!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Евакуирани македонските државјани од Сент Мартин


Скопје, 11 септември, 2017 - 9:10 (META) 

Македонското министерство за надворешни работи соопшти дека македонската државјанка од францускиот дел на островот Сент Мартин е евакуирана, исто како и семејството од Штип, кое е во холандскиот дел на истиот остров.

„Амбасадата во Вашингтон е во континуирана комуникација со надлежните служби во САД. Досега нема информации за повредени или загинати македонски државјани. Апелираме на будност и на следење на препораките, имајќи предвид дека опасноста од ураганот сè уште не е надмината“, сооопшти македонското МНР.

Телефонските броеви за контакт со македонската амбасада во Вашингтон на кои може да се обратат македонските граѓани во секое време се: 202-390-7418 и 202-667-0501.


Ураганот Ирма ја погоди Куба и оди кон Флорида


Мајами, 9 септември, 2017 - 12:30 (META) 

Ураганот Ирма денеска, откако зајакна до бура од петти степен, сe насочи кон Флорида, оставајќи зад себе уништување и многу загинати луѓе на Карибите. Ирма претходно ја погоди Куба, а во подрачјето на Карибите и на Флорида предизвика можеби најголема евакуација во историјата на тој предел.

Бројката на жртви на Ирма се искачи до 21 лице, откако ураганот го погоди крајбрежјето на Куба со ветрови со максимална брзина од 260 километри на час, соопшти Националниот центар за урагани на САД.

Ирма е на околу 485 километри од Мајами и се движи на запад со околу 20 километри на час. Се очекува ураганот попладнево по локално време да стигне до Флорида.

Властите во Флорида повикаа 5,6 милиони лица, повеќе од една четвртина од населението да се евакуираат пред налетот на Ирма. Гувернерот на Флорида Рик Скот веќе неколку дена ги повикува жителите на државата, особено оние кои живеат во крајбрежните региони. да се евакуираат.

Две нуклеарни централи во Флорида ќе бидат затворени поради Ирма. Компанијата оператор „Флорида пауер енд лајт“ соопшти дека ќе ги затвори централите „Тарки поинт“ и „Сент Луси“ пред ураганот да стигне на копното.

Ирма ги погоди Куба и Бахамите, како и источниот дел на Карипскиот Регион, нанесувајќи катастрофални штети. Биланост на жртвите изнесува 21, но постои можност тој да се зголемува.

Истовремено, ураганот Катја го достигна мексиканското крајбрежје кај градот Теколутла. Бурата е од прва категорија и е проследена со ветрови од 120 километри на час.

Во Атлантскиот Океан ураганот Хозе се зајакна речиси до бура од петта категорија со ветрови со брзина од 250 километри на час. Хозе речиси во чекор го следи ураганот Ирма.


Ирма убиваше на Карибите, се заканува на Куба и на Флорида


Сан Хуан, 8 септември, 2017 - 17:03 (META) 

Ураганот Ирма уби најмалку 12 луѓе на Карибите и нанесе катастрофални штети на објекти, пловила и на возила. Некои делови на Карибите се толку уништени што во нив нема никакви услови за живот. Но, ураганот нема да запре таму, туку го продолжува својот пат кон Куба, а се очекува да ја погоди и американската сојузна држава Флорида.

На островот Сент Мартин загинале четири лица, а најмалку 50 луѓе се повредени. Во Порторико има тројца загинати од невремето, а на островите Сент Томас и Сент Џон има исто така три жртви. По еден загинат има на островите Ангила и Барбуда.

На островите Туркс и Каикос ураганот нанесе огромни штети ноќеска, но нема прецизни дојави бидејќи телекомуникациите се во целосен прекин.

Ураганот од петта категорија директно удри на островот Барбуда, на кој живеат 2.000 луѓе. Таму загина двегодишно дете додека со семејството се обидувало да избега од дома. Според премиерот на Антига и на Барбуда, на Барбуда повеќе нема ниту едно живеалиште што не е уништено.

Во меѓувреме, на жителите на Флорида им останува уште еден ден да размислуваат дали ќе се евакуираат или ќе останат во подрумите на своите куќи и во засолништа. Гувернерот на Флорида, Рик Скот, ги повика граѓаните да ги почитуваат предупредувањата. Скот уште вчера нареди затворање на сите јавни училишта, колеџи и универзитети.