!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Милан Зарубица, притворениот од „фабриката“ во Тетово, бил доктор за рак и за дрога


Белград, 5 декември, 2017 - 13:45 (META) 

Милан Зарубица, некогаш угледен фармацевт кој докторирал на анализа за лекување карцином, а подоцна станува озлогласен српски нарко-хемичар, е еден од главните организатори на нелегалното производство на амфетамини во „лабораторијата“ во Тетово.

Бил уапсен во Мала Речица, во фабриката за екстази и за каптагон во петокот, но тоа не е неговото прво апсење.

Како што пишува српскиот весник „Блиц“, Милан Зарубица од Земун, по ненадејната смрт на неговиот брат, фармацевт и стоматолог, Горан Зарубица, во деведесетите години на минатиот век, го презел неговиот бизнис со увоз на лекови и на фармацевтска опрема, го развил, но набргу зачекорил на другата страна на законот.

Милан докторирал на почетокот од деведесеттите години на минатиот век, со дисертација за лекување рак на тироидната жлезда на медицинскиот факултет во Белград, а откако го презел фармацевтскиот бизнис од брат му, односно во моментот на првото апсење во февруари 2003 година, бил сопственик и косопственик на фирмата „Ленал НБЦ“ и уште пет фирми за увоз на лекови и на фармацевтска опрема – „Микропоинт“, „Давидшпед“, „Варан фармасеутикалс“, „Варан кемикалс“ и „Кимел“. Повремено хонорарно ангажирал професори од Фармацевтскиот факултет во Белград, а таму доведувал и светски имиња.

Истовремено го ширел и бизнисот со производство на синтетички дроги, сокривајќи го зад фиктивните фирми кои му биле параван за продажбата, сè до моментот кога го „извезува“ бизнисот во Македонија. За тоа, како што пишува „Блиц“, информацијата дошла од американската агенција за борба против дрогата ДЕА.

Милан Зарубица првпат е уапсен на 4 февруари 2003 година, заедно со неговиот татко Филип, пред дрогата од тогаш најголемата балканска „фабрика“ да ја продаде на купувачи од Македонија и од Бугарија. Иако нивниот идентитет не се дознал, Зарубица добил 11 години затвор. Но, затворската управа на докторот на науки од Земун му дала повластен статус и слободни викенди, а тој тоа го користел за развивање на „бизнисот“, во кој го вклучил и внукот од брат, Бојан Зарубица, кој исто така бил уапсен во Белград, во рамките на големата акција на полициите на Македонија, Србија и на ДЕА.

Второто апсење на Милан поради производство и продавање синтетички дроги се случило на 12 мај 2011 година, откако на границата со Македонија била фатена негова пратка за двајца Турци и за еден Македонец. И откако во последниот ден до 2014 година излегол од затвор отслужувајќи ја првата затворска казна, следната година направил спогодба со српското обвинителство за организиран криминал за случајот од 2011 година, признавајќи дека поседува опрема и материјал за производство на синтетичка дрога, но специјалниот суд му ја потврдил казната и му изрекол единствена казна за случаите од 2003 и од 2011 година, односно 11 ипол години без решетки. Сепак, бидејќи веќе ја одлежал, не се вратил во затвор.

Потоа, пишува српскиот весник, со клиентите од Македонија кои првин му купувале дрога, а потоа посакале и повеќе и го довеле во Македонија за да произведува, бил следен од ДЕА, која заедно со српската и со македонската полиција обезбедила докази за да го врати зад решетки.

Милан Зарубица сега е во 30-дневен притвор изречен од судија на претходна постапка по барање од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на Македонија.


Во лабораторијата во Тетово се произведувала и омилената дрога на Исламска држава


Белград, 1 декември, 2017 - 16:17 (META) 

Организатор на групата што стоела зад најголемата лабораторија за нелегално производство на синтетички дроги во Тетово, е Милан Зарубица, кој се смета за еден од најголемите креатори на ваков вид дроги, соопшти денеска министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, во Белград, по повод заедничката акција на македонските и на српските обвинителства и полиции за разбивање на криминалната група.

– Особено е добро тоа што е уапсен Милан Зарубица, бидејќи тој се смета за еден од најголемите креатори на синтетички дроги, а на овие простори беше познат по овие активности и порано – изјави Стефановиќ, пренесува РТС.

Како што пренесува српската државна телевизија, во лабораторијата во Тетово запленети се околу 300 килограми таблети амфетамин, а на територија на Македонија и на Србија покрај 49-годишниот Зарубица уапсени се уште седум државјани на Србија и на Македонија, Б.З. (36), С. К. (55), А.Х. (53), С.Ш. (40), И.Ш. (52), А.М. (30) и З.Д. (55).

Стефановиќ соопшти дека акцијата траела цела година, период во кој полицијата внимателно ги следела сите активности на Зарубица, транспортот на опремата од Србија во Македонија и обратно и правењето на лабораторијата за правење на синтетичката дрога.

– Во оваа операција внимателно се следени сите соработници на Милан Зарубица, а идентификувани се и потенцијалните купувачи, поради што и акцијата траеше толку долго, бидејќи сакавме да обезбедиме квалитетни и цврсти докази за апсење на припадниците на оваа криминална група – изјави Стефановиќ.

Српскиот министер за внатрешни работи нагласи дека оваа заплена на 300 килограми синтетичка дрога е многу важна и поради тоа што станува збор за новата синтетичка дрога „каптагон“, која е многу популарна меѓу борците на Исламска држава.

– Ова е една од операциите поради кои сум навистина горд на работата на луѓето од криминалистичката полиција, кои ја водеа оваа операција. Ова е заедничка акција која ја работевме заедно со македонската полиција, која на својата територија заплени една поголема лабораторија, а една лабораторија е откриена и на територијата на Србија – рече Стефановиќ.

Тој додаде дека оваа акција најваројатно ќе продолжи и на територијата на Турција, каде во соработка со полицијата на таа држава, дошле до идентитетот на потенцијалните купувачи.

Денеска на прес-конференција во Скопје, за акцијата информираше и македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, кој, за разлика од својот српски колега, не сакаше да соопшти детали за идентитет на уапсените лица и не откри дека во лабораторијата се прозиведувала „омилената“ дрога на ИД.