје сака да ја прави на кејот на Вардар и чија е одговорноста за оваа незаконска одлука. Во постоечкиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено таква улица, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот. Лага е дека тоа ќе биде повторно шеталиште или дека улицата ќе биде само за достава. Ако е така, рестораните и сега го користат кејот за достава и затоа нема потреба ништо да се гради. Доколку е потребна сервисна улица за зградата на ‘Телеком’, таа мора да биде направена под земја, согласно важечкиот ДУП“, стои во соопштението од Општината.

Оттаму велат дека Општина Центар досега ја блокирала изградбата на улицата со сите расположливи механизми и дека ќе продолжи да го прави тоа, за да го заштити кејот на Вардар. Од Општината го повикуваат државниот инспекторат веднаш да го преиспита „незаконски издадено одобрение за градба од страна на Град Скопје“, кое градоначалникот Коце Трајановски го потпишал на 31 декември 2016 година.

„Градоначалникот Коце Трајановски и неговата партија мора да разберат дека од пролетта 2013 година, општина Центар престана да биде полигон за незаконски и криминални активности. Инспекциските служби на Општина Центар ќе направат увид во постоечката документација и ќе го информираат државниот инспекторат, за истиот да се произнесе за оваа незаконска градба“, нагласуваат од Општина Центар.

Вчера, на Кејот 13 Номеври почнаа градежните работи за изградба на спорната улица што наиде на силно негодување и кај сопствениците на околните угостителски објекти, кои излегоа на протест.


Град Скопје: Ние не носиме ДУП и не ја градиме улицата на Кејот


Скопје, 18 март, 2017 - 18:36 (META) 

Град Скопје не е институцијата што го донела деталниот урбанистички план и не ја гради сообраќајницата на Кејот 13 Ноември, се вели во реакцијата на Град Скопје на прес-конференцијата на претседателот на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Од Градот велат дека изјавите на Богдановиќ се невистини и манипулации и дека темата околу изградбата на сообраќајницата подолг период се злоупотребува од „одредени институции, политичари и политички партии“ за дневно-политички цели.

„Градот Скопје сака да ја информира јавноста дека изградбата на оваа пристапна улица со посебен сообраќаен режим е предвидена со детален урбанистички план донесен од Општина Центар, а истата ја гради приватен инвеститор. Град Скопје не е институција што ја има вцртано оваа улица и Град Скопје не е тој што ќе ја гради. Градот Скопје, врз основа на валиден документ, детален урбанистички план, кој е донесен од Општина Центар, е законски обврзан да издаде градежна дозвола за тоа. Доколку не го стори тоа, Градот Скопје може да биде тужен од инвеститорот и да сноси финансиски последици“, стои во соопштението од Град Скопје.