Кривичен суд одговори на обвинувањата од адвокатите и Катица Јанева


Скопје, 30 август, 2018 - 17:08 (META) 

Основниот суд Скопје 1, познат и како Кривичен суд, денеска одговори на обвинувањата од адвокатите на обвинетите во судските процеси во кои обвинението го застапува Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но и на вчера кажаната критика од специјалната обвинителка Катица Јанева дека не се закажуваат доволно рочишта за овие предмети.

Адвокатите се бунеа дека многу често се закажуваат рочишта, а некои и се поклопуваат, па не може да учествуваат на сите судења. Така, на денешното судење на Гордана Јанкулоска во случајот „Тенк“, и двајцата нејзини адвокати, Боро Тасевски и Сања Алексиќ, не беа на почетокот на рочиштето, бидејќи биле на судењето за „Насилство во Општина Центар“.

– Или да се јави еден адвокат, или ќе ги казнам и двајцата со висока парична казна и ќе ви назначам бранител по службена должност – и рече судијката Добрила Кацарска на Јанкулоска.

Дваесетина минути подоцна адвокатите дојдоа во судницата.

И поранешниот премиер Никола Груевски не се појави во Апелацискиот суд, каде требаше да се разгледува неговата пресуда во случајот „Тенк“, оти и тој и адвокатите биле на судењето за „Насилство во Општина Центар“.

Од судот порачаа дека судиите ги почитуваат правата на странките, а распоредите се прават со многу напор, за да бидат усогласени јавните расправи.

„Ја информираме јавноста дека судиите при Основниот суд Скопје 1 – Скопје во целост ги почитуваат првата на странките како во овие така и во сите други предмети и со крајни напори се прават прецизни и усогласени распореди на закажаување на главните расправи се со цел да се овозможи доволно време на обвинетите и нивните бранители квалитетно да ја подготват својата одбрана, доследно да се почитува принципот на еднаквост на оружјата и правото на судење во разумен рок“, порачаа од судот.

Велат и дека е проблем тоа што обвинетите во случаите на СЈО им се суди во неколку процеси, па не може да се закажува јавна расправа во ист ден.

„Дополнителен проблем е што поголем дел од обвинетите имаат по двајца или повеќе бранители, па затоа при насрочување на расправите се внимава на судењето да биде присутен барем еден од бранителите кои ги застапуваат обвинетите“, велат од Судот.

Во однос на критиките од Јанева дека за одредени предмети на СЈО не се насрочуваат доволно расправи, од Кривичниот суд напоменуваат дека само во текот на септември 2018 година, од 20 работни дена, во 19 од нив се насрочени расправи за 16 различни предмети по кои постапува Специјалното јавно обвинителство, а воедно термините се усогласени како би се овозможиле доволно време на одбраната да се подготви.

Во соопштението се напоменува и дека во моментов во судот се постапува по 1.633 други предмети во одделението кривично – полнолетни, како  и 126 други предмети во одделот за организиран криминал и корупција, меѓу кои и предмети со над 30 обвинети од кои дел се во притвор, „и овие предмети не може да се занемарат за сметка на други“.


Jанева: Во ВМРО-ДПМНЕ комотно разговарале телефонски кога се прислушувало


Скопје, 29 август, 2018 - 14:59 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ најкомотно ги воделе телефонските разговори во периодот од 2008 до 2015 година додека траело незаконското прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Ова на денешното презентирање на првиот преоден извештај на Мисијата на ОБСЕ го нагласи специјалната обвинителка Катица Јанева, извести МКД.

Обвинителката Јанева додаде дека од нејзините слушања на разговорите кои се дел од доказите во предметите на СЈО утврдила дека тогашната владејачка партија ги водела телефонските разговори на сите теми, додека тогашните опозиционери имале сомневање дека ги прислушуваат и биле претпазливи. Јанева додаде дека за нив нема индиции дека сториле кривични дела и дека треба кривично да се гонат.

Во врска со застареноста на кривичните дела, Јанева нагласи дека нејзиниот тим направил анализа и утврдил дека во тој дел сите предмети се добро покриени и дека нема опасност делата да застарат.

Извештајот е резултат на следењето на случаите на СЈО од страна на Мисијата, со фокус пред сè на 20 случаи во кои СЈО поднесе обвиненија до крајот на законскиот рок,30 јуни 2017 година.

За време на презентацијата на извештајот, в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн, рече дека следењето на судењата на важните случаи се покажа како ефективна алатка за промовирање на спроведувањето на домашните и меѓународните стандарди за правично судење и поддршка за реформите во судството.

– „Присуството на набљудувачи во судницата често води кон подобро придржување кон меѓународните стандарди за човекови права. Ние исто така веруваме дека препораките на набљудувачите би можеле да придонесат за подобрување на правниот систем – вели Голдстајн.


Јанева: Истрага за „Скопје 2014“ ќе има кога ќе утврдиме каде завршиле парите


Скопје, 25 јуни, 2018 - 13:53 (META) 

Додека не ги анализираме сите документи и не утврдиме каде завршиле буџетски пари, кај кои физички или правни лица се одлеале, дали се тие во Република Македонија или надвор и кој ги користи, нема да отвориме истрага за одредени лица кои се директно инволвирани во проектот „Скопје 2014“, изјави специјалната обвинителка Катица Јанева.

