!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Полицаец застрелал двајца малолетници во Струмица, обвинителството врши увид


Струмица, 12 август, 2017 - 12:01 (META) 

Полицаец синоќа со службениот пиштол застрелал двајца малолетници во Струмица, од кои едниот со тешки повреди бил хоспитализиран на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје (КАРИЛ), а на другиот му бил извршен оперативен зафат во струмичката болница.

Од Јавното обвинителство соопштија дека денеска надлежен јавен обвинител од ОЈО Струмица ќе продолжи со увидот во близина на Градската капела во Струмица, каде се случил инцидентот.

Според првичните информации, што ги соопшти обвинителството, до инцидентот дошло кога екипи од СВР Струмица се обиделе да го сопрат возилото во кое биле двајцата малолетници, а за кои претходно било пријавено дека се обиделе да извршат кражба на чамец во близина на браната Мантово.

Малолетниците на два пати ја избегнале полициската патрола и не застанале, а потоа биле пресретнати од друго полициско возило на споредниот пат кај Градската капела. Од обвинителството велат дека и понатаму се работи на расветлување на начинот на кој дошло до пукањето.

„Едното малолетно лице со посериозни повреди и прострелна рана во градниот кош уште синоќа беше префрлено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување во Скопје, додека над вториот малолетник е извршен оперативен зафат во болницата во Струмица и тој се наоѓа во добра општа состојба“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Во увидот се вклучени екипи од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи од Скопје, а издадени биле и наредби за анализа на биолошки траги, балистичко вештачење, како и вештачење на папиларните линии (отисоци од прсти) подигнати на местото.

Од сите инволвирани во инцидентот биле земени примероци од крв и урина и парафински ракавици, а полицаецот од чие оружје било пукано е задржан во полициската станица во Струмица.

Во текот на денот, во Основното јавно обвинителство Струмица ќе бидат сослушани сведоци на настанот.


Криминално-политичка престрелка и бркотница по Партизанска


Скопје, 15 ноември, 2016 - 10:58 (META) 

Четириесет и шестгодишен скопјанец ноќеска, пред полноќ, е ранет во престрелка на булеварот Партизански одреди. Според првичните информации, станува збор за Даниел Т., кој веднаш по инцидентот е пренесен на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде бил опериран.

На пукањето му претходела бркотница со автомобили, која започнала од бензинската на „Макпетрол“ на булеварот Илинден и продолжила на булеварот Партизански одреди.

Даниел Т. кој, според неофицијални информации, бил ранет со неколку куршуми во престрелката, изгубил контрола и се превртел со своето возило „голф 5“ на булеварот Партизански одреди. Тој бил извлечен од возилото и веднаш префрлен во болница, а напаѓачот е во бегство.

Од МВР засега нема официјални информации за инцидентот. Во јавноста се појавија шпекулации дека станува збор за пресметка меѓу криминални банди, но и наводи кои не ја исклучуваат можноста дека синоќешниот инцидент има и политичка заднина.

„Дојче веле“ на македонски јазик пишува оти постојат сомнежи за поврзаност на синоќешниот инцидент со друг настан од 17 април годинава, односно со тепачка во угостителски објект во Трговскиот центар „Буњаковец“, во која учествувале три идентификувани и неколку непознати лица од кои едно, со остар предмет, било прободено во главата. Според неофицијални информации, повредениот Г.К. (41) е главниот телохранител на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, а во тепачката наводно бил инволвиран некој од браќата Даниел и Дејан Т., познати како „близнаците од Ѓорче“ (општината Ѓорче Петров н.з.).

Инаку, „Дневник“ на 5 август годинава на насловната страница објави текст „Криминално-политичкото подземје не мирува“ во кој, меѓу другото, се вели:

„Скопјанецот Даниел Трајковски, брат близнак на Дејан Трајковски кој е во бегство поради осомниченост за убиство во обид, од профилот со име Перла Трајковска, упати сериозни закани и најави за рекет од 50 милиони евра до бизнисменот и сопственик на МПМ, Орце Камчев, како и до екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.
„Еден метак кошта два евра, а за тоа немаш одбрана со кум ти… Така да на крај ќе биде 2 евра работата на Камчев у глава и две евра за Мијалков у глава, четири евра ќе кошта услугата, без работна рака… Гратис работна рака… Или ќе платиш 50 милиони евра или таксиметарот ти чука… Орце Камчев запамти во Дебар од кај што потекнуваме нема место за два лава. Даниел близнак! Да живее Зоран Заев идниот премиер на Македонија! Со вас претседателе до смрт!“, наведува Трајковски во пораката, во која на почетокот, покрај Камчев и Мијалков, го
споменува и Никола Груевски“.


Детето што мајката го фрли од зграда, оперирано и стабилно


Скопје, 17 ноември, 2015 - 10:38 (META) 

Детето што вчера беше фрлено од балкон четвртиот кат од зграда во Хиподром, од својата мајка, е оперирано и се наоѓа во стабилна состојба, информираат од Клинички центар. Мајката, која подоцна се фрли, сè уште е во тешка состојба и е на интензивно лекување на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

По падот шетгодишното дете доби скршеници на главата, по што се појавило крварење.

Вчера, по семејна расправија, околу 9.05 часот, 35-годишната мајка од скопската населба Хиподром почнала да се заканува дека ќе се фрли од балкон од четвртиот кат и дека ќе го фрли и своето дете, информираат од МВР.

Таа својот шестгодишен син го фрлила во 9.30 часот. Падот на детето бил ублажен од жиците за сушење алишта од подолните катови. Според полицијата, во 10.20 часот се фрлила и жената.


