„Ројтерс“: Руските дипломати во Грција вршеле „многу нелегални активности“ на протестите против Македонија


Атина, 11 јули, 2018 - 16:27 (META) 

Руските дипломати кои Грција ќе ги протера поради мешање во внатрешните работи на Грција, како и обид да го поткопаат Договорот за името со Македонија, биле инволвирани и во „многу незаконски активности“ поврзани со протестите во Грција против Договорот, дознава агенцијата „Ројтерс“.

Како што пренесува агенцијата, Грција ја информирала Русија во петокот, давајќи неколку дена дипломатите да ја напуштат земјата.

Дипломатите се товарат и за обиди да се извлечат и да се протуркаат информации, како и да се поткупат грчки официјални лица и црковни великодостојници.

Со коментар за одлуката на официјална Атина се огласи и Карл Билд, поранешен премиер и министер за надворешни работи на Шведска, како и специјален пратеник на ЕУ на Балканот и Висок претставник во БиХ. Тој смета дека потегот на Грција е „интересен“.

„Интересно. Грција протерува руски дипломати поради мешање во внатрешните работи, наводно и такви кои го вклучуваат проблемото со името на Македонија“, напиша Билд на својот Твитер-профил.

 

 


Борис Џонсон за светските медиуми и за политичарите е виц


Лондон, 14 јули, 2016 - 13:57 (META) 

Весниците и политичарите ширум светот реагираат, многумина со изненадување, на именувањето на Борис Џонсон за шеф на дипломатијата на Велика Британија.

Многу весници ги наведуваат бројните гафови на Џонсон и неговите невкусни шеги, како што е навредата на претседателот на Турција, коментарите за потеклото на американскиот претседател Барак Обама, како и за претендентката за претседателски кандидат на Демократската партија на САД, Хилари Клинтон.

Американскиот весник „Вашингтон пост“ објави преглед на „недипломатските“ работи што Џонсон ги изговорил додека бил на јавни функции.
Весникот, исто така, пишува дека Џонсон одел спротивно од ставовите на Западот и го фалел сирискиот претседател Башар ал Асад поради тоа што се бори против Исламска држава, без притоа да ја има предвид паралелната кампања што Асад ја води против сириското цивилно население.

Портпаролот на Стејт департмент, Марк Тонер, одвај се воздржа да не се насмее на веста за именувањето на Џонсон за шеф на британската дипломатија, но рече дека САД секогаш работат со Велика Британија имајќи ги предвид „специјалните односи“ на двете земји.
– Тоа е однос кој оди подлабоко од личноста и сега е апсолутно критичен момент во историјата на Англија, но исто така и во односите меѓу САД и Велика Британија – рече Тонер.

Францускиот весник „Фигаро“, во напис под наслов „Борис Џонсон, гласот на Брексит на чело на британската дипломатија“, наведува дека „легендарниот“ Џонсон остава впечаток дека се раководи од опортунизмот. Весникот наведува дека за време на својата кариера, новиот британски министер за надворешни работи го менувал својот став за многу прашања, од тоа за хомосексуалните бракови па сè до тоа за влезот на Турција во ЕУ.

Шефот на француската дипломатија, Жан Марк Еро, оцени дека Британија на позицијата министер за надворешни работи поставила еден лажго иако во овој момент е потребен некој од доверба.

– Воопшто не ме загрижува Борис Џонсон, но за време на кампањата многупати го лажеше британскиот народ и сега тој е тој што е пикнат в ќош бидејќи е фатен во лага… Тој повеќепати е фатен во лага. Мене ми е потребен партнер со кого можам да преговарам и кој е јасен, кредибилен и доверлив – рече Еро.

Германскиот весник „Шпигел“ го нарекува Џонсон „контроверзен политичар“, додека германската телевизија ЗДФ оцени дека тој е пример за британскиот хумор.

Претседателот на одборот за надворешни прашања на руската Дума, Алексеј Пушков, на „Твитер“ напиша дека претходникот на Џонсон, Филип Хамонд, имал „болни антируски комплекси“ и оти се надева дека Џонсон не е ист.

Руската информативна веб-страница РИА го нарече Џонсон еден од најексцентричните политичари во Велика Британија, наведувајќи дека тој „знае да изненади“.

Поранешниот премиер на Шведска, Карл Билт, на „Твитер“ напиша дека би сакал именувањето на Џонсон да биде шега.

„Би сакал да е виц, но се плашам дека не е. Ексит по ексит“, напиша Билт.

Британските весници „Индипендент“ и „Гардијан“, исто така, објавија список од гафовите на Џонсон и од навредите што тој им ги упатил на странски државници и на други земји.

Меѓу другото, се потсетува дека Џонсон за американскиот претседател Барак Обама рече дека има предрасуди кон Британија поради неговото „делумно кенијско“ потекло.
Во ноември 2007 година, тој рече дека Хилари Клинтон има „бојадисана руса коса, напрчена уста и челичен син поглед, како садистичка болничарка во ментална болница“.

Во мај годинава, пак, Џонсон неумесно коментираше дека ЕУ е обид да се создаде обединета Европа од времето на Римската Империја.

– Наполеон, Хитлер, разни луѓе се обидоа и тоа завршило трагично. ЕУ се обидува да го направи тоа со различни методи – рече Џонсон. Неговите коментари наидоа на бројни осуди, а претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, тогаш рече дека Џонсон ги преминал сите граници.

Џонсон, инаку, дипломирал на „Оксфорд“, а како новинар работел во „Тајмс“, од каде добил отказ затоа што, наводно, измислувал цитати. Потоа се вработил во „Телеграф“ и во „Спектејтор“. Беше градоначалник на Лондон од 2008 до 2016 година.


Билт: Пропаднатите преговори во Скопје се причина за загриженост


Стокхолм, 21 април, 2016 - 17:21 (META) 

Поранешниот шеф на шведската дипломатија, Карл Билт, на својот твитер-профил ја сподели загрижноста од пропаднатите преговори за решавање на политичката криза во Македонија.

„Се чини дека разговорите за решавање на политичката криза во Скопје пропаднаа. Што претстои? Причина за загриженост“, напиша Билт.