!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Наместо во капела, погребник од Охрид ги оставал покојниците во комбе во двор


Охрид, 26 мај, 2017 - 15:26 (META) 

Сопственик и управител на погребалното претпријатие „Мирен сон“ со Охрид, подолг период починатите лица наместо да ги остава во капела ноќта пред погребот, ги чувал во комбето паркирано во дворот на неговото претпријатие. Поради тоа СВР Охрид против 51-годишниот Д.Ш. поднесе кривична пријава за несовесно работење во служба.

Иако не плаќал за чување на покојниците во капела, тој по погребот на покојниците на гробиштата во некои села, на роднините им наплаќал и за превоз до градските гробишта, влез во нив и за чување на телата во капелата.

Согласно Закон за гробишта и погребални услуги, пријавениот бил должен телата на починатите лица да ги однесе на чување во капела во ЈП „Градски гробишта”, а потоа од таму да ги подигне и да ги одвезе до гробиштата.


Протест и незадоволство поради новата капела во Прилеп


Прилеп, 13 јули, 2015 - 14:01 (META) 

Жителите од месните заедници Тапани и Корзо, денеска одржаа мирен протест пред старите градски гробишта во Прилеп, на местото каде е планирано да се изгради втората капела во градот.

Овој протест, како што велат мештаните, не е против изградбата на капелата туку против локацијата на која таа е планирана, која се наоѓа на само пет метри од нивните дворови.

За револтот да ескалира до степен на протест, послужило и тоа што не биле примени на разговор кај градоначалникот на Прилеп,  Марјан Ристески, кога со себе ја носеле и петицијата потпишана од жителите на овие населени места.

Надлежните во секторот урбанизам дури и ги обвиниле дека тие се виновни што куќите ги направиле во непосредна близина на гробиштата.

Иако неколкупати ги повикувале надлежните, како и градоначалникот на Прилеп, да излезе на терен и да се увери во фактичката состојба, велат, досега немаат никаков одговор.

Жителите на овие населени места во Прилеп, најавуваат дека протестите ќе бидат мирни сè додека надлежните не пројават интерес за нивниот проблем, а доколку продолжат со реализирање на своите зацртани планови, протестот ќе биде радикализиран.