Пациентка со туларемија завршила на КАРИЛ, лекарите едвај ја спасиле


Скопје, 17 март, 2015 - 10:33 (META) 

Лекари од скопските клиники едвај спасиле пациентка заразена со туларемија. Жената која била од село во Источна Македонија, на почетокот била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести. Како што дознава „Здравство 24“ (zdravstvo24.mk), поради отокот на вратот, ја препратиле на Клиниката за уво, нос и грло.

Жената била дијабетичарка и алергична на многу антибиотици. Била поставена на соодветна терапија, но и покрај тоа, состојбата ѝ се влошувала и имала тешкотии со дишењето. Поради неопходноста од апарат за дишење, пациентката завршила на КАРИЛ. Минатиот викенд лекарски тим од Клиниката за уво, нос и грло и направиле трахеотомија, односно вештачки отвор на вратот во дишникот.

Според информациите на „Здравство 24“, пациентката сега е во добра здравствена состојба. Ова покажува дека заразата што ја шират глувците и стаорците може да биде и животозагрозувачка.

По деветте потврдени случаи на туларемија во Институтот за јавно здравје, сомнителни се уште пет. Истите се од подрачјето на Каратманово и на Лозово, каде беа откриени последните случаи. Ова го потврдуваат епидемиолозите кои денеска беа на терен во овие две села. Засега велат дека не може да потврдат кој е изворот на заразата. Но, она што го констатирале на терен е дека има многу пропусти во водоснабдувањето. Зеле брисеви и од водата, а резултатите ги очекуваат в среда. Меѓу заболените има од сите возрасти – најмладата пациентка има само 19 години, најстариот пациент е 73-годишник.


Притворен осомничениот што ги избоде момчињата во Ново Лисиче


Скопје, 26 ноември, 2014 - 20:22 (META) 

Скопската полиција го привела осомничениот за обидот за убиство што се случи минатиот викенд на булеварот АСНОМ, во населбата Ново Лисиче, а во кој беа избодени две момчиња од кое едното беше хоспитализирано на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување.

Како што информираат од полицијата, станува збор за Д.Р. (18), против кого е поднесена кривична пријава за обид за убиство, а судија на предходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.

Момчињата биле избодени од осомничениот, кој бил во алкохолизирана состојба и повраќал, откако го виделе како лежи на земја и сакале да му помогнат.

Тој во изјавата во полицијата негирал дека го сторил делото.

Од полицијата додаваат дека против него во 2013 година биле поднесени кривични пријави за учество во толпа и четири прекршочни пријави за нарушување на јвниот ред и мир.

Скопската полиција расчистила уште еден случај на обид за убиство, кој се случил на 21 овој месец, пред трговскиот центар „Капитол мол“, во кој во тепачка меѓу четири лица, двајца биле избодени со ножици. Кривична пријава за обид за убиство ќе биде поднесена против едно лице, а друго ќе одговара за помагање.


Едното од избодените момчиња во Ново Лисиче оперирано и сместено на КАРИЛ


Скопје, 23 ноември, 2014 - 14:51 (META) 

На едно од двете момчиња, кои ноќеска, триесетина минути по полноќ, беа избодени со нож во скопската населба Ново Лисиче, му бил извршен хируршки зафат, по што е сместено на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување и е приклучено на респираторна машина, велат за „Мета“ од Ургетниот центар.

Оттаму додаваат дека момчето имало посериозни повреди на крвните садови, кои биле санирани, но поради нивната природа неговата состојба сè уште се води како критична и е под постојан лекарски наздор.

– Во ургентиот центар се примени две момчиња, од кои едното со посериозни повреди на кривните садови на натколеницата. Извршен е хируршки зафат и момчето е на интензивна нега и е приклучено на респираторна машина. Другото момче е примено на клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и кај него се констатирани полесни повреди – велат од Ургентиот центар.

Двете момчиња, како што неофицијално дознава „Мета“, не биле нападнати од поголема група, како што стоеше во првичната информација на полицијата, туку од едно лице.

Неофицијално, во разговор со полицијата, едно од повредените момчиња кое е во контактибилна состојба, рекло дека ноќеска додека џогирале во Ново Лисиче, забежале непознато лице, спружено на клупа, кое не се чуствувало добро и повраќало. Тие дошле до него со намера да му помогнат, но во тој момент тоа извадило нож и почнало да ги боде.

Полицијата трага по напаѓачот.


Повредениот работник кај Марков манастир во стабилна состојба


Скопје, 3 ноември, 2014 - 12:34 (META) 

Градежниот работник кој вчера беше тешко повреден во близина на Марков манастир, се наоѓа во стабила состојба и е хоспитализиран на Клиниката за анестезиологија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

– Пациентот е сè уште на интензивна нега на КАРИЛ и ќе остане на клиниката, бидејќи има претрпено тешка повреда и му е ампутирана ногата. Неговата здравстевна состојба е стабилна, контактибилен е, но поради претпазливост ќе биде задржан на натамошно лекување – информираат од ургентниот центар.

Нерсеќата се случила вчера попладне, додека педесет и едногодишниот работник со бушалка ископувал земја во близина на Марков манастир. Работникот, во засега неутврдени околности, си ја зафатил ногата со бушалката, по што следувала вистинска спасувачка драма.

Екипата на Итна помош, која интервенирала, побарала дополнителна помош, и за кратко време на местото пристигнал тим на лекари. Анестезиолог успеал да го одржи работникот во живот, пред да биде пренесен во Клиничкиот центар.

Слаѓана Андоновска, раководител на секторот за безбедност при работа при Трудовата инспекција, за „Мета“ изјави дека од нивна страна бил извршен увид и дека во тек е прибирање на потребната докуменатција за утврдување на околностите и на причините за несреќата.