На конференцијата „Заробена држава – илустрирана преку случајот – изградба на проектот ’Скопје 2014’“, која денеска ја организираше Транспаренси Интернешнл-Македонија, Јанева рече дека во моментот кога СЈО ќе смета дека има доволно основано сомневање за сторени кривични дела од физички или правни лица, ќе ја отворат истрагата затоа што, рече, работат на анализа на докази и материјали што ги собираат на законит начин.

СЈО повеќе од две години води предистражна постапка за „Скопје 2014“, а индиции за него биле телефонски разговори и начинот на кој се градел. Собираат, рече Јанева, документи за патот на парите од Буџетот на РМ и собрале голем број материјали за фасади, споменици и згради и за разни одлуки на Владата за овој проект. Но проблем е архивирањето и начинот на селектирање на документите што требало да се чуваат.

– Најголем проблем имаме во Општина Центар која документите за јавни набавки за разни објекти и споменици од „Скопје 2014“ не ги селектирала и тоа ни прави голем проблем. Голем број од нив се предадени во Архивот на РМ, па се вратени во Општина Центар, па не се знае каде се наоѓаат. Во последен период најдовме огромен број материјали кои биле складирани во Архивот на РМ непопишани. Сега ги зедовме во наша сопственост и во моментов ги анализираме – рече специјалната обвинителка.

Бидејќи е во предистрага, таа не изнесе детали за „Скопје 2014“, но рече се работи за проект почнат уште во 2007 и реализиран на „суптилен и организиран начин“ и се уште, како што рече, има последици од одлуките што ги носеле институциите.

– Можам само да кажам дека одлуките на највисоко ниво, во Владата на РМ, за еден таков проект видлив во главниот град, се донесувале под точка разно, а не под точка што се донесува. Многу грижливо внимавале структурите на власта како да не дојде до транспарентно информирање на граѓаните што навистина се гради. Се работи за организирана операција која знаела која е целта – да се изградат огромен број објекти и споменици за кои немало план и програма, туку се граделе според политичка програма на една политичка партија – рече Јанева.


„Паднаа“ кривичните пријави на Владимир Панчевски


Скопје, 7 мај, 2018 - 16:49 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека ги отфрлила трите кривични пријави што против Специјалната обвинителка Катица Јанева, судијката Злата Попова од Основен суд Гевгелија и вработени во СЈО и МВР, односно вкупно 10 лица ги поднесе судијата во Основен суд Скопје 1, а поранешен претседател на судот, Владимир Панчевски.

„Надлежен обвинител оцени дека во дејствијата на пријавените нема битни елементи на кривични дела наведени во пријавите, ниту на други дела што се гонат по службена должност и со Решение ги отфрли пријавите“, соопштија од јавното обвинителство, каде Панчевски ги поднел пријавите.

Тој ги товарел за Злоупотреба на службена положба и овластување, а три лица за Противправно присвојување на предмети при претрес, поради претресите што во октомври минатата година беа извршени во неговата канцеларија во судот и во неговиот дом.

„Според прибавените докази, Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникации во тек на истражна постапка, доставило барање за издавање на наредба за претрес на дом и лице, како законски предвидено истражно дејствие. Со оглед на тоа што лицето за кое е побаран претрес е судија во Основниот суд Скопје 1 Скопје, а заради постоење на висок ризик од нарушување на тајноста на дејствието и на предистражната постапка, барањето за издавање на наредба било поднесено до Основниот суд – Гевгелија, што е во согласност со воспоставената практика на Европскиот суд за човекови права. Обвинителството утврди дека истражните дејствија на пријавените биле преземени согласно Законот за кривична постапка“ се вели во соопштението.


Катица Јанева најави дека до крај ќе ги истражи сите снимки


Скопје, 4 мај, 2018 - 9:37 (META) 

На вчерашното „бранење“ на најновиот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, пред собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, побара да се реши правната положба на обвинителството и нагласи дека има намера докрај да ги истражи сите индиции за криминал кои се содржани во снимките од прислушуваните разговори, но и дека ќе ги докаже обвиненијата влезени во судска процедура.

– Сметам дека е потребно од страна на судот да се има предвид сериозноста на кривичните дела кои се предмет на обвиненија поднесени од страна на СЈО, и да обезбеди непречено водење на судските постапки, како и избегнување на нивно непотребно одлагање – порача специјалната обвинителка.

Јанева рече дека конечно е воспоставена соработка со Основното јавно обвинителство, со Обвинителството за организиран криминал и со други домашни и меѓународни институции.

На забелешките во јавноста дека не се третираат прислушувани лица од опозицијата, Јанева рече дека тие не можат да бидат предмет на истрага бидејќи не биле функционери.

ВМРО-ДПМНЕ бараше детално објаснување кој го спровел прислушувањето, каде се потрошени парите кои обвинителството ги добива од буџетот, но и одговор зошто за судските постапки се ангажирале вештаци – поранешни функционери од СДСМ. Од Алијанса за Албанците ја повикаа обвинителката да има еднаков третман за сите кои се огрешиле пред Законот.

