!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пучдемон се жали дека го третираат како педофил и сериски убиец


Брисел, 11 ноември, 2017 - 11:30 (META) 

Сменетиот каталонски лидер, Карлес Пучдемон наведе дека откако е пуштен на условна слобода во Белгија, јавноста го третира како педофил.

Пучдемо во моментов се наоѓа во Брисел, каде замина откако Каталонија прогласи независност, а Мадрид ја смени каталонската влада. Тој и четворица министри, откако Шпанија распиша европска потерница им се предадоа на белгиските власти, а беа пуштени на условна слобода еден ден подоцна.
– Третиран сум како криминалец, педофил, сериски убиец… Тоа е малтретирање… Ова е користење на судовите за политички цели., Тоа е закана затоа што злосторството за кое сум обвинет може да ме стави зад решетки и до 30 години. Тоа е лудост. Тоа не е правда, туку одмазда – рече тој за „Скај њуз“.

Пучдемон вели дека не е бунтовник, туку дека е дисциплиниран и оти сака да го направи тоа што неговиот парламент го одобрил.

– Тоа е сосема нормално, нема ништо бунтовнички во тоа – додаде тој.


Пучдемон и министрите се предале на белгиската полиција


Брисел, 5 ноември, 2017 - 14:29 (META) 

Според медиумите во Белгија, сменетиот претседател на каталонската влада, Карлес Пучдемон, ѝ се предал на полицијата. Освен Пучдемон, уапсени се и четворицата министри со кои тој пребега во Белгија, откако шпанските власти наредија апсење на неговиот кабинет.

Обвинителството во Брисел за денеска најави дополнителни информации за ектрадицијата на Пучдемон и на министрите во Шпанија.

По поранешниот каталонски лидер, властите во Мадрид распишаа европска потерница. Десет од поранешните министри во кабинетот на каталонската влада се во затвор, а еден е пуштен со кауција да се брани од слобода.


Шпанското обвинителство бара од судот да издаде европски налог за апсење на Пучдемон


Мадрид, 2 ноември, 2017 - 19:32 (META) 

Шпанското обвинителство денеска побарало од судот да издаде европски налог за апсење на разрешениот каталонски лидер, Карлес Пучдемон, и на уште четворица членови на неговата влада, откако не се појавија на сослушувањето во Мадрид, јавуваат светските медиуми.

Судот сè уште не донел одлука по барањето на обвинителството.

Пучдемон и 14 членови на каталонската влада беа разрешение на 27 октомври, откако еднострано прогласија независност на Каталонија.

Пучдемон од понеделникот оваа недела се наоѓа во Брисел, каде ангажираше адвокат. На прес-конфрененција завчера, тој изјави дека ќе се врати во Шпанија доколку добие гаранции од владата во Мадрид дека нема да биде гонет.

Судот во Мадрид денеска сослуша дел од членовите на разрешеното раководство на Каталонија.

Шпанското обвинителство побара притвор за каталонските лидери, додека трае истрагата за нивната улога во прогласувањето на независност на Каталонија.


Пучдемон се наоѓа во Брисел, не се исклучува можноста да бара азил


Брисел, 31 октомври, 2017 - 10:45 (META) 

Разрешениот каталонски лидер, Карлес Пучдемон е во Брисел и не се крие, изјавил неговиот адвокат Пол Бекарт, кој не ја отфрла можноста Пучдемон да бара азил во Белгија.

– Тој ги има сите права да биде таму, против него не се води никаква постапка – изјавил Бекарт за фламанското државно радио.

Прашан дали Пучдемон планира да бара азил во Белгија, Бекарт одговорил дека сите опции се отворени, но оти сè уште ништо не е одлучено, пренесува „Би-би-си“.

Шпанското обвинителство предложи Пучдемон и другите организатори на каталонскиот референдум за независност да бидат обвинети за бунт.

Централната влада во Мадрид вчера ја презеде контролата над Каталонија.


Пучдемон го повика народот на мирен начин да се спротивстави на одлуката на Мадрид


Барселона, 28 октомври, 2017 - 16:11 (META) 

Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон, кој е разрешен од централната власт на Шпанија поради прогласување независност на регионот, го повика народот на мирен начин да се спротивстави на преземањето на контролата од страна на Мадрид.

Во денешното телевизиско обраќање, Пучдемон рече дека „одлуката на Мадрид да ја суспендира автономијата на Каталонија и да го именува земник-премиерот на Шпанија за прв човек на Каталонија до новите избори, е одлука против волјата на народот“.

Тој додаде дека ќе продолжи да работи на „изградбата на слободна држава“.

Шпанските власти од денеска ја преземаат контролата над Каталонија. Членот 155 од шпанскиот устав, кој беше активиран синоќа, ѝ овозможува на владата да реагира против секој бунт на својата територија.


Водачите на Каталонија ќе бидат обвинети за бунт


Мадрид, 27 октомври, 2017 - 17:59 (META) 

Врховниот јавен обвинител на Шпанија ќе поднесе обвинение за бунт против сите одговорни за гласањето во каталонскиот парламент за независност на Каталонија, јави „Индипендент“.
Според портпаролот на обвинителството, обвинителот разгледува дали обвинението треба да се однесува само на владата на регионот Каталонија, вклучувајќи го и претседателот Карлес Пучдемон, или и на пратениците во регионалниот парламент. Според анонимниот извор од обвинителството, обвиненијата би можеле да бидат поднесени веќе в понеделник.

Во меѓувреме, на улиците на Барселона и во други градови веќе има прослави на независноста.

Пратениците на каталонскиот парламент денеска на тајно гласање прогласија независност на Каталонија од Шпанија. Гласањето го бојкотираа пратениците од опозицијата. Каталонскиот парламент гласаше за почнување на конститутивен процес за одвојување на Шпанија со 70 гласа „за“, 10 „против“ и два неважечки.

Кратко потоа, Сенатот на Шпанија изгласа овластувања за шпанската влада да преземе директна контрола врз сепаратистичкиот регион, односно ја укина автономијата и им ги одзеде овластувањата на сепаратистичките водачи на Каталонија.


Каталонскиот парламент прогласи независност од Шпанија


Барселона, 27 октомври, 2017 - 16:06 (META) 

Пратениците на каталонскиот парламент денеска на тајно гласање прогласија независност на Каталонија од Шпанија. Гласањето го бојкотираа пратениците од опозицијата.

Каталонскиот парламент гласаше за почнување на конститутивен процес за одвојување на Шпанија со 70 гласа „за“, 10 „против“ и два неважечки, јавува каталонскиот весник „Вангвардија“.

Расправата во каталонскиот парламент траеше неколку часа, а ја одбележа остра поделба во поглед на барањето за независност. Портпаролот на водечката опозициска партија во каталонскиот парламент го искина на парчиња предлогот на сепаратистите за прогласување независност на регионот.

Граѓаните што се собраа пред зградата на парламентот со овации ја поздравија одлуката.

Шпанскиот Сенат денеска во 15.30 часот по локално време треба да гласа за членот 155 од шпанскиот Устав, кој овозможува преземање контрола над надлежностите на Каталонија, јавува шпанскиот весник „Ел Паис“. Гласањето беше закажано пред каталонскиот парламент да прогласи независност.

Народната партија на премиерот Маријано Рахој има мнозинство во Сенатот, така што се очекува дека неговиот предлог за активирање на членот ќе биде прифатен.

Седницата почна во 10 часот, а весникот пренесува дека премиерот Рахој во еден момент ја напуштил седницата. Тој претходно најави дека прв потег на шпанската влада е смена на лидерот на Каталонија, Карлес Пучдемон.