– Осумнаесет месеци поминаа одамна, а гледам дека вие понатаму продолжувате со предистражни постапки и продолжувате со најави дека ќе покренете обвиненија. Продолжувате флагрантно да го кршите законот – рече Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот Бетијан Китев од СДСМ порача дека извештајот е објективен и дава јасна слика за реалната состојба. Постоењето на СЈО, како што кажа Китев го оправдуваат поднесените обвиненија, донесените пресуди и одлуката на Апелацискиот суд „снимките“ да се користат како докази во судските постапки.


Извештајот на СЈО и денеска не се најде пред пратениците


Скопје, 25 април, 2018 - 13:22 (META) 

Ниту денеска не стигна на ред Извештајот за работата на СЈО пред Комисијата за политички систем. Иако пред два дена претседателот на оваа комисија, Александар Кирацовски посочи дека Катица Јанева денеска ќе го презентира извештајот пред нив, седницата се одложи за следната недела.

Официјалното објаснување на Кирацовски е дека во пишана форма Извештајот го добиле дури денеска и за да имаат пратениците повеќе време за дебата по извештајот, на посебна седница ќе биде разгледан идната недела.

На денешната седница, комисијата расправа за годишните извештаи за работата на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Агенцијата за администрација и за Народниот правобранител, а во Собранието за утре се закажани и пратенички прашања.


Јанева на собраниска комисија ќе го образложи шестмесечниот извештај на СЈО


Скопје, 25 април, 2018 - 9:43 (META) 

Специјалната обвинителка Катица Јанева се очекува денеска да го презентира извештајот пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците.

Во шестмесечниот период од септември 2017 до март годинава стои дека Специјалното јавно обвинителство отворило 136 предистражни постапки, седум нови истражни постапки, а Судот целосно му одобрило 15 обвиненија.

Седницата за Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците во понеделникот се одложи, пред Јанева да го претстави извештајот, поради координацијата на политичките партии, по барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

На седницата не беа присутни претставниците од државните комисии за да ги образложат извештаите за нивното работење во текот на 2017 година, а притоа за нивното отсуство не го известиле Собранието. Претседателот на комисијата тогаш го закажа продолжението, на кое ќе се расправа за извештајот на СЈО, за денеска во 12 часот.

Освен извештајот на СЈО, Комисијата ќе ги разгледува и годишните извештаи на Народниот правобранител, на Дирекцијата за заштита на лични податоци, како и на Агенцијата за администрација.


Извештајот за СЈО ќе се разгледува на комисија в среда


Скопје, 23 април, 2018 - 16:22 (META) 

Седницата за собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците беше прекината пред специјалната обвинителка Катица Јанева да го претстави годишниот извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Седницата беше одложена поради координацијата на политичките партии, по барање на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.  Претседателот на комисијата го закажа продолжението, кога и треба да се расправа за извештајот на СЈО, за среда во 12 часот.

Претходно Комисијата за поитички систем не прифати неколку извештаи на Државни комисии поради отсуство на нивни овластени претставници, кои не го најавиле отсуството.

Зоран Илиоски, пратеник од ВМРО – ДПМНЕ, неколку пати на денешната седница на Комисијата за политички систем повтори дека не треба да се расправа за извештаите на државните комисии чии претставници не ги удостоија пратениците со присуство на денешната седница.


Денеска почна рочиштето за „Монструм“, прво откако предметот е под СЈО


Скопје, 17 април, 2018 - 9:45 (META) 

Денеска во Кривичен суд почна рочиштето за случајот „Монструм“, прво откако овој предмет го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Во судницата се присутни обвинителите Фатиме Фетаи, Ленче Ристовска и Гаврил Бубевски, како и сите обвинети, освен Фејзи Азири кој е хоспитализиран на пулмологија и Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се недостапни за судот. Присутни се и родителите на петмината убиени кај Смилковското езеро.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева на 21 март, на новинарско прашање одговори дека Специјалното јавно обвинителство воспоставило надлежност за овој предмет.

– Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот – рече Јанева.


Адвокатите побараа изземање на судиите за „Тенк“ поради обвинувањата од Катица Јанева


Скопје, 10 април, 2018 - 12:22 (META) 

Судењето за случајот „Тенк“, односно за набавката на „мерцесдесот“ од 600.000 евра за потребите на поранешниот премиер Никола Груевски, е прекинато на еден час, бидејќи одбраната на обвинетиот побара изземање на судечкиот совет, јави „Павосудство.мк“.

Адвокатите на обвинетите во предметот „Тенк“ на Специјалнотo јавно обвинителство побараа изземање на судискиот совет и на судиите од Апелација поради интервјуто на Катица Јанева дадено на 26 март, во кое таа тврди дека меѓу прислушуваните телефонски разговори има разговори и меѓу судии кои постапуваат по предмети на СЈО.

Ова е трет случај во кој се бара изземање на судиите, по „Топлик“ и „ТНТ“.