По мерките, прв чекор е смена на Пучдемон, порача Рахој


Мадрид, 27 октомври, 2017 - 11:16 (META) 

Шпанскиот Сенат ја почна седницата на која треба да се гласа за смена на владата на Каталонија, откако овој регион на 1 октомври одржа референдум за независност.

Сенатот гласа за активирање на членот 155 од Уставот на Шпанија, кој би довел до воведување принудна управа на Мадрид над Каталонија.

Во Сенатот во моментов говори шпанскиот премиер Маријано Рахој, кој рече дека ова е првпат од 1978 година да се усвојува членот 155 затоа што ситуацијата е вонредна.

Тој додаде дека ако се усвојат мерките, прв потег на шпанската влада е да го смени каталонскиот лидер, Карлес Пучдемон.

Рахој рече дека во Каталонија постоел обид да се „игнорира и крши“ законот.

– Донесени се антидемократски одлуки, кои го прекршија законот и нормалното однесување во која било демократска земја – рече Рахој.

Се очекува сенаторите, меѓу кои повеќето се претставници на Народната парија на Рахој, да ги усвојат вонредните мерки што ги предложи владата во Мадрид за преземање на контролата над регионот Каталонија.

Во Барселона, исто така, ќе се одржи седница на каталонскиот парламент, во кој доминираат сецесионистичките партии, а на дневен ред би можел да се најде предлогот за отцепување од Шпанија.


Пучдемон: Нема гаранции за одржување на парламентарни избори


Барселона, 26 октомври, 2017 - 18:03 (META) 

Каталонскиот лидер, Карлес Пучдемон, денеска ја отфрли можноста за распишување на парламентарни избори бидејќи, како што појасни, не постојат гаранции за нивно одржување.

Пучдемон денеска рече дека размислувал да побара предвремени избори, но не ја донел таквата одлука затоа што не добил доволно гаранции дека владините „навредливи“ потези за преземање контрола врз Каталонија ќе бидат суспендирани.

– Ништо не го оправдува распишувањето на парламентарните избори сега – изјави Пучдемон, кој требаше да се обрати во каталонскиот парламент во 13.30 часот, но говорот најпрво беше одложен за еден час, а потоа и откажан.

Каталонскиот лидер, сепак ѝ се обрати на јавноста во 17 часот и порача дека нема да распише избори. Тој додаде дека никој не може да го обвини дека не бил за дијалог со шпанската влада. Денеска се очекуваше дека тој ќе распише избори за да се намалат тензиите со Мадрид.


Ако Мадрид го реализира планот, кризата ќе ескалира, тврди Пучдемон


Барселона, 26 октомври, 2017 - 13:06 (META) 

Каталонскиот лидер Карлес Пучдемон изјави дека кризата во Шпанија ќе ескалира доколку централната власт го реализира планот за преземање на управата над Каталонија.

„Планот на шпанската влада ќе создаде сериозна вонредна ситуација со одемањето на автономијата на Каталонија“, навел Пучедемон во писмото до шпанскиот Сенат, кој денеска во 17 часот треба да ја разгледа примената на членот 155 од Уставот, кој предвидува преземање на институциите, полицијата и на финансиите на Каталонија, во случај регионот да не се откаже од прогласување независност.

Потпретседателот на Каталонија, Ориол Жункерас, вчера изјави дека шпанските власти не им оставиле опции на властите на тој регион освен да продолжат со прогласувањето на независноста.

Шпанскиот министер за правда, Рафаел Катала, инсистира на тоа дека прогласувањето на независноста нема да биде законски валидно и дека ќе има последици од криминална гледна точка.

Според пишувањето на каталонските медиуми, каталонскиот лидер Карлес Пучдемон повика на итен состанок на својот кабинет со поголемите граѓански организации и оние кои се залагаат за независност. Состанокот е закажан за утре.
Пучдемон вчера изјави дека не планира да се појави пред шпанскиот Сенат за да ги одбрани своите ставови за независност на Каталонија и се спротивстави на мерките на централната влада да се распушти регионалната